Учи од Божјата Реч
Зошто Бог ги допушта злото и страдањата?
Во оваа статија се разгледани прашања за кои можеби си размислувал. Таа ќе ти покаже каде можеш да го најдеш одговорот во твојата Библија. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да разговараат со тебе за овие прашања.
1. Како започнало злото?
На Земјата злото започнало кога Сатана ја кажал првата лага. Тој не бил создаден како злобна личност, туку како совршен ангел. Но, ‚не останал постојан во вистината‘ (Јован 8:44). На Сатана му се родила желба да биде обожаван, нешто кое со право му припаѓа само на Бог. Тој ја излажал првата жена, Ева, и ја наговорил да го послуша него наместо Бог. И Адам се повел по Ева и му станал непослушен на Бог. Како последица од одлуката на Адам, луѓето страдаат и умираат. (Прочитај 1. Мојсеева 3:1-6, 17-19.)
Кога Сатана се обидел да ја наведе Ева да му биде непослушна на Бог, тој почнал побуна против Божјето право да владее. И поголемиот број од луѓето го отфрлиле Бог како Владетел. Така, Сатана станал „владетелот на светот“. (Прочитај Јован 14:30; Откровение 12:9.)
2. Дали Бог направил грешка при создавањето?
Луѓето и ангелите што ги создал Бог можеле да им бидат послушни на сите Божји барања (5. Мојсеева 32:4, 5). Бог нѐ создал да можеме слободно да избереме да го правиме она што е добро или она што е лошо. Таа слобода на избор ни дава можност да ја покажеме нашата љубов кон Бог. (Прочитај Јаков 1:13-15; 1. Јованово 5:3.)
3. Зошто Бог допуштил да има страдања?
Јехова допуштил побуната против неговото право да биде врховен Владетел да трае извесно време. Зошто? За да биде јасно дека секое владеење независно од Бог не е за доброто на луѓето (Еремија 10:23). Откако поминале 6.000 години од човечката историја, одговорот на ова прашање е кристално јасен. Човечките владетели не успеале да ги отстранат војните, криминалот, неправдите и болестите. (Прочитај Проповедник 7:29; 8:9; Римјаните 9:17.)
Но, оние што го прифаќаат Бог како свој Владетел, го прават тоа за свое добро (Исаија 48:17, 18). Наскоро, Јехова ќе им стави крај на сите човечки влади. На Земјата ќе живеат само оние што ќе го изберат Бог за свој Владетел (Исаија 2:3, 4; 11:9; прочитај Даниел 2:44).
4. Што ни овозможува тоа што Бог е стрплив?
Сатана тврдел дека луѓето нема да му бидат верни и послушни на Бог. Тоа што Бог е стрплив ни овозможува да покажеме дали сакаме со нас да владее Бог или човек. Од нашиот начин на живот може да се види каков избор сме направиле. (Прочитај Јов 1:8-11; Изреки 27:11.)
5. Како ќе покажеме дека го избираме Бог за свој Владетел?
Ќе покажеме дека го избираме Бог за свој Владетел ако му служиме онака како што пишува во неговата Реч, Библијата (Јован 4:23). Исто како Исус, не се мешаме во политика и не заземаме страни во некој воен судир. (Прочитај Јован 17:14.)
Сатана ја користи својата моќ за да рашири неморални и лоши навики. Кога ги оставаме тие навики, некои од нашите пријатели и роднини може да почнат да нѐ исмејуваат или да ни се противат (1. Петрово 4:3, 4). Сите ние стоиме пред одлука. Дали ќе се дружиме со луѓе кои го сакаат Бог? Дали ќе живееме според неговите мудри закони кои се за наше добро? Ако го правиме тоа, ќе докажеме дека не е точно тврдењето на Сатана дека никој нема да му биде послушен на Бог. (Прочитај 1. Коринќаните 6:9, 10; 15:33.)
Нешто повеќе можеш да прочиташ во 11. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци
[Слика на страница 16]
Адам донел погрешна одлука
[Слика на страница 17]
Со нашите одлуки покажуваме дали сакаме Бог да биде наш Владетел