Да бидеме среќни читатели на книгата Откровение
„Блажен [Среќен, NW] е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него“ (ОТКРОВЕНИЕ 1:3).
1. Под какви околности се наоѓал апостол Јован кога го напишал Откровението, и со каква цел биле запишани овие визии?
„ЈАС Јован . . . бев на островот, наречен Патмос, заради словото Божјо и заради сведоштвото за Исуса Христа“ (Откровение 1:9). Такви биле околностите под кои апостол Јован ја напишал книгата Апокалипса, или Откровение. Се смета дека бил изгнан на Патмос за време на владеењето на римскиот император Домицијан (81—96 н. е.) кој наметнал обожавање на императорот и станал прогонител на христијаните. Додека се наоѓал на Патмос, Јован добил серија визии кои ги запишал. Ги раскажал не за да ги заплаши раните христијани, туку за да ги зајакне, утеши и охрабри со оглед на испитите на кои биле изложени тогаш и на оние кои стоеле пред нив (Дела 28:22; Откровение 1:4; 2:3, 9, 10, 13).
2. Зошто ситуацијата во која се наоѓале Јован и неговите сохристијани е од интерес за христијаните кои живеат денес?
2 Околностите под кои била напишана оваа библиска книга се многу значајни за христијаните кои живеат денес. Јован бил изложен на прогонство бидејќи бил сведок за Јехова и за Неговиот Син, Христос Исус. Тој и сохристијаните живееле во клима на непријателство бидејќи, иако настојувале да бидат добри граѓани, сепак не можеле да практикуваат обожавање на императорот (Лука 4:8). Во некои земји, денешните вистински христијани се наоѓаат во слична ситуација, при што државата си го присвојува правото да дефинира што е „во религиозен поглед исправно“. Затоа, колку само се утешителни зборовите кои се наоѓаат во уводот на книгата Откровение: „Блажен [Среќен, NW] е оној, кој чита, и оние, што ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску“ (Откровение 1:3). Да, внимателните и послушни читатели на Откровение можат да најдат вистинска среќа и многу благослови.
3. Кој е Изворот на Откровението што му било дадено на Јован?
3 Кој е врховниот Извор на Откровението, и каков канал бил користен за да биде пренесено? Уводниот стих ни кажува: „Откровение на Исуса Христа, кое Му го даде Бог, за да го покаже на слугите Свои она, што треба да стане скоро. И Он го јави тоа на слугата Свој Јована, преку Својот ангел“ (Откровение 1:1). Едноставно кажано, вистинскиот Извор на Откровението е Јехова Бог, кој му го дал на Исус, а тој, пак, преку ангел му го пренел на Јован. Едно мало понатамошно испитување открива дека Исус го користел и светиот дух за да пренесе пораки до собранијата и за да му даде на Јован визии (Откровение 2:7, 11, 17, 29; 3:6, 13, 22; 4:2; 17:3; 21:10; спореди Дела 2:33).
4. Кое средство денес Јехова сѐ уште го користи за да го води својот народ на Земјата?
4 Јехова сѐ уште го користи својот Син, ‚главата на собранието‘ (NW) за да ги поучува своите слуги на Земјата (Ефесјаните 5:23; Исаија 54:13; Јован 6:45). Јехова го користи и својот дух за да го поучи својот народ (Јован 15:26; 1. Коринтјаните 2:10). И токму како што тогаш Исус го употребил ‚слугата свој Јован‘ за да ја пренесе поткрепувачката духовна храна до собранијата во првиот век, така и денес го користи ‚верниот и разборит роб‘, составен од неговите помазани „браќа“ на Земјата, за да им дава на своите домашни и на нивните придружници духовна „храна во право време“ (Матеј 24:45—47, NW; 25:40). Среќни се оние кои го признаваат Изворот на ‚добрите дарови‘ што ги добиваме во вид на духовна храна, и кои го признаваат каналот кој Toj го користи (Јаков 1:17).
Собранија водени од Христос
5. а) Со што се споредени христијанските собранија и нивните надгледници? б) И покрај човечката несовршеност, што ќе придонесе за наша среќа?
