И покрај искушенијата, мојата надеж остана светла
РАСКАЖАЛ АНДРЕЈ ХАНАК
Беше 1943 и беснееше II светска војна. Поради тоа што зазедов неутрален став, се наоѓав во затвор во Будимпешта (Унгарија). Таму, еден православен поп со брада ми ја понуди својата Библија во замена за моето тридневно следување леб. Иако гладував, уверен сум дека направив добра размена.
БЕШЕ предизвик да се задржи чиста христијанска совест кога нацистите презедоа контрола над нашата земја за време на II светска војна. Подоцна, во текот на повеќе од 40 години владеење на комунизмот, исто така беше тешко да му се служи на нашиот Творец, Јехова Бог, без да се компромитираат библиските начела.
Пред да опишам како беше да се задржи побожен интегритет во тоа време, дозволете ми да Ви кажам нешто повеќе за себе. Несомнено ќе Ви биде интересно да дознаете што сѐ претрпеле Јеховините сведоци во тие рани години. Прво, дозволете ми да Ви раскажам за една ситуација поврзана со религијата, која ме натера да си поставам прашања во врска со истакнатите религии во нашиот крај.
Збунувачко религиозно прашање
Роден сум на 3 декември 1922, во Пацин, село во Унгарија во близина на границата со Словачка. Во тоа време Словачка го сочинуваше источниот дел од Чехословачка. Кога Советскиот Сојуз зазеде голем дел од Чехословачка по II светска војна, границата со Украина беше преместена на 30 километри од Пацин.
Јас бев второто од петте деца на родители што беа искрени римокатолици. Кога имав 13 години, се случи нешто што ме наведе посериозно да размислувам за религијата. Бев со мајка ми на аџилак долг 80 километри во селото Мариапоч во Унгарија. Пешачевме дотаму затоа што верувавме дека на тој начин ќе имаме поголем благослов. И католиците и православните одеа на аџилак. Претходно си мислев дека овие две цркви се дел од некаква обединета католичка религија. Но, наскоро дознав нешто друго.
Испадна дека прво се прославуваше грчката католичка миса. Затоа одлучив да присуствувам на неа. Подоцна, кога мајка ми дозна дека сум отишол на таа миса, многу се налути. Малку збунет, прашав: „Каква врска има на која миса присуствуваме? Зарем сите немаме удел во истото Христово тело?“
Не можејќи да ми одговори, мајка ми само рече: „Сине, грев е да се поставуваат такви прашања“. Меѓутоа, моите прашања останаа да ми се вртат во главата.
Одговор на моите прашања
Кога имав 17 години — кратко по започнувањето на II светска војна во 1939 — се преселив неколку километри подалеку, во Стреда над Бодрогом, гратче што сега се наоѓа во источна Словачка. Таму појдов за да учам занает кај еден ковач од тоа место. Меѓутоа, во неговиот дом научив нешто што вредеше многу повеќе од тоа како да се направат потковици и други предмети од растопен метал.
Марија Панкович, сопругата на ковачот, беше Јеховин сведок. Така, јас учев ковачки занает од нејзиниот сопруг во текот на денот, но ноќе ја проучував Библијата и присуствував на состаноците заедно со локалните Сведоци. Како чирак на ковач, стекнав поголемо ценење за зборовите од Псалм 12:6: „Господовите слова се чисти зборови, како сребро претопено во земјена печка, пречистено седумпати“. Колку само ми беа пријатни тие вечери кога ги истражував Јеховините зборови и добивав одговор на моите библиски прашања!
Не ни помислував дека многу скоро, кога ќе се засили II светска војна, мојата новопронајдена вера ќе биде ставена на испит.
Во затвор поради мојата вера
Кратко време откако почнав да учам ковачки занает, од младите мажи во Унгарија се бараше да учествуваат во воена обука. Но, јас одлучив да го следам начелото од Исаија 2:4, ‚да не се учам веќе на војување‘. Поради мојата одлука бев осуден на десет дена затвор. Откако ме пуштија, продолжив да ја проучувам Библијата. Потоа, на 15 јули 1941, го симболизирав моето предание на Јехова со крштавање во вода.
Во тоа време, нацистичка Германија го нападна Советскиот Сојуз и источна Европа беше проголтана во војна. Воената пропаганда се засили и националистичките чувства се распалија. Но, во склад со своите библиски темелени убедувања, Јеховините сведоци останаа неутрални.
