Ќе бидеш ли верен како Илија?
„Јас ќе го пратам при вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господен — големиот и страшниот“ (МАЛАХИЈА 4:5).
1. Каква криза се случува откако Израел бил околу 500 години во Ветената земја?
„ЗЕМЈА, каде што тече мед и млеко“ (2. Мојсеева 3:7, 8). Тоа е она што Јехова им го дал на Израелците откако ги ослободил од египетското ропство во 16 век пр. н. е. Но, гледај! Поминале пет века, и сега десетплеменското царство Израел се наоѓа во стисок на тежок глад. Тешко е да се најде каква и да е зелена трева. Животните умираат, и три и пол години нема паднато дожд (3. Царства 18:5; Лука 4:25). Што е одговорно за оваа неволја?
2. Која е причината за националната криза на Израел?
2 Оваа криза ја предизвикал отпадот. Повредувајќи го Божјиот Закон, царот Ахав се оженил со хананејската принцеза Језавела и ѝ дозволил во Израел да воведе обожавање на Ваал. Уште полошо, во Самарија, главниот град, тој му изградил храм на овој лажен бог. Па, Израелците биле заведени да веруваат дека обожавањето на Ваал ќе им донесува изобилна летнина! Меѓутоа, како што предупредил Јехова, тие сега се во опасност да ‚исчезнат од нивната добра земја‘ (5. Мојсеева 7:3, 4; 11:16, 17; 3. Царства 16:30—33).
Драматичен испит на Божеството
3. На кој начин пророкот Илија го сосредоточува вниманието на Израеловиот вистински проблем?
3 Кога почнува гладот, Божјиот верен пророк Илија му вели на царот Ахав: „Жив Господ, Бог Израилев, пред Кого стојам! Во овие години нема да има ниту роса, ниту дожд, освен според мојот збор“ (3. Царства 17:1). Откако ја доживеал ужасната вистина на овој проглас, царот го обвинува Илија за донесување неволја врз Израел. Но, Илија одговара дека Ахав и неговиот дом се виновни поради нивното отпадништво како обожаватели на Ваал. За да го реши спорното прашање, Јеховиниот пророк го поттикнува царот Ахав да го собере сиот Израел на гората Кармил, заедно со 450 Ваалови пророци и 400 пророци на светиот столб. Ахав и неговите поданици се собираат таму, можеби надевајќи се дека приликата ќе ѝ стави крај на сушата. Но, Илија го сосредоточува вниманието на посериозното спорно прашање. „Уште ли“ — прашува тој — „ќе храмите на двете колена? Ако Господ е Бог, врвете по Него; ако ли е Ваал — одете по него.“ Израелците не знаат што да речат (3. Царства 18:18—21).
4. Што предлага Илија за да се реши спорното прашање за Божеството?
4 Со години, Израелците се обидувале обожавањето на Јехова да го помешаат со ваализмот. За да го реши спорното прашање за Божеството, Илија сега предложува еден натпревар. Тој ќе подготви еден млад бик за жртва, додека еден друг ќе биде подготвен од пророците на Ваал. Потоа Илија вели: „Повикајте го името на вашиот бог, јас, пак, ќе го повикам името на Господа [Јехова, НС], мојот Бог. Оној Бог, Кој ќе одговори преку оган, Он е [вистинскиот, НС] Бог“ (3. Царства 18:23, 24). Замисли си оган од небото во одговор на една молитва!
5. Како е разоткриена бескорисноста од обожавањето на Ваал?
5 Илија ги повикува пророците на Ваал да почнат. Тие подготвуваат бик за жртва и го положуваат на олтарот. Потоа куцаат околу олтарот, молејќи се: „Ваале, почуј нѐ!“ Ова трае „од утрината до пладне“. „Викајте посилно“ — се подигрува Илија. Ваал мора да е зафатен со некоја итна работа или, пак, ‚можеби спие па треба да се разбуди!‘ Набрзо, пророците на Ваал се во избезуменост. Гледај! Тие се бодат со ками, а од раните им тече крв. И колкава е само вревата додека сите 450 викаат колку што ги држи глас! Но, нема никаков одговор (3. Царства 18:26—29).
