Имаш ли ‚срце кое го познава Јехова‘?
„Ќе им дадам срце за да ме познаваат, дека јас сум Јехова. И ќе бидат мој народ“ (ЕРЕМ. 24:7)
1, 2. Каква интересна споредба дал Јехова, и зошто таа е важна за нас?
САКАШ ЛИ да јадеш смокви? Во библиски времиња, смоквите биле омилено овошје на Израелците (Наум 3:12; Лука 13:6-9). Денес тие се одгледуваат на многу места во светот. Смоквите се богати со растителни влакна, антиоксиданти и минерали, и затоа некои сметаат дека се добри за срцето.
2 Во времето на Еремија, Јехова дал една споредба со смокви. Но, тој не сакал да истакне колку смоквите се добри за здравјето туку да укаже на состојбата на човечкото срце. Оваа споредба што ја запишал Еремија може да ни помогне нам и на нашите најблиски. Да ја разгледаме и да видиме што можеме ние како христијани да научиме од неа.
3. Што претставувале смоквите спомнати во Еремија поглавје 24?
3 Во 617 год. пр.н.е., народот во Јуда бил во лоша духовна состојба. Затоа Јехова му дал на Еремија едно видение за тоа што ќе се случи со нив во иднина. Тој му покажал на својот пророк две кошници со смокви — едните биле „многу добри“, а другите „многу лоши“. (Прочитај Еремија 24:1-3.) Лошите смокви ги претставувале цар Седекија и другите слични на него кои наскоро требало да бидат нападнати од цар Навуходоносор и неговата војска. Но, имало и луѓе што биле како добрите смокви. Меѓу нив биле Езекиел, Даниел и неговите тројца пријатели, како и некои други Евреи кои на крајот биле одведени во заробеништво во Вавилон. Еден остаток од нив подоцна се вратил во Ерусалим, и повторно го изградил храмот и градот (Ерем. 24:8-10; 25:11, 12; 29:10).
4. Зошто сме охрабрени од она што Бог го кажал за добрите смокви?
4 Во врска со оние што биле споредени со добрите смокви, Јехова рекол: „Ќе им дадам срце за да ме познаваат, дека јас сум Јехова. И ќе бидат мој народ“ (Ерем. 24:7). Ова е многу охрабрувачко за нас бидејќи покажува дека Бог е спремен да ни даде ‚срце за да го познаваме‘. Со други зборови, тој сака да имаме желба да го запознаеме и да бидеме дел од неговиот народ. Што ќе ни помогне во тоа? Треба да ја проучуваме Библијата и да го применуваме она што го учиме, да се покаеме и да се преобратиме, да му го заветуваме својот живот на Бог и да се крстиме во името на Таткото, на Синот и на светиот дух (Мат. 28:19, 20; Дела 3:19). Можеби веќе си ги направил овие чекори или, пак, редовно се дружиш со Јеховините сведоци и напредуваш во тој правец.
5. За кого првенствено пишувал Еремија?
5 Сеедно дали сме ги направиле сите тие чекори или не, и понатаму треба да внимаваме на нашиот став и однесување. Зошто? Одговорот ќе го дознаеме од она што Еремија го напишал во врска со срцето. Иако некои поглавја од книгата Еремија се однесуваат на околните народи, во неа главно се зборува за она што се случувало во Јуда за време на владеењето на пет цареви (Ерем. 1:15, 16). Затоа може да се каже дека овој пророк првенствено пишувал за мажи, жени и деца кои биле дел од народот што му бил заветуван на Јехова. Нивните предци се согласиле да бидат Божји народ (2. Мој. 19:3-8). И во времето на Еремија, Израелците признале дека му припаѓаат на Јехова. Тие рекле: „Доаѓаме кај тебе, зашто ти, Јехова, си нашиот Бог“ (Ерем. 3:22). Но, што мислиш, во каква состојба биле нивните срца?
