Вистината ме врати во живот
Повеќето од моите поранешни пријатели умреа од СИДА. Пред нивната смрт, често ги гледав по улиците. И јас ќе бев мртва да не беше вистината. Дозволете ми да Ви објаснам.
РОДЕНА сум на 11 декември 1954 година, како второ и последно дете на Џон и Дороти Хори. Ми го дале името Долорес, но кога сум се родила, мајка ми ме викала Доли затоа што мислела дека личам на кукла. Прекарот ми остана, но никој не наслутуваше дека ќе станам најлош кошмар за мајка ми.
Живеевме во железнички стан — така беше наречен поради неговата долга и тесна конструкција. Се наоѓаше на 61-та улица во Њујорк Сити. Станот не беше многу пријатен; просторот го делевме со стаорци. Меѓутоа, откако една ноќ ме касна еден стаорец, веднаш се преселивме оттаму.
Во 1957 се преселивме на источната страна од долен Менхетен. Во споредба со она од каде што се иселивме, ова беше супер — убави спални соби, огромен парк под мојот прозорец и поглед на реката Ист. Можев да ги гледам бротчињата како пловат и децата кога играат фудбал и бејзбол во паркот. Да, тоа беше рај за мене. Но, после тоа мојот сигурен свет почна да се руши.
Алкохолизам и дрога
Мама и тато многу се караа. Во почетокот не сфаќав зошто, но потоа почнав да забележувам дека татко ми цело време беше пијан. Не можеше да задржи ниедно работно место, па затоа работеше само мајка ми. Кога моите пријатели открија дека татко ми е алкохоличар, животот ми стана мизерен од исмејувањето кое го доживеав.
Работите продолжија да се влошуваат. Конечно, татко ми стана насилен и мајка ми го истера. Така станавме семејство со еден родител. Имав околу осум или девет години и се чувствував очајно поради нашата семејна ситуација. Мајка ми мораше постојано да работи за да врзе крај со крај, оставајќи нѐ мене и сестра ми кај соседите после училиштето.
Во шесто одделение станав многу бунтовна. Бегав од часови и одев во паркот Томпкинс сквер кој се наоѓаше во близината, обидувајќи се да си го уништам мојот беден живот со пиење. Наскоро почнав да се дружам со друштво од многу постари пријатели. Имав само 11 години, но за мои години бев голема и затоа можев да оставам впечаток за 16 или 17 години. Ова ново друштво пиеше, пушеше марихуана, употребуваше LSD и вшприцуваше хероин. Секако, јас сакав да се вклопам и затоа почнав да експериментирам со тие супстанции. До 14-годишна возраст, мојот живот стана зависен од нив.
Мајка ми дознава
„Јас ти дадов живот и јас ќе ти го одземам.“ Тоа беше изрека на мајките во нашето соседство кои беа длабоко повредени и разочарани од нивните деца. Кога мајка ми, која обично е многу ладнокрвна личност и знае да се контролира, откри дека нејзината 14-годишна ќерка зема хероин, рече дека ќе направи токму така — ќе ми го одземе животот.
Истрчав во купатило и се обидов да ја заклучам вратата, потпирајќи ги нозете на кадата, но бев пребавна. Сега навистина бев во неволја! Не треба ни да кажам дека тогаш го добив најголемиот ќотек во животот. Единственото нешто што ме спаси од гневот на мајка ми беше тоа што сестра ми и лицето кое ме поткажа влегоа во купатилото и ја држеа мајка ми за да можам да избегам од станот. Кога конечно се вратив дома — бев побегната неколку дена — се согласив да добијам некаква помош за мојот проблем со дрогата.
Добивање професионална помош
После неколку месеци, на ТВ видов една реклама во врска со една установа за рехабилитација на наркомани. Тоа е место каде што луѓето кои вистински бараат помош за да го совладаат својот проблем со дрогата, таму можат да ја добијат. Со мајка ми разговарав за она што го видов и таа ме испрати во една од нивните локации во Њујорк Сити. Установата нуди една семејна атмосфера во која луѓето добиваат мотивација да го променат целиот свој начин на живот. Таму живеев скоро две и пол години.
Иако извлеков корист од помошта која беше дадена, бев длабоко разочарана кога дознав дека некои членови од персоналот во кои имав доверба и кои ги почитував — и кои наводно се откажале од дрогата — повторно ја земаа. Се чувствував изневерено и глупаво. Нѐ учеа дека старата изрека: „Еднаш наркоман, засекогаш наркоман“, е лага. Но сега гледав на нив како жив доказ дека не е така.
