Гледиште на Библијата
Како да им одолеете на грешните желби?
„Кога сакам да го правам она што е исправно, во себе го имам она што е лошо“ (РИМЈАНИТЕ 7:21).
МОЖЕБИ повеќе од кој и да е друг апостол, Павле многу се трудел да ги шири возвишените начела на христијанството (1. Коринќаните 15:9, 10). Сепак, тој искрено си ги кажал горенаведените зборови. Павле чувствувал постојан конфликт помеѓу својот ум и грешните желби. Дали некогаш сте се чувствувале како апостол Павле? Впрочем, како несовршени суштества, кој од нас не почувствувал таков внатрешен конфликт?
Мнозина водат многу силна борба за да ги совладаат грешните желби. Некои се борат со силната желба за неморално сексуално задоволство. Други се робови на зависноста од коцкање, тутун, дрога или алкохол. Кога нѐ измачуваат штетни и нечисти желби, како можеме да им одолееме? Каква помош имаме? Дали некогаш ќе има крај на борбата против грешните желби?
Љубовта — клуч за да им одолееме на грешните желби
Исус ги истакнал двете најголеми заповеди во Мојсеевиот закон. Првата гласела вака: „Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Ако го љубиме Бог како што рекол Исус, зарем нема да ни биде најголема желба да му угодиме? Ако е така, тогаш таа праведна желба може да ни помогне во борбата дури и против нашите најсилни грешни желби! Ова не е само некаква идеалистичка теорија. Милиони христијани секој ден успешно се борат против грешните желби. Како можете да стекнете толку силна приврзаност кон Бог? Така што со ценење ќе медитирате за неговата добрина, која може да се види во неговото творештво, во Библијата и во неговите постапки со секого од нас (Псалм 116:12, 14; 119:7, 9; Римјаните 1:20).
Втората најголема заповед што ја навел Исус била: „Љуби го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:39). Апостол Павле рекол дека љубовта „не се однесува непристојно“ и „не ги бара сопствените интереси“. Таквата несебична љубов ни помага да избегнуваме постапки што ќе ги повредат другите (1. Коринќаните 13:4—8). Како можеме да ја стекнеме и да ја зголемиме таквата љубов? Така што ќе се ставаме на местото на другите и искрено ќе бидеме заинтересирани за нивните чувства и за нивното трајно добро (Филипјаните 2:4).
Каква помош имаме?
Затоа што Бог разбира колку ни е тешко да го правиме она што е исправно, тој ни дава помош во неколку облици. Преку својата пишана Реч, Библијата, тој нѐ поучува да го мразиме она што е лошо и да стекнеме здрава почит кон Него (Псалм 86:11; 97:10). Библијата содржи извештаи од вистинскиот живот што покажуваат до какви катастрофални последици може да дојде ако човек им подлегне на грешните желби. Освен тоа, Исус рекол дека, ако бараме, Бог ќе ни го даде својот свет дух, најголемата сила во универзумот (Лука 11:13). Тој може да ја зајакне нашата решеност да го правиме она што е исправно. Друга работа што може да ни помогне е заемната поддршка и охрабрување што можеме да ги добиеме од другите христијани кои исто така се борат со грешните желби (Евреите 10:24, 25). Како што овие позитивни влијанија постепено ги истиснуваат негативните, добиваме помош во битката да го правиме она што е исправно (Филипјаните 4:8). Дали овие работи се навистина делотворни?
Размислете, на пример, за Фидел, кој во своето место бил познат како пијаница. Додека бил под дејство на алкохол, тој пушел, се коцкал и се тепал со другите. Тоа што ја проучувал Библијата и се дружел со Јеховините сведоци му помогнало да ги надмине тие навики. Сега води многу подобар живот со својата сопруга и двете деца.
Некој би можел да праша: ,Но, што ако ја повторам истата грешка?‘ Апостол Јован кажал нешто во врска со тоа. Тој напишал: „Дечиња мои, ова ви го пишувам за да не извршите грев. А сепак, ако некој и изврши грев, имаме помошник кај Таткото: Исус Христос, праведник. И тој е жртва помирница за нашите гревови, и не само за нашите туку и за гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2:1, 2). Да, Исусовата жртва ги покрива грешките на оној што се кае и што искрено настојува да се промени за да му угоди на Бог. Со оглед на оваа подготовка, зарем некој ќе рече дека има добра причина да се откаже од борбата да го прави она што е исправно?
Грешните желби ќе бидат победени
Ако нашата љубов кон Бог и кон ближниот станува сѐ поголема и ако ја користиме помошта што ни ја дава Бог, уште денес можеме да имаме успех во борбата против грешните желби. Освен тоа, Божјата реч нѐ уверува дека оваа борба нема да трае вечно. Во блиска иднина, оние што ги користат духовните подготовки од Бог ќе бидат сосема излекувани, како физички така и духовно (Откровение 21:3—5; 22:1, 2). Тие ќе бидат ослободени од товарот на гревот и од смртта што ја носи тој (Римјаните 6:23). Од друга страна, пак, оние што се решени да ги задоволуваат своите нечисти и штетни желби, нема да добијат благослови (Откровение 22:15).
Колку само е утешно да знаеме дека нема да мораме вечно да се бориме со грешните желби. Тие ќе бидат отстранети потполно и трајно. Какво само олеснување ќе биде тоа!