6. Каква подготовка прави Илија за испитот на Божеството?
6 Сега доаѓа ред на Илија. Тој повторно го гради Јеховиниот олтар, прави еден ров околу него и ја доведува во ред жртвата. Потоа, дава да се истури вода врз дрвата и врз жртвата. Дванаесет големи ќупови со вода се истурени врз олтарот, сѐ додека самиот ров не се наполни. Замисли си ја напнатоста додека Илија се моли: „Господи [Јехова, НС] Боже Авраамов, Исаков и Израилев! Чуј ме, Господи, чуј ме денес во огнот! Нека познаат денес овие луѓе, дека си Ти единствен Бог во Израилот, и дека јас сум Твој слуга и дека извршив сѐ според Твоето слово. Чуј ме, Господи, чуј! Нека познае овој народ, дека Ти, Господи, си Бог и Ти ќе го свртиш срцето нивно кон Себеси“ (3. Царства 18:30—37).
7, 8. а) Како одговара Јехова на Илиината молитва? б) Што е постигнато со настаните на гората Кармил?
7 Во одговор на Илиината молитва, ‚оган Господов паѓа и ја изедува сепаленицата, и дрвата, и камењата и земјата, и ја голта водата, што била во окопот‘. Луѓето паѓаат на своите лица и велат: „Господ [Јехова, НС] е Бог! Господ е Бог!“ (3. Царства 18:38, 39). Илија сега презема одлучна акција. Тој наредува: „Фатете ги Вааловите пророци, та ниеден од нив да не се сокрие!“ Откако тие се исклани во долината Кисон, темни облаци го исполнуваат небото. Најпосле, еден пороен дожд ѝ става крај на сушата! (3. Царства 18:40—45; спореди 5. Мојсеева 13:1—5).
8 Каков величествен ден! Јехова триумфира во овој значаен испит на Божеството. Освен тоа, овие настани ги свртуваат срцата на многу Израелци назад кон Бог. На овој и на други начини, Илија се докажува верен како пророк, и тој лично одигрува пророчка улога.
„Пророкот Илија“ кој допрва ќе дојде?
9. Што било проречено во Малахија 4:5, 6?
9 Подоцна, преку Малахија, Бог прорекол: „Ете, Јас ќе го пратам при вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господен — големиот и страшниот. И тој ќе ги обрне срцата на татковците — кон децата нивни, и срцата на децата кон татковците нивни, па кога ќе дојдам, за да не ја поразам земјата со проклетство“ (Малахија 4:5, 6). Илија живеел околу 500 години пред да бидат изговорени овие зборови. Поради тоа што ова било пророштво, Евреите од првиот век н. е. биле во исчекување на Илииното доаѓање за да го исполни (Матеј 17:10).
10. Кој бил проречениот Илија, и од каде го знаеме тоа?
10 Тогаш, кој бил овој Илија што доаѓа? Неговиот идентитет бил откриен кога Исус Христос рекол: „Од деновите на Јован Крстител па досега, Царството небесно е целта кон која луѓето се стремат, и оние кои се пробиваат напред го зграпчуваат. Зашто сите, Пророците и Законот, пророкувале до Јован; и ако сакате да прифатите: Тој самиот е ‚Илија, кој е одреден да дојде‘ “. Да, Јован Крстител бил проречениот еквивалент на Илија (Матеј 11:12—14, НС; Марко 9:11—13). Еден ангел му кажал на Јовановиот татко, Захарија, дека Јован ќе го има „духот и силата на Илија“ и дека ќе „Му приготви на Господа народ совршен [подготвен, НС]“ (Лука 1:17). Крштавањето што го извршувал Јован претставувало јавен симбол за покајанието на еден поединец поради неговите гревови против Законот кој требало да ги води Евреите до Христа (Лука 3:3—6; Галатјаните 3:24). На тој начин, Јовановото дело ‚му припремило на Јехова подготвен народ‘.
