Поглавје 16
Вистинскиот Бог и твојата иднина
„Во овој мистериозен универзум има една работа во која човекот може да биде сигурен. Самиот човек сигурно не е најголемата духовна појава во универзумот . . . Во универзумот постои појава која е духовно поголема од самиот човек . . . Целта на човекот е да бара заедништво со појавата која стои зад тој феномен, и тоа да го бара со цел своето јас да го доведе во склад со оваа апсолутна духовна реалност“ (Пристапот на еден историчар кон религијата, од Арнолд Тојнби).
1. (Вклучи го уводот.) а) Што увидел историчарот Тојнби во врска со човекот и универзумот? б) На кој начин Библијата ја идентификува ‚апсолутната духовна реалност‘?
ВО ТЕКОТ на поголемиот дел од последниве шест илјади години, човештвото трагало, со поголема или помала ревност, за да ја најде таа „апсолутна духовна реалност“. Секоја главна религија на таа појава ѝ дала поинакво име. Зависно од тоа на која религија припаѓаш ти — хиндуистичка, муслиманска, будистичка, шинтоистичка, конфучијанска, таоистичка, еврејска, христијанска или некоја друга — имаш име за таа „апсолутна духовна реалност“. Но Библијата на оваа реалност ѝ дава име, род и личност — Јехова, живиот Бог. Тој единствен Бог му рекол на Кир Велики од Персија: „Јас сум Господ [Јехова, NW] и нема друг; нема Бог освен Мене . . . Јас ја направив земјата и го создадов човекот на неа“ (Исаија 45:5, 12, 18; Псалм 68:19, 20).
Јехова — Бог на веродостојни пророштва
2. Ако сакаме веродостојни информации за иднината, кому треба да му се обратиме, и зошто?
2 Јехова е вистинскиот крај на потрагата на човештвото по Бог. Јехова се открил себеси како Бог на пророштвата, кој може уште во почетокот да го каже крајот. Преку пророкот Исаија тој рекол: „Спомнете си за минатото: Јас Сум Бог, и нема друг Бог, никој не Ми е сличен! Оној Сум, Кој од почетокот го открива свршетокот и јавува однапред за она што уште не се збиднало! Јас велам: ‚Мојата одлука ќе се исполни, ќе извршам сѐ што Ми е по волја . . . Реков — ќе исполнам, наумив — ќе извршам“ (Исаија 46:9—11; 55:10, 11).
3. а) Кои настани може да се предвидат преку библиските пророштва? б) Што им направил Сатана на неверниците, и зошто?
3 Со таков доверлив Бог на пророштвата, можеме да дознаеме што ќе се случи со светскиот систем на раздорните религии. Исто така можеме да предвидиме што ќе ги снајде моќните политички организации кои изгледа дека ја контролираат судбината на светот. И не само тоа, можеме да претскажеме каков крај го чека „богот на овој систем на работи“, Сатана, кој „им ги заслепил умовите на неверниците“ преку мноштво религии кои го одвеле човештвото далеку од вистинскиот Бог, Јехова. А зошто Сатана ги заслепил луѓето? „За да не продре до нив светлината на славната добра вест за Христос, кој е слика на Бог“ (2. Коринќаните 4:3, 4; 1. Јованово 5:19).
4. Кои прашања во врска со Земјата и со иднината на човештвото треба да се одговорат?
4 Исто така, можеме да знаеме што лежи зад овие проречени настани. На крајот, во каква состојба ќе биде Земјата? Загадена? Разорена? Оголена? Или, пак, Земјата и човечкиот род ќе се обноват? Како што ќе видиме, Библијата одговара на сите овие прашања. Но, прво да обрнеме внимание на настаните кои следат во непосредна иднина.
Идентификуван „Големиот Вавилон“
5. Што видел Јован во визија?
5 Библиската книга Откровение му била откриена на апостол Јован на островот Патмос во 96 година н.е. Таа дава живописни слики на главните настани што ќе се случат во времето на крајот, во времето во кое, според библиските докази, човештвото живее од 1914 година па наваму.a Меѓу овие симболични слики што Јован ги видел во визија, едната е за некоја дречливо нагиздена, дрска блудница, наречена „Големиот Вавилон, мајката на блудниците и на одвратните земни работи“. Во каква состојба била таа? „И видов дека жената е пијана од крвта на светите и од крвта на Исусовите сведоци“ (Откровение 17:5, 6).
6. Зошто Големиот Вавилон не ги претставува владејачките политички елементи на светот?
