Јеховината реч е жива
Врвни точки од книгата Втора Цареви
БИБЛИСКАТА книга Втора Цареви започнува таму каде што завршува книгата Прва Цареви. Таа е извештај за 29 цареви — 12 од северното царство Израел и 17 од јужното царство Јуда. Втора Цареви исто така зборува за активностите на пророците Илија, Елисеј и Исаија. Иако не е запишан точно по хронолошки ред, извештајот се протега сѐ до времето на уништувањето на Самарија и Ерусалим. Во книгата е опфатен период од вкупно 340 години — од 920 пр.н.е. до 580 пр.н.е., кога пророкот Еремија го завршил пишувањето на Втора Цареви.
Како ни користи нам оваа книга? Што учиме од неа за Јехова и за неговите постапки? Кои лекции ги учиме од постапките на царевите, пророците и другите што се спомнати во книгата? Да видиме што можеме да научиме од Втора Цареви.
ЕЛИСЕЈ ГО НАСЛЕДУВА ИЛИЈА
Охозиј, царот на Израел, паѓа во неговиот дом и се повредува. Од пророкот Илија тој дознава дека ќе умре. Охозиј умира, а престолот го наследува брат му Јорам. Во меѓувреме, Јосафат е цар над Јуда. Илија е вознесен во виор и неговиот помошник, Елисеј, го наследува како пророк. Во текот на неговата служба што трае околу 60 години, Елисеј прави многу чуда. (Види ја рамката „Чудата на Елисеј“.)
Кога моавскиот цар се побунува против Израел, Јорам, Јосафат и царот на Едом одат во битка против него. Тие победуваат поради верноста на Јосафат. Подоцна, царот на Сирија планира ненадеен напад врз Израел. Меѓутоа, Елисеј го попречува планот. Царот на Сирија е разбеснет и праќа „коњи, коли и силни чети“ за да го заробат Елисеј (2. Цареви 6:14). Елисеј прави две чуда и ги враќа Сиријците во мир. Со текот на времето, царот на Сирија, Вен-Адад, ја опсадува Самарија. Како резултат на тоа настапува суров глад, но Елисеј пророкува дека гладот ќе заврши.
Некое време подоцна, Елисеј оди во Дамаск. Царот Вен-Адад, кој сега е болен, го праќа Азаил да праша дали ќе оздрави. Елисеј пророкува дека царот ќе умре и дека Азаил ќе владее на негово место. Веќе следниот ден, Азаил го задушува царот со мокра покривка и го презема царувањето (2. Цареви 8:15). Јорам, синот на Јосафат, станува цар на Јуда, а него го наследува неговиот син Охозиј. (Види ја рамката „Цареви на Јуда и на Израел“.)
Одговорени библиски прашања:
2:9 — Зошто Елисеј побарал ‚двоен дел од духот на Илија‘? За да ја исполни одговорноста како пророк на Израел, на Елисеј му требал истиот дух на храброст и бестрашност што го покажал Илија. Свесен за тоа, Елисеј побарал двоен дел од духот на Илија. Илија за свој наследник го избрал Елисеј, кој шест години му бил слуга. Затоа Елисеј гледал на Илија како на свој духовен татко; Елисеј му бил како првороден син (1. Цареви 19:19-21; 2. Цареви 2:12). Според тоа, токму како што вистинскиот првороден син добивал двоен дел од наследството од таткото, Елисеј побарал и примил двоен дел од духовното наследство од Илија.
2:11 — Што било „небото“ кон кое ‚Илија бил однесен во виор‘? Ова не биле далечните делови од физичкиот универзум ниту, пак, духовното место каде што престојуваат Бог и неговите ангели (Второзаконие 4:19; Псалм 11:4; Матеј 6:9; 18:10). „Небото“ на кое бил однесен Илија била атмосферата (Псалм 78:26; Матеј 6:26). Летајќи брзо низ земјината атмосфера, огнената кола очигледно го префрлила Илија на друг дел од земјата, каде што продолжил да живее некое време. Всушност, со години подоцна, Илија му напишал писмо на Јорам, царот на Јуда (2. Летописи 21:1, 12-15).
