СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 20
Кој е северниот цар денес?
Ќе му дојде крајот, и ќе нема кој да му помогне (ДАН. 11:45)
ПЕСНА 95 Светлината свети сѐ посилно
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1-2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
ДЕНЕС имаме повеќе докази од кога и да било порано дека живееме на крајот од последните денови на овој свет. Наскоро Јехова и Исус Христос ќе ги уништат сите влади што му се противат на Царството. Но, сѐ додека не се случи тоа, северниот и јужниот цар ќе продолжат да се борат еден со друг и со Божјиот народ.
2 Во оваа статија ќе го разгледаме пророштвото запишано во Даниел 11:40 — 12:1. Ќе видиме кој е северен цар денес, и зошто можеме мирно и со целосна доверба во Јехова да се соочиме со она што ни претстои.
СЕ ПОЈАВУВА НОВ СЕВЕРЕН ЦАР
3-4. Кој е северен цар денес? Објасни.
3 Откако се распадна Советскиот Сојуз во 1991 год., Божјиот народ кој живееше на тоа огромно подрачје доби „мала помош“ (Дан. 11:34). Некое време браќата можеа слободно да проповедаат, и за кратко бројот на објавители во поранешниот комунистички блок порасна на стотици илјади. Но, постепено Русија и нејзините сојузници ја презедоа улогата на северен цар. Како што видовме во претходната статија, потребни се три работи за некоја влада да биде северен или јужен цар. Таа мора 1) да има директно влијание врз Божјите слуги, 2) да покажува со она што го прави дека му е непријател на Јехова и на неговиот народ, и 3) да води борба за превласт со соперничкиот цар.
4 Забележи зошто може да кажеме дека денес Русија и нејзините сојузници се во улога на северниот цар. 1) Тие го нападнаа Божјиот народ така што го забранија проповедничкото дело и почнаа да им го отежнуваат животот на стотици илјади браќа и сестри кои живеат на тие подрачја. 2) Со тие постапки покажуваат дека ги мразат Јехова и неговиот народ. 3) Русија и нејзините сојузници водат борба за превласт со јужниот цар, односно со англо-американската светска сила. Да ги разгледаме подетално доказите што покажуваат дека Русија и нејзините сојузници се северен цар.
СЕВЕРНИОТ И ЈУЖНИОТ ЦАР ПРОДОЛЖУВААТ ДА „СЕ ТУРКААТ“
5. На кој период се однесува Даниел 11:40-43, и што се случува тогаш?
5 Прочитај Даниел 11:40-43. Овој дел од пророштвото се однесува на времето на крајот. Овие стихови го опишуваат соперништвото што постои меѓу северниот и јужниот цар. Даниел прорекол дека во времето на крајот јужниот цар „ќе се препира“, односно „ќе се турка“ со северниот цар (Дан. 11:40; Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013).
6. Кои докази ги имаме дека двата цара „се туркаат“ еден со друг?
6 Северниот и јужниот цар и понатаму водат борба за превласт во светот. На пример, размисли што се случи по Втората светска војна, кога Советскиот сојуз и неговите сојузници го проширија своето влијание врз поголемиот дел од Европа. Со тоа северниот цар го принуди јужниот цар да формира меѓународен воен сојуз, познат како НАТО. Северниот цар и понатаму се натпреварува со јужниот цар во скапата трка за вооружување. Освен тоа, северниот цар се бореше со својот соперник така што поддржуваше војни и бунтови на територијата на некои земји во Африка, Азија и Јужна Америка. Во последниве години, Русија и нејзините сојузници ја проширија својата сфера на влијание низ целиот свет. Исто така, северниот цар води војна со својот соперник преку компјутерски напади. И двата цара се обвинуваат меѓу себе дека користат опасни компјутерски програми за да си нанесат штета во економски и политички поглед. И, како што прорекол Даниел, северниот цар и понатаму го напаѓа Божјиот народ (Дан. 11:41).
СЕВЕРНИОТ ЦАР ВЛЕГУВА ВО „ЗЕМЈАТА УБАВИНА“
7. Што е „земјата Убавина“?
7 Даниел 11:41 вели дека северниот цар ќе влезе во „земјата Убавина“. Што претставува таа? Во библиски времиња, тоа била израелската земја, која била сметана за „најубава од сите земји“ (Езек. 20:6). Таа била посебна затоа што народот кој живеел во неа го славел вистинскиот Бог, Јехова. Од 33 год. од н.е., „земјата“ повеќе не се однесува на дословна географска локација. Разумно е да го заклучиме ова бидејќи Јеховините слуги живеат низ целиот свет. Денес „земјата Убавина“ е земниот дел од Јеховината организација. Оние што ѝ припаѓаат на оваа организација учествуваат во разни активности со кои го слават Јехова, како што се христијанските состаноци и службата на проповедање.