6 Кого го претставува оваа жена? Не сме оставени да нагаѓаме која е таа. По пат на елиминација, жената може да се разоткрие. Во истата визија, Јован слуша еден ангел кој вели: „Дојди, ќе ти го покажам судот над големата блудница која седи на многу води, со која царевите на земјата извршија блуд, додека оние кои живеат на земјата се опија со виното од нејзиниот блуд“. Ако царевите, односно владетелите на Земјата блудствувале со неа, тоа значи дека блудницата не може да ги претставува владејачките политички елементи на светот (Откровение 17:1, 2, 18).
7. а) Зошто Големиот Вавилон не ги претставува трговските елементи? б) Што претставува Големиот Вавилон?
7 Истиот извештај ни кажува дека „патувачките трговци на земјата се збогатија од моќта на нејзиниот бесрамен раскош“. Затоа, Големиот Вавилон не може да ги претставува деловните, односно ‚трговските‘ елементи на светот. Сепак, инспирираниот текст вели: „Водите кои ги виде, каде што седи блудницата, значат народи и множества и нации и јазици“. Кој друг главен елемент на овој светски систем преостанува, а се вклопува во описот на симболичната блудница која блудничи со политичките владетели, тргува заради материјална добивка и седи во слава над луѓето и народите, племињата и јазиците? Тоа е лажната религија со сите свои различни костими! (Откровение 17:15; 18:2, 3).
8. Кои други факти потврдуваат дека се знае кој е Големиот Вавилон?
8 Осудата на ангелот над неа заради нејзините ‚спиритистички постапки преку кои биле заведени сите нации‘ потврдува дека се знае кој е Големиот Вавилон (Откровение 18:23). Сите облици на спиритизам се од религиозна природа и инспирирани се од демони (Второзаконие 18:10—12). Според тоа, Големиот Вавилон мора да симболизира еден религиозен ентитет. Библиските докази покажуваат дека тој е Сатановата целокупна светска империја на лажната религија. Тој ја унапредува лажната религија во умовите на луѓето за да им го одврати вниманието од вистинскиот Бог, Јехова (Јован 8:44—47; 2. Коринќаните 11:13—15; Откровение 21:8; 22:15).
9. Кои заеднички нишки ги имаат многу религии?
9 Како што видовме низ целата оваа книга, постојат заеднички нишки што се провлекуваат низ несредениот гоблен на светските религии. Многу религии влечат корени од митологијата. Скоро сите се поврзани меѓусебно преку некој начин на верување во наводно бесмртна човечка душа која ја преживува смртта и оди на оној свет или се сели во друго суштество. За голем број од нив заедничко е тоа што веруваат во застрашувачко место на измачување и тортура наречено пекол. Други се поврзани преку древни пагански верувања во тријади, во тројства и во мајки божици. Затоа, најмногу одговара да се групираат сите заедно под еден сложен симбол, блудницата „Големиот Вавилон“ (Откровение 17:5).
Време да се побегне од лажната религија
10. Каков крај ѝ е проречен на религиозната блудница?
10 Каква конечна судбина ѝ прорекува Библијата на оваа блудница што ја опфаќа целата планета? Книгата Откровение на симболичен јазик го опишува нејзиното уништување од рацете на политичките елементи. Овие се симболизирани со „десет рогови“ кои ги поддржуваат Обединетите нации, ‚див ѕвер со скерлетна боја‘ што е лик на Сатановиот извалкан со крв политички систем (Откровение 16:2; 17:3—16).b
11. а) Зошто лажната религија е осудена од Бог? б) Што ќе му се случи на Големиот Вавилон?
11 Уништувањето на Сатановото светско царство на лажната религија ќе биде резултат на Божјата неповолна пресуда над овие религии. Тие се виновни за духовен блуд затоа што биле соучесници со своите угнетувачки политички љубовници и ги поддржувале. Лажната религија ги валкала своите облеки со невина крв додека со елитната класа на секоја нација патриотски соработувала во нивните војни. Затоа, Јехова во срцата на политичките елементи им ја става мислата да ја извршат неговата волја против Големиот Вавилон и да го уништат (Откровение 17:16—18).
12. а) Што мораш да сториш сега за да бидеш поштеден кога Вавилон ќе биде уништен? б) По кои учења се разликува вистинската религија?
12 Кога светските религии ги чека една ваква иднина, што треба да сториш ти? Одговорот лежи во она што го чул Јован, а го кажува глас од небото: „Излезете од неа, народе мој, ако не сакате да учествувате со неа во нејзините гревови и ако не сакате да примите дел од нејзините неволји. Зашто нејзините гревови се натрупаа сѐ до небото, и Бог си спомна за нејзините дела на неправда“. Затоа, сега е време да ја послушаме опомената на ангелот, да излеземе од Сатановата империја на лажната религија и да се придружиме во Јеховиното вистинско обожавање. (Види рамка, страница 377; Откровение 17:17; 18:4, 5; спореди Еремија 2:34; 51:12, 13.)