5:15, 16 — Зошто Елисеј не го прифатил подарокот на Нееман? Елисеј го одбил подарокот затоа што бил свесен дека чудото со кое бил излечен Нееман било извршено со Јеховина моќ, а не со негова. За него било незамисливо да извлече некаква лична корист од службата што ја добил од Бог. Денешните вистински обожаватели не бараат лична корист од Јеховината служба. Тие ја земаат при срце опомената од Исус: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:8).
5:18, 19 — Дали Нееман барал простување затоа што морал да учествува во религиозен чин? Сирискиот цар очигледно бил стар и слаб и морал да се потпре на Нееман за поддршка. Кога царот се поклонил за да го обожава Римон, Нееман го направил истото. Сепак, за Нееман тоа било само механичка постапка само за да го придржи телото на царот, а не да обожава. Нееман го молел Јехова да му прости за оваа службена должност. Верувајќи му на Нееман, Елисеј му рекол: „Оди си во мир“.
Поуки за нас:
1:13, 14. Ако учиме од набљудување и се однесуваме понизно, тогаш може да се спасат животи.
2:2, 4, 6. Иако можеби шест години му бил слуга на Илија, Елисеј не сакал да го напушти. Колку добар пример за лојалност и пријателство! (Пословици 18:24).
2:23, 24 (NW). Главната причина зошто го исмевале Елисеј била тоа што еден ќелав човек ја носел наметката на Илија. Децата сфатиле дека Елисеј е претставник на Јехова и едноставно не го сакале во нивна близина. Тие му рекле да „оди горе“, што значи да продолжи да оди до Ветил или да биде земен како Илија. Децата очигледно го одразувале непријателскиот став на нивните родители. Навистина е важно родителите да ги учат своите деца да ги почитуваат претставниците на Бог!
3:14, 18, 24. Јеховината реч секогаш се исполнува.
3:22. Поради отсјајот на раната утринска светлина, водата изгледала како крв, можеби затоа што земјата во тукушто направените канали содржела црвена глина. Јехова може да избере да користи природни феномени за да ја исполни својата намера.
4:8-11. Кога сфатила дека Елисеј е ‚свет Божји човек‘, една жена во Сунам му укажала гостопримство. Зарем не треба и ние да го правиме истото за верните обожаватели на Јехова?
5:3. Израелското девојче имало вера дека Бог може да прави чуда. Тоа исто така било храбро да зборува за својата вера. Дали вие, млади, се трудите да ја зајакнете својата вера во Божјите ветувања и да соберете храброст да им зборувате за вистината на вашите наставници и на школските другари?
5:9-19. Зарем примерот на Нееман не покажува дека гордите луѓе можат да научат да бидат понизни? (1. Петрово 5:5).
5:20-27. Навистина се плаќа голема цена кога некој се обидува да живее во лага! Ако внимателно размислиме за личните болки и проблеми што ги носи двојниот живот, тоа ќе ни помогне да избегнеме таков правец на однесување.
ИЗРАЕЛ И ЈУДА ВО ИЗГНАНСТВО
Јуј е помазан за цар над Израел. Тој не губи време и веднаш започнува воен поход за да ги убие сите од домот на Ахав. Јуј вешто го ‚истребува обожавањето на Ваал од Израел‘ (2. Цареви 10:28). Откако дознава дека Јуј го убил нејзиниот син, Готолија, мајката на Охозиј, ‚станува и го погубува сиот царски род на Јуда‘ и го презема престолот (2. Цареви 11:1). Само Јоас, малиот син на Охозиј, е спасен и, откако шест години се крие, поставен е за цар на Јуда. Поучен од свештеникот Јодај, Јоас продолжува да го прави она што е добро во Јеховини очи.
