Да се идентификува дивиот ѕвер и неговиот знак
САКАШ ли да разрешуваш мистерии? За таа цел, мораш да бараш клучни показатели што ќе те водат до решението. Во својата инспирирана Реч, Бог ги дава потребните клучни показатели во врска со бројот 666, името или знакот на дивиот ѕвер од Откровение, 13. поглавје.
Во оваа статија, ќе разгледаме четири главни правци на резонирање — клучни показатели— што ќе го откријат значењето на знакот на ѕверот. Ќе разгледаме 1) како понекогаш се избираат библиските имиња, 2) кој е идентитетот на дивиот ѕвер, 3) што значи тоа што бројот 666 е „човечки број“ и 4) кое е значењето на бројот 6 и зошто е напишан трипати во еден троцифрен број, имено 6 плус 60 плус 600 (Откровение 13:18).
Библиските имиња — повеќе отколку само етикета
Библиските имиња честопати имаат посебно значење, особено кога ги дава Бог. На пример, затоа што Аврам требало да стане татко на нациите, Бог го променил името на овој патријарх во Авраам што значи „татко на мноштво“ (Битие 17:5). Бог им рекол на Јосиф и на Марија да му го дадат на детето на Марија името Исус, што значи „Јехова е спасение“ (Матеј 1:21; Лука 1:31). Во склад со тоа значајно име, преку службата и жртвената смрт на Исус, Јехова го овозможил нашето спасение (Јован 3:16).
Според тоа, бројката 666 што Бог ја дал како име мора да го симболизира она што тој го смета за карактеристични обележја на ѕверот. Нормално, за да разбереме во што се состојат овие обележја, треба да утврдиме кој е ѕверот и да дознаеме нешто за неговите активности.
Ѕверот е разоткриен
Библиската книга Даниел открива многу информации за значењето на симболичните ѕверови. Поглавје 7 содржи жива слика на „четири големи чудовишта [ѕверови, NW]“ — лав, мечка, леопард и страшен голем ѕвер со железни заби (Даниел 7:2—7). Даниел ни кажува дека овие ѕверови претставуваат ,цареви‘ или политички царства што едно подруго владеат со огромни империи (Даниел 7:17, 23).
Во врска со ѕверот од Откровение 13:1, 2, The Interpreter’s Dictionary of the Bible истакнува дека тој „ги спојува во себе сите карактеристики на четирите ѕверови од визијата на Даниел . . . Според тоа, овој прв ѕвер [од Откровение] ги претставува здружените сили на сите политички влади во светот што му се противат на Бог“. Оваа изјава е потврдена со Откровение 13:7, каде што за ѕверот се вели: „И му беше дадена власт над секое племе и народ и јазик и нација“.a
Зошто Библијата користи ѕверови како симболи за човечкото владеење? Најмалку од две причини. Прво, поради историјата на ѕверски крвопролевања што владите си ја насобрале низ вековите. „Војната е една од константите во историјата“, напишале историчарите Вил и Ариел Дјурант, „и не исчезна со појавата на цивилизацијата и демократијата.“ Сосема е точно дека „човек владее над човек за негова несреќа“! (Проповедник 8:9). Втората причина е тоа што „змејот [Сатана] му ја даде на ѕверот неговата моќ и неговиот престол и голема власт“ (Откровение 12:9; 13:2). Според тоа, човечкото владеење е производ на Ѓаволот и ја одразува неговата ѕверска природа, налик на змеј (Јован 8:44; Ефешаните 6:12).
Меѓутоа, ова не значи дека секој човечки владетел е директна алатка на Сатана. Всушност, на некој начин, човечките влади служат како „Божја слугинка“ и му даваат стабилност на човечкото општество без која би владеел хаос. А некои водачи ги заштитуваат основните човечки права, вклучувајќи го и правото да се практикува вистинското обожавање — нешто што Сатана не го сака (Римјаните 13:3, 4; Езра 7:11—27; Дела 13:7). Сепак, поради влијанието на Ѓаволот, ниеден човек или човечка институција досега не биле способни да им донесат на луѓето траен мир и безбедностb (Јован 12:31).
