Младите прашуваат
Како да ги подобрам моите молитви?
„Понекогаш, од толку обврски на училиште, дома, или со пријателите и семејството, забораваш дека Бог треба да ти биде најважен“ (Фавјола, 15, САД)
„МОЛЕТЕ СЕ непрестајно“ (1. Солуњаните 5:17). „Истрајте во молитвата“ (Римјаните 12:12). „Изнесете му ги своите барања на Бог“ (Филипјаните 4:6). Ако си христијанин, овие стихови веројатно ти се добро познати. Освен тоа, свесен си дека молитвата е најчудесниот облик на комуникација што постои. Замисли — во секој момент, и дење и ноќе, можеш да зборуваш со Семоќниот Бог! А Библијата вели: „Тој нѐ слуша“a (1. Јованово 5:14).
Сепак, слично како сестрата спомната на почетокот, можеби ти е тешко да се молиш. Што можеш да сториш во врска со тоа? Оваа статија ќе ти помогне 1) да го препознаеш проблемот, 2) да си поставиш цел во врска со молитвата и 3) да ја отклучиш „вратата“ за да ја постигнеш таа цел.
Како прво, да видиме како можеш да го препознаеш проблемот. Кој конкретен аспект од молитвата е најголем предизвик за тебе? Одговорот впиши го на линијата.
․․․․․
Следниот чекор е да си поставиш цел. Штиклирај некоја од следниве цели што лично би сакал да ја достигнеш, или впиши ја под „Друго“.
□ Сакам да се молам почесто
□ Сакам да престанам да се молам секогаш на ист начин
□ Сакам да ги изразувам своите чувства кога се молам
□ Друго
Како да ја отклучиш „вратата“
Молитвата е како врата што можеш да ја отвориш во секое време. Меѓутоа, многу млади ќе потврдат дека за нив оваа врата е заклучена и не ја отвораат толку често и толку слободно како што би требало. Ако е тоа случај и со тебе, не престанувај да се трудиш! Веќе знаеш во што е проблемот и си имаш поставено цел. Сѐ што сега ти треба е клуч за да ја отклучиш вратата. Да разгледаме на кои пречки би можел да наидеш и како би можел да ги совладаш.
◼ Вратата е заклучена поради: НЕМАРНОСТ. „Понекогаш сум толку зафатена што ја запоставувам молитвата“ (Прити, 20, Британија).
Клуч: „Затоа добро внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Откупувајте си време, зашто деновите се зли“ (Ефешаните 5:15, 16).
Предлог: Однапред одреди во кое време од денот можеш да се молиш секој ден. Забележи го тоа на хартија, како кога закажуваш термин со некого. „Ако не испланирам кога конкретно ќе се молам, времето ми го одземаат други работи“, вели 18-годишната Јошико од Јапонија.
◼ Вратата е заклучена поради: ПОДЕЛЕНО ВНИМАНИЕ. „Губам концентрација и, наместо да мислам што кажувам, мислите ми лутаат на други работи“ (Памела, 17, Мексико).
Клуч: „Устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Матеј 12:34).
Предлог: Ако честопати мислиш на други работи додека се молиш, обиди се со пократки молитви — барем додека да научиш да се концентрираш. Друг предлог би бил да се молиш за работи што ти лежат на срце. Марина (14) од Русија вели: „Откако навлегов во тинејџерските години, почнав длабоко да размислувам за фактот дека молитвата е разговор со Бог. Ова ме поттикна да се отворам пред него во молитва“.
◼ Вратата е заклучена поради: РУТИНА. „Секогаш кога се молам, користам едни исти зборови“ (Дуеп, 17, Бенин).
Клуч: „Длабоко ќе размислувам за сите твои дела, ќе се зафатам со твоите постапки“ (Псалм 77:12).
Предлог: Ако забележиш дека се молиш механички, секој ден запишувај си по еден благослов што си го доживеал, а потоа заблагодари му се на Јехова за тој благослов. Ако правиш така во текот на една седмица, ќе знаеш дека си се молел за седум различни теми без да ги повториш истите зборови. На ваков начин можеш да размислуваш и за секојдневните настани. „Се трудам да се молам за работи што ми се случиле истиот ден“, вели 21-годишниот Бруно од Бразил. Саманта (18) од САД го прави истото. Таа вели: „Се обидувам да запомнам по што се разликува овој ден од претходниот, а потоа се молам за тие работи. Тоа ми помага да не повторувам секогаш едни исти зборови“.b
◼ Вратата е заклучена поради: СОМНЕЖ. „Се молев, но проблемот на училиште не се реши. Напротив, имав уште поголеми проблеми. Си помислив: ‚Зошто да се молам? Јехова и онака не ме слуша!‘“ (Минори, 15, Јапонија).