Сите цареви што владеат со Израел по Јуј, го прават она што е зло во очите на Јехова. Елисеј умира од природна смрт во времето на внукот на Јуј. Четврти цар на Јуда по Јоас е Ахаз, и тој ‚не го прави она што е право во очите на Јехова‘ (2. Цареви 16:1, 2). Меѓутоа, неговиот син Езекија се покажува како цар кој ‚се прилепува кон Господа‘ (2. Цареви 17:20; 18:6). Во 740 пр.н.е., кога Езекија бил цар на Јуда а Осиј владеел над Израел, асирскиот цар Салманасар ‚ја зазема Самарија и ги одведува Израелците во ропство во Асирија‘ (2. Цареви 17:6). Подоцна, на територијата на Израел се доведени странци и така е создадена самарјанската религија.
Од седумте цареви кои следат по Езекија, само Јосиј презема акција да ја исчисти земјата од лажното обожавање. На крајот, во 607 пр.н.е., Вавилонците го освојуваат Ерусалим и ‚јудејскиот народ е одведен од неговата родна земја‘ (2. Цареви 25:21).
Одговорени библиски прашања:
13:20, 21 — Дали ова чудо дава темел за да се обожаваат религиозни реликвии? Не. Библијата не вели дека коските на Елисеј некогаш биле обожавани. Ова чудо било возможно поради Божјата моќ, исто како и сите други чуда што ги направил Елисеј додека сѐ уште бил жив.
15:1-6 — Зошто Јехова го удрил Азариј (Озиј, 2. Летописи 26:1) со лепра? „Но кога се засили, [на Озиј] срцето му се возгордеа многу . . . та му изневери на Господа, својот Бог, зашто влезе во Господовиот Храм, и почна да принесува темјан на кадилниот жртвеник“. Кога свештениците ‚му се спротивставиле на царот‘ и му рекле да ‚излезе од светилиштето‘, тој се расрдил на свештениците и му избувнала лепра (2. Летописи 26:16-20).
18:19-21, 25 — Дали Езекија склучил сојуз со Египет? Не. Обвинувањето на Раб-Шак било лажно, исто како и неговото тврдење дека дошол по ‚Јеховина волја‘. Верниот цар Езекија се надевал единствено на Јехова.
Поуки за нас:
9:7, 26. Строгиот суд против домот на Ахав покажува дека лажното обожавање и пролевањето невина крв му се одвратни на Јехова.
9:20. Тоа што Јуј бил познат како човек што многу брзо ја вози колата е доказ дека со ревност ја извршувал својата задача. Дали и ти си познат како ревносен објавител на Царството? (2. Тимотеј 4:2).
9:36, 37; 10:17; 13:18, 19, 25; 14:25; 19:20, 32-36; 20:16, 17; 24:13. Можеме да бидеме сигурни дека ‚словото што излегува од устата на Јехова секогаш се извршува‘ (Исаија 55:10, 11).
10:15. Исто како што Јонадав со цело срце ја прифатил поканата на Јуј да се качи во неговата двоколка, ‚големото мноштво‘ спремно го поддржува современиот Јуј, Исус Христос, и неговите помазани следбеници (Откровение 7:9).
10:30, 31. Иако Јуј не оставил беспрекорно досие, Јехова го ценел сето тоа што го направил. Навистина, ‚Бог не е неправеден да го заборави нашето дело‘ (Евреите 6:10).
13:14-19. Јоас, внукот на Јуј, имал ограничен успех во поразувањето на Сиријците, затоа што не дал сѐ од себе, туку удрил само три пати со стрелите во земјата. Јехова очекува од нас со цело срце и ревносно да ја извршуваме задачата што ни ја дал.
20:2-6. Јехова ги ‚слуша молитвите‘ (Псалм 65:2).
24:3, 4. Јехова ‚не сакал да ѝ прости‘ на Јуда, затоа што Манасиј бил виновен за крв. Бог ја почитува крвта на невините. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ја одмазди невината крв со тоа што ќе ги уништи оние што се виновни за нејзиното пролевање (Псалм 37:9-11; 145:20).
Вредна за нас
Книгата Втора Цареви го опишува Јехова како Исполнител на ветувањата. Прогонството на жителите на двете царства, прво на Израел и потоа на Јуда, силно покажува како се исполнила пророчката осуда запишана во Второзаконие 28:15—29:28. Втора Цареви го опишува Елисеј како пророк со голема ревност за Јеховиното име и за вистинското обожавање. Езекија и Јосија се опишани како понизни цареви кои го почитуваат Божјиот закон.
