СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 28
Божјето Царство владее!
Царската власт на светот сега му припаѓа на нашиот Господар и на неговиот Христос (ОТК. 11:15)
ПЕСНА 22 Царството е родено — нека дојде!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Во што можеме да бидеме сигурни, и зошто?
КОГА ги гледаш лошите услови во светот, дали ти е тешко да веруваш дека работите ќе одат на подобро? Во семејствата не владее љубов како порано. Луѓето, општо земено, стануваат сѐ понасилни и посебични. На многумина им е тешко да имаат доверба во оние што имаат некаков авторитет. Но сето ова може да те увери дека работите ќе одат на подобро. Зошто? Бидејќи луѓето постапуваат токму онака како што било проречено во едно впечатливо пророштво за „последните денови“ (2. Тим. 3:1-5). Исполнувањето на ова пророштво, кое ниту еден искрен човек не може да го оспори, е доказ дека Исус Христос почнал да владее како Цар на Божјето Царство. Но ова е само едно од многуте пророштва во врска со Царството. Ако ги разгледаме другите пророштва што се исполниле во изминативе години, ќе ни се зајакне верата.
2. Што ќе разгледаме во оваа статија, и зошто? (Коментирај ја сликата на насловната страница.)
2 Во оваа статија ќе разгледаме: 1) едно пророштво што ни помага да разбереме кога почнало да владее Божјето Царство, 2) пророштва што ни помагаат да разбереме дека Исус почнал да владее на небото како Цар на Божјето Царство и 3) пророштва што ни откриваат како непријателите на Божјето Царство ќе бидат уништени. Ќе видиме дека овие пророштва се надополнуваат како делови на една сложувалка за да ни дадат јасна слика за тоа што нѐ очекува во иднина во склад со Јеховината намера.
КАКО МОЖЕ ДА ДОЗНАЕМЕ КОГА ПОЧНАЛО ДА ВЛАДЕЕ ЦАРСТВОТО
3. Во што нѐ уверува пророштвото од Даниел 7:13, 14 во врска со Царот на Божјето Царство?
3 Пророштвото запишано во Даниел 7:13, 14 нѐ уверува дека Исус Христос ќе биде најдобриот Владетел на Божјето Царство. Луѓе од сите народи со задоволство ќе „му служат“ и никој нема да го замени како Владетел. Во едно друго пророштво од книгата Даниел било проречено дека Исус ќе започне да владее во тоа Царство на крајот од еден период кој е наречен „седум времиња“. Дали е можно да дознаеме кога се случил тој радосен настан?
4. Објасни како Даниел 4:10-17 ни помага да пресметаме во која година Исус ќе станел Цар? (Види ја и фуснотата.)
4 Прочитај Даниел 4:10-17. Изразот „седум времиња“ се однесува на период од 2.520 години. Овој период започнал во 607 год. пр.н.е. кога Вавилонците го симнале последниот цар од Јеховиниот престол во Ерусалим. „Седумте времиња“ завршиле во 1914 год. од н.е. кога Јехова го поставил Исус за Цар на Божјето Царство — „оној што според законот има право“ на тоа (Езек. 21:25-27).b
5. Како ни користи тоа што го разбираме пророштвото за „седумте времиња“?
5 Како може да ни користи ова пророштво? Тоа што го разбираме пророштвото за „седумте времиња“ нѐ уверува дека Јехова ги исполнува своите ветувања точно на време. Исто како што одредил конкретно време кога да го воспостави своето Царство, Јехова ќе ги исполни и другите пророштва во времето што тој го одредил. Навистина, Јеховиниот ден „нема да задоцни“! (Авак. 2:3).
ОД КАДЕ ЗНАЕМЕ ДЕКА ИСУС СТАНАЛ ЦАР НА БОЖЈЕТО ЦАРСТВО
6. а) Кои настани на Земјата се доказ дека Исус владее на небото? б) Која дополнителна потврда за овие настани ја имаме во пророштвото од Откровение 6:2-8?
6 При крајот на својата служба на Земјата, Исус прорекол одредени светски настани за да им помогне на неговите следбеници да знаат кога тој ќе почне да владее на небото. Некои работи што ги спомнал биле војни, глад и земјотреси. Тој исто така прорекол дека ќе има смртоносни зарази или болести „на разни места“, а еден пример за тоа е неодамнешната пандемија со КОВИД-19. Овие настани се дел од она што Библијата го нарекува „знакот“ на Христовата присутност (Мат. 24:3, 7; Лука 21:7, 10, 11). Повеќе од 60 години откако умрел и се вратил на небото, Исус му дал на апостол Јован дополнителна потврда дека овие настани навистина ќе се случат. (Прочитај Откровение 6:2-8.) Сите овие настани се случиле откако Исус станал цар во 1914 год.
