Дојде ,часот на суд‘
ОТКРОВЕНИЕ, последната книга во Библијата, нѐ прави свесни за фактот дека еден ангел лета среде небото со ‚вечна добра вест за да ја објави како радосна новост‘. Со силен глас тој вели: „Плашете се од Бог и оддајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд“ (Откровение 14:6, 7). Тој ‚час на суд‘ го вклучува и објавувањето и извршувањето на Божјиот суд. Еден „час“ е релативно краток временски период. Извршувањето на судот ќе дојде како кулминација на „последните денови“, во кои живееме сега (2. Тимотеј 3:1).
‚Часот на суд‘ е добра вест за оние што ја љубат праведноста. Тоа е време кога Бог ќе им донесе олеснување на своите слуги, кои страдаат од рацете на овој насилен систем на работи во кој нема љубов.
Сега, пред ‚часот на суд‘ да заврши со уништувањето на сегашниов зол систем на работи, поттикнати сме: „Плашете се од Бог и оддајте му слава“. Дали го правиш тоа? Не е доволно само да се рече: „Верувам во Бог“ (Матеј 7:21—23; Јаков 2:19, 20). Исправниот страв од Бог треба да нѐ наведе да чувствуваме страхопочит кон него. Треба да нѐ поттикне да не го прифаќаме она што е лошо (Пословици 8:13). Треба да ни помогне да го љубиме доброто и да го мразиме злото (Амос 5:14, 15). Ако му оддаваме чест на Бог, ќе го слушаме со голема почит. Нема да бидеме толку зафатени со други работи што ќе го занемариме редовното читање на неговата Реч, Библијата. Ќе имаме доверба во него во секое време и со сето свое срце (Псалм 62:8; Пословици 3:5, 6). Оние што навистина му оддаваат чест признаваат дека, како Творец на небото и на Земјата, тој е Суверениот владетел над сѐ, па со љубов му се подложуваат нему како на Суверен владетел над нивниот живот. Ако сфаќаме дека мораме да им посветиме поголемо внимание на овие работи, да го сториме тоа без одложување.
Времето на извршување на судот за кој зборувал ангелот е исто така познато како „Господовиот ден“. За древниот Ерусалим, таквиот ден дошол во 607 пр. н. е. затоа што неговите жители не им обрнале внимание на предупредувањата што Јехова ги дал преку своите пророци. Одложувајќи го во својот ум Господовиот, односно Јеховиниот ден, тие си го довеле животот во уште поголема опасност. Јехова ги предупредил: „Близу е и доаѓа брзо!“ (Софонија 1:14). Еден друг „Господов ден“ дошол врз древниот Вавилон во 539 пр. н. е. (Исаија 13:1, 6). Сигурни во своите тврдини и во своите богови, Вавилонците не обрнувале внимание на предупредувањата што ги давале Јеховините пророци. Но, во една ноќ, големиот Вавилон паднал под Медијците и Персијците.
Со што се соочуваме денес? Со уште еден „Господов ден“ кој ќе има многу подалекосежни последици (2. Петрово 3:11—14). Бог му изрекол пресуда на „Големиот Вавилон“. Според Откровение 14:8, еден ангел објавува: „Падна Големиот Вавилон“. Ова веќе се случило. Големиот Вавилон повеќе не може да ги контролира обожавателите на Јехова. Неговата расипаност и вмешаност во војните се разоткриени насекаде. Сега е близу неговото конечно уништување. Од таа причина, Библијата ги поттикнува луѓето насекаде: „Излезете од неа [Големиот Вавилон] . . . ако не сакате да учествувате со неа во нејзините гревови и ако не сакате да примите дел од нејзините неволји. Зашто нејзините гревови се натрупаа сѐ до небото, и Бог си спомна за нејзините дела на неправда“ (Откровение 18:4, 5).
Што е Големиот Вавилон? Тоа е еден глобален систем од религии, кој ги носи обележјата на древниот Вавилон (Откровение, поглавја 17 и 18). Разгледај некои сличности:
• Свештениците на древниот Вавилон биле длабоко вмешани во политиката на нацијата. Тоа е случај и со повеќето религии денес.
• Свештениците на Вавилон честопати ги поддржувале војните на нацијата. Денешните религии честопати се првите што ги благословуваат војниците кога нациите ќе влезат во војна.
