Зајакнати да кажеме ‚не‘ на престапувањето
„КОГА бев тинејџер и работев во една колонијална продавница“, објаснува Тимоти, „еден колега ме покани во неговиот дом. Рече дека неговите родители нема да бидат дома, дека ќе има девојки и прилика за секс.“ Многу млади луѓе денес брзо би рекле ‚да‘ на една таква покана. Но, како реагирал Тимоти? „Веднаш му реков дека нема да дојдам и дека поради мојата христијанска совест не сакам да се впуштам во секс со личност со која не сум во брак.“
Додека го објаснувал својот став, Тимоти не бил ни свесен дека го слуша една млада службеничка. Неговата невиност ја заинтригирала, и наскоро морал и нејзе да ѝ рече ‚не‘ — и тоа во повеќе прилики, како што ќе видиме понатаму.
Секако, бомбардирањето со искушенија не е својствено само за нашево време. Пред околу 3.000 години, цар Соломон напишал: „Синко, ако те мамат грешници, не попуштај . . . задржи си ја ногата од патеките нивни“ (Изреки 1:10, 15). Самиот Јехова ѝ заповедал на израелската нација: „Не оди со мнозинството на зло“ (2. Мојсеева 23:2). Да, понекогаш мораме да кажеме ‚не‘ и да се спротивставиме на искушението да постапуваме погрешно, иако тоа можеби не е популарен правец.
Денес е особено важно да се каже ‚не‘
Да се каже ‚не‘ на престапувањето никогаш не било лесно. Во денешно време тоа може да е особено тешко затоа што живееме во она што Библијата го нарекува „последните денови“ на овој систем на ствари. Верно на библиското пророштво, луѓето општо земено станале љубители на задоволства и насилство, и немаат духовност и моралност (2. Тимотеј 3:1—5). Ректорот на еден језуитски универзитет рекол: „Ние имаме традиционален систем од мерила кои се оспорувани и за кои е утврдено дека се недостаточни или веќе не се модерни. Изгледа дека сега воопшто не постојат некакви морални ориентири“. На сличен начин, еден судија од некој апелационен суд рекол: „Работите веќе не се црни и бели. Сѐ е сиво . . . Сѐ помалку луѓе ја увидуваат разликата меѓу исправното и погрешното. Сега е грев да те фатат, а не самиот прекршок“.
За луѓето со такви ставови апостол Павле напишал: ‚Тие се помрачени во разумот, отстранети се од Божјиот живот поради нивното незнаење и ожесточување на нивното срце; дојдени до бесчувство, тие се предале на бесрамност и ненаситно вршат секаква нечистота‘ (Ефесјаните 4:18, 19). Но, нив ги очекуваат неволји. Исаија изјавил: „Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро и доброто — зло, темнината ја сметаат за светлина, и светлината — за темнина“ (Исаија 5:20). Тие не само што уште сега го жнеат она што го сеат туку наскоро ќе го доживеат и најголемото „тешко“ — неповолен суд од Јехова (Галатјаните 6:7).
„Кога грешниците никнуваат како трева, и кренат глава оние што вршат беззаконие, тоа е за да бидат истребени засекогаш“, вели Псалм 91:7. Со други зборови, оваа рекордна жетва на злоба нема да продолжи засекогаш да им го прави животот неподнослив на сите. Всушност, Исус рекол дека во ‚големата неволја‘ Бог ќе ја уништи токму ‚генерацијата‘ (NW) која ја поддржува оваа злоба (Матеј 24:3, 21, 34, NW). Затоа, ако сакаме да бидеме поштедени во таа неволја, треба да знаеме што е исправно, а што погрешно во склад со Божјите мерила; и, секако, треба да имаме и морална сила да кажеме ‚не‘ на престапувањето во сите негови облици. Иако ова не е лесно, Јехова ни обезбедил некои охрабрувачки примери како во библиско време така и денес.
Да учиме од еден младич кој рекол ‚не‘
Да се каже ‚не‘ на блудот и на прељубата се чини дека е посебно тешко, дури и за некои во христијанското собрание. Тимоти, спомнат во уводниот пасус, го зел при срце примерот на младиот Јосиф, кој е запишан во Писмото во 1. Мојсеева 39:1—12. Јосиф покажал морална сила кога сопругата на египетскиот службеник Петефри секогаш одново му нудела да има односи со неа. Јосиф, вели извештајот, ‚одбил и рекол . . . „како јас да направам толку големо зло и да грешам пред Бога?“‘
На кој начин Јосиф ја стекнал моралната сила за да ѝ кажува ‚не‘ на сопругата на Петефри — и тоа од ден на ден? Како прво, тој многу повеќе го ценел својот однос со Јехова отколку моменталните задоволства. Освен тоа, иако не бил под некој божествен законски зборник (Законот на Мојсеј требало допрва да дојде), Јосиф јасно ги разбирал моралните начела; знаел дека вршењето блуд со заслепената жена на Петефри би било грев не само против нејзиниот сопруг туку и против Бог (1. Мојсеева 39:8, 9).
