ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА: СВЕТ БЕЗ ПРЕДРАСУДИ — СОН ИЛИ РЕАЛНОСТ?
Предрасудите — проблем од светски размери
ЏОНАТАН, кој потекнува од корејско семејство а се родил во САД, како дете бил жртва на расни предрасуди. Кога пораснал, решил да побара место каде што луѓето нема да му судат врз основа на цртите на лицето или расата. Се вработил како лекар во едно гратче во северна Алјаска (САД), каде што по изгледот не се разликувал многу од повеќето пациенти. Се надевал дека таму, среде студените ветришта на Северниот поларен круг, конечно ќе избега од уште постудените ветришта на предрасудите.
Сите негови надежи се срушиле кога ѝ пружал лекарска помош на една 25-годишна девојка. Штом се разбудила од кома и го погледнала в лице, таа го опцула и така го покажала својот длабоко вкоренет презир кон Корејците. Оваа случка била болно потсетување за Џонатан дека, и покрај тоа што се преселил за полесно да се вклопи во средината, не успеал да им побегне на предрасудите.
Она што му се случило на Џонатан ја открива суровата реалност. Предрасудите се раширени на секоја педа од Земјата. Всушност, кај што има луѓе, таму има и предрасуди.
Но, и покрај тоа што предрасудите се толку раширени, повеќето луѓе веднаш ќе ги осудат. Ова е вистински парадокс. Како е можно нешто што наидува на толкаво неодобрување меѓу луѓето во исто време да биде и толку раширено? Очигледно, многу луѓе што се против предрасудите не сфаќаат дека и самите покажуваат предрасуди. Дали е тоа случај и со тебе? Што би рекол ти?
ЛИЧНО ПРАШАЊЕ
Понекогаш можеби не сме ни свесни колку е тешко да откриеме дали длабоко во нашето срце фатиле корен некакви предрасуди. Од Библијата можеме да дознаеме зошто. Во неа пишува: „Срцето е поизмамливо од сѐ“ (Еремија 17:9). Затоа, многу лесно можеме да се залажуваме дека сите луѓе ги сметаме за еднакви. Или, можеби си мислиме дека со добри причини имаме негативно гледиште за одредена група луѓе.
За да увидиш дека не е лесно да откриеш дали длабоко во себе имаш предрасуди за кои не си свесен, замисли си една ситуација. Да речеме дека доцна навечер одиш сам по една улица. Во пресрет ти доаѓаат две млади момчиња кои ги гледаш првпат во животот. И двајцата се крупни и развиени, а едниот од нив изгледа како да држи нешто во раката.
Дали веднаш ќе си помислиш дека си во опасност? Можеби поради нешто што си го доживеал во минатото ќе бидеш претпазлив и ќе избегнуваш вакви ситуации. Но, дали поради тоа што ти се случило порано би било исправно да заклучиш дека овие две момчиња претставуваат опасност за тебе? А уште поважно прашање е од која раса или етничка група си помисли дека се тие. Одговорот може многу да ти открие. Од него можеш да видиш дали предрасудите веќе пуштиле корен во твоето срце.
Ако сме искрени со себе, ќе признаеме дека секој од нас длабоко во срцето има некакви предрасуди. Дури и во Библијата пишува за една вообичаена предрасуда: „Човек гледа на лицето“ (1. Самоилова 16:7, Превод на МПЦ). Значи, сите ја имаме оваа човечка склоност, која честопати води до катастрофални последици. Постои ли некаква надеж дека ќе се ослободиме од предрасудите? Ќе дојде ли време кога нема да има предрасуди?
a Најсиромашните луѓе што живеат во земјите на индискиот потконтинент. Го добиле овој назив затоа што работата со која се занимаваат се смета за валкана и понижувачка. На другите им е забрането да зборуваат со ‚нечистите‘.