Валдензите — од ерес до протестантизам
Било 1545 година, во прекрасниот регион Лаберон во Прованса, јужна Франција. Една војска се собрала за да спроведе страшна мисија поттикната од верска нетолеранција. Следела една седмица на крвопролевање.
СЕЛАТА биле опустошени, а жителите биле затворени или убиени. Бруталните војници извршиле сурови ѕверства во еден масакр од кој Европа се згрозила. Биле убиени 2.700 луѓе, 600 биле испратени да работат на галиите, а да не зборуваме за страдањата што ги доживеале жените и децата. Воениот заповедник што го извршил овој крвав поход бил пофален од францускиот цар и од папата.
Реформацијата веќе ја имала распарчено Германија кога католичкиот цар Франсоа I од Франција, загрижен поради ширењето на протестантизмот, се распрашал во врска со таканаречените еретици во своето царство. Наместо да најдат неколку изолирани случаи на ерес, властите во Прованса откриле цели села со религиозни дисиденти. Бил донесен декрет оваа ерес да биде збришана, и на крајот тој бил спроведен во масакрот од 1545.
Кои биле овие еретици? И зошто биле предмет на насилничка верска нетолеранција?
Од богатство до сиромаштија
Луѓето убиени во масакрот му припаѓале на едно верско движење што датирало уште од 12 век и покривало широк дел од Европа. Начинот на кој се раширило и преживеало неколку века го прави единствено во аналите на религиозното дисиденство. Повеќето историчари се сложуваат дека движењето започнало околу 1170 година. Во францускиот град Лион, еден богат трговец по име Ваудес многу се заинтересирал да дознае како да му угоди на Бог. Изгледа поттикнат од опомената на Исус Христос дека некој богаташ го продал својот имот и им го дал на сиромасите, Ваудес финансиски го згрижил своето семејство и потоа се откажал од богатството за да го проповеда евангелието (Матеј 19:16—22). Наскоро имал следбеници кои подоцна станале познати како валдензи.a
Сиромаштијата, проповедањето и Библијата биле средиште во животот на Ваудес. Протестот против богатството што го имале свештениците не бил ништо ново. Извесно време некои свештенички дисиденти јавно ги осудувале расипаните практики на црквата и злоупотребата на авторитетот. Но, Ваудес бил лаик, како и повеќето негови следбеници. Ова несомнено објаснува зошто тој сметал дека е потребно да се поседува Библијата на мајчин јазик, јазикот на народот. Со оглед на тоа што црковната латинска верзија на Библијата му била достапна само на свештенството, Ваудес дал налог да се направи превод на евангелијата и на други библиски книги на франко-провансалски, јазикот што го разбирал обичниот народ во источниот дел на централна Франција.b Постапувајќи според Исусовата заповед да проповедаат, Сиромашните од Лион почнале да излегуваат на улиците со својата порака (Матеј 28:19, 20). Историчарот Габриел Аудисио објаснува дека нивното инсистирање на јавно проповедање станало пресудно спорно прашање во ставот на црквата кон валдензите.
Од католици до еретици
Во тие денови проповедањето можело да го врши само свештенството, а црквата си го присвоила правото таа да дава овластување да се проповеда. Свештенството ги сметало валдензите за неуки и неписмени, но во 1179 Ваудес побарал службено овластување за своето проповедање од папата Александар III. Добил дозвола — но под услов да одобрат и локалните свештеници. Историчарот Малколм Ламберт забележува дека ова „било скоро еднакво на потполно одбивање“. Навистина, надбискупот Жан Белсмаинс од Лион официјално забранил да проповедаат лаици. Ваудес одговорил со тоа што го цитирал Дела 5:29: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“. Затоа што не се повинил на забраната, во 1184 Ваудес бил исклучен од црквата.