8. Како северниот цар влегувал во „земјата Убавина“?
8 Во текот на последните денови, северниот цар влегол повеќе пати во „земјата Убавина“. На пример, кога нацистичка Германија била во улога на северен цар, особено во текот на Втората светска војна, тој цар влегол во „земјата Убавина“ со тоа што ги прогонувал и ги убивал Божјите слуги. По Втората светска војна, кога Советскиот Сојуз станал северен цар, и тој влегол во „земјата Убавина“ со тоа што го прогонувал Божјиот народ и го протерал во изгнанство.
9. Како Русија и нејзините сојузници влегле во „земјата Убавина“ во последниве години?
9 Во последниве години, Русија и нејзините сојузници исто така влегоа во „земјата Убавина“. На кој начин? Во 2017 год., Русија го забрани делото на Јеховиниот народ и фрли некои наши браќа и сестри в затвор. Освен тоа, ги забрани нашите публикации, вклучувајќи го и Преводот Нов свет. А ја заплени и нашата подружница во Русија, како и некои наши сали за состаноци и конгресни сали. По сите овие настани, во 2018 год., Водечкото тело соопшти дека Русија и нејзините сојузници се северниот цар. Сепак, дури и кога жестоко се прогонувани, Јеховините слуги не учествуваат во никакви обиди да се поткопа или смени некоја човечка влада. Наместо тоа, ние сме послушни на Библијата која нѐ советува да упатуваме молитви за „сите што се на власт“, особено ако некои од нив треба да донесат одлуки поврзани со слободата на вероисповест (1. Тим. 2:1, 2).
ДАЛИ СЕВЕРНИОТ ЦАР ЌЕ ГО УНИШТИ ЈУЖНИОТ ЦАР?
10. Дали северниот цар ќе го уништи јужниот цар? Објасни.
10 Пророштвото запишано во Даниел 11:40-45 главно зборува за она што ќе го прави северниот цар. Дали тој ќе го уништи јужниот цар? Не. Јужниот цар сѐ уште ќе биде „жив“, односно ќе постои кога Јехова и Исус ќе ги уништат сите човечки влади во војната Армагедон (Отк. 19:20). Зошто може да бидеме сигурни во ова? Да видиме што откриваат пророштвата запишани во книгите Даниел и Откровение.
11. Што покажува Даниел 2:43-45? (Види ја сликата на насловната страница.)
11 Прочитај Даниел 2:43-45. Пророкот Даниел опишал еден огромен кип чии делови од телото биле направени од различни метали. Секој дел претставувал одредена светска сила која имала директно влијание врз Божјиот народ. Сите тие владееле во различни временски периоди. Стапалата на овој кип биле направени од железо и глина. Тие ја претставуваат последната од тие човечки влади — англо-американската светска сила. Ова пророштво покажува дека Британија и Америка сѐ уште ќе бидат на власт кога Божјето Царство ќе ги уништи сите човечки влади.
12. Што претставува седмата глава на ѕверот, и зошто тоа е важно?
12 И апостол Јован дава опис на неколку светски сили кои имале влијание врз Божјиот народ. Во неговото пророштво, овие влади се претставени со седумте глави на еден ѕвер. Седмата глава ја претставува англо-американската светска сила. Ова е важно бидејќи тоа е последната глава на ѕверот, по неа не се појавува друга. Седмата глава на овој ѕвер сѐ уште ќе биде светска сила кога Христос, заедно со своите небесни војски, ќе ја уништи заедно со сите други влади во светотb (Отк. 13:1, 2; 17:13, 14).
ШТО ЌЕ НАПРАВИ СЕВЕРНИОТ ЦАР ВО БЛИСКА ИДНИНА?
13-14. Кој е „Гог од земјата Магог“, и што би можело да го наведе да го нападне Божјиот народ?
13 Едно пророштво кое го запишал Езекиел ни кажува што можеби ќе се случува пред да бидат уништени северниот и јужниот цар. Се чини дека пророштвата од Езекиел 38:10-23; Даниел 2:43-45; 11:44 — 12:1 и Откровение 16:13-16, 21 зборуваат за ист временски период и за исти настани. Ако е така, тогаш би можеле да очекуваме да се случат следниве работи.
