ДАЛИ СТЕ ЗНАЕЛЕ?
На кој начин Евреите од првиот век ги подготвувале умрените за погреб?
Евреите ги погребувале мртвите кратко по нивната смрт, обично уште истиот ден. Тоа се правело од две причини. Прво, мртвото тело почнувало брзо да се распаѓа на топлата клима што владее на Блискиот Исток. Второ, во тоа време било раширено мислењето дека, ако телото се остави незакопано неколку дена, ќе се покаже непочитување кон умрениот и кон неговото семејство.
Во евангелијата и во книгата Дела се спомнуваат најмалку четири погреби, кои биле извршени уште истиот ден кога настапила смртта (Матеј 27:57-60; Дела 5:5-10; 7:60—8:2). Векови претходно, Рахела, саканата жена на Јаков, умрела додека со Јаков и семејството била на пат. Наместо да го однесе нејзиното тело во семејната гробница, Јаков ѝ ископал гроб на „патот за... Витлеем“ (1. Мојсеева 35:19, 20, 27-29).
Библиските извештаи во кои се спомнуваат погреби ни откриваат дека Евреите посветувале големо внимание на подготвувањето на починатиот за закоп. Семејството и пријателите го капеле телото на покојникот, го премачкувале со мирисливи материи и скапоцени масла и го замотувале во платна (Јован 19:39, 40; Дела 9:36-41). Соседите и другите луѓе можеле да дојдат за да го изразат своето сочувство и да го утешат семејството (Марко 5:38, 39).
Дали Исус бил погребан како што било вообичаено меѓу Евреите во тоа време?
Многу еврејски семејства ги погребувале починатите во пештери или гробници издлабени во меки карпи кои се вообичаени во многу делови на Израел. Со тоа, го следеле примерот што го оставиле нивните прататковци. Авраам, Сара, Исак, Јаков и други биле погребани во пештерата Макпела во близината на Хеврон (1. Мојсеева 23:19; 25:8, 9; 49:29-31; 50:13).
Исус бил закопан во гроб издлабен во карпа (Марко 15:46). Ваквите гробови обично имале тесни влезови. Внатре биле направени вдлабнатини во ѕидот на карпата, каде што се положувале телата на починатите од семејството. Откако телото ќе се распаднело, сувите коски се собирале и се ставале во една камена кутија, како што било обичај во времето на Исус. На овој начин, семејството можело да направи простор во гробницата и за други закопи.
На саботниот ден, односно денот за одмор пропишан со Мојсеевиот закон, Евреите не смееле да вршат подготовки за погреб. Бидејќи Исус умрел околу три часа пред да започне саботниот ден, Јосиф од Ариматеја и други го погребале без целосно да го подготват неговото тело (Лука 23:50-56). Од таа причина, некои пријатели на Исус отишле на неговиот гроб по саботниот ден за да ги довршат подготовките на неговото тело (Марко 16:1; Лука 24:1).