СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 21
Книгата Откровение — што ни открива за иднината
Амин! Дојди, Господару Исусе! (ОТК. 22:20)
ПЕСНА 142 Цврсто да се држиме за нашата надеж
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Каква важна одлука треба да донесат сите луѓе?
ЛУЃЕТО денес треба да донесат важна одлука. Дали ќе го поддржат Јехова Бог како Севишен Владетел или ќе застанат на страната на неговиот суров непријател Сатана Ѓаволот? Сите мора да одберат на чија страна ќе застанат. Од таа одлука ќе зависи дали ќе живеат вечно или не (Мат. 25:31-33, 46). За време на „големата неволја“, верните слуги на Јехова ќе бидат обележани за преживување (Отк. 7:14; Езек. 9:4, 6). А оние што ќе го имаат жигот на ѕверот ќе бидат уништени (Отк. 14:9-11).
2. а) На што нѐ поттикнува Евреите 10:35-39? б) Како може да ни помогне книгата Откровение?
2 Прочитај Евреите 10:35-39. Ако си избрал да го поддржуваш Јехова како Владетел, си донел мудра одлука. Сигурно сакаш и на другите да им помогнеш да донесат исправна одлука. За таа цел, можеш да ги користиш информациите од книгата Откровение. Оваа извонредна библиска книга ни открива што ќе им се случи на оние што му се противат на Јехова, но исто така ни кажува какви благослови ќе доживеат оние што верно го поддржуваат неговото владеење. Добро е да ги проучуваме овие важни вистини бидејќи тие ќе ни ја зајакнат решеноста да продолжиме да му служиме на Јехова. Исто така, можеме да го користиме она што сме го научиле за да им помагаме на другите да одлучат да му служат на Јехова и да продолжат да го прават тоа.
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Во оваа статија ќе ги разгледаме следниве прашања: Што ги очекува оние што го поддржуваат Бог како Владетел? Од друга страна, што ќе се случи со оние што ќе изберат да го поддржат црвениот ѕвер кој е опишан во книгата Откровение?
ШТО ГИ ОЧЕКУВА ОНИЕ ШТО МУ СЕ ВЕРНИ НА ЈЕХОВА
4. Која група ја видел апостол Јован на небото заедно со Исус?
4 Во видение, апостол Јован видел две групи кои го поддржуваат Јехова како Владетел и добиваат вечен живот. Првата група брои 144.000 (Отк. 7:4). Тие се избрани од Земјата за да формираат влада, односно Царство, заедно со Исус на небото. Со него, тие ќе владеат над Земјата (Отк. 5:9, 10; 14:3, 4). Во видението, Јован ги гледа како стојат на гората Сион на небото заедно со Исус (Отк. 14:1).
5. Што ќе се случи наскоро со помазаниците кои се сѐ уште живи на Земјата?
5 Уште од времето на апостолите па сѐ до денес, илјадници луѓе биле избрани да бидат дел од 144-те илјади (Лука 12:32; Рим. 8:17). Сепак, Јован дознал дека само еден остаток од нив, односно мал број, ќе бидат живи на Земјата во текот на последните денови. Овие преостанати помазаници ќе го добијат конечното запечатување од Јехова пред да започне големата неволја (Отк. 7:2, 3; 12:17). Потоа, во некој момент пред да започне Армагедон, помазаниците кои сѐ уште ќе бидат живи на Земјата ќе бидат земени на небото и ќе им се придружат на другите Христови браќа кои останале верни до смрт. Таму ќе владеат заедно со Исус во Божјето Царство (Мат. 24:31; Отк. 5:9, 10).
6-7. а) Која друга група ја видел Јован, и што дознаваме за оние што ја сочинуваат? б) Зошто она што е запишано во Откровение поглавје 7 е значајно и за остатокот од помазаници и за „големото мноштво“?
6 Откако ја видел групата на небото која брои 144.000, Јован видел „големо мноштво луѓе“ кои никој не можел да ги изброи (Отк. 7:9, 10). Што дознаваме за нив? Јован запишал: „Тоа се оние што доаѓаат од големата неволја. Ги испраа своите долги облеки и ги обелија во крвта на Јагнето“ (Отк. 7:14). Откако ќе ја преживеат големата неволја, ова „големо мноштво луѓе“ ќе живеат тука на Земјата и ќе добијат прекрасни благослови (Пс. 37:9-11, 27-29; Изр. 2:21, 22; Отк. 7:16, 17).
7 Без разлика дали сме избрани да одиме на небото или, пак, ќе останеме тука на Земјата, дали веруваме дека ќе го видиме исполнувањето на она што е запишано во Откровение поглавје 7? Треба да веруваме. Колку возбудливо време ќе биде тоа за двете групи на Божји слуги! Ќе бидеме пресреќни што сме одлучиле да го поддржиме Јехова како Владетел. Што друго дознаваме од книгата Откровение во врска со големата неволја? (Мат. 24:21).
