ЧИТАТЕЛИТЕ ПРАШУВААТ...
Дали Исус му ветил на злосторникот живот на небото?
Ова прашање се поставува затоа што Исус му ветил на злосторникот што бил погубен покрај него дека ќе живее во рај. Исус рекол: „Вистина, ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43). Забележи дека Исус не спомнал каде ќе биде тој рај. Според тоа, дали сакал да каже дека злосторникот ќе биде со него на небото?
Најнапред да видиме дали тој злосторник имал основа да живее на небото. Луѓето што имаат надеж да живеат на небото се крстени во вода и со свет дух и затоа се помазани ученици на Исус (Јован 3:3, 5). Тие треба да живеат според Божјите морални мерила и да покажуваат особини како што се чесност, верност и сочувство (1. Коринќаните 6:9-11). Освен тоа, мора да им останат верни на Бог и на Христос до крајот на својот живот на Земјата (Лука 22:28-30; 2. Тимотеј 2:12). Само така ќе може да бидат воскреснати за да ја исполнат сериозната одговорност што ги очекува на небото, имено, да служат заедно со Христос како свештеници и цареви над луѓето во текот на илјада години (Откровение 20:6).
За разлика од нив, злосторникот што бил погубен крај Исус живеел и умрел како злосторник (Лука 23:32, 39-41). Точно е дека покажал почит кон Исус кога му рекол: „Сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство“ (Лука 23:42). Сепак, тој не станал крстен, помазан ученик на Исус ниту, пак, живеел праведно и верно до крајот на животот. Тогаш, дали е логично Исус да му вети дека ќе биде цар на небото заедно со неговите верни следбеници? (Римјаните 2:6, 7).
Да наведеме еден пример: Замисли си дека некој човек што ти украл пари те моли да му простиш. Можеби ќе одлучиш да не покренеш обвинение против него. Но, дали ќе му дозволиш да го води твојот бизнис или да се грижи за твоето семејство? Без сомнение, таа одговорност ќе им ја довериш само на оние во кои имаш потполна доверба. Слично на тоа, оние што имаат надеж да живеат на небото мора да докажат дека ќе се држат за Божјите праведни мерила кога ќе владеат со луѓето (Откровение 2:10). Иако во последните мигови од својот живот злосторникот бил искрен, тој не покажал дека е достоен за таква доверба.
Но, зар Исус не му рекол на злосторникот дека ќе биде со него на небото уште истиот ден? Тоа не би имало логика бидејќи ниту Исус не отишол на небото тој ден. Наместо тоа, три дена бил „во срцето на земјата“, односно во гробот (Матеј 12:40; Марко 10:34). Дури и откако воскреснал, тој останал на Земјата 40 дена пред да се вознесе на небото (Дела 1:3, 9). Затоа, злосторникот не можел да биде на небото со Исус уште истиот ден.
Значи, каде ќе биде рајот во кој требало да отиде злосторникот? Откако ќе воскресне, тој ќе биде во рај на Земјата, над кој ќе владее Исус (Дела 24:15; Откровение 21:3, 4). За да дознаеш нешто повеќе за тој рај и што треба да правиш за Бог да ти дозволи да живееш во него, разговарај со некој Јеховин сведок.