Во август 1942, против нас беше организиран злобен напад. Властите подготвија десет собирни пунктови каде што ги собраа Сведоците, млади и стари. Дури и оние што сѐ уште не беа крстени но беше познато дека имаат контакти со нас, беа одведени на тие собирни пунктови. Јас бев меѓу оние што беа одведени в затвор во Шарошпатак, град на околу 20 километри од моето село Пацин.
Најмладиот затвореник имаше само три месеци. Тој бил затворен заедно со својата мајка, Сведок. Кога побаравме храна барем за детето, чуварот одврати: „Нека плаче. Тоа ќе му помогне да порасне во силен Сведок“. Ни беше жал за детенцето, но исто така бевме натажени што срцето на младиот чувар толку закоравело од националистичката пропаганда.
На судењето добив казна од две години. Потоа ме префрлија во затворот на улица Маргит Корут 85, во Будимпешта. Ќелиите, големи 4 на 6 метри, беа претрупани со 50 до 60 луѓе. Таму живеевме осум месеци без купатило и без тоалет. Затоа не можевме да се тушираме ниту да се капеме, а да не зборуваме за перење на облеката. Сите бевме полни со вошки, а ноќе ни лазеа бубачки по валканите тела.
Наутро моравме да стануваме во четири часот. Појадокот ни се состоеше само од една шолјичка кафе. Напладне добивавме исто толку супа и околу 150 грама леб со малку каша. Навечер не добивавме ништо. Иако имав 20 години и бев со добро здравје, со текот на времето толку ослабев што не можев да одам. Затворениците почнаа да умираат од глад и од зарази.
Во тоа време во нашата ќелија дојде еден нов затвореник. Тоа беше православниот поп со брада што го спомнав во почетокот. Му беше дозволено да ја задржи својата Библија. Ох, колку само посакував да ја читам! Но, кога му ја побарав, тој одби да ми ја даде. Сепак, подоцна ми пристапи. „Еј, дечко“, рече тој. „Ќе ти ја дадам Библијата. Ќе ти ја продадам.“
„Ќе ми ја продадеш? За што?“, прашав. „Немам пари.“
Тогаш ми ја понуди својата Библија во замена за мојата порција леб за три дена. Колку само беше корисна таа размена! И покрај мојата физичка глад, добив духовна храна што помогна да се одржам себеси и другите во нашите искушенија додека траеја тие тешки времиња. И денес ја чувам таа Библија (Матеј 4:4).
Нашата неутралност ставена на испит
Во јуни 1943, млади Сведоци од цела Унгарија — околу 160 души — бевме одведени во Јасберењ, гратче во близината на Будимпешта. Кога одбивме да носиме воени капи и тробојни ленти на надлактиците, нѐ ставија во товарни вагони и нѐ одведоа на железничката станица Будимпешта—Кобанија. Таму, воени офицери нѐ прозиваа по име да излегуваме од вагоните, еден по еден, и ни наредија да се пријавиме како војници.
Ни беше заповедано да речеме: „Хајл Хитлер“, што значи „Поздрав на Хитлер“. Кога секој Сведок одби да го рече тоа, беше сурово тепан. На крајот, мачителите се уморија и затоа еден од нив рече: „Па, ќе истепаме уште еден, ама нема да преживее“.
Тибор Хафнер, еден постар, долгогодишен Сведок, имаше примерок од списокот на Сведоците што беа во вагоните. Ми дошепна: „Брате, ти си следниот. Биди храбар! Имај доверба во Јехова“. Тогаш ме прозваа. Додека стоев на вратата на товарниот вагон, ми рекоа да се симнам. „На него нема останато ништо за тепање“, рече еден од војниците. Потоа ми се обрати: „Ако се пријавиш како што се бара од тебе, ќе се погрижиме да те доделат во кујната за да подготвуваш храна. Инаку ќе умреш“.
„Нема да се пријавам за воена служба“, одговорив. „Сакам да се вратам во вагоните, каде што се моите браќа.“
Сожалувајќи се на мене, еден војник ме зграпчи и ме турна назад во вагонот. Бидејќи тежев помалку од 45 килограми, не му беше тешко да го стори тоа. Брат Хафнер дојде и ме прегрна, ме погали по лицето и ми го цитираше Псалм 20:1: „Господ да те послуша во тежок ден, Името на Јакововиот Бог да те штити“.