„Човечки број“
Третиот показател што води до значењето на 666 е во тоа што овој број е „човечки број“. Овој израз не би можел да се однесува на еден човек, зашто Сатана — а не некој човек — има власт над ѕверот (Лука 4:5, 6; 1. Јованово 5:19; Откровение 13:2, 18). Напротив, тоа што ѕверот има „човечки број“, или знак, укажува дека има човечки својства, а не духовни или демонски, и дека затоа покажува извесни човечки особини. Кои би можеле да бидат тие особини? Библијата одговара, велејќи: „Сите [луѓе] згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Според тоа, тоа што ѕверот има „човечки број“ укажува дека владите ја одразуваат грешната човечка состојба, која се карактеризира со грев и несовршеност.
Историјата го потврдува ова. „Која и да е цивилизација што некогаш постоела, на крајот пропаднала“, рекол поранешниот Државен секретар на Соединетите Држави, Хенри Кисинџер. „Историјата е приказна на безуспешни обиди, на неостварени стремежи . . . Затоа, како историчар, човек мора да живее со чувство дека трагедијата е неизбежна.“ Искрената проценка на Кисинџер ја потврдува оваа основна библиска вистина: ,Патот на човекот не е во негова власт, човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори‘ (Еремија 10:23).
Сега, откако утврдивме кој е ѕверот и откако видовме како гледа Бог на него, можеме да го испитаме последниот дел од нашата загатка — бројот шест и зошто тој број е напишан трипати во еден троцифрен број — т.е. 666, или 6 плус 60 плус 600.
Шестката напишана трипати — зошто?
Во Библијата извесни броеви имаат симболично значење. Бројот седум, на пример, честопати се користи за да симболизира нешто што е потполно или совршено во Божји очи. На пример, седмицата кога Бог создавал опфаќа седум ,дена‘, или подолги временски периоди, во текот на кои Бог потполно ја постигнува својата цел за којашто ја создал земјата (Битие 1:3—2:3). Божјите „слова [зборови, NW]“ се како сребро што е „прочистено седумпати“, или совршено прочистени (Псалм 12:6; Пословици 30:5, 6). На лепрозниот Нееман му било кажано седумпати да се искапи во реката Јордан по што бил потполно излечен (2. Цареви 5:10, 14).
Шест е за еден помалку од седум. Зарем тоа не е соодветен симбол за нешто несовршено, или неисправно, во Божји очи? Се разбира дека е! (1. Летописи 20:6, 7). Освен тоа, тоа што шестката е напишана трипати, како 666, силно ја нагласува таа несовршеност. Дека ова е исправно гледиште поткрепено е и со фактот што 666 е „човечки број“, како што веќе видовме. Значи, историјата на ѕверот, неговиот „човечки број“ и бројот 666 водат до еден очигледен заклучок — апсолутно промашување и неуспех во очите на Јехова.
Описот на недостатоците на ѕверот нѐ потсетува на она што било речено за царот на древниот Вавилон, Валтазар. Преку Даниел, Јехова му рекол на тој владетел: „Беше мерен врз мерилка и најден си прелесен“. Истата таа вечер Валтазар бил убиен, а моќната вавилонска империја пропаднала (Даниел 5:27, 30). На сличен начин, Божјата осуда врз политичкиот ѕвер и врз оние со неговиот знак го означува крајот на овој ѕвер и на оние што го поддржуваат. Меѓутоа, во овој случај, Бог нема да уништи само еден политички систем туку и секоја трага од човечкото владеење (Даниел 2:44; Откровение 19:19, 20). Затоа, колку е важно да не дозволиме да бидеме обележани со смртоносниот знак на ѕверот!
Знакот е идентификуван
Веднаш откако го разоткрива бројот 666, Откровение спомнува 144.000 следбеници на Јагнето, Исус Христос, кои го имаат неговото име и името на неговиот Татко, Јехова, напишано на нивните чела. Оние што ги носат овие имиња се означени како лица што му припаѓаат на Јехова и на неговиот Син, за кого гордо сведочат. На сличен начин, оние што го имаат знакот на ѕверот се изјаснуваат како слуги на ѕверот. Според тоа, знакот, сеедно дали е на десната рака или на челото, фигуративно кажано, е симбол што го означува оној што го има тој знак како некој што им дава поддршка во вид на обожавање на политичките системи кои наликуваат на ѕвер. Оние што го имаат овој знак му го даваат на „цезарот“ она што со право му припаѓа на Бог (Лука 20:25; Откровение 13:4, 8; 14:1). На кој начин? Така што ѝ искажуваат чест до степен на обожавање на политичката држава, на нејзините симболи и на нејзината воена сила, во кои бараат надеж и спасение. Сѐ што прават за да го обожаваат вистинскиот Бог останува само на збор.