11. Што рекол Петар на Пентакост во врска со ‚Господниот ден‘, и кога се случило тоа?
11 Делото на Јован Крстител како „Илија“ покажало дека ‚Господниот ден‘ бил близу. Близината на тој ден кога Бог ќе дејствува против своите непријатели и ќе го сочува својот народ, ја покажал и апостол Петар. Тој истакнал дека чудесните настани што се случиле на Пентакост 33 година н. е., претставувале исполнување на Јоиловото пророштво во врска со излевањето на Божјиот дух. Петар покажал дека ова требало да се случи пред „големиот и славен ден Господов“ (Дела 2:16—21; Јоил 2:28—32). Токму во 70 година н. е. Јехова ја исполнил својата Реч со тоа што предизвикал римските војски да извршат божествена пресуда врз нацијата која го отфрлила неговиот Син (Даниил 9:24—27; Јован 19:15).
12. а) Што рекле Павле и Петар во врска со еден иден ‚Господен ден‘? б) Зошто било сигурно дека нешто ќе се случи, како што било прикажано со делото на Илија?
12 Меѓутоа, требало да дојде уште нешто после 70 година н. е. Апостол Павле поврзал еден иден ‚Господен ден‘ со присутноста на Исус Христос. Освен тоа, апостол Петар зборувал за тој ден во врска со претстојните идни „ново небо и нова земја“ (2. Солунјаните 2:1, 2, НС; 2. Петрово 3:10—13). Имај на ум дека Јован Крстител извршил едно дело слично на Илииното пред да дојде ‚Господниот ден‘ во 70 н. е. Сево ова заедно покажало дека ќе се случи нешто понатаму, како што било прикажано со делото што го извршил Илија. Што е тоа?
Тие го имаат духот на Илија
13, 14. а) Каква паралела постои помеѓу активностите на Илија и активностите на денешните помазани христијани? б) Што сториле отпадниците на христијанскиот свет?
13 Делото на Илија имало паралела не само во активностите на Јован Крстител туку и во активностите на помазаните христијани во овој критичен период што води кон претстојниот ‚Господен ден‘ (2. Тимотеј 3:1—5). Со духот и силата на Илија, тие се лојални застапници на вистинското обожавање. А колку само неопходно било ова! После смртта на Христовите апостоли имало отпад од вистинското христијанство, исто како што во времето на Илија цутело обожавањето на Ваал (2. Петрово 2:1). Лицата кои се исповедувале како христијани, почнале христијанството да го мешаат со лажните религиозни доктрини и практики. На пример, ја усвоиле паганската и небиблиска доктрина која учи дека човекот поседува бесмртна душа (Проповедник 9:5, 10; Језекиил 18:4). Отпадниците од христијанскиот свет престанале да го употребуваат името на единствениот вистинит Бог, Јехова. Место тоа, обожаваат тројство. Исто така, ја усвоиле практиката, слична на Ваал, да се клањаат на ликови на Исус и на неговата мајка, Марија (Римјаните 1:23; 1. Јованово 5:21). Но, тоа не било сѐ.
14 Од 19 век па наваму, водачите на црквите на христијанскиот свет почнале да изразуваат сомневање околу многу делови од Библијата. На пример, го отфрлиле извештајот од 1. Мојсеева за создавањето и ѝ се поклониле на теоријата на еволуција, етикетирајќи ја како „научна“. Ова директно се судрило со учењата на Исус Христос и на неговите апостоли (Матеј 19:4, 5; 1. Коринтјаните 15:47). Меѓутоа, како Исус и неговите рани следбеници, со дух помазаните христијани денес исто така го поддржуваат библискиот извештај за создавањето (1. Мојсеева 1:27).
15, 16. За разлика од христијанскиот свет, кој уживал редовни залихи духовна храна, и преку кои средства?