ИМ БИЛА ПОТРЕБНА „ОПЕРАЦИЈА НА СРЦЕТО“
6. Зошто треба да ни биде важно што рекол Бог за срцето?
6 Денес лекарите користат современа технологија за да проверат во каква здравствена состојба е нечие срце. Но, Јехова е далеку поспособен од нив. Тој може да направи една поинаква и потемелна проверка на нашето срце, како што било случај во времето на Еремија. Ова јасно се гледа од следниве негови зборови: „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ. Кој може да проникне во него? Јас, Јехова, го истражувам срцето... за да му дадам секому според неговите патишта, според плодовите на неговите дела“ (Ерем. 17:9, 10). За разлика од лекарите, кои можат да направат медицински преглед на нашето дословно срце, Јехова ‚го истражува‘ нашето симболично срце. Тоа ја претставува целокупната личност на човекот, односно неговите желби, мисли, склоности, ставови и цели. Бог може да го испита ова симболично срце, а во некоја мера можеш да го испиташ и ти.
7. Што рекол Еремија во врска со срцето на повеќето Евреи во неговото време?
7 Пред да почнеме да го испитуваме нашето срце, добро е да се прашаме: ‚Во каква состојба било симболичното срце на повеќето Евреи во времето на Еремија?‘ Самиот Јехова го дал одговорот. Еремија запишал: „Целиот Израелов дом има необрежано срце“. Се разбира, со ова не сакал да каже дека мажите во Израел не биле обрежани на телото. Тоа се гледа и од следниве негови зборови: „,Еве, доаѓаат денови‘, вели Јехова, ‚кога ќе ги повикам на одговорност сите што се обрежани, но сепак се во необрежаност‘“. Ова јасно покажува дека дури и некои обрежани Евреи имале „необрежано срце“ (Ерем. 9:25, 26). Што значело тоа?
8, 9. Што требало да направат повеќето Евреи со своето срце?
8 Бог им дал на Евреите еден совет кој ќе ни помогне да разбереме што значи изразот „необрежано срце“. Тој им рекол: „Обрежете го своето срце, народе Јудин и жители ерусалимски, за да не дојде мојот гнев... поради вашите зли дела“. Но, каде лежел коренот на нивните зли дела? Во нивното срце. (Прочитај Марко 7:20-23.) Значи, преку Еремија, Бог поставил точна дијагноза, односно ја утврдил причината за лошите дела на Евреите. Тие имале тврдокорно и бунтовно срце. Јехова воопшто не ги одобрувал нивните мисли и мотиви. (Прочитај Еремија 5:23, 24; 7:24-26.) Затоа им рекол: „Обрежете се заради Јехова, обрежете го своето срце“ (Ерем. 4:4; 18:11, 12).
9 Очигледно, на Евреите во времето на Еремија им била потребна операција на симболичното срце. Сличен проблем имале и Израелците во времето на Мојсеј (5. Мој. 10:16; 30:6). Тие можеле да си го обрежат срцето така што ќе ги отстранеле сите мисли, желби и мотиви кои го стврднувале нивното срце и ги наведувале да не ги слушаат Јеховините заповеди (Дела 7:51).
КАКО ДА СТЕКНЕМЕ ‚СРЦЕ КОЕ ГО ПОЗНАВА‘ ЈЕХОВА?
10. Што треба да правиме по примерот на Давид?
10 Колку сме благодарни што Бог ни помага да проникнеме во нашето симболично срце! Сепак, некој можеби ќе се праша: ‚Зошто ние како Божји народ треба да обрнуваме толку внимание на срцето?‘ Точно е дека повеќето во собранијата му служат верно на Јехова и водат чист живот. Тие не се како „лошите смокви“ од споредбата на Еремија. Но, сети се дека дури и праведниот Давид го молел Јехова: „Проникни во мојата внатрешност, о Боже, и запознај го срцето мое! Испитај ме и запознај ги немирните мисли мои, и види има ли во мене нешто што ме наведува на лош пат“ (Пс. 17:3; 139:23, 24).