ШТО ГИ ОЧЕКУВА ОНИЕ ШТО МУ СЕ ПРОТИВАТ НА БОГ
8. Што ќе го означи почетокот на големата неволја, и како ќе реагираат повеќето луѓе?
8 Во претходната статија видовме дека политичкиот систем на овој свет наскоро ќе го нападне Големиот Вавилон, односно лажната религија (Отк. 17:16, 17). Тоа ќе го означи почетокот на големата неволја. Дали ова ќе поттикне многумина да почнат да му служат на Јехова? Не. Напротив, од Откровение поглавје 6 дознаваме дека во тоа време луѓето кои не му служат на Јехова ќе бараат заштита од политичките и трговските организации од овој свет кои се споредени со планини. Бидејќи тие луѓе нема да го поддржуваат Божјето Царство, Јехова ќе ги смета за противници (Лука 11:23; Отк. 6:15-17).
9. По што ќе се разликуваат Јеховините слуги од останатите луѓе за време на големата неволја, и што ќе се случи со нив?
9 Во тоа особено тешко време, верните слуги на Јехова ќе се разликуваат од останатите луѓе. Тие и понатаму ќе бидат единствената група на Земјата која ќе му служи на Јехова Бог и нема да го поддржува „ѕверот“ (Отк. 13:14-17). Нивниот цврст став ќе ги разгневи оние што му се противат на Јехова. Како резултат на тоа, коалицијата составена од сите народи ќе ги нападне Божјите слуги низ целиот свет. Во Библијата овој напад пророчки е опишан како нападот на Гог од Магог (Езек. 38:14-16).
10. Во склад со Откровение 19:19-21, како ќе реагира Јехова на нападот врз неговиот народ?
10 Како ќе реагира Јехова на овој злобен напад? Самиот тој кажува: „Гневот ќе ми пламне од носниците“ (Езек. 38:18, 21-23). Во Откровение поглавје 19 пишува што ќе се случи потоа. Јехова ќе го испрати својот Син за да го заштити својот народ и да ги порази нивните непријатели. „Небесните војски“, кои се состојат од верните ангели и 144-те илјади, ќе се борат заедно со Исус во битката против Гог од Магог (Отк. 17:14; 19:11-15). Кој ќе биде исходот од оваа војна? Сите луѓе и организации кои му се противат на Јехова ќе бидат потполно уништени. (Прочитај Откровение 19:19-21.)
ПОСЛЕ ВОЈНАТА СЛЕДУВА СВАДБА
11. Кој значаен настан е опишан во Откровение поглавје 19?
11 Замисли си како ќе се чувствуваат верните Божји слуги на Земјата откако ќе бидат уништени Божјите непријатели. Колку радосно време ќе биде тоа! Иако на небото ќе има голема радост кога ќе биде уништен Големиот Вавилон, еден друг настан ќе биде причина за уште поголема радост (Отк. 19:1-3). Тоа е еден многу значаен настан запишан во книгата Откровение — „свадбата на Јагнето“ (Отк. 19:6-9).
12. Во склад со Откровение 21:1, 2, кога ќе започне свадбата на Јагнето?
12 Кога ќе биде свадбата на Јагнето? Кратко пред да започне војната Армагедон, сите 144.000 веќе ќе бидат на небото. Но, свадбата на Јагнето нема да започне тогаш. (Прочитај Откровение 21:1, 2.) Таа ќе започне откако војната Армагедон ќе заврши и сите Божји непријатели ќе бидат уништени (Пс. 45:3, 4, 13-17).
13. Што ќе се случи на свадбата на Јагнето?
13 Што ќе се случи на свадбата на Јагнето? Исто како што со еден брак се обединуваат еден маж и една жена, така и со овој симболичен брак, Царот, Исус Христос ќе се обедини со својата „невеста“, односно 144-те илјади. Кога ќе се случи овој значаен настан, 144-те илјади заедно со Исус ќе започнат да владеат со Земјата во период од илјада години (Отк. 20:6).
ЕДЕН ВЕЛИЧЕСТВЕН ГРАД И ТВОЈАТА ИДНИНА
14-15. Со што се споредени 144-те илјади во Откровение поглавје 21? (Види ја сликата на насловната страница.)
14 Во Откровение поглавје 21, 144-те илјади се споредени со еден прекрасен град наречен „Новиот Ерусалим“ (Отк. 21:2, 9). Овој град има дванаесет камен темелници врз кои се напишани „дванаесетте имиња на дванаесетте апостоли на Јагнето“. Зошто ова било од посебно значење за Јован? Бидејќи го видел своето име запишано на еден од тие камења. Колку голема чест! (Отк. 21:10-14; Еф. 2:20).