Близу е Армагедон
13. Кои настани мораат наскоро да се случат?
13 Откровение вели дека „во еден ден ќе дојдат нејзините неволји, смрт и тага и глад, и ќе биде потполно изгорена со оган“. Според укажувањата на сите библиски пророштва, тој „еден ден“, или кратко време на брзо погубување, сега е близу. Всушност, уништувањето на Големиот Вавилон ќе го означи почетокот на ‚големата неволја‘ која ќе кулминира во „војната на големиот ден на Семоќниот Бог . . . Ар-Магедон“. Во таа војна, или битка Армагедон, ќе биде поразен Сатановиот политички систем, а Сатана ќе биде фрлен во бездна. Ќе осамне еден праведен нов свет! (Откровение 16:14—16; 18:7, 8; 21:1—4; Матеј 24:20—22).
14, 15. Исполнувањето на кое библиско пророштво очигледно е сѐ поблиску?
14 Пред наши очи веќе наближува исполнувањето на друго истакнато библиско пророштво. Апостол Павле прорекол и предупредил: „А што се однесува до времињата и раздобјата, браќа, не треба ништо да ви се пишува. Зашто и самите многу добро знаете дека Јеховиниот ден доаѓа токму како крадец во ноќта. Кога ќе зборуваат: ‚Мир и сигурност!‘ тогаш врз нив веднаш ќе дојде ненадејно уништување како породилни болки на бремена жена; и никако нема да побегнат“ (1. Солуњаните 5:1—3).
15 Ќе изгледа дека нациите кои порано биле воинствени и сомничави едни спрема други сега претпазливо ќе се приближуваат кон една ситуација во која ќе можат да објават светски мир и сигурност. Значи, и од друга гледна точка знаеме дека денот на Јеховиниот суд над лажната религија, нациите и нивниот владетел Сатана, е близу (Софонија 2:3; 3:8, 9; Откровение 20:1—3).
16. Зошто советот на Јован е толку соодветен денес?
16 Денес милиони луѓе го живеат животот како само материјалните работи да се трајни и да вредат нешто. Сепак, она што го нуди овој расипан свет е плитко и минливо. Токму затоа е на место советот на Јован: „Немојте да го љубите ниту светот ниту она што е во светот. Ако некој го љуби светот, љубовта кон Таткото не е во него; бидејќи сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и нападното истакнување на своите средства за живот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот. Освен тоа, светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“. Зар не би сакал да останеш засекогаш? (1. Јованово 2:15—17).
Ветениот нов свет
17. Што носи иднината за оние кои го бараат вистинскиот Бог?
17 Со оглед на тоа што Бог ќе му суди на светот преку Христос Исус, што ќе следи потоа? Многу одамна, во Хебрејските списи, Бог прорекол дека ќе ја спроведе својата првобитна намера со Земјата, имено, послушното човечко семејство да ужива совршен живот на рајска Земја. Сатановите обиди да ја спречи таа намера не го поништиле Божјето ветување. Поради тоа, цар Давид можел да напише: „Зашто злосторниците ќе бидат сотрени, а кои се надеваат на Бога, ќе ја наследат земјата. Уште малку и ќе го снема безбожникот . . . Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“ (Псалм 37:9—11, 29; Јован 5:21—30).
18-20. До какви промени ќе дојде на Земјата?
18 Во каква состојба ќе биде Земјата потоа? Потполно загадена? Изгорена? Оголена? Во никој случај! Јехова првобитно имал намера Земјата да биде чист, урамнотежен, рајски парк. Таквиот потенцијал постои и покрај тоа што човекот ја злоупотребува Земјата. Но, Јехова ветил дека ќе „бидат уништени оние кои ја уништуваат земјата“. На Земјата никогаш не ѝ се заканувало потполно уништување како што ѝ се заканува сега, во 20 век. Значи, тоа е додатна причина да се верува дека наскоро Јехова ќе стапи во акција за да го заштити својот имот, своето творештво (Откровение 11:18; Битие 1:27, 28).
19 Таа промена ќе се случи наскоро под Божјето уредување од „ново небо и нова земја“, што нема да значи ново дословно небо и нова планета, туку ново духовно владетелство над обновената Земја населена со едно општество од обновеното човештво. Во тој нов свет, ќе нема место за искористување на луѓето или на животните. Ќе нема насилство ниту крвопролевање. Ќе нема бездомништво, изгладнетост, угнетување (Откровение 21:1; 2. Петрово 3:13).