11, 12. а) Зошто секој од нас треба да си го преиспита срцето? б) Што нема да стори Бог?
11 Јехова сака срцето на секој негов слуга да биде и да остане во добра состојба. Еремија рекол: „Ти, о Јехова над војските, го испитуваш праведникот, ги гледаш бубрезите и срцето“ (Ерем. 20:12). Штом Семоќниот го испитува и срцето на праведниците, зарем не треба и ние самите искрено да го преиспитаме своето срце? (Прочитај Псалм 11:5.) Ако го направиме тоа, можеби ќе откриеме дека длабоко во него има некои погрешни ставови, чувства или цели на кои треба да им обрнеме внимание. Можеби ќе увидиме дека има нешто што на некој начин ни го ‚стврднува‘ срцето, и затоа мора да го отстраниме со симболична операција. Какви погрешни ставови или чувства би можеле да негуваме во срцето? И како би можеле да ги направиме потребните промени? (Ерем. 4:4).
12 Едно е сигурно: Јехова нема да нѐ присили да се смениме. Во врска со „добрите смокви“, тој рекол дека ‚ќе им даде срце за да го познаваат‘. Но, не рекол дека ќе ги присили да се сменат во срцето. Тие самите морале да имаат желба да го познаваат Бог. И ние треба да имаме таква желба.
13, 14. Во каква опасност може да се најде некој што развива погрешни желби или ставови во срцето?
13 Исус изјавил: „Од срцето излегуваат зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули“ (Мат. 15:19). На пример, ако некој брат има погрешни желби во срцето, може да направи блуд или прељуба. Ако не се покае поради тоа, засекогаш ќе ја изгуби Божјата милост. Но, дури и некој што не направил таков тежок грев, можеби сепак дозволува во неговото срце да расте некоја погрешна желба. (Прочитај Матеј 5:27, 28.) Многу е важно да си го преиспитуваме срцето за да не дозволиме во него да пуштат корен погрешните желби. Дали можеби имаш неисправни чувства кон некој од спротивниот пол, некои потајни желби што Бог не ги одобрува? Ќе треба ли да направиш промени во своето срце за да ги искорениш?
14 На сличен начин, дури и ако некој брат не извршил убиство, можеби сепак дозволува кај него да се развие толкава огорченост или гнев кон некој соверник што почнува да го мрази во срцето (3. Мој. 19:17). Дали ќе даде сѐ од себе за да ги совлада таквите чувства кои би можеле да му го стврднат срцето? (Мат. 5:21, 22).
15, 16. а) Како би можел еден христијанин да има „необрежано срце“? Наведи пример. б) Зошто мислиш дека Јехова не сака да имаме „необрежано срце“?
15 Повеќето христијани немаат вакви ‚проблеми со срцето‘. Меѓутоа, Исус спомнал дека од срцето излегуваат и „зли мисли“. Тоа се гледишта или ставови кои можат лошо да влијаат на многу полиња од животот. На пример, некој можеби има искривено гледиште за тоа што значи да му се биде лојален на семејството. Се разбира, нормално е христијаните да имаат „љубов кон членовите на семејството“. Тие не се „бесчувствителни“ како што се многу луѓе во овие ‚последни денови‘ (2. Тим. 3:1, 3, фус.). Но, би можеле да станеме неурамнотежени во овој поглед. Мнозина велат: „Крвта не е вода“. Поради таквиот став се спремни по секоја цена да ги бранат роднините или да застанат на нивна страна. Ако сметаат дека му е нанесена неправда на некој нивни роднина, тоа го доживуваат како лична навреда. Такво нешто се случило во минатото со браќата на Дина. Кога таа била обесчестена, тие толку се разбесниле што испоубиле многу луѓе (1. Мој. 34:13, 25-30). Друг пример е Авесалом. Поради силната омраза што ја чувствувал во срцето, тој го убил својот полубрат Амнон (2. Сам. 13:1-30). Ова покажува дека ‚злите мисли‘ можат да бидат многу опасни.