15 Овој симболичен град е поинаков од сите други градови. Неговата главна улица е од чисто злато, неговите дванаесет порти се бисери, а неговите ѕидови и темели се украсени со скапоцени камења. Освен тоа, должината, широчината и височината му се еднакви (Отк. 21:15-21). Но, Јован забележал дека нешто недостасува. Тој го кажал следново: „Во градот не видов храм, бидејќи неговиот храм е Јехова Бог, Семоќниот, а и Јагнето. На градот не му требаше ни сонце ни месечина за да му светат, зашто Божјата слава го осветлуваше, а светилка му беше Јагнето“ (Отк. 21:22, 23). Оние што го сочинуваат Новиот Ерусалим ќе бидат заедно со Јехова, и затоа повеќе нема да им биде потребен храм (Отк. 22:3, 4). Исто така, Исус, кој веќе станал првосвештеник на небото, ќе ги предводи во нивната служба за Бог (Евр. 7:27). Од тие причини, Јехова и Исус се претставени како храмот во тој град.
16. Што ќе доживее човештвото во текот на илјадагодишното владеење на Божјето Царство?
16 Кога размислуваат за овој град, помазаниците се исполнети со восхит. Но, тој има значење и за оние што имаат надеж да живеат на Земјата. Во текот на илјадагодишното владеење на Божјето Царство, Новиот Ерусалим ќе донесе безброј благослови за луѓето што ќе живеат на Земјата. Во видението на Јован, овие благослови се претставени како „река со вода на животот“. А од двете страни на реката има „дрвја на животот“ со лисја кои се „за лекување на народите“ (Отк. 22:1, 2). Сите луѓе кои ќе живеат тогаш ќе имаат можност да извлечат корист од овие благослови. Постепено, сите луѓе кои му се послушни на Јехова ќе станат совршени. Повеќе нема да има болести, никакви болки, ниту солзи (Отк. 21:3-5).
17. Според Откровение 20:11-13, кој ќе извлече корист од благословите кои ќе ги донесе илјадагодишното владеење?
17 Кој ќе извлече корист од овие прекрасни благослови? Пред сѐ, големото мноштво луѓе кои ќе го преживеат Армагедон, како и децата кои ќе се родат во новиот свет. Но, во Откровение поглавје 20 исто така е дадено ветување дека ќе има воскресение. (Прочитај Откровение 20:11-13.) На Земјата ќе воскреснат „праведните“ — оние кои верно му служеле на Бог додека биле живи, како и „неправедните“ — оние кои немале соодветна можност да го запознаат Јехова (Дела 24:15; Јован 5:28, 29). Дали ова значи дека сите оние што починале ќе воскреснат за живот на Земјата во текот на илјадагодишното владеење? Не. Оние што свесно ја отфрлиле можноста да му служат на Јехова додека биле живи нема да воскреснат. Тие имале можност да го запознаат Јехова, но со својот начин на живот покажале дека не се достојни да живеат во рајот на Земјата (Мат. 25:46; 2. Сол. 1:9; Отк. 17:8; 20:15).
ПОСЛЕДНИОТ ИСПИТ
18. Што ќе се случи со луѓето на Земјата кога ќе завршат илјадата години?
18 Кога ќе завршат тие илјада години, сите луѓе што ќе живеат на Земјата ќе бидат совршени. Гревот што сме го наследиле од Адам повеќе нема да има влијание врз ниту еден човек (Рим. 5:12). Последиците од гревот на Адам ќе бидат потполно отстранети. На тој начин, кога ќе завршат тие илјада години, луѓето на Земјата ќе оживеат во таа смисла што ќе станат совршени (Отк. 20:5).
19. Која е целта на последниот испит?
19 Знаеме дека Исус, кој бил совршен човек, му останал верен на Бог дури и кога Сатана го искушувал. Но, дали сите совршени луѓе ќе му останат верни на Јехова кога на Сатана ќе му биде дадена можност да ги искуша? Секој ќе може да даде одговор на тоа прашање кога Сатана ќе биде пуштен од бездната на крајот од илјадата години (Отк. 20:7). Оние кои ќе останат верни во текот на овој последен испит ќе добијат вечен живот и конечно ќе имаат вистинска слобода (Рим. 8:21). А оние кои ќе се побунат ќе бидат уништени засекогаш заедно со него и со неговите демони (Отк. 20:8-10).
20. Какви чувства будат кај тебе возбудливите пророштва од книгата Откровение?
20 Какви чувства буди кај тебе она што го разгледавме од книгата Откровение? Зарем не е возбудливо тоа што можеш да бидеш вклучен во исполнувањето на овие извонредни пророштва? Ова сигурно те поттикнува да им помогнеш и на други да почнат да му служат на единствениот вистински Бог (Отк. 22:17). Откако ги разгледавме овие прекрасни работи кои ќе се случат во иднина, сигурно и ние како апостол Јован сакаме да кажеме: „Амин! Дојди, Господару Исусе!“ (Отк. 22:20).
ПЕСНА 27 Објавувањето на Божјите синови
[Фуснота]
a Ова е последната од трите статии за книгата Откровение. Во неа ќе видиме дека оние што ќе му останат верни на Јехова ги очекува прекрасна иднина, а оние што му се противат на Божјето владеење ги чека срамен крај.