20 Божјата реч вели: „,Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото, Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце . . . Волкот и јагнето ќе пасат заедно, лавот ќе јаде слама како говедото; но змијата ќе се храни со прав. Никој не ќе прави зло ни штета на целата Моја Света Гора,‘ вели Господ“ (Исаија 65:17—25).
Темелот на новиот свет
21. Зошто новиот свет е сигурен?
21 ,Како ќе биде можно сето ова?‘ би можел да прашаш. Ќе биде затоа што ‚Бог, кој не може да лаже, ветил пред дамнешни времиња‘ дека човештвото ќе биде обновено и ќе ужива вечен живот во совршенство. А основата за оваа надеж е истата што ја изразил апостол Петар во своето прво писмо до помазаните сохристијани: „Благословен да е Богот и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, зашто според своето големо милосрдие ни даде ново раѓање за жива надеж преку воскресението на Исус Христос од мртвите, за наследство нераспадливо и неизвалкано и кое не вене“ (Тит 1:1, 2; 1. Петрово 1:3, 4).
22. Што е темел на надежта за новиот свет, и зошто?
22 Воскресението на Исус Христос е темелот на надежта за праведен нов свет бидејќи тој е наименуван од Бог да владее од небесата над очистената Земја. Павле, исто така, нагласил колку е важно Христовото воскресение кога напишал: „Меѓутоа, сега Христос станал од мртвите, првина од оние кои заспале во смртен сон. Зашто, поради тоа што смртта е преку човек, и воскресението на мртвите е преку човек. Зашто како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15:20—22).
23. а) Зошто е важно Христовото воскресение? б) Која заповед им ја дал воскреснатиот Исус на своите следбеници?
23 Христовата жртвена смрт како соодветна откупнина и неговото воскресение ја положиле основата за надеж дека ќе има „ново небо“, владата на Царството, и преобразен, обновен човечки род, општеството на ‚новата земја‘. Неговото воскресение исто така му дало замав на проповедањето и поучувањето што го вршеле неговите верни апостоли. Извештајот вели: „Меѓутоа, единаесетте ученици отидоа во Галилеја на гората што им ја определи [воскреснатиот] Исус, и кога го видоа, му оддадоа почит, но некои се сомневаа. А Исус им пријде и им рече, велејќи: ‚Дадена ми е сета власт на небото и на земјата. Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И гледај, јас сум со вас во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи‘“ (Матеј 19:28, 29; 28:16—20; 1. Тимотеј 2:6).
24. Кои идни благослови ги гарантира Исусовото воскресение?
24 Воскресението на Исус исто така гарантира уште еден благослов за човештвото — воскресение на мртвите. Тоа што Исус го подигнал Лазар од мртвите било знак за едно сеопфатно воскресение во иднината. (Види страници 249, 250.) Исус рекол: „Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат, оние кои правеле добро, за воскресение на живот, а оние кои практикувале подли работи, за воскресение на суд“ (Јован 5:28, 29; 11:39—44; Дела 17:30, 31).
25. а) Кој избор ќе го имаат сите во новиот свет? б) Кој облик на религија ќе преовладува во новиот свет?
25 Каква само радост ќе биде да ги дочекуваме нашите сакани! Веројатно секоја генерација ќе го прави тоа една по друга. Во новиот свет, секој ќе може сам да одлучи под совршени околности дали ќе го обожава вистинскиот Бог, Јехова, или ќе го изгуби животот како противник. Да, во новиот свет, ќе има само една религија, еден облик на обожавање. Сета фалба ќе му биде упатена на љубезниот Творец, а секој послушен човек ќе ги одгласува зборовите на псалмистот: „Ќе Те прославувам о Боже, мој Царе, ќе го благословувам Твоето име секогаш и довека . . . Господ е Велик и достоен за секоја пофалба, Неговата величина е недостижна!“ (Псалм 145:1—3; Откровение 20:7—10).
26. Зошто треба да ја испиташ Божјата реч, Библијата?