7. Зошто условите во светот се влошиле откако Исус станал Цар?
7 Зошто условите во светот се влошиле откако Исус станал Цар? Од Откровение 6:2 дознаваме еден важен детаљ — првата задача што Исус ја добил како новоустоличен Цар била да води војна. Против кого? Против Ѓаволот и демоните. Според Откровение поглавје 12, Сатана ја изгубил битката, и тој и неговите демони биле исфрлени на Земјата. Што се случило како резултат на тоа? Бидејќи Сатана го истура својот гнев врз човештвото, на Земјата се случуваат многу неволји (Отк. 12:7-12).
8. Како може да ни користи тоа што гледаме дека се исполнуваат пророштвата за Божјето Царство?
8 Како може да ни користат овие пророштва? Светските настани и очигледната промена во ставовите на луѓето треба да ни помогнат да разбереме дека Исус станал Цар. Затоа, наместо да се вознемируваме кога гледаме дека луѓето се себични и сурови, да имаме на ум дека нивните постапки се исполнување на библиските пророштва. Божјето Царство владее! (Пс. 37:1). Како што се приближува Армагедон, треба да очекуваме дека условите во светот сѐ повеќе ќе се влошуваат (Мар. 13:8; 2. Тим. 3:13). Многу сме му благодарни на нашиот грижлив небесен Татко што ни помага да разбереме зошто има толку многу проблеми во светот.
КАКО ЌЕ БИДАТ УНИШТЕНИ НЕПРИЈАТЕЛИТЕ НА БОЖЈЕТО ЦАРСТВО
9. Како пророштвото од Даниел 2:28, 31-35 ја опишува последната светска сила, и кога таа се појавила?
9 Прочитај Даниел 2:28, 31-35. Ова пророштво се исполнува пред наши очи. Сонот на Навуходоносор покажал што требало да се случи „во последните денови“, откако Исус ќе почнел да владее. Последната светска сила проречена во Библијата која е претставена со „стапалата од железо и глина“ спаѓа во непријателите на Исус на Земјата. Оваа светска сила веќе владее. Тоа е англо-американската светска сила која се појавила за време на Првата светска војна кога Британија и САД станале посебно блиски сојузници. Исто така, со кипот од сонот на Навуходоносор биле проречени најмалку две работи по кои оваа светска сила ќе се разликува од претходните царства.
10. а) Како пророштвото од Даниел точно ја опишува англо-американската светска сила? б) Од која опасност мора да се чуваме? (Види ја рамката „Чувај се од глината!“)
10 Прво, за разлика од претходните светски сили спомнати во видението, англо-американската светска сила не е претставена со цврст метал како злато или сребро, туку со мешавина од железо и глина. Глината го претставува „човечкото потомство“, односно обичниот народ (Дан. 2:43). Денес е очигледно дека влијанието на народот во изборите, кампањите за човекови права, масовните протести и работничките синдикати им отежнува на водачите од оваа светска сила да го спроведат она што го сакаат.
11. Како тоа што гледаме дека денес владее англо-американската светска сила ни ја зајакнува довербата дека живееме во времето на крајот?
11 Второ, Англо-Америка која е претставена со стапалата на огромниот кип е последната светска сила проречена во Библијата. По неа нема да има друга човечка влада. Напротив, ќе биде уништена од Божјето Царство во Армагедон заедно со сите други човечки владиc (Отк. 16:13, 14, 16; 19:19, 20).
12. Кој друг доказ го наоѓаме во пророштвото на Даниел, и како тоа ни дава утеха и надеж?
12 Како може да ни користи ова пророштво? Во пророштвото на Даниел наоѓаме уште еден доказ дека живееме во времето на крајот. Пред повеќе од 2.500 години, Даниел прорекол дека по Вавилон четири други светски сили ќе имаат значително влијание врз Божјиот народ. Освен тоа, тој открил дека англо-американската светска сила ќе биде последната од нив. Ова ни дава утеха и надеж дека наскоро Божјето Царство ќе ги уништи сите човечки влади и дека ќе завладее со целата Земја (Дан. 2:44).
13. Што претставуваат „осмиот цар“ и „десетте цареви“ спомнати во Откровение 17:9-12, и како се исполнува ова пророштво?
13 Прочитај Откровение 17:9-12. Уништувањето кое го предизвикала Првата светска војна водело до исполнување на уште едно библиско пророштво за последните денови. Светските водачи сакале да донесат мир во светот. Затоа, во јануари 1920 год. ја основале Лигата на народите која во октомври 1945 год. била заменета со Обединетите нации. Оваа организација е наречена „осмиот цар“. Но, таа не е светска сила. Таа има моќ и влијание само затоа што ја има поддршката од владите. Овие влади во Библијата симболично се наречени „десет цареви“.