Јосиф очигледно сфаќал колку е важно дури и да не се потпали чкорчето на желбата која би можела да распали еден неконтролиран пекол на страсти. Христијанинот е мудар ако го следи примерот на Јосиф. Во Стражарска кула од 1 јули 1957 [англ.] пишуваше: „Тој мора да ги признае своите телесни слабости и да не мисли дека може да ги следи сетилните желби до библиската граница и таму да запре. Дури и ако за час успее во тоа, на крај ќе ја пречекори таа граница и ќе направи грев. Ова сигурно ќе се случи, бидејќи страстите кои се негуваат, стануваат силни и сѐ посилно го обземаат човекот. Тогаш му е многу потешко да ги тргне од умот. Најдобра одбрана за него е да им се спротивстави уште во почетокот“.
Спротивставувањето уште во почетокот станува полесно ако развиваме љубов кон она што е исправно и омраза кон она што е погрешно (Псалм 36:27). Но, треба да продолжиме да работиме на тоа, да истраеме. Ако го правиме тоа, со Јеховина помош нашата љубов кон исправното и нашиот презир кон погрешното ќе станат посилни. Секако, во меѓувреме мораме да останеме претпазливи, како што советувал и Исус, постојано да се молиме да бидеме поштедени од искушение и да бидеме избавени од злобниот (Матеј 6:13; 1. Солунјаните 5:17).
Да се каже ‚не‘ на притисокот од врсниците
Едно друго влијание кое тера на престап е притисокот од врсниците. Една девојка признала: „Живеам два живота — еден на училиште а друг дома. На училиште се влечам со млади кои пцујат речиси секогаш кога ќе ја отворат устата. А јас станувам баш како нив. Што да правам?“ Она што е потребно овде е храброста да се биде поинаков, а еден начин да се постигне тоа е преку читање на библиските извештаи кои зборуваат за Божјите лојални слуги, како што е Јосиф, како и медитирање за нив. Други убави примери се Даниел, Седрах, Мисах и Авденаго — четири младичи кои имале храброст да се разликуваат од врсниците.
Додека биле школувани заедно со други млади луѓе на царскиот двор во Вавилон, од овие четворица млади Израелци било побарано да јадат од ‚секојдневната храна од царската трпеза‘. Не сакајќи да ги прекршат аспектите на Мојсеевиот закон кои биле поврзани со исхраната, тие рекле ‚не‘ на оваа храна. Тоа изискувало сила — уште повеќе бидејќи јадењата од „царската трпеза“ веројатно биле доста искушувачки. Колку убав пример дале овие младичи за христијаните денес кои може да бидат искушувани, па дури и притиснати, да испијат преголема количина алкохол или да земаат дрога и да користат тутун! (Даниил 1:3—17).
Исто така, Седрах, Мисах и Авденаго ја покажале вистинитоста на она што подоцна го рекол Исус Христос: „Верниот во малку и во многу е верен“ (Лука 16:10). Нивниот храбар став во однос на релативно малата работа — храната, како и убавиот исход што го дал Јехова, несомнено ги зајакнале за еден подоцнежен, уште посериозен испит (Даниил 1:18—20). Овој испит дошол кога им било наредено, под закана со смрт во оган, да учествуваат во идолопоклонство. Тројцата младичи храбро останале одлучни да го обожаваат само Јехова, имајќи целосна доверба во него без разлика на тоа каков би можел да биде исходот. Јехова повторно ги благословил заради нивната вера и храброст — овојпат така што на чудесен начин ги заштитил од пламенот кога биле фрлени во вжештена печка (Даниил 3:1—23, 91—97).
Божјата реч содржи многу други примери за луѓе кои рекле ‚не‘ на престапувањето. Мојсеј рекол ‚не‘ на можноста да биде ‚наречен син на фараоновата ќерка‘ иако тоа ќе му дало одлична прилика да се впушти во „преодна гревовна наслада“ во Египет (Евреите 11:24—26). Пророкот Самуил одбил да го злоупотреби својот авторитет со тоа што би примил мито (1. Царства 12:3, 4). Апостолите на Исус Христос смело одговориле ‚не‘ кога им било наредено да престанат со проповедање (Дела 5:27—29). Самиот Исус цврсто кажувал ‚не‘ на престапувањето — сѐ до последните моменти на својот живот кога војниците му понудиле „вино со смирна“. Ако го прифател тоа, можела да ослабне неговата решеност во тоа критично време (Марко 15:23; Матеј 4:1—10).
