ДАЛИ СТЕ ЗНАЕЛЕ?
Зошто древната Ниневија била наречена ‚крволочен град‘?
Ниневија била престолнина на Асирското Царство. Таа била моќен град со величествени палати и храмови, широки улици и огромни ѕидини. Еврејскиот пророк Наум ја нарекол „крволочниот град“ (Наум 3:1).
Тој опис бил соодветен бидејќи некои релјефи во палатата на Сенахирим, која се наоѓала во Ниневија, потврдуваат дека Асирците биле многу суров народ. На еден од тие релјефи е прикажан мачител кој му го вади јазикот на еден затвореник што е прикован за земја. Во натписите се запишани пофалби за тоа како заробениците биле водени со јажиња на кои имало куки прикачени на нивните носеви или усни. Заробените службеници морале да ги носат околу вратот отсечените глави на нивните цареви, нанижани како ѓердан.
Во врска со ѕверствата што се вршеле откако Асирците ќе освоеле некој град, изучувачот Арчибалд Хенри Сојс вели: „Освојувачите оставале зад себе купишта од отсечени човечки глави. Децата биле живи палени или чувани за уште поѕверски мачења. Мажите биле распнувани, на живо им била дерена кожата, им биле вадени очите и им биле отсекувани рацете, нозете, ушите или носовите“.
Зошто Евреите ставале ограда на покривите од своите куќи?
Бог им заповедал на Евреите: „Ако изградиш нова куќа, направи и ограда на покривот за да не навлечеш вина за крв на својата куќа ако некој падне од неа“ (5. Мојсеева 22:8). Оградата на покривот била неопходна безбедносна мерка бидејќи еврејските семејства во библиски времиња минувале многу време на покривите од своите куќи.
Повеќето куќи во Израел имале рамен покрив. Тој бил идеално место за да се ужива во топлото сонце, за да се биде на воздух или за да се извршуваат секојдневните обврски. На лето бил удобно место за спиење (1. Самоилова 9:26). Земјоделците го користеле покривот за да сушат жито пред да го сомелат или за да сушат смокви и грозје (Исус Навин 2:6).
Исто така, на покривите луѓето го обожавале вистинскиот Бог или вршеле обреди на лажните богови (Неемија 8:16-18; Еремија 19:13). Едно пладне, апостол Петар отишол на покривот за да се моли (Дела 10:9-16). Ако на покривот имало сенка од лози или од палмови лисја, сигурно бил пријатно место за одмор.
Според една книга, куќите на Израелците имале скали кои воделе до покривот. Тие не се наоѓале „внатре во куќата, туку во дворот“ (The Land and the Book). Затоа, домаќинот можел да се симне од покривот без да влегува во куќата. Знаејќи го ова, можеме да сфатиме зошто Исус им го дал следново упатство на своите ученици кои требало брзо да избегаат од осудениот град, Ерусалим: „Кој ќе биде на покривот, нека не слегува да земе нешто од куќата“ (Матеј 24:17).