26 Сега, кога ги спореди главните религии во светот, ти предлагаме и понатаму да ја истражуваш Божјата реч, Библијата, на која се темелат верувањата на Јеховините сведоци. Докажи си себеси дека вистинскиот Бог може да се најде. Сеедно дали си хиндус, муслиман, будист, шинтоист, конфучијанист, таоист, Евреин, христијанин или си во некоја друга вера, сега е време да го испиташ својот однос со вистинскиот и жив Бог. Веројатно религијата ти била одредена со местото на раѓање, и над тоа си немал контрола. Се разбира, ништо нема да изгубиш ако го испиташ она што го вели Библијата за Бог. Ова може да ти биде животна прилика навистина да ја запознаеш намерата на Суверениот Господ Бог за Земјата и за човештвото на неа. Да, твојата искрена потрага по вистинскиот Бог може да биде успешна ако ја проучуваш Библијата со Јеховините гласници, неговите Сведоци, кои ти ја донеле оваа книга.
27. а) Кој поттик го упатил Исус и до тебе? б) Во склад со темата на оваа книга, што предлага Исаија секој да стори?
27 Исус не рекол залудно: „Постојано молете, и ќе ви се даде; постојано барајте, и ќе најдете; постојано чукајте и ќе ви се отвори“. Ти можеш да бидеш меѓу оние кои го нашле вистинскиот Бог ако се придржуваш кон пораката на пророкот Исаија: „Барајте Го Господа додека може да се најде, повикувајте Го додека е близу! Безбожникот нека го остави својот пат, а неправедникот своите замисли. Нека се врати при Господа, Кој ќе му се смилува, кон нашиот Бог, зашто Тој ќе го умножи опростувањето“ (Матеј 7:7; Исаија 55:6, 7).
28. Кој може да ти помогне да го најдеш вистинскиот Бог?
28 Ако трагаш по вистинскиот Бог, слободно контактирај со Јеховините сведоци.c Тие ќе се радуваат бесплатно да ти помогнат присно да го запознаеш Таткото и неговата волја додека уште има време (Софонија 2:3).
[Фусноти]
a За подетална обработка на темата за последните денови, види ја книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., 1995, поглавје 11.
b За подетално разгледување на овие пророштва во Откровение, види ја книгата Откривење — близу је величанствени врхунац!, издадена во 1988 од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., поглавја 33—37.
c За список на адреси, види страница 384.
[Рамка/слика на страница 377]
Како да се препознае вистинската религија
1. Во вистинската религија се обожава единствениот вистински Бог, Јехова (Второзаконие 6:4, 5; Псалм 146:5—10; Матеј 22:37, 38).
2. Вистинската религија овозможува пристап до Бог преку Христос Исус (Јован 17:3, 6—8; 1. Тимотеј 2:5, 6; 1. Јованово 4:15).
3. Вистинската религија поучува и практикува несебична љубов (Јован 13:34, 35; 1. Коринќаните 13:1—8; 1. Јованово 3:10—12).
4. Вистинската религија останува неизвалкана од световната политика и конфликти. Таа е неутрална во време на војна (Јован 18:36; Јаков 1:27).
5. Вистинската религија дозволува Бог да биде вистинит со тоа што ја прифаќа Библијата како Божја реч (Римјаните 3:3, 4; 2. Тимотеј 3:16, 17; 1. Солуњаните 2:13).
6. Вистинската религија не одобрува војни ниту лично насилство (Михеј 4:2—4; Римјаните 12:17—21; Колошаните 3:12—14).
7. Вистинската религија успешно ги обединува луѓето од секоја раса, јазик и племе. Не проповеда национализам ниту омраза, туку љубов (Исаија 2:2—4; Колошаните 3:10, 11; Откровение 7:9, 10).
8. Вистинската религија се залага на Бог да му се служи од љубов, а не заради нечесна добивка или за плата. Таа не велича луѓе. Го велича Бог (1. Петрово 5:1—4; 1. Коринќаните 9:18; Матеј 23:5—12).
9. Вистинската религија го објавува Божјето Царство како сигурна надеж за човекот, а не некоја политичка или социјална филозофија (Марко 13:10; Дела 8:12; 28:23, 30, 31).
10. Вистинската религија поучува за вистината во врска со Божјата намера за човекот и за Земјата. Таа не поучува за религиозните лаги за бесмртна душа и вечно мачење во пекол. Поучува дека Бог е љубов (Судии 16:30; Исаија 45:12, 18; Матеј 5:5; 1. Јованово 4:7—11; Откровение 20:13, 14).
[Слика]
Сведоци проповедаат во Холандија
[Слики на страница 373]
Земјата го има потенцијалот да биде рај — но за тоа е потребна една стабилна, праведна светска влада, и таа е ветена од Бог
[Слика на страница 374]
Пред да се врати на небото, Исус им дал налог на своите ученици да проповедат и да поучуваат за добрата вест по целата Земја
[Слика на страница 379]
Воскресението на мртвите ќе донесе радост за човечкото семејство по целиот свет