Иако валдензите биле протерани од диоцезата на Лион и истерани од градот, се чини дека почетната осуда донекаде била теоретска. Многу обични луѓе им се восхитувале на валдензите заради нивната искреност и начинот на живот, а бискупите дури и продолжиле да разговараат со нив.
Според историчарот Уан Камран, се чини дека проповедниците од редовите на валдензите не ѝ се „противеле на Римокатоличката црква само за да ѝ се противат“. Тие едноставно „сакале да проповедаат и да поучуваат“. Историчарите велат дека движењето практично било доведено до ерес со низа декрети со кои постепено и постојано биле маргинализирани. Осудите од страна на црквата кулминирале во анатема која, во 1215, ја издал против валдензите Четвртиот латерански концил. Како влијаело ова врз нивното проповедање?
Во илегала
Ваудес умрел во 1217 година и неговите следбеници поради прогонство се распрснале низ долините на француските Алпи, Германија, северна Италија и централна и источна Европа. Исто така, прогонството предизвикало валдензите да се населат по селата, а со тоа биле ограничени нивните проповеднички активности на многу подрачја.
Во 1229 Католичката црква ја довршила својата крстоносна војна против Катарите, односно Албижаните, на југот од Франција.c Потоа и валдензите станале предмет на такви напади. Наскоро инквизицијата безмилосно се свртела против сите противници на црквата. Валдензите од страв отишле во илегала. Во 1230 тие веќе не проповедале јавно. Аудисио објаснува: „Наместо да одат да бараат нови овци . . . тие се посветиле на тоа да се грижат за преобратените, задржувајќи ги во својата вера и покрај надворешниот притисок и прогонството“. Тој додава дека „проповедањето останало неопходно, но во пракса целосно се сменило“.
Нивните верувања и практики
Наместо и мажите и жените да учествуваат во проповедничките активности, до 14 век кај валдензите се развила разлика меѓу проповедниците и верниците. Тогаш само добро обучени мажи учествувале во делото на пастирење. Овие патувачки министри подоцна станале познати како барби (чичковци).
Барбите, кои ги посетувале фамилиите валдензи во нивните домови, работеле на тоа да го одржат во живот движењето, наместо да го шират. Сите барби знаеле да читаат и да пишуваат, а нивното обучување, кое траело шест години, било ориентирано кон Библијата. Тоа што ја користеле Библијата на мајчин јазик им помогнало да им ја објаснуваат на своите стада. Дури и противниците признавале дека валдензите, вклучувајќи ги и нивните деца, имале силна библиска култура и можеле да цитираат големи делови од Писмото.
Меѓу другото, раните валдензи го отфрлале лажењето, чистилиштето, мисите во чест на мртвите, папските помилувања и индулгенции, како и обожавањето на Марија и на „светците“. Исто така, ги држеле годишните прослави на Господовата вечера, односно Последната вечера. Според Ламберт, нивниот облик на обожавање „бил, всушност, религија на обичниот лаик“.
„Двоен живот“
Заедниците на валдензи биле тесно поврзани. Членовите стапувале во брак во кругот на движењето, а со текот на вековите, ова создало и валденшки презимиња. Меѓутоа, во својата борба да преживеат, валдензите се обиделе да ги прикријат своите гледишта. Поради тајноста поврзана со нивните религиозни учења и практики, на противниците им било лесно да изнесуваат нечуени обвиненија против нив, на пример, да кажуваат дека тие учествуваат во обожавање на Ѓаволот.d
Еден начин на кој валдензите ги неутрализирале таквите обвиненија било со компромитирање и со практикување на она што историчарот Камран го нарекува „минимално приспособување“ кон католичкото обожавање. Многу валдензи се исповедале пред католички свештеници, присуствувале на миса, користеле света водичка, па дури оделе и на аџилак. Ламберт забележува: „Во многу работи постапувале исто како своите католички соседи“. Аудисио директно вели дека со текот на времето валдензите почнале да „водат двоен живот“. Тој додава: „Од една страна, по сѐ изгледа се однесувале како католици за да го сочуваат своето релативно спокојство; од друга страна, пак, меѓу себе држеле извесни обреди и обичаи со што осигурувале понатамошно постоење на заедницата“.