Во работнички логор
Потоа нѐ натоварија на еден брод и нѐ однесоа по реката Дунав во Југославија. Во јули 1943 пристигнавме во работничкиот логор во близина на градот Бор, каде што се наоѓаше еден од најголемите рудници на бакар во Европа. Со текот на времето, населението во логорот достигна околу 60.000 луѓе од многу националности, вклучувајќи околу 6.000 Евреи и околу 160 Јеховини сведоци.
Сведоците беа ставени во една голема барака. На средината имаше маси и клупи и таму одржувавме состаноци двапати седмично. Ги проучувавме списанијата Стражарска кула што беа шверцувани во логорот и ја читавме Библијата што ја заменив за моето следување леб. Исто така, пеевме песни и се молевме заедно.
Се обидувавме да одржуваме добри односи со другите затвореници и тоа се покажа корисно. Еден наш брат имаше силни болки во цревата и чуварите не сакаа да се погрижат да му се помогне. Бидејќи неговата состојба се влошуваше, еден еврејски затвореник, лекар, се согласи да го оперира. Му даде на братот некои примитивни анестетици и ја изврши операцијата со остра дршка од лажица. Братот закрепна и по војната се врати дома.
Работата во рудниците беше напорна и немавме доволно храна. Двајца браќа загинаа во несреќа на работното место, а друг брат умре од болест. Во септември 1944, додека се приближуваа руските војски, беше одлучено да се испразни логорот. Во она што се случи потоа ќе беше тешко да се верува да не го видев со свои очи.
Марш исполнет со ужас
По еден заморен марш што траеше една седмица, пристигнавме во Белград заедно со многу еврејски затвореници. Потоа продолживме уште неколку дена и стигнавме во селото Цервенка.
Кога пристигнавме во Цервенка, Јеховините сведоци добија наредба да застанат во редови, по пет души во секој ред. Потоа, од секој втор ред беше земен по еден Сведок. Со солзи во очите ги гледавме оние што ги зедоа, мислејќи дека ќе ги стрелаат. Но, по некое време тие се вратија. Што се случило? Германските војници барале од нив да копаат гробови, но еден унгарски командант објаснил дека не јаделе цела седмица и дека се премногу изнемоштени за да работат.
Таа вечер сите Сведоци беа одведени на таванот на една зграда што се користеше за сушење цигли. Еден германски офицер ни рече: „Молчете и останете овде. Ноќва ќе биде ужасна“. Потоа ја заклучи вратата. По неколку минути, ги чувме војниците како викаат: „Брзо! Брзо!“. Тогаш се чу звук на митралези, а потоа следеше страшна тишина. Повторно чувме: „Брзо! Брзо!“ и уште пукање.
Низ покривот можевме да видиме што се случува. Војниците носеа групи од по десетина еврејски затвореници, ги поставуваа на работ на една дупка и пукаа во нив. Потоа војниците фрлаа рачни гранати врз куповите тела. Пред да зазори, сите освен осум еврејски затвореници беа мртви, а германските војници избегаа. Бевме ментално и физички срушени. Јанош Торок и Јан Бали, кои сѐ уште се живи, беа меѓу Сведоците што присуствуваа на тоа погубување.
Сочувани во живот
Нѐ чуваа унгарски војници додека продолживме со нашиот марш на запад и на север. Постојано бараа од нас да учествуваме во воени активности, но ние успеавме да ја задржиме нашата неутралност и сепак да преживееме.
Во април 1945 се најдовме помеѓу германските и руските војски во градот Сомбатхел, во близина на унгарската граница со Австрија. Кога беше најавен воздушен напад, еден унгарски капетан, кој беше наш чувар, праша: „Може ли да дојдам со вас да најдеме засолниште? Гледам дека Бог е со вас“. Откако заврши бомбардирањето, заминавме од градот чекорејќи покрај мртвите тела на животни и луѓе.
Гледајќи дека е многу близу крајот на војната, истиот капетан нѐ собра и ни рече: „Ви благодарам што ме почитувавте. Еве чај и шеќер за секого од вас. Барем нешто“. Му се заблагодаривме што постапуваше со нас толку човечно.