5 Во уводните поглавја на Откровение, христијанските собранија се споредени со свеќници. Нивните надгледници се споредени со ангели (гласници) и со ѕвезди (Откровение 1:20).a Зборувајќи за себе, Христос му рекол на Јован да запише: „Ова го вели Оној, Кој ги држи седумте ѕвезди во десницата Своја, Кој оди посреде седумте светилници [златни свеќници, NW]“ (Откровение 2:1). Седумте пораки испратени до седумте собранија во Азија покажуваат дека во првиот век н. е. собранијата и нивните старешини си имале свои јаки и свои слаби страни. Истото е случај и денес. Затоа, ќе бидеме уште посреќни ако никогаш не го изгубиме од вид фактот дека Христос, нашиот Поглавар, е среде собранијата. Тој точно знае што се случува. Надгледниците симболично се ‚во десницата Негова‘, т. е. под негова контрола и водство и се одговорни пред него за начинот на кој ги пасат собранијата (Дела 20:28; Евреите 13:17).
6. Што покажува дека не се само надгледниците одговорни пред Христос?
6 Меѓутоа, би се лажеле ако мислиме дека само надгледниците се одговорни пред Христос за своите дела. Во една од своите пораки, Христос рекол: „Сите цркви [собранија, NW] ќе узнаат дека Јас сум Оној, Кој ги испитува срцата и бубрезите; и секому од вас ќе му дадам според делата негови“ (Откровение 2:23). Ова е истовремено и предупредување и охрабрување — предупредување дека Христос ги знае нашите длабоко всадени мотиви, а охрабрување бидејќи тоа нѐ уверува дека Христос е свесен за нашите напори и ќе нѐ благослови ако го направиме она што можеме (Марко 14:6—9; Лука 21:3, 4).
7. Како христијаните во Филаделфија ‚ја држеле речта за Исусовата истрајност‘?
7 Христовата порака до собранијата во лидискиот град Филаделфија не содржи укор, туку дава ветување кое треба да биде од најголем интерес за нас. „Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое [ја држеше речта за мојата истрајност, NW], и Јас ќе те запазам од часот на искушението, кое ќе дојде над целата вселена [населена земја, NW], за да ги искуша оние што живеат на земјата“ (Откровение 3:10). Грчкиот превод на изразот „ти ја држеше речта за мојата истрајност“ може да значи и „го држеше она што го реков за истрајноста“. Стих 8 укажува дека христијаните во Филаделфија не само што биле послушни на Христовите заповеди туку и го следеле неговиот совет и самите верно да истраат (Матеј 10:22; Лука 21:19).
8. а) Што им ветил Исус на христијаните од Филаделфија? б) Кој денес е погоден од „часот на искушението“?
8 Исус додал дека тој ќе ги чува од „часот на искушението“. Што точно значело ова за христијаните од тоа време, не знаеме. Иако по смртта на Домицијан во 96 н. е. имало краток период на одмор од прогонството, под владеењето на Трајан (98—117 н. е.) започнал нов бран на прогонство кој несомнено донел понатамошни испити. Но, најголемиот ‚час на искушение‘ се појавува во „Господовиот ден“, во текот на „времето на крајот“ во кое живееме ние (Откровение 1:10; Даниил 12:4, обата NW). Духовно помазаните христијани поминале низ едно посебно време на искушенија во текот на I светска војна и веднаш после неа. Сепак, „часот на искушението“ сѐ уште трае. Ја погодува „целата населена земја“, вклучувајќи ги и милионите што го сочинуваат големото мноштво кое се надева дека ќе ја преживее големата неволја (Откровение 3:10; 7:9, 14, сите NW). Ќе бидеме среќни ако ‚го чуваме она што Исус го рекол за истрајноста‘: „Кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13).
Среќна подложност на Јеховиниот суверенитет
9, 10. а) На кои начини визијата за Јеховиниот престол треба да влијае врз нас? б) Како може читањето на Откровението да придонесе за наша среќа?
9 Визијата за Јеховиниот престол и за неговиот небесен суд изнесена во Откровение, поглавја 4 и 5, треба да нѐ исполни со стравопочит. Треба да бидеме импресионирани од искрените изрази на фалба кои ги кажуваат моќните духовни суштества додека радосно се подложуваат на Јеховиниот праведен суверенитет (Откровение 4:8—11). Нашите гласови треба да се чујат меѓу гласовите на оние кои велат: „На Оној, Кој седи на престолот, и на Агнецот — благослов и чест, слава и владеење во сите векови!“ (Откровение 5:13).