Сепак, на 17-годишна возраст се вратив дома, ослободена од дрогата и одлучна да сторам сѐ што можам за никогаш повторно да не користам хероин. Во меѓувреме, мајка ми и сестра ми почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци.
Сѐ уште црна овца во семејството
Иако престанав да користам дрога, сѐ уште се чувствував како црна овца во семејството. Тоа беше така затоа што не бев спремна да живеам според новите правила на домаќинството, кои вклучуваа да не се пуши, да не се оди во диско и така натаму. Не помина долго време и мајка ми ме натера да се иселам од станот затоа што не сакав да ги променам пријателите и мојот световен став. Навистина ја мразев поради тоа, но во суштина тоа беше најдоброто нешто што можеше да го направи за мене. Не попушти во поглед на праведните начела и никогаш не се поколеба.
Затоа си заминав со цел да си создадам нов и подобар живот. Се вратив во училиште да учам занает кој ќе ми помогне да се финансирам на колеџ. Имав добар успех и повторно бев примена во општеството. Добив добра работа и свој стан. Потоа се разви романтична врска кога се сретнав со еден дечко од порано. Ја обновивме нашата врска и имавме намера исправно да постапуваме и да се земеме.
Меѓутоа, на крајот мојот дечко почна да зема дрога и работите почнаа да одат наудолу за двајцата. Не можејќи да ја поднесам емоционалната болка, го направив она што најдобро го знаев — ги лекував чувствата со дрога. Почнав да уживам кокаин, кој го даваше она што беше наречено опиеност на богатите луѓе. Кокаинот во тоа време беше прифатен затоа што многумина сметаа дека не создава зависност. Но за мене се покажа полош и од хероинот.
Во средината на 1970-тите години, почнав да земам кокаин околу три години. На крајот, почнав да го увидувам затворениот круг во кој се наоѓав, па се прашував: ‚Дали животот се состои само во тоа?‘ Си мислев, ако е така, тогаш сум уморна од сето тоа. Се вратив кај мајка ми и ѝ реков дека ми е доста од сѐ и дека се враќам во центарот за рехабилитација. После година и пол поминати таму, повторно бев ослободена од дрогата.
Речиси ја пронајдов вистината
Повторно добив добра работа и си најдов убав стан и момче. Се веривме. Во меѓувреме, мајка ми редовно контактираше со мене. Ми кажуваше за Библијата и ми ги испраќаше списанијата Стражарска кула и Разбудете се! но никогаш не ги погледнував. На мајка ми ѝ ги кажав моите планови да се омажам и да подигнам семејство. Затоа таа ми испрати книга која засекогаш ми го промени животот — Направи го среќен семејниот живот.
Додека ја читав таа книга, знаев што сакам, но и фактот дека тоа сум го барала на погрешен начин. Конечно, некој сфаќаше како се чувствувам и што навистина се наоѓа во моето срце. Не бев чудна личност поради чувствата кои ги имав — бев нормална! Меѓутоа, момчето со кое бев ме исмејуваше кога се обидов да му ја покажам книгата Семеен живот и Библијата. Тој не сакаше да ги направи неопходните промени за да ужива среќен семеен живот. Затоа морав да донесам тешка одлука — да останам со него или да го напуштам. Одлучив дека е време да одам понатаму.
Моето момче се разлути. Еден ден кога се вратив дома, ги најдов сите мои алишта исечени со брич. Останав скоро без сѐ што поседував — чевли, капути, намештај — или беше искинато или продадено. Сѐ што ми остана беа алиштата на мене. Сакав да легнам и да умрам. Понекогаш во животот ти се смачува од борбата. Затоа, повторно се враќаш на она што секогаш си го правел за да се избориш — ги лекуваш чувствата со дрога. Си мислев — или тоа или самоубиство.
Иако пак се вратив на дрогата, мајка ми никогаш не се откажа од мене. Ме посетуваше и ми носеше примероци од Стражарска кула и Разбудете се! Една вечер, за време на еден разговор, ѝ кажав како се чувствувам — дека ми е смачено да се трудам и дека не знам кој пат да го фатам. Таа едноставно рече: „Си пробала сѐ друго, зошто сега не му дадеш прилика на Јехова?“
Спасена преку вистината
Во 1982 се согласив да го правам она што таа со години ме тераше да го правам. Почнав сериозно да ја проучувам Библијата. Наскоро се одушевував на работите кои ги учев. Почнав да сфаќам дека мојот живот е многу скапоцен пред Јехова и дека постои вистинска смисла во животот. Но сфатив дека, ако сакам да му служам на Јехова, морам да направам многу промени и дека ми е потребна емоционална и духовна поддршка. Затоа ја прашав мајка ми дали можам да се вратам дома.