15 Како што светот навлегувал во „последното време“, христијанскиот свет бил притиснат од духовен глад (Даниил 12:4; Амос 8:11, 12). Но, малата група помазани христијани уживала редовни залихи со духовна храна дадена од Бог „во право време“, исто како што Јехова се погрижил Илија да биде хранет за време на гладот во негово време (Матеј 24:45, НС; 3. Царства 17:6, 13—16). Некогаш познати како Меѓународни проучувачи на Библијата, овие верни Божји слуги подоцна го добиле библиското име Јеховини сведоци (Исаија 43:10).
16 Илија живеел во склад со своето име, кое значи „Мој Бог е Јехова“. Како официјален журнал на Јеховините земни слуги, Стражарска кула доследно го користи Божјето име. Всушност, нејзиното второ издание (август 1879) изразило уверување дека списанието го има Јехова како свој поддржувач. Овој журнал, како и другите публикации на Watch Tower Society, ги разоткриваат небиблиските учења на христијанскиот свет и на остатокот од Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, додека ја поткрепува вистинитоста на Божјата Реч, Библијата (2. Тимотеј 3:16, 17; Откровение 18:1—5).
Верни под испит
17, 18. Како реагирала Језавела на колежот на Вааловите пророци, но како му било помогнато на Илија?
17 Реакцијата на свештенството во поглед на разоткривањето била слична со реакцијата на Језавела кога дознала дека Илија ги убил пророците на Ваал. На Јеховиниот верен пророк му испратила порака, заветувајќи се дека ќе даде да го убијат. Тоа не била празна закана, бидејќи Језавела веќе имала убиено многу од Божјите пророци. Во страв, Илија избегал на југозапад, во Вирсавија. Оставајќи го таму својот служител, тој отишол уште понатаму, во пустината, молејќи се да умре. Но, Јехова не го имал отфрлено својот пророк. Еден ангел му се појавил на Илија за да го подготви за долгото патување до гората Хорив. На тој начин, добивал храна за 40-дневното патување од преку 300 километри. На Хорив, Бог му зборувал после една демонстрација на моќ која влева стравопочитување, преку еден голем ветар, преку земјотрес и преку оган. Јехова не бил во овие манифестирања. Тие биле изразувања на неговиот свет дух, односно активна сила. Потоа Јехова му зборувал на својот пророк. Замисли си како само ова доживување го зајакнало Илија (3. Царства 19:1—12). А што ако ние, како Илија, станеме некако заплашени кога ни се закануваат непријатели на вистинското обожавање? Неговото доживување треба да ни помогне да сфатиме дека Јехова не го отфрла својот народ (1. Царства 12:22).
18 Бог јасно покажал дека Илија имал да заврши уште работа како пророк. Освен тоа, иако Илија мислел дека бил единствениот обожавател на вистинскиот Бог во Израел, Јехова му покажал дека 7.000 души не се имале поклонето на Ваал. Бог тогаш го испратил Илија назад на неговата задача (3. Царства 19:13—18). Како Илија, и ние можеме да бидеме гонети од непријатели на вистинското обожавање. Може да станеме предмети на жестоко прогонство, како што прорекол Исус (Јован 15:17—20). Повремено, може да станеме загрижени. Меѓутоа, можеме да бидеме како Илија, кој добил божествени уверувања и потоа верно истрајал во Јеховината служба.
19. Што доживеале помазаните христијани во ерата на I светска војна?
19 Поради жестокото прогонство во текот на I светска војна, некои помазани христијани подлегнале на стравот и престанале да проповедаат. Тие згрешиле во размислувањето дека нивното дело на Земјата било завршено. Но, Бог не ги отфрлил. Напротив, тој милостиво ги поддржувал, исто како што обезбедувал храна за Илија. Како Илија, верните помазаници прифатиле божествена исправка и се опоравиле од неактивноста. Нивните очи биле отворени во поглед на големата предност за проповедање на пораката за Царството.
20. Каква прилика им е дадена денес на оние кои се верни како Илија?
