СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 20
Книгата Откровение — какво значење има за Божјите непријатели
Ги собраа на местото кое на хебрејски се вика Армагедон (ОТК. 16:16)
ПЕСНА 150 Да го бараме Бог, нашиот моќен Спасител
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Што дознаваме од книгата Откровение за Божјите слуги на Земјата?
ОД КНИГАТА Откровение дознаваме дека Божјето Царство владее на небото и дека Сатана бил исфрлен од небесното подрачје (Отк. 12:1-9). Ова им донело олеснување на оние што живеат во небесното подрачје, а ни создало проблеми нам. Зошто? Затоа што Сатана е гневен и ги напаѓа оние што верно му служат на Јехова тука на Земјата (Отк. 12:12, 15, 17).
2. Што ќе ни помогне да му останеме верни на Јехова?
2 Што ќе ни помогне да му останеме верни на Јехова и покрај нападите од Сатана? (Отк. 13:10). Една работа е тоа што знаеме што ќе се случи во иднина. На пример, во книгата Откровение, апостол Јован опишал некои благослови кои наскоро ќе ги доживееме. Еден од тие благослови е уништувањето на Божјите непријатели. Да разгледаме што ни кажува книгата Откровение за овие непријатели и за тоа што ќе се случи со нив.
БОЖЈИТЕ НЕПРИЈАТЕЛИ ОПИШАНИ „ВО ЗНАЦИ“
3. Кои се некои од знаците, односно симболите спомнати во книгата Откровение?
3 Уште во првиот стих на книгата Откровение пишува дека она што го читаме во неа е претставено со знаци, односно симболи (Отк. 1:1). Понатаму, во неа се спомнуваат неколку ѕвера кои на симболичен начин ги претставуваат Божјите непријатели. На пример, апостол Јован видел „како од морето излегува еден ѕвер, со десет рогови и седум глави“ (Отк. 13:1). Потоа, тој видел „еден друг ѕвер како излегува од земјата“. Овој ѕвер зборува како змеј и пушта оган од небото (Отк. 13:11-13). Потоа се спомнува еден „црвен ѕвер“ на кој седи блудница. Овие три ѕвера ги претставуваат непријателите кои со векови се борат против Јехова и неговото Царство. Затоа е важно да знаеме кои се овие непријатели (Отк. 17:1, 3).
4-5. Како она што е запишано во Даниел 7:15-17 ни помага да го разбереме значењето на некои од симболите во книгата Откровение?
4 За да дознаеме кои се овие непријатели, треба да разбереме кого го претставуваат ѕверовите и блудницата. Најдобро ќе го разбереме ова ако ѝ дозволиме на самата Библија да ни го даде објаснувањето. Многу од симболите кои се спомнуваат во книгата Откровение веќе се објаснети во други библиски книги. На пример, пророкот Даниел во сон видел „четири огромни ѕвера“ како излегуваат од морето (Дан. 7:1-3). Тој го објаснил нивното значење. Овие огромни ѕверови претставуваат четири „цареви“, или влади. (Прочитај Даниел 7:15-17.) Тоа едноставно објаснување ни помага да разбереме дека и ѕверовите спомнати во книгата Откровение мора да претставуваат политички сили, односно влади.
5 Да разгледаме некои од симболите опишани во книгата Откровение. Додека го правиме тоа, ќе видиме како Библијата ни помага да разбереме што значат овие симболи. Ќе почнеме со ѕверовите, и ќе видиме кого го претставуваат тие. Потоа ќе разгледаме што ќе се случи со овие ѕверови. И на крај ќе видиме од какво значење се тие настани за нас.
КОИ СЕ БОЖЈИТЕ НЕПРИЈАТЕЛИ
6. Кого го претставува ѕверот со седум глави спомнат во Откровение 13:1-4?