Клуч: „[Јехова Бог] ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“ (1. Коринќаните 10:13).
Предлог: Едно е сигурно — Јехова „ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Затоа, откако ќе се помолиш за нешто, обиди се да добиеш поцелосна слика за целата ситуација. Наместо да чекаш да се случи она на кое се надеваш, препознај го одговорот што можеби веќе си го добил. Фактот што сѐ уште истрајуваш како христијанин значи дека, најверојатно, Јехова ти одговорил на молитвата — иако не го решил проблемот, тој ти дал сила да го поднесеш (Филипјаните 4:13).
◼ Вратата е заклучена поради: СРАМ. „Срам ми е кога ќе помислам што ќе кажат другите на училиште ако ме видат како се молам пред јадење“ (Хикару, 17, Јапонија).
Клуч: „Сѐ си има свое време“ (Проповедник 3:1).
Предлог: Ненаметливите молитви кажани во себе понекогаш можат да предизвикаат позитивна реакција, но тоа не значи дека мораш да се молиш јавно. На пример, верниот Неемија кажал една кратка молитва во присуство на царот Артаксеркс, но очигледно тоа го сторил во себе. Никаде не се спомнува дека царот воопшто бил свесен дека Неемија се моли (Неемија 2:1-5). И ти можеш да му се помолиш на Јехова во себе, без да им го привлечеш вниманието на другите (Филипјаните 4:5).
◼ Вратата е заклучена бидејќи: СЕ ЧУВСТВУВАШ НЕДОСТОЕН. „Јехова веќе знае какви проблеми ме мачат. А ако мене ми е преку глава од нив, тоа најверојатно е случај и со него! Понекогаш мислам дека не сум достојна да му се обратам“ (Елизабет, 20, Ирска).
Клуч: „Сите свои грижи фрлете ги на [Бог], зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7).
Предлог: Истражувај и длабоко размислувај за следниве библиски стихови: Лука 12:6, 7; Јован 6:44; Евреите 4:16; 6:10; 2. Петрово 3:9. Тие ќе ти помогнат да сфатиш дека Јехова сака да чуе што имаш да му кажеш и дека не мораш да си стар борец за да те сослуша. Псалмистот Давид, кој доживеал и самиот многу тешкотии и неволји, изразил доверба дека „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“c (Псалм 34:18).
Фактот дека Јехова лично ги сослушува твоите молитви е доволен доказ дека се грижи за тебе. Никол (17) од Италија вели: „Јехова не им ја дал оваа задача на ангели. Тоа што лично ги сослушува нашите молитви јасно покажува дека многу му значат“.
[Фусноти]
a Бидејќи на нашиот Творец не му се потребни звучни бранови за да не чуе, до него стигнуваат дури и молитвите што некој ќе ги каже во себе (Псалм 19:14).
b Види ја статијата „Што вели Библијата: Молитви до Бог — со помош на предмети?“, на 18. страница.
c Ако мислиш дека Бог не ги услишува твоите молитви поради некој сериозен грев, разговарај со родителите. Друг неопходен чекор е ‚да ги повикаш [на помош] старешините од собранието‘ (Јаков 5:14). Тие можат да ти помогнат да го поправиш своето пријателство со Јехова.
РАЗМИСЛИ
◼ За кои работи што му се важни на Јехова би можел да се молиш?
◼ Што би му кажал на Јехова кога се молиш за другите?
[Рамка/слики на страница 28]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
„Молитвата е како таен дневник што можете да го читате само ти и Јехова“ (Олајинка, Нигерија)
„Замисли си дека некој близок пријател, кому си му дал многу подароци, престанал да зборува со тебе. Верувам дека и Јехова би се чувствувал така ако престанеме да му се молиме“ (Чинта, Австралија)
„Отсекогаш сум мислела дека е погрешно да ги изразувам своите емоции. Но, тоа што Бог ни дозволува да му се молиме ми помогна да сфатам дека не е погрешно да му кажеме на Јехова дека сме среќни, тажни или збунети. Сега многу подобро излегувам на крај со моите чувства“ (Амбер, САД)
[Слика на страница 27]
Ако за тебе молитвата е како заклучена врата, користи ги клучевите што ги дава Божјата реч, Библијата