16 Се разбира, ниеден вистински христијанин не би одзел нечиј живот. Сепак, дали дозволуваме во нас да тлее огорченост и лутина кон некој соверник кој му нанел, или нам ни се чини дека му нанел, неправда на некој од нашите најблиски? Дали поради тоа ќе престанеме да го каниме на гости или, пак, ќе одбиеме да одиме кај него ако тој нѐ покани? (Евр. 13:1, 2). Негостољубивоста и негативните чувства не се мала работа. Тоа покажува дека немаме доволно љубов кон своите соверници. На темел на тоа, Јехова би можел да заклучи дека имаме „необрежано срце“ (Ерем. 9:25, 26). Да не заборавиме дека тој ги поттикнал Евреите: „Обрежете го своето срце“ (Ерем. 4:4).
СТЕКНИ ‚СРЦЕ КОЕ ГО ПОЗНАВА ЈЕХОВА‘
17. Како може стравот од Јехова да ни помогне да си го „обрежеме“ срцето?
17 Кога ќе го преиспиташ своето симболично срце, можеби ќе сфатиш дека не реагираш исправно на советите што ги дава Јехова. Со други зборови, би можел да увидиш дека во некој поглед твоето срце е „необрежано“. Можеби кај себе си открил страв од човек, желба за слава или за пари, па дури и тврдоглавост и самоволие. Ако е така, што ќе ти помогне да си го „обрежеш“ срцето? Да видиме што може да научиме од неверните Евреи во времето на Еремија (Ерем. 7:24; 11:8). Тој напишал дека тие имале „тврдокорно и бунтовно срце“. Зошто? Затоа што не ‚се боеле од Јехова‘, иако тој многу ги сакал и се грижел за сите нивни потреби (Ерем. 5:23, 24). Ова покажува дека ќе ни биде полесно да си го „обрежеме“ срцето ако имаме страхопочит кон Јехова. Таквиот здрав страв ќе ни помогне да ги направиме потребните промени и да му бидеме потполно послушни.
18. Какво ветување им дал Јехова на оние со кои го склучил новиот сојуз?
18 Ако се трудиме со сета душа да правиме промени, Јехова ќе ни даде ‚срце за да го познаваме‘. Всушност, токму тоа им го ветил и на помазаниците со кои го склучил новиот сојуз: „Ќе го ставам својот закон во нив и ќе го запишам во нивните срца. Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат мој народ“. Потоа додал: „Никој повеќе нема да го учи својот другар, ниту својот брат, и нема да му вели: ‚Запознајте го Јехова!‘ Зашто, ќе ме познаваат сите, од најмал до најголем... И ќе им го простам нивниот престап и повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“ (Ерем. 31:31-34).a
19. Какви благослови добиваат вистинските христијани?
19 Сеедно дали сме меѓу помазаните учесници во тој нов сојуз или меѓу нивните придружници кои ќе живеат вечно на Земјата, сите ние треба да имаме желба да го познаваме Јехова и да бидеме дел од неговиот народ. За да ги доживееме благословите што ги носи новиот сојуз неопходно е да добиеме простување на темел на Христовата откупна жртва. Тоа што Јехова е спремен да ни ги прости гревовите треба да нѐ поттикне и нас да бидеме спремни да им простуваме на другите, дури и кога тоа не е лесно. Ако се потрудиме да ги отстраниме сите негативни чувства и ставови, тоа ќе влијае добро врз нашето срце. Така ќе покажеме дека сакаме да му служиме на Јехова и дека сѐ подобро го запознаваме. Ќе бидеме како оние на кои Јехова им рекол: „Ќе ме барате, и ќе ме најдете, зашто ќе ме барате со сето свое срце. И ќе ви дозволам да ме најдете“ (Ерем. 29:13, 14).
a Повеќе информации за новиот сојуз има во книгата Еремија и Божјата порака за нас, поглавје 14.