6 Кого го претставува ѕверот со седум глави? (Прочитај Откровение 13:1-4.) Гледаме дека овој ѕвер личи на леопард, но има нозе како мечка, уста како лав, и има десет рогови. Сите овие карактеристики ги имаат и ѕверовите спомнати во Даниел поглавје 7. Сепак, во книгата Откровение, овие карактеристики не ги имаат четири одделни ѕверови, туку ги има само еден ѕвер. Според тоа, овој ѕвер не претставува само една влада или светска сила. За него апостол Јован напишал дека владее „над секое племе и народ и јазик и народност“. Значи, тој мора да претставува нешто поголемо од која и да е поединечна влада (Отк. 13:7). Од сето ова може да заклучиме дека ѕверот мора да ги претставува сите влади кои досега постоеле во човечката историјаb (Проп. 8:9).
7. Што претставува секоја од седумте глави на ѕверот?
7 Што претставува секоја од седумте глави на овој ѕвер? Откровение поглавје 17 ни помага да го дознаеме одговорот бидејќи во него се опишува кипот на ѕверот кој е спомнат во Откровение поглавје 13. Во Откровение 17:10 пишува: „Тие претставуваат и седум цареви: петмина паднаа, еден владее, а другиот уште не дошол, но кога ќе дојде, ќе остане кратко време“. Од сите политички сили кои Сатана досега ги користел, седум се споредени со глави бидејќи имале голема моќ. Тоа се светските сили кои имале значително влијание врз Божјиот народ, односно оние на чии територии живееле голем број Божји слуги или оние кои го прогонувале Божјиот народ. До времето на апостол Јован, пет од овие светски сили веќе се појавиле: Египет, Асирија, Вавилон, Медо-Персија и Грција. Кога Јован го добил откровението, шестата светска сила, Рим, сѐ уште владеела. Кој требало да биде седмата глава, односно последната светска сила?
8. Која светска сила е претставена со седмата глава на ѕверот?
8 Како што ќе видиме, пророштвата од книгата Даниел ни помагаат да откриеме кого го претставува седмата и последната глава на ѕверот. Која светска сила владее во ова време на крајот, односно во „денот на Господарот“? (Отк. 1:10). Тоа е англо-американската светска сила. Таа е составена од две моќни влади кои соработуваат заедно — Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави. Од ова можеме да заклучиме дека оваа светска сила е седмата глава на ѕверот кој е спомнат во Откровение 13:1-4.
9. Кого го претставува ѕверот кој има „два рога како јагне“?
9 Откровение поглавје 13 понатаму ни кажува дека седмата глава, односно англо-американската светска сила, дејствува и како ѕвер кој има „два рога како јагне“, но зборува „како змеј“. Во Откровение поглавја 16 и 19, овој ѕвер е наречен „лажниот пророк“ (Отк. 16:13; 19:20). Во врска со овој ѕвер што го видел Јован во видение го пишува и следново: „Правеше големи чуда, дури оган од небото пушташе на земјата пред очите на луѓето“ (Отк. 13:11-15). Даниел спомнал нешто слично, односно дека англо-американската светска сила „ќе пустоши на зачудувачки начин“ (Дан. 8:19, 23, 24). Токму тоа се случило во текот на Втората светска војна. Двете атомски бомби кои ѝ ставиле крај на војната биле направени од британски и од американски научници. Со тоа што ги создала овие бомби, англо-американската светска сила, всушност, го исполнила пророштвото запишано во Откровение 13:13: „Оган од небото пушташе на земјата“.
10. Кого го претставува „кипот на ѕверот“? (Откровение 13:14, 15; 17:3, 8, 11).
10 Потоа гледаме еден друг ѕвер. Тој изгледа речиси исто како ѕверот со седум глави, но за разлика од него има црвена боја. Наречен е „кип на ѕверот“ и е опишан како „осми цар“.c (Прочитај Откровение 13:14, 15; 17:3, 8, 11.) Јован напишал дека овој „цар“ се појавил, исчезнал и повторно се појавил. Овој опис е сосема соодветен за Организацијата на обединетите нации, која ги застапува интересите на светскиот политички систем. Отпрвин таа била наречена Лига на народите. Потоа, во текот на Втората светска војна престанала да постои. Подоцна, повторно се појавила и била наречена Обединетите нации.