Мајка ми беше претпазлива, затоа што толку често ја разочарував. Таа разговараше со еден христијански старешина во врска со мојата молба да се вратам кај неа. Кога ја забележал мајка ми дека чувствува оти постои добра веројатност овој пат вистински да се променам, тој ја поттикнал: „Зошто не ѝ дадеш уште една шанса?“
За среќа, овој пат не ја разочарав мајка ми. Продолжив да ја проучувам Библијата и почнав редовно да ги посетувам христијанските состаноци. Со Јеховина помош, сосема го променив животот. Советот даден од Библијата, Божјата Реч на вистината, ми овозможи да преживеам тешки времиња (Јован 17:17). Дури се откажав и од цигарите, зависност која за мене беше потешка да ја совладам отколку зависноста од хероин и кокаин. За првпат се чувствував вистински радосна што сум жива.
После неколку месеци, на 24 декември 1983, го симболизирав моето предание на Јехова со крштавање во вода. Следниот април, почнав да служам како помошен пионер, еден облик на зголемена служба. Во почетокот, моите поранешни познаници ме исмејуваа кога ќе ме видеа во службата. Беше токму онака како што апостол Петар предупредил: „Затоа тие и се чудат што не се дружите со нив во тој ист неуреден живот, и хулат на вас“ (1. Петрово 4:4).
Во септември 1984 станав општ пионер и наскоро водев десет седмични библиски студии. Некои од тие студии беа со луѓе кои ме исмејуваа кога првпат почнав во службата. Тоа беше многу возбудливо време во мојот живот затоа што можев да им помогнам на извесен број млади луѓе да ја прифатат библиската вистина. Отсекогаш сум сакала да имам деца, па затоа да се стане мајка, така да се каже, на духовни деца, за мене претставува извор на постојана радост. (Спореди 1. Коринтјаните 4:15.)
Како што одминуваа годините, по улиците во близината на нашиот дом гледав поранешни пријатели со кои некогаш сум земала дрога. Како резултат на тоа што делеле игли со заразени лица, тие добиле СИДА и изгледаа ужасно. Многумина оттогаш умреа. Знам дека и јас можеби ќе бев мртва да не беше библиската вистина. Всушност, таа ме врати во живот.
Избегнете ја болката
Честопати посакувам да ја знаев вистината како дете и да избегнев живот полн со болка и беда. Јехова сега ми помага да се справувам со болките кои се последица од погрешно помината младост, но ќе морам да чекам до новиот систем за потполно заздравување на емоционалните лузни (Откровение 21:3, 4). Денес многу се трудам да им кажам на младите дека се благословени што го познаваат Јехова и што ја имаат помошта од неговата организација за да го применуваат она што тој го поучува.
Светот можеби изгледа сјаен и привлечен. И сака да верувате дека можете безболно да ги имате неговите облици на забава. Но тоа едноставно не е можно. Светот ќе Ве искористи, и кога ќе Ве искористи, ќе Ве исфрли. Библијата веродостојно вели дека Ѓаволот е владетел на светот — всушност дека тој е неговиот бог — и дека ние не треба да го љубиме ниту светот ниту работите во него (Јован 12:31; 14:30; 16:11; 2. Коринтјаните 4:4; 1. Јованово 2:15—17; 5:19). Поради тоа што световните луѓе постојат како робови на распаѓањето, нивното друштво не може да Ви донесе вистинска среќа (2. Петрово 2:19).
Се надевам дека тоа што ги раскажувам овие работи за себеси ќе им помогне на другите да видат дека „вистинскиот живот“ (НС) — бескрајниот живот во Божјиот нов свет — е единствениот живот за кој вреди да се стремиме. Без разлика какви подеми и падови би можеле да доживееме додека одиме во вистината, тревата од другата страна на оградата, во Сатановиот свет, не е позелена. Сатана само се обидува да направи така да изгледа. Се молам да можам заедно со сите мои христијански браќа и сестри да ги задржам очите сосредоточени на вистинскиот живот, да, на бескрајниот живот во рајската земја (1. Тимотеј 6:19; раскажала Доли Хори).
[Слика на страница 15]
Додека сведочам со мајка ми во паркот Томпкинс сквер