10 Од практична гледна точка, ова значи радосно да ѝ бидеме подложни на Јеховината волја во сѐ. Апостол Павле напишал: „Сѐ што вршите со збор или со дело, вршето го во името на Господа Исуса Христа, благодарејќи Му преку Него на Бога и Отецот!“ (Колосјаните 3:17). Нашето читање на Откровение ќе нѐ направи вистински среќни ако и во најскриените катчиња на нашите мисли и срца го признаеме Јеховиниот суверенитет и ако неговата волја ја земаме во обѕир во секој аспект од својот живот.
11, 12. а) Како ќе биде потресен и уништен сатанскиот земски систем? б) Според Откровение, поглавје 7, кој ќе „може да устои“ во тоа време?
11 Радосната подложност на Јеховиниот суверенитет е темелот за среќа како на лично така и на универзално ниво. Наскоро, еден симболичен голем земјотрес ќе го затресе сатанскиот светски систем до самите негови темели и ќе го уништи. Нема да има каде да се засолнат луѓето кои одбиваат да се подложат на Христовата небесна влада на Царството која ја претставува Божјата легитимна превласт. Пророштвото вели: „Царевите земни, и благородниците, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб и слободен се сокрија во пештери и горски камењари, велејќи им на планините и на карпите: ‚Паднете врз нас и сокријте нѐ од лицето на Оној, Кој седи на престолот и од гневот на Агнецот, зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да устои?‘“ (Откровение 6:12, 15—17).
12 Во врска со тоа прашање, апостол Јован во следното поглавје ги опишува оние кои го сочинуваат големото мноштво кое доаѓа од големата неволја како ‚стои пред престолот и пред Агнецот‘ (Откровение 7:9, 14, 15). Нивното стоење пред Божјиот престол покажува дека го признаваат тој престол и дека целосно се подложуваат на Јеховиниот суверенитет. Затоа стојат одобрени.
13. а) Што обожава мнозинството од земните жители, и што е симболизирано со знакот на нивното чело и на нивната рака? б) Зошто ќе биде потребна истрајност?
13 Од друга страна, пак, поглавје 13 прикажува како останатиот дел од земните жители го обожава сатанскиот политички систем, симболизиран со див ѕвер. Тие добиваат знак на ‚челото‘ или на ‚раката‘, што ја покажува нивната умствена и физичка поддршка на тој систем (Откровение 13:1—8, 16, 17). Потоа, поглавје 14 додава: „Кој ќе му се поклони на ѕверот и на ликот негов, и прими белег на челото свое или на раката своја, тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излиено во чашата на Неговиот гнев . . . Тука е трпението [истрајноста, NW] на светиите; тука се оние, што ги пазат заповедите Божји и верата во Исуса“ (Откровение 14:9, 10, 12). Како што времето поминува, сѐ повеќе ќе се поставува прашањето: ‚Кого ти го поддржуваш? Јехова и неговиот суверенитет или безбожниот политички систем симболизиран со дивиот ѕвер?‘ Среќни ќе бидат оние кои избегнуваат да го добијат знакот на ѕверот и кои верно истрајуваат во подложност на Јеховиниот суверенитет.
14, 15. Каква порака го прекинува описот на Армагедон во Откровението, и какво значење има таа за нас?
14 Владетелите на „целиот свет“ се наоѓаат на пат кој води до судир, движејќи се кон конфронтација со Јехова заради спорното прашање за суверенитетот. Разврската ќе биде Армагедон, ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘ (Откровение 16:14, 16). Токму додека се опишува собирањето на земните владетели за војна со Јехова, настанува еден фасцинантен интервал. Самиот Исус ја прекинува визијата и вели: „Ете, Јас доаѓам како крадец: блажен е оној, кој што бдее и пази на алиштата свои, за да не оди гол, и да не се гледа срамот негов!“ (Откровение 16:15). Ова можеби алудира на чуварите во левитскиот храм на кои им била соблекувана облеката и биле јавно посрамени ако биле најдени да спијат за време на стражарската должност.