11. Што ќе прават ѕверовите во блиска иднина, и зошто не треба да се плашиме од нив?
11 Овие ѕверови, односно влади, преку својата пропаганда ќе ги поттикнуваат луѓето да им се противат на Јехова и на неговите слуги. Во симболична смисла, тие ќе ги соберат „царевите од целиот свет“ за војната Армагедон, односно за „големиот ден на Семоќниот Бог“ (Отк. 16:13, 14, 16). Но, ние нема потреба да се плашиме. Нашиот Бог, Јехова, брзо ќе реагира и ќе ги спаси сите што го поддржуваат неговото владеење (Езек. 38:21-23).
12. Што ќе се случи со сите ѕверови?
12 Што ќе се случи со сите ѕверови? Одговорот се наоѓа во Откровение 19:20, каде што стои: „Беше фатен ѕверот, а со него и лажниот пророк, кој пред него правеше чудесни знаци со кои ги заведе оние што го примија жигот на ѕверот и оние што му се поклонуваа на неговиот кип. Обајцата беа живи фрлени во огненото езеро, кое гори со сулфур“. Значи, овие влади кои му се непријатели на Бог ќе бидат уништени додека сѐ уште владеат.
13. Каков притисок им вршат некои влади на Божјите слуги?
13 Што значи ова за нас? Како христијани, мора да му бидеме верни на Бог и на неговото Царство (Јован 18:36). За таа цел, треба да останеме неутрални и да не заземаме страни во политиката на овој свет. Но, може да ни биде многу тешко да останеме неутрални затоа што владите сакаат потполно да ги поддржуваме и со зборови и со постапки. Оние што ќе попуштат на таквиот притисок го примаат жигот на ѕверот (Отк. 13:16, 17). А секој што ќе го прими овој жиг ќе биде отфрлен од Јехова и нема да добие вечен живот (Отк. 14:9, 10; 20:4). Затоа, многу е важно да останеме потполно неутрални без разлика колкав притисок вршат владите врз нас.
СРАМЕН КРАЈ ЗА ГОЛЕМАТА БЛУДНИЦА
14. Според Откровение 17:3-5, што видел апостол Јован?
14 Апостол Јован напишал дека бил многу зачуден од нешто друго што го видел. Што било тоа? Тој видел жена како јава на еден од овие крволочни ѕверови (Отк. 17:1, 2, 6). Оваа жена е опишана како „големата блудница“ и е наречена „Големиот Вавилон“. Таа блудствува, односно врши сексуален неморал со „царевите на земјата“. (Прочитај Откровение 17:3-5.)
15-16. Што е „Големиот Вавилон“, и од каде го знаеме тоа?
15 Кого го претставува „Големиот Вавилон“? Оваа жена не може да претставува политичка организација бидејќи во книгата Откровение пишува дека таа врши неморал со светските политички водачи (Отк. 18:9). Фактот дека јава на ѕверот покажува дека се обидува да има контрола врз овие владетели. Освен тоа, таа не може да го претставува алчниот трговски систем на овој сатански свет. Зошто? Затоа што овој систем се спомнува на друго место во Откровение како „трговците на земјата“ (Отк. 18:11, 15, 16).
16 Во Библијата, изразите „блудница“ и „блудствување“ понекогаш се користат за да се опишат оние кои тврдат дека му служат на Бог, но вршат некаков вид на идолопоклонство или на некој друг начин станале пријатели со светот (1. Лет. 5:25, фус.; Јак. 4:4). Од друга страна, за оние кои верно му служат на Бог, Библијата вели дека се чисти и ги нарекува девици (2. Кор. 11:2; Отк. 14:4). Древниот Вавилон бил центар на лажната религија. Според тоа, Големиот Вавилон мора да ги претставува сите лажни религии како целина (Отк. 17:5, 18; види ја интернет-статијата „Што е Големиот Вавилон?“ на jw.org).
17. Што ќе се случи со Големиот Вавилон?