• Учењата и обичаите на древниот Вавилон ја навеле нацијата на тежок неморал. Кога верските водачи денес ги занемаруваат библиските морални мерила, неморалот цвета и меѓу свештениците и меѓу лаиците. Вреди да се забележи и фактот дека, поради тоа што Големиот Вавилон се проституира со светот и со неговите политички системи, во Откровение е опишан како блудница.
• Библијата исто така вели дека Големиот Вавилон живее „во бесрамен раскош“. Во древниот Вавилон, храмската организација стекнала големи земјишни поседи, а свештениците заземале истакнато место во трговијата. Денес, покрај местата за обожавање, Големиот Вавилон поседува и многу акции и фирми. Неговите учења и празници им носат големо богатство и ним и на другите од деловниот свет.
• Употребата на ликови, магијата и гатањето биле вообичаени во древниот Вавилон, како што се и на многу места денес. На смртта се гледало како на премин во друг вид живот. Вавилон бил полн со храмови и капели во чест на нивните богови, но Вавилонците им се противеле на обожавателите на Јехова. Истите верувања и обичаи се одлика на Големиот Вавилон.
Во старо време, Јехова маневрирал со нации што биле моќни во политички и во воен поглед за да ги казни оние што упорно го игнорирале него и неговата волја. Така, Самарија била уништена од Асирците во 740 пр. н. е. Ерусалим бил опустошен од Вавилонците во 607 пр. н. е. и од Римјаните во 70 н. е. Вавилон, пак, бил освоен од Медијците и Персијците во 539 пр.н.е. За нашево време, Библијата претскажува дека политичките влади, како еден див ѕвер, ќе се свртат против „блудницата“ и ќе ја разголат, разоткривајќи го нејзиниот вистински карактер. Тие ќе ја уништат потполно (Откровение 17:16).
Дали светските влади навистина ќе направат такво нешто? Библијата вели дека ‚Бог ќе им го стави ова во срцата‘ (Откровение 17:17). Тоа ќе се случи ненадејно, ќе биде изненадување и шок — нема да може да се предвиди и нема да се одвива постепено.
Какви чекори треба да преземеш? Прашај се: ‚Дали сум сѐ уште тесно поврзан со некоја религиозна организација која е извалкана со учења и со обичаи што ја обележуваат како дел од Големиот Вавилон?‘ Дури и ако не си член, би можел да се прашаш: ‚Дали сум дозволил врз мене да влијае нејзиниот дух?‘ Каков дух? Дух на толеранција кон лабавиот морал, на љубов кон материјалните добра и кон задоволствата, наместо љубов кон Бог, или на намерно занемарување на Јеховината реч (дури и во навидум мали работи). За својот одговор размисли внимателно.
За да ја имаме Јеховината наклоност, битно е и со постапките и со желбите на срцето да покажеме дека навистина не сме дел од Големиот Вавилон. Нема време за одложување. Предупредувајќи нѐ дека крајот ќе дојде ненадејно, Библијата вели: „Со брз замав ќе биде фрлен Вавилон, големиот град, и никогаш повеќе нема да се најде“ (Откровение 18:21).
Но тоа не е сѐ. Во една друга фаза од тој ‚час на суд‘, Јехова Бог ќе побара сметка од целиот светски политички систем, од неговите владетели и од сите што го игнорираат неговото праведно владеење преку небесното Царство, кое е во рацете на Исус Христос (Откровение 13:1, 2; 19:19—21). Во пророчката визија запишана во Даниел 2:20—45, политичките власти од времето на древниот Вавилон до денес се претставени како огромен кип направен од злато, сребро, бакар, железо и глина. Во врска со нашите денови, пророштвото има претскажано: „Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне“. А во врска со тоа што уште ќе направи Царството во текот на Јеховиниот ‚час на суд‘, Библијата вели: „Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства [направени од човек], а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44).
Библијата ги предупредува вистинските обожаватели да не го сакаат „она што е во светот“ — начинот на живот на кој поттикнува овој свет кој е отуѓен од вистинскиот Бог (1. Јованово 2:15—17). Дали твоите одлуки и постапки покажуваат дека бескомпромисно си за Божјето Царство? Дали навистина го ставаш на прво место во својот живот? (Матеј 6:33; Јован 17:16, 17).