15 Пораката е јасна: Ако сакаме да го преживееме Армагедон, мораме да останеме духовно будни и да ја чуваме симболичната облека која нѐ идентификува како верни Сведоци на Јехова Бог. Ќе бидеме среќни ако избегнуваме духовна летаргија и ако без попуштање продолжиме, ревно учествувајќи во ширењето на ‚вечната добра вест‘ (NW) за Божјето воспоставено Царство (Откровение 14:6).
‚Среќен е оној кој ги пази овие зборови‘
16. Зошто завршните поглавја од Откровение се особена причина за среќа?
16 Среќните читатели на книгата Откровение можат само да се восхитуваат од радост додека ги читаат завршните поглавја кои ја опишуваат нашата славна надеж — ново небо и нова земја, т. е. праведна небесна влада на Царството која владее над новото очистено човечко општество, и сето тоа на фалба на „Господ [Јехова, NW] Бог Седржителот“ (Откровение 21:22). Со завршувањето на прекрасната серија визии, ангелскиот гласник му рекол на Јован: „Овие зборови се верни и вистинити. Господ, Бог на светите пророци, го испрати ангелот Свој, за да им покаже на Своите слуги, што ќе стане наскоро. Еве, доаѓам скоро; блажен [среќен, NW] е оној, кој ги пази пророчките зборови на оваа книга!“ (Откровение 22:6, 7).
17. а) Каква гаранција е дадена во Откровение 22:6? б) Што треба будно да избегнуваме?
17 Среќните читатели на Откровение ќе се присетат дека слични зборови се појавуваат во почетокот на „свитокот“ (Откровение 1:1, 3). Овие зборови нѐ уверуваат дека сѐ што е проречено во оваа последна библиска книга ќе „стане наскоро“. Ние сме толку длабоко навлезени во времето на крајот што претскажаните настани во Откровение кои се однесуваат на нашево време наскоро мора со сигурност да се случат по брз редослед. Затоа, секоја привидна стабилност на сатанскиот систем не треба да нѐ улулка да заспиеме. Будниот читател ќе се сети на предупредувањата дадени во пораките испратени до седумте азиски собранија и ќе ги избегне замките на материјализмот, идолопоклонството, неморалот, млакоста и отпадничкото секташтво.
18, 19. а) Зошто Исус мора допрва да дојде, и која надеж што ја изразил Јован ја имаме и ние? б) За каква цел Јехова допрва ќе ‚дојде‘?
18 Во книгата Откровение, Исус неколкупати објавува: „Доаѓам скоро“ (Откровение 2:16; 3:11; 22:7, 20а). Тој мора допрва да дојде за да изврши суд врз Големиот Вавилон, врз сатанскиот политички систем и врз сите луѓе кои одбиваат да се подложат на Јеховиниот суверенитет, кој сега е изразен преку месијанското Царство. Ние ги придружуваме своите гласови кон гласот на апостол Јован кој извикнал: „Амин! ‚Да, дојди, Господи Исусе!‘“ (Откровение 22:20б).
19 Самиот Јехова вели: „И еве, ќе дојдам скоро, и отплатата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови“ (Откровение 22:12). Додека ја чекаме славната награда — живот без крај како дел или од ветеното „ново небо“ или од ‚новата земја‘, нека ревносно се придружиме во ширењето на поканата до сите луѓе со искрени срца: „,Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22:17). Нека и тие станат среќни читатели на книгата Откровение која е инспирирана и самата инспирира!
[Фуснота]
a Види Откривење — близу је величанствени врхунац!, страници 28, 29, 136 (фуснота).
Точки за повторување
◻ Кој канал го користел Јехова за да го пренесе Откровението, и што можеме да научиме од тоа?
◻ Зошто треба да бидеме среќни што можеме да ги читаме пораките испратени до седумте собранија во Азија?
◻ Како можеме да останеме безбедни во времето на „часот на искушението“?
◻ Каква среќа ќе доживееме и ние ако ги држиме зборовите од свитокот што го содржи Откровението?
[Слика на страница 15]
Среќни се оние кои го признаваат Изворот на радосните вести
[Слика на страница 18]
Среќен е оној кој останува буден