17 Што ќе се случи со Големиот Вавилон? Одговорот го дознаваме од Откровение 17:16, 17, каде што пишува: „Десетте рогови што ги виде, и ѕверот — тие ќе ја замразат блудницата и ќе ја опустошат и ќе ја разголат. И ќе го изедат нејзиното месо и ќе ја изгорат со оган. Зашто, Бог им стави во срцата да ја извршат неговата замисла“. Значи, Јехова ќе ги поттикне народите да го искористат црвениот ѕвер, односно Обединетите нации, за да ги нападнат и потполно да ги уништат сите лажни религии (Отк. 18:21-24).
18. Како можеме да бидеме сигурни дека на никој начин не го поддржуваме Големиот Вавилон?
18 Што значи ова за нас? Треба да продолжиме да го обожаваме Бог на начин кој е чист и неизвалкан во негови очи (Јак. 1:27). Никогаш не треба да дозволиме да паднеме под влијание на лажните учења, спиритизмот, паганските прослави и ниските морални мерила на Големиот Вавилон. Исто така, треба да продолжиме да ги предупредуваме луѓето да излезат од него за Бог да не ги смета и нив виновни за неговите гревови (Отк. 18:4).
ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ СО НАЈГОЛЕМИОТ НЕПРИЈАТЕЛ НА БОГ
19. Кој е големиот змеј со пламена боја?
19 Во книгата Откровение се спомнува и еден „голем змеј со пламена боја“ (Отк. 12:3). Овој змеј се бори против Исус и неговите ангели (Отк. 12:7-9). Тој ги напаѓа Божјите слуги и му дава моќ на ѕверот со седум глави, односно човечките влади (Отк. 12:17; 13:4). Кој е овој змеј? Тоа е „празмијата“ — Сатана Ѓаволот (Отк. 12:9; 20:2). Тој има контрола врз сите останати непријатели на Јехова.
20. Што ќе се случи со змејот?
20 Што ќе се случи со змејот? Во Откровение 20:1-3 пишува дека еден ангел ќе го фрли Сатана во бездна, што за него ќе биде како да е во затвор. Сатана ќе остане во бездната илјада години, и во текот на тој период нема да може да ги заведува луѓето. На крај, Сатана и неговите демони ќе бидат фрлени во „езерото огнено и сулфурно“ (Отк. 20:10). Тоа значи дека ќе бидат уништени еднаш засекогаш. Замисли си каков ќе биде светот без Сатана и демоните. Колку прекрасно време ќе биде тоа!
21. Зошто можеме да бидеме среќни поради она што го дознаваме од книгата Откровение?
21 Сигурно сме многу охрабрени што го разбираме значењето на овие симболи запишани во книгата Откровение. Од неа дознавме кои се непријателите на Јехова, но и што ќе се случи со нив. Навистина, „среќен е оној што чита и оние што ги слушаат зборовите на ова пророштво“ (Отк. 1:3). Но, откако ќе бидат уништени Божјите непријатели, какви благослови ќе доживеат луѓето кои му се верни на Бог? Одговорот ќе го дознаеме во следната статија.
ПЕСНА 23 Јехова почна да владее
a Книгата Откровение користи знаци, односно симболи, за да ни открие кои се Божјите непријатели. А библиската книга Даниел ни помага да разбереме што значат тие симболи. Во оваа статија ќе направиме споредба меѓу некои пророштва од книгата Даниел и слични пророштва од книгата Откровение. Тоа ќе ни помогне да дознаеме кои се Божјите непријатели. Потоа ќе видиме што ќе се случи со нив.
b Уште еден доказ дека ѕверот со седум глави ги претставува сите влади е тоа што има „десет рогови“. Бројот десет во Библијата честопати означува потполност.
c За разлика од првиот ѕвер, кипот на ѕверот нема „круни“ на своите рогови (Отк. 13:1). Причината за тоа е што потекнува од другите седум цареви кои му даваат власт. (Види ја статијата на интернет-страницата jw.org „Шта представља скерлетна звер из 17. поглавља Откривења?“ на српски јазик.)