Да се каже ‚не‘ — работа на живот или смрт
Исус рекол: „Влезете низ тесната врата; оти широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон живот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14).
Широкиот пат е популарен бидејќи е лесно да се оди по него. Оние кои одат по него се самопопустливи, препуштени на телесно размислување и патишта, и не сакаат да се разликуваат од сатанскиот свет, туку да се приспособат кон него. Се чувствуваат морално ограничени од Божјите закони и начела (Ефесјаните 4:17—19). Сепак, Исус конкретно кажал дека широкиот пат води „кон пропаст“.
Но, зошто Исус рекол дека само малкумина го избираат тесниот пат? Првенствено затоа што само малцина сакаат животот да им биде воден од Божјите закони и начела и да им се помогне да се спротивстават на многуте поводи и прилики за престапување кои ги има околу нив. Освен тоа, само релативно мал број луѓе се подготвени да се борат со недозволените желби, со притисокот од врсниците и со стравот од исмејување кое може да наиде поради патот кој го избрале (1. Петрово 3:16; 4:4).
Тие во целост разбираат како се чувствувал апостол Павле кога ја опишал борбата која ја водел за да му каже ‚не‘ на гревот. Слично на денешниов свет, римскиот и грчкиот свет од времето на Павле нуделе еден широк пат на прилики за впуштање во престапување. Павле објаснил дека неговиот ум, кој знаел што е исправно, водел постојана ‚војна‘ против неговото тело кое било склоно кон престапување (Римјаните 7:21—24). Да, Павле знаел дека неговото тело е добар слуга но лош господар, па затоа научил да му каже ‚не‘. „Го тепам своето тело и го водам како роб“, напишал тој (1. Коринтјаните 9:27, NW). Како постигнал таква надмоќ? Не со сопствена сила, која не била дорасната за задачата, туку со помошта од Божјиот дух (Римјаните 8:9—11).
Како резултат на тоа, иако бил несовршен, Павле го сочувал својот интегритет кон Јехова до самиот крај. Кратко пред својата смрт, можел да напише: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата“ (2. Тимотеј 4:7, 8).
Додека се бориме против нашите несовршености, какви само охрабрувачки примери имаме, не само во Павле, туку и во оние кои нему му служеле како примери — Јосиф, Мојсеј, Даниел, Седрах, Мисах, Авденаго и многу други. Иако биле несовршени луѓе, сите овие мажи од вера рекле ‚не‘ на престапувањето, не поради своеглавост или тврдоглавост, туку поради моралната сила која им ја дал Јеховиниот дух (Галатјаните 5:22, 23). Тие биле духовни мажи. Биле гладни за секоја изјава од Јеховината уста (5. Мојсеева 8:3). Неговата реч за нив значела живот (5. Мојсеева 32:47). Пред сѐ, тие го љубеле Јехова и се плашеле од него, и со негова помош, стрпливо негувале омраза кон престапувањето (Псалм 96:10; Изреки 1:7).
Да бидеме како нив. Секако, за да истраеме во кажувањето ‚не‘ на престапувањето во сите негови облици, потребен ни е Јеховиниот дух, исто како што им бил потребен и ним. Јехова великодушно ќе ни го даде својот дух ако искрено го бараме, ако ја проучуваме неговата Реч и ако редовно присуствуваме на христијанските состаноци (Псалм 118:105; Лука 11:13; Евреите 10:24, 25).
Тимоти, спомнат во почетокот, бил радосен што не ги занемарил своите духовни потреби. Младата службеничка која го наслушнала неговиот разговор со колегата и била погрешно привлечена од невиноста на Тимоти, подоцна смирено го канела Тимоти кај неа во време кога нејзиниот сопруг не бил дома. Тимоти одбивал. Не дозволувајќи да биде лесно одвратена, таа продолжила да го кани во многу прилики, како и жената на Петефри. Тимоти секојпат цврсто, но љубезно ѝ кажувал ‚не‘. Дури ѝ дал на таа жена убаво сведоштво од Божјата реч. Многу благодарен на Јехова што му давал морална цврстина да каже ‚не‘, сега Тимоти е среќно оженет со една прекрасна сохристијанка. Секако, Јехова ќе ги благослови и ќе ги зајакне сите кои сакаат да го задржат својот христијански интегритет со тоа што на престапувањето му велат ‚не‘ (Псалм 1:1—3).