14 Некое време откако ќе започне големата неволја, „царевите од целиот свет“ ќе се здружат, односно ќе формираат коалиција која ќе ја сочинуваат сите народи (Отк. 16:13, 14; 19:19). Библијата ја нарекува оваа коалиција „Гог од земјата Магог“ (Езек. 38:2). Таа со сите сили ќе го нападне целиот Божји народ. Што ќе го предизвика тој конечен напад? Во едно видение за овој период, апостол Јован видел како врз Божјите непријатели врне необично голем град. Овој симболичен град можеби ќе биде тешка порака на осуда која ќе ја објавува Јеховиниот народ. Можно е оваа порака да го наведе Гог од Магог да ги нападне Божјите слуги со цел да ги збрише од Земјата (Отк. 16:21).
15-16. а) На кој настан можеби укажува Даниел 11:44, 45? б) Што ќе се случи со северниот цар и со сите други народи кои ја сочинуваат коалицијата наречена Гог од Магог?
15 Оваа тешка порака на осуда и конечниот напад од страна на Божјите непријатели можеби се истите настани за кои се зборува во Даниел 11:44, 45. (Прочитај.) Таму Даниел вели дека „вести од исток и од север“ ќе го вознемират северниот цар кој ќе излезе „многу гневен“ со цел „да погуби мнозина“. По сѐ изгледа, изразот „мнозина“ се однесува на Јеховиниот народ.c Можно е и Даниел овде да го опишува последниот напад врз сите Божји слуги.
16 Нападот на северниот цар и на сите други светски влади врз Божјиот народ ќе го предизвика гневот на Семоќниот Бог и ќе води до војната Армагедон (Отк. 16:14, 16). Во тоа време „ќе му дојде крајот“ на северниот цар, како и на сите други народи што ја сочинуваат коалицијата наречена Гог од Магог. „Ќе нема кој да му помогне“ (Дан. 11:45).
17. Кој е Михаел, „големиот кнез“, кој се спомнува во Даниел 12:1, што прави тој од 1914 год., и што ќе направи во блиска иднина?
17 Веќе во следниот стих од извештајот на Даниел има повеќе детали за тоа како ќе им биде ставен крај на северниот цар и на неговите сојузници, и како ние ќе бидеме спасени. (Прочитај Даниел 12:1.) Што значи овој стих? Михаел е друго име за нашиот Цар, Исус Христос. Тој „стои и им помага“ на Божјите слуги од 1914 год., кога неговото Царство било воспоставено на небото. Во блиска иднина, тој „ќе стане“ во таа смисла што ќе се крене за да ги уништи своите непријатели во војната Армагедон. Таа битка ќе биде завршница на она што Даниел го нарекува најстрашно „време на неволја“ во човечката историја. Во своето пророштво во книгата Откровение, Јован го нарекува истиот тој период „големата неволја“ (Отк. 6:2; 7:14).
ДАЛИ ТВОЕТО ИМЕ ЌЕ БИДЕ ЗАПИШАНО „ВО КНИГАТА“?
18. Зошто можеме смирено и со доверба да ја очекуваме иднината?
18 И Даниел и Јован јасно кажале дека оние што им служат на Јехова и на Исус ќе ја преживеат големата неволја. Затоа можеме смирено и со доверба да го очекуваме сето она што ќе се случи во иднина. Даниел вели дека ќе преживеат оние чии имиња се запишани „во книгата“ (Дан. 12:1). Како може и нашето име да се најде таму? Мора јасно да покажуваме дека имаме вера во Исус, Божјето Јагне (Јован 1:29). Треба да му го заветуваме својот живот на Бог и да се крстиме (1. Пет. 3:21). И мора да му ја даваме својата поддршка на Божјето Царство така што ќе ги поучуваме другите за Јехова.
19. Што треба да правиме сега, и зошто?
19 Сега е време да си ја зајакнеме довербата во Јехова и во неговата организација која верно му служи. Сега е време да го поддржуваме Божјето Царство. Ако го правиме тоа, ќе бидеме спасени кога Царството ќе ги уништи северниот и јужниот цар.
ПЕСНА 149 Победничка песна
a Кој е северниот цар денес? И како ќе му дојде крајот? Одговорот на овие прашања може да ни ја зајакне верата и да ни помогне да се подготвиме за тешкотиите со кои ќе се соочиме наскоро, во големата неволја.
b Подетално објаснување на Даниел 2:36-45 и Откровение 13:1, 2, има во Стражарска кула од 15 јуни 2012, стр. 7-19.
c Нешто повеќе за ова има во Стражарска кула од 15 мај 2015, стр. 29-30.