[Рамка на страница 14]
Кога ќе дојде крајот?
„Синот човечки доаѓа во час кога не ни мислите“ (Матеј 24:44).
„Бдејте, зашто не го знаете ниту денот ниту часот“ (Матеј 25:13).
„Не ќе се забави“ (Хабакук 2:3).
[Рамка на страница 14]
Да знаеш, дали тоа би променило нешто?
Да знаеш со сигурност дека претстојното извршување на Божјиот суд нема да се случи уште неколку години, дали тоа би го променило начинот на кој го користиш својот живот? Ако крајот на овој стар систем не дошол толку брзо колку што си очекувал, дали си дозволил тоа да те забави во службата за Јехова? (Евреите 10:36—38).
Тоа што не го знаеме точното време ни дава можност да покажеме дека на Бог му служиме од чисти мотиви. На оние што го познаваат Јехова им е јасно дека Бог, кој гледа што има во срцето, нема да биде импресиониран од ревност покажана во последен момент (Еремија 17:10; Евреите 4:13).
За оние што навистина го сакаат Јехова, тој секогаш е на прво место. Вистинските христијани, исто како другите луѓе, можеби одат на световна работа. Меѓутоа, нивната цел не е да се збогатат, туку да имаат доволно во материјален поглед за себе и за да можат да им дадат и на други (Ефешаните 4:28; 1. Тимотеј 6:7—12). Тие исто така уживаат во здрава рекреација и сакаат повремени промени, но тоа го прават од желба да се освежат, а не за да бидат исти како другите (Марко 6:31; Римјаните 12:2). Како Исус Христос, за нив претставува задоволство да ја вршат Божјата волја (Псалм 37:4; 40:8).
Вистинските христијани сакаат да живеат и да му служат на Јехова засекогаш. Вредноста на таа надеж за нив не се намалува поради тоа што за извесни благослови мораат да чекаат нешто подолго отколку што некои можеби очекувале.
[Рамка/слика на страница 15]
Спорното прашање за суверенитетот
За да разбереме зошто Бог дозволува толку многу страдање, треба да го разбереме спорното прашање за суверенитетот. Што е суверенитет? Тоа е врховна власт.
Како Творец, Јехова го има правото да владее над Земјата и над сите што живеат на неа. Меѓутоа, Библијата објаснува дека во почетокот на човечката историја, Јеховиниот суверенитет бил доведен во прашање. Сатана Ѓаволот тврдел дека Јехова е претерано строг, дека ги излажал нашите први родители во поглед на тоа што ќе се случи ако го игнорираат Божјиот закон и ако си постапуваат по свое, и дека ќе биде навистина подобро ако тие самите си бидат свои владетели независно од Бог (Битие, поглавја 2 и 3).
Да ги уништел бунтовниците веднаш, Бог би ја покажал својата моќ, но тоа не би дало одговор на поставените спорни прашања. Наместо да ги уништи бунтовниците на самото место, Јехова им дозволил на сите суштества обдарени со разум да го видат исходот од побуната. Иако било вклучено и страдање, со тоа било овозможено да се родиме и ние.
Освен тоа, по висока цена за себе самиот, Јехова со љубов направил подготовки за да можат луѓето што ќе му бидат послушни нему и ќе практикуваат вера во откупната жртва на неговиот Син да бидат ослободени од гревот и од неговите последици и да живеат во Рај. Ако е потребно, ова може да се оствари преку воскресение од мртвите.
Тоа што било оставено време да се одговори на спорното прашање исто така им дало на Божјите слуги можност да покажат дека се способни да му возвратат на Бог за неговата љубов и да го докажат својот интегритет кон Јехова под секакви околности. Многу е битно да се одговори на спорното прашање за Божјиот суверенитет, како и на со него поврзаното спорно прашање за човечкиот интегритет, за да постои исправна почит кон законот во вселената. Без тоа, никогаш не би бил можен вистински мир.a
[Фуснота]
a Овие спорни прашања и сето она што го опфаќаат тие се разгледани подетално во книгата Приближи му се на Јехова, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика]
На глобалниот систем од политички влади ќе му дојде крајот