Поглавје 21
Во синагогата во Исусовиот град
БЕЗ сомнение постои голема возбуденост во Назарет кога Исус се враќа дома. Пред нешто повеќе од една година, пред да си замине да биде крстен од Јован, Исус беше познат како дрводелец. Но сега насекаде е познат како човек кој прави чуда. Жителите на градот желно би сакале да видат да направи некое од тие прекрасни дела меѓу нив.
Нивните очекувања растат кога Исус, според неговиот обичај, оди во месната синагога. Во текот на службата, станува да чита и му го подаваат свитокот од пророкот Исаија. Тој отвора на местото каде што се зборува за Оној кој е помазан од Јеховиниот дух, во 61. поглавје во нашите денешни Библии.
Откако прочитал како Овој ќе проповеда за ослободување на заробените, враќање на видот на слепите и за Јеховината година на прифаќање, Исус му го враќа свитокот на помошникот и седнува. Сите очи се внимателно вперени во него. Потоа проговорува, веројатно после извесно време, и објаснува: „Денес се исполни овој стих од Писмото кој штотуку го чувте“.
Луѓето се восхитуваат на неговите ‚привлечни зборови‘ и еден на друг си велат: „Зарем овој не е син на Јосиф?“ Но, знаејќи дека сакаат да им прави чуда, Исус продолжува: „Без сомнение ќе ја примените на мене оваа илустрација: ‚Лекару, излекувај се самиот себе; она што чувме дека се случило во Капернаум, направи го и овде во својот крај‘“. Очигледно поранешните Исусови соседи сметаат дека лекувањето треба да започне од дома, прво во корист на својот народ. Затоа мислат дека Исус ги потценил.
Исус ги сфаќа нивните помисли и раскажува за нешто слично од историјата. Имало многу вдовици во Израел во времето на Илија, забележува тој, но Илија не бил испратен кај ниедна од нив. Наместо тоа, отишол кај една не-Израелска вдовица во Сидон, каде што направил животоспасувачко чудо. И во времето на Елисеј, имало многу лепрозни, но Елисеј го излекувал само Нееман од Сирија.
Разлутени поради овие неповолни историски споредби кои ја откриваат нивната себичност и недостиг на вера, присутните во синагогата стануваат и го истеруваат Исус надвор од градот. Таму, на работ од гората на кој е изграден Назарет, се обидуваат да го турнат одозгора. Но Исус им се тргнува од дофат и бега на безбедно. Лука 4:16—30; 1. Цареви 17:8-16; 2. Цареви 5:8—14.
▪ Зошто во Назарет владее возбуденост?
▪ Што мислат луѓето за Исусовиот говор, но што толку ги разлутува?
▪ Што се обидуваат да му направат луѓето на Исус?