20 Во своето пророштво во врска со својата присутност, Исус го изложил глобалното дело, кое би било завршено пред крајот на овој зол систем на ствари (Матеј 24:14). Денес, ова дело го извршуваат помазаните христијани и милионите нивни придружници, кои со радост очекуваат живот на рајска Земја. Извршувањето на делото на проповедање на Царството, сѐ додека не биде завршено, претставува предност што им е дадена само на оние кои се верни како Илија.
Биди верен како Илија
21, 22. а) Кое дело денес го предводат помазаните христијани? б) Со каква помош се извршува проповедничкото дело, и зошто таа е потребна?
21 Со ревност како онаа на Илија, малиот остаток од вистински помазани христијани ја исполнувал својата одговорност да се грижи за земните интереси на востоличениот Цар, Исус Христос (Матеј 24:47). Веќе преку 60 години досега, Бог ги користел овие помазаници за да го предводат делото на правење ученици од луѓето на кои им ја дал прекрасната надеж за вечен живот на рајска Земја (Матеј 28:19, 20). Колку само благодарни можат да бидат овие милиони што релативно малкумината преостанати помазаници ревносно и верно се грижат за своите одговорности!
22 Ова дело на проповедање на Царството го вршат несовршени луѓе и само преку силата што Јехова им ја дава на оние кои молитвено се ослонуваат на него. „Илија беше човек смртен [со чувство, НС], како и ние“ — рекол ученикот Јаков кога го наведувал примерот на пророкот во врска со молењето за да ја покаже силината на молитвата на еден праведник (Јаков 5:16—18). Илија не пророкувал секогаш ниту извршувал секогаш чуда. Тој ги имал истите човечки чувства и слабости како и ние, но му служел верно на Бог. Поради тоа што и ние ја имаме Божјата помош и тој нѐ зајакнува, можеме да бидеме верни како Илија.
23. Зошто имаме добра причина за верност и оптимизам?
23 Ние имаме добра причина за верност и оптимизам. Запомни дека Јован Крстител извршил слично дело како Илија пред ‚Господниот ден‘ да удри во 70 н. е. Со духот и силата на Илија, помазаните христијани ширум Земјата извршиле едно слично дело дадено од Бог. Ова јасно докажува дека големиот ‚Господен ден‘ е близу.
Како би одговорил?
◻ Како било докажано Јеховиното Божество на гората Кармил?
◻ Кој бил ‚Илија што требало да дојде‘, и што сторил тој?
◻ На кој начин денешните помазани христијани покажале дека го имаат духот на Илија?
◻ Зошто е можно да бидеме верни како Илија?
[Рамка на страница 15]
На кои небеса се вознел Илија?
„КАКО што одеа [Илија и Јелисеј], и си разговараа по патот, наеднаш се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија се понесе во виорот кон небото“ (4. Царства 2:11).
Што е мислено со зборот „небо“ во овој случај? Терминот понекогаш се применува на Божјето духовно живеалиште и на неговите ангелски синови (Матеј 6:9; 18:10). „Небото“ може да го означува и материјалниот универзум (5. Мојсеева 4:19). А Библијата го користи овој термин за да се осврне на непосредната Земјина атмосфера, каде што летаат птици и каде што дува ветар (Псалм 77:26; Матеј 6:26).
На кое од овие небеса се вознел Илија? Очигледно, тој бил префрлен низ Земјината атмосфера и сместен на некој друг дел од глобусот. Со години подоцна Илија сѐ уште бил на Земјата, бидејќи му напишал писмо на цар Јорам од Јудеја (2. Летописи 21:1, 12—15). Дека Илија не се вознел во духовното живеалиште на Јехова Бог, било потврдено подоцна од Исус Христос, кој изјавил: „Никој не се искачи на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото“, то ест самиот Исус (Јован 3:13). Патот за небесен живот првпат бил отворен за несовршените луѓе после смртта, воскресението и вознесувањето на Исус Христос (Јован 14:2, 3; Евреите 9:24; 10:19, 20).