Спротивно на тоа, Библијата нѐ поттикнува: „Не надевајте се на кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение! Ако излезе духот од него, тој се враќа во својата земја, и во тој ден пропаѓаат сите негови мисли“ (Псалм 146:3, 4). Оние што го следат овој мудар совет не се разочаруваат кога владите не ги исполнуваат своите ветувања или кога харизматичните водачи ќе ја изгубат својата положба (Пословици 1:33).
Ова не значи дека вистинските христијани само си стојат настрана и ништо не преземаат во врска со лошата ситуација на луѓето. Напротив, тие активно ја објавуваат владата која ќе ги реши проблемите на човештвото — Божјето Царство, чии претставници се тие (Матеј 24:14).
Божјето Царство — единствената надеж на човештвото
Кога Исус бил на земјата, главна тема на неговото проповедање било Божјето Царство (Лука 4:43). Во својата пример-молитва, понекогаш наречена и Оченаш, Исус ги поучил своите следбеници да се молат да дојде тоа Царство и Божјата волја да се врши овде на земјата (Матеј 6:9, 10). Царството е влада која ќе владее над целата земја, не од некој главен град на земјата, туку од небото. Затоа Исус го нарекол „небесно царство“ (Матеј 11:12).
Кој е подобро квалификуван да биде Цар на тоа Царство од Исус Христос, оној што умрел за своите идни поданици? (Исаија 9:6, 7; Јован 3:16). Наскоро, овој совршен Владетел, кој сега е моќна духовна личност, ќе го фрли ѕверот, неговите цареви и неговите војски во „огненото езеро кое гори со сулфур“, кое симболизира потполно уништување. Но, тоа не е сѐ. Исус, исто така, ќе го уништи Сатана, нешто што ниеден човек никогаш не би можел да го направи (Откровение 11:15; 19:16, 19—21; 20:2, 10).
Божјето Царство ќе им донесе мир на сите негови послушни поданици (Псалм 37:11, 29; 46:8, 9). Нема да има веќе ни тага, ни болка, ни смрт. Колку прекрасен изглед за оние што нема да дозволат да бидат обележани со знакот на ѕверот! (Откровение 21:3, 4).
[Фусноти]
a За детална дискусија за овие стихови види го 28. поглавје од книгата Откривење — близу је величанствени врхунац!, издадена од Јеховините сведоци.
b Иако се свесни дека човечкото владеење е честопати ѕверско, вистинските христијани се подложуваат на владините ,виши власти‘ како што Библијата заповеда (Римјаните 13:1). Меѓутоа, кога таквите власти им наредуваат да постапуваат спротивно на Божјиот закон, тие ,повеќе го слушаат Бог како владетел отколку луѓето‘ (Дела 5:29).
[Рамка на страница 5]
Клучни показатели што водат до значењето на 666
1. Библиските имиња честопати откриваат нешто за особините на оној што го носи тоа име, како што е во случајот на Авраам, Исус и многу други. На сличен начин, името на ѕверот ги претставува неговите карактеристики.
2. Во библиската книга Даниел, различни ѕверови претставуваат човечки царства или империи што владееле едно по друго. Ѕверот од Откровение 13:1, 2 што е комбинација од сите тие ѕверови го симболизира светскиот политички систем, кој добива сила од Сатана и е под негова контрола.
3. Тоа што ѕверот има „човечки број“ укажува дека има човечки својства, а не демонски. Затоа, одразува човечки пропусти кои се последица од гревот и несовршеноста.
4. Во Божји очи, бројот шест укажува на несовршеност затоа што е помал од бројот седум што во Библијата означува потполност, или совршеност. Знакот 666 го истакнува тој недостаток со тоа што бројот е повторен трипати.
[Слики на страница 6]
Човечкото владеење се покажало неуспешно, што добро е симболизирано со бројот 666
[Извор на слика]
Прегладнето дете: UNITED NATIONS/Photo by F. GRIFFING
[Слики на страница 7]
Исус Христос ќе воспостави совршено владеење над земјата