По неколку дена, Русите пристигнаа и почнавме да се враќаме дома во мали групи. Но, нашите неволји воопшто не завршија. Откако пристигнавме во Будимпешта, Русите нѐ зедоа во притвор и нѐ подложија на уште една регрутација — овој пат во советската армија.
Човекот што беше задолжен за тоа беше лекар, руски офицер од висок ранг. Кога влеговме во просторијата, не го препознавме, но тој нѐ препозна нас. Бил со нас во работничкиот логор во Бор, и тој бил еден од Евреите што го преживеле геноцидот на нацистите. Кога нѐ виде, им нареди на стражарите: „Овие осум души нека си одат дома“. Му се заблагодаривме, но над сѐ, му се заблагодаривме на Јехова за неговата заштита.
Мојата надеж сѐ уште е светла
Конечно, на 30 април 1945, пристигнав дома во Пацин. Кратко потоа се вратив во домот на ковачот во Стреда над Бодрогом за да го доучам занаетот. Семејството Панкович ми даде многу — не само занает со кој можев да заработам за живот туку, што е уште поважно, библиските вистини што ми го променија животот. Но, ми дадоа уште нешто. На 23 септември 1946, нивната шармантна ќерка, Јолана, ми стана жена.
Јолана и јас продолживме со нашата редовна активност на проучување на Библијата и проповедање. Потоа, во 1948 имавме уште еден благослов — станавме родители на нашиот син, Андреј. Меѓутоа, радоста поради религиозната слобода не траеше долго. Наскоро комунистите завладеаја со нашата земја и започна уште еден бран на прогонство. Бев регрутиран во 1951, овој пат од комунистичките власти на Чехословачка. Сценариото се повтори: судење, затворска казна, затворање, ропска работа и гладување. Но, со Божја помош повторно преживеав. Како резултат на една амнестија, бев ослободен во 1952 и му се придружив на моето семејство во Ладмовце (Словачка).
И покрај забраната на нашата христијанска служба, која траеше околу 40 години, ние продолживме со нашата света служба. Од 1954 до 1988 имав предност да служам како патувачки надгледник. Во текот на викендите ги посетував собранијата на Јеховините сведоци и ги охрабрував браќата и сестрите да останат цврсти во својот интегритет. Потоа, во текот на седмицата, бев со моето семејство и работев световна работа за да се издржиме материјално. Сето тоа време го чувствувавме Јеховиното љубезно водство. Утврдив дека се точни зборовите на библискиот псалмист: „Ако не беше Господ со нас, кога се кренаа луѓето против нас, ќе нѐ проголтаа живи. Кога пламна нивната јарост против нас“ (Псалм 124:2, 3).
Како што минуваше времето, Јолана и јас се радувавме кога Андреј се ожени и стана зрел христијански надгледник. Неговата сопруга, Елишка, и нивните два сина, Радим и Даниел, исто така станаа активни христијански министри. Потоа, во 1998, доживеав голема загуба кога умре мојата сакана Јолана. Од сите искушенија што ги доживеав, најтешко ми е да го издржам ова. Ми недостига секој ден, но наоѓам утеха во скапоцената надеж во воскресение (Јован 5:28, 29).
Сега, на возраст од 79 години, служам како старешина во селото Словенске Нове Место (Словачка). Овде наоѓам огромна радост пренесувајќи им ја мојата скапоцена библиска надеж на моите ближни. Кога размислувам за минатото и за повеќе од 60 години во Јеховината служба, уверен сум дека со Јеховина помош можеме да ги издржиме сите препреки и искушенија. Мојата желба и мојата надеж се во склад со зборовите од Псалм 86:12: „Ќе Те фалам Господи, мој Боже, со сето свое срце, ќе го славам Твоето име довека“.
[Слика на страница 20]
Библијата што ја добив во замена за моето следување леб
[Слика на страница 21]
Тибор Хафнер ме охрабри во моите искушенија
[Слика на страница 22]
Сведоци во работничкиот логор во Бор
[Слика на страница 22]
Погреб на еден Сведок во работничкиот логор во Бор, на кој беа присутни германски војници
[Слики на страница 23]
Јолана се омажи за мене во септември 1946
[Слика на страница 23]
Јанош Торок и Јан Бали (вметната фотографија), кои присуствуваа на масакрот
[Слика на страница 24]
Со мојот син, неговата сопруга и моите внуци