14-15. а) Што дознаваме за „Големиот Вавилон“ од Откровение 17:3-5? б) Што се случува со оние кои ги поддржуваат лажните религии?
14 Прочитај Откровение 17:3-5. Под водство на светиот дух, апостол Јован во видение видел блудница која е наречена „Големиот Вавилон“ и која ги претставува сите лажни религии во светот. Што ни открива ова видение? Долго време, лажните религии тесно соработуваат со светските влади и им ја даваат својата поддршка. Сепак, наскоро Јехова ќе им стави во срцата на политичките сили „да ја извршат неговата замисла“. Кој ќе биде резултатот? Овие политички сили, „десетте цареви“, ќе се свртат против лажните религии и ќе ги уништат (Отк. 17:1, 2, 16, 17).
15 Од каде знаеме дека крајот на Големиот Вавилон е близу? За да го добиеме одговорот на ова прашање, добро е да имаме на ум дека древниот град Вавилон бил делумно заштитен од водите на огромната река Еуфрат. Милионите луѓе што го поддржуваат Големиот Вавилон во книгата Откровение се споредени со „водите“ кои го штитат (Отк. 17:15). Но, исто така од ова пророштво дознаваме дека водите ќе пресушат, што покажува дека лажните религии ќе изгубат голем дел од своите членови (Отк. 16:12). Денес ова пророштво се исполнува така што многу луѓе ја напуштаат лажната религија и бараат решенија за своите проблеми на друго место.
16. Како ни користи тоа што ги разбираме пророштвата за основањето на Обединетите нации и уништувањето на Големиот Вавилон?
16 Како можат да ни користат овие пророштва? Основањето на Обединетите нации и фактот дека многу луѓе повеќе не ги поддржуваат лажните религии е доказ дека живееме во последните денови. Иако многу луѓе повеќе не го поддржуваат Големиот Вавилон, тоа не е начинот на кој ќе им дојде крај на лажните религии. Како што спомнавме претходно, Јехова ќе им стави во срцата на „десетте цареви“ — политичките сили кои ќе ги поддржуваат Обединетите нации — „да ја извршат неговата замисла“. Тие ненадејно ќе го уништат Големиот Вавилон, што ќе биде големо изненадување за целиот светd (Отк. 18:8-10). Уништувањето на Големиот Вавилон силно ќе влијае врз целиот свет и можеби ќе предизвика тешкотии, но Божјиот народ ќе има најмалку две причини да се радува. Лажната религија која веќе долго време е непријател на Јехова Бог нема повеќе да постои и набрзо потоа ќе дојде нашето избавување од овој злобен свет (Лука 21:28).
ГЛЕДАЈ НА ИДНИНАТА СО ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА
17-18. а) Како може да продолжиме да си ја зајакнуваме верата? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
17 Даниел прорекол дека „вистинското знаење ќе се умножи“. И тоа навистина се случило! Ние сега ги разбираме пророштвата за наше време (Дан. 12:4, 9, 10). Точноста на овие пророштва нѐ исполнува со восхит и ценење за Јехова и за неговата Реч (Иса. 46:10; 55:11). Затоа, продолжи да си ја зајакнуваш верата така што трудољубиво ќе ја проучуваш Библијата и ќе им помагаш на другите да развијат блиско пријателство со Јехова. Тој ќе ги штити сите оние кои имаат потполна доверба во него и ќе им дава „траен мир“ (Иса. 26:3).
18 Во следната статија ќе ги разгледаме пророштвата за христијанското собрание во времето на крајот. Како што ќе видиме, и овие пророштва докажуваат дека живееме во последните денови. Ќе најдеме и други докази дека Исус, кој сега владее како Цар, им дава водство на своите верни следбеници.
ПЕСНА 61 Напред, Сведоци!
a Живееме во едно од највозбудливите времиња во историјата. Божјето Царство веќе владее, токму како што било проречено во многу библиски пророштва. Во оваа статија ќе разгледаме некои од тие пророштва кои ќе ни ја зајакнат верата во Јехова. Освен тоа, ќе ни помогнат да останеме смирени и да имаме доверба во него, не само денес туку и во деновите што ни претстојат.
b Види ја точка 4 во лекција 32 од книгата Радувај му се на животот засекогаш и на jw.org гледај го видеоклипот Божјето Царство почнало да владее во 1914.
c Нешто повеќе за пророштвото на Даниел можеш да прочиташ во Стражарска кула од 15 јуни 2012, стр. 14-19.
d Нешто повеќе за тоа што ни носи блиската иднина можеш да прочиташ во поглавје 21 од книгата Божјето Царство владее!