Од ерес до протестантизам
Во 16 век, реформацијата радикално ја изменила европската религиозна сцена. Жртвите на нетолеранција можеле или да бараат законско признание во сопствената земја или да емигрираат во потрага по поповолни услови. Исто така, идејата за ерес веќе не била толку пресудна, зашто многу луѓе почнале да се сомневаат во утврдената религиозна ортодоксија.
Во 1523 година добро познатиот реформатор Мартин Лутер ги спомнал валдензите. Во 1526, еден од валденшките барби ја вратил на Алпите веста за религиозните текови во Европа. Потоа следел еден период на размена преку која протестантските заедници почнале да ги споделуваат идеите со валдензите. Протестантите ги охрабрувале валдензите да го спонзорираат првиот превод на Библијата од оригиналните јазици на француски. Отпечатена во 1535, таа подоцна станала позната како Оливетанска Библија. Но, иронично е тоа што повеќето валдензи не разбирале француски.
Како што прогонството од Католичката црква продолжувало, голем број валдензи се населиле во посигурниот регион Прованса во јужна Франција, како што сториле и протестантските доселеници. Набрзо властите биле предупредени за ова доселување. И покрај многуте позитивни извештаи за животниот стил и за моралот на валдензите, некои луѓе се сомневале во нивната лојалност и ги обвиниле дека се закана за редот и мирот. Бил донесен декретот од Мериндол, кој резултирал во ужасното крвопролевање спомнато во почетокот на оваа статија.
Односите меѓу католиците и валдензите продолжиле да се влошуваат. Како одговор на нападите започнати против нив, валдензите дури прибегнувале кон воена сила за да се одбранат. Овој конфликт ги однел во протестантското стадо. На тој начин валдензите се здружиле со преовладувачкиот протестантизам.
Низ вековите биле основани валденшки цркви во земји кои биле многу далеку од Франција, како што се Уругвај и Соединетите Држави. Меѓутоа, повеќето историчари се сложуваат со Аудисио, кој вели дека „валдензијанизмот завршил во времето на реформацијата“, кога бил „проголтан“ од протестантизмот. Всушност, валденшкото движење изгубило многу од својата првобитна ревност, која ја имало со векови претходно. Тоа се случило кога неговите членови од страв го напуштиле библиски ориентираното проповедање и поучување.
[Фусноти]
a Ваудес се спомнува различно: како Валдес, Валдезиус или Валдо. Последното име одговара на потеклото на терминот „валдензи“. Валдензите, или валдензијанците, биле познати и како Сиромашните од Лион.
b Уште во 1199 година, бискупот од Мец, во североисточна Франција, му се пожалил на папата Инокентиј III дека поединци ја читаат Библијата и дискутираат за неа на мајчин јазик. Веројатно тој бискуп мислел на валдензите.
c Види ја статијата „Катарите — дали биле христијански маченици?“, во Стражарска кула од 1 септември 1995, страници 27—30.
d Упорното клеветење на валдензите довело до терминот вадри (од францускиот збор вадва). Тој се користи за да се опишат осомничените еретици или обожаватели на Ѓаволот.
[Карта/слика на страница 23]
(Види во публикацијата)
Подрачја каде што влијаеле валдензите
ФРАНЦИЈА
Лион
ПРОВАНСА
Лаберон
Стразбур
Милано
Рим
Берлин
Прага
Виена
[Слика]
Валдензите го спонзорирале преведувањето на Оливетанската Библија од 1535
[Извор на слика]
Библија: © Clichè Bibliothèque nationale de France, Париз
[Слики на страници 20 и 21]
ВАУДЕС
Горење на две постари жени валдензи
[Извор на слика]
Страници 20 и 21:© Landesbildstelle Baden, Карлсруе