Додека внимателно размислуваме за ставовите и постапките на царевите, пророците и другите кои се спомнати во Втора Цареви, зарем не учиме вредни лекции за тоа по што треба да се стремиме и што да избегнуваме? (Римјаните 15:4; 1. Коринќаните 10:11). Да, „речта Божја е жива и врши силно влијание“ (Евреите 4:12).
[Рамка/слика на страница 10]
ЧУДАТА НА ЕЛИСЕЈ
1. Водата на Јордан е разделена (2. Цареви 2:14).
2. Лошата вода во Ерихон станува здрава (2. Цареви 2:19-22).
3. Мечки напаѓаат малолетни престапници (2. Цареви 2:23, 24).
4. Војската добива вода (2. Цареви 3:16-26).
5. Една вдовица добива масло за јадење (2. Цареви 4:1-7).
6. Една неплодна Сунамка добива дете (2. Цареви 4:8-17).
7. Едно дете е воскреснато (2. Цареви 4:18-37).
8. Отровна чорба станува добра за јадење (2. Цареви 4:38-41).
9. Сто луѓе се нахранети со 20 лебови (2. Цареви 4:42-44).
10. Нееман е излечен од лепра (2. Цареви 5:1-14).
11. Лепрата преминува од Нееман на Гиезиј (2. Цареви 5:24-27).
12. Испливува секира (2. Цареви 6:5-7).
13. Еден слуга гледа ангелски коли (2. Цареви 6:15-17).
14. Сириската војска е ослепена (2. Цареви 6:18).
15. Сириската војска повторно прогледува (2. Цареви 6:19-23).
16. Еден мртов човек оживува (2. Цареви 13:20, 21).
[Табела/слики на страница 12]
ЦАРЕВИ НА ЈУДА И НА ИЗРАЕЛ
Саул/Давид/Соломон: 1117/1077/1037 пр.н.е.a
ЦАРСТВО ЈУДА ДАТУМ (ПР.Н.Е.) ЦАРСТВО ИЗРАЕЛ
Ровоам ․․․․․․ 997 ․․․․․․ Јеровоам
Авиј/Аса ․․․․ 980/978 ․․․․
․․ 976/975/952 ․․ Надав/Васа/Ила
․․ 951/951/951 ․․ Зимриј/Амриј/Тивниј
․․․․․․ 940 ․․․․․․ Ахав
Јосафат ․․․․․․ 937 ․․․․․․
․․․․ 920/917 ․․․․ Охозиј/Јорам
Јорам ․․․․․․ 913 ․․․․․․
Охозиј ․․․․․․ 906 ․․․․․․
(Готолија) ․․․․․․ 905 ․․․․․․ Јуј
Јоас ․․․․․․ 898 ․․․․․․
․․․․ 876/859 ․․․․ Јоахаз/Јоас
Амасиј ․․․․․․ 858 ․․․․․․
․․․․․․ 844 ․․․․․․ Јеровоам II
Азариј (Озиј) ․․․․․․ 829 ․․․․․․
․․ 803/791/791 ․․ Захариј/Салум/Менаим
․․․․ 780/778 ․․․․ Факиј/Факеј
Јотам/Ахаз ․․․․ 777/762 ․․․․
․․․․․․ 758 ․․․․․․ Осиј
Езекија ․․․․․․ 746 ․․․․․․
․․․․․․ 740 ․․․․․․ Освојување на Самарија
Манасиј/Амон/Јосиј ․․ 716/661/659 ․․
Јоахаз/Јоаким ․․․․ 628/628 ․․․․
Јоахин/Седекија ․․․․ 618/617 ․․․․
Ерусалим уништен ․․․․․․ 607 ․․․․․․
[Фуснота]
a Датумите ја означуваат почетната година на владеење.
[Слика на страници 8 и 9]
Нееман се понизил и бил излечен со Јеховината моќ
[Слика на страници 8 и 9]
Што се случило со Илија откако бил ‚однесен во виор на небото‘?