Кога повеќе не ти се живее
СЕКОЈА година, само во САД десетици илјади лица се обидуваат да си го одземат животот. Библијата кажува која е основната причина зошто многумина запаѓаат во толку длабок очај. Таа објаснува дека живееме во „особено тешки времиња“. Луѓето се под голем притисок од стресот што го носи животот (2. Тимотеј 3:1; Проповедник 7:7). Кога некој е притиснат од проблеми, може да помисли дека ќе си ги скрати маките ако си го одземе животот. Што можеш да сториш ако ти доаѓаат такви мисли?
Раширен проблем
Иако твојата ситуација можеби изгледа безнадежно, не заборавај дека и други минуваат низ слично и дека, за жал, денес речиси секој човек има некаков проблем. Библијата вели: „Целото создание заедно воздивнува и... е во болка сѐ досега“ (Римјаните 8:22). Иако во моментов можеби ти се чини дека твоите проблеми нема никогаш да се решат, факт е дека често работите се подобруваат со текот на времето. Но, што ќе ти помогне додека да се случи тоа?
Зборувај за своите чувства со некој зрел пријател во кого имаш доверба. Библијата вели: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17). Праведниот Јов, за кого се зборува во Библијата, разговарал со другите за своите чувства кога минувал низ тежок период. Кога дошол до тој степен што дури ‚му одмилел животот‘, тој рекол: „Отворено ќе ја изразам грижата што ја чувствувам поради својата состојба. Ќе зборувам од горчина во душата“ (Јов 10:1). Со тоа што ќе им се довериш на другите може да најдеш оддишка за своите чувства и ќе можеш пообјективно да гледаш на твоите проблеми.a
Излеј му го срцето на Бог во молитва. Некои ја сметаат молитвата само како „апче за смирување“, но Библијата ни кажува нешто друго. Во Псалм 65:2 за Бог се вели дека „ги слуша молитвите“, а во 1. Петрово 5:7 пишува дека ‚тој се грижи за нас‘. Библијата секогаш одново нагласува колку е важно да се потпираме на Бог. На пример:
„Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (ИЗРЕКИ 3:5, 6).
„[Јехова] ќе им ја исполни желбата на оние што се бојат од него, ќе го чуе нивниот повик и ќе ги спаси“ (ПСАЛМ 145:19).
„Во ова се надеваме на Бог: што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. ЈОВАНОВО 5:14).
„Јехова е далеку од злите, а ја слуша молитвата на праведните“ (ИЗРЕКИ 15:29).
Ако му кажеш на Бог со какви проблеми се соочуваш, тој ќе најде начин да ти помогне. Со добра причина, Библијата нѐ поттикнува ‚да имаме доверба во него и да го излеваме срцето пред него‘ (Псалм 62:8).
Кога тоа не е доволно
Истражувањата покажуваат дека повеќето лица што извршиле самоубиство извесен период страдале од депресија.b Според тоа, во одредени случаи може да биде потребна лекарска помош. Лекарот може да препише лекарства или да препорача извесен режим на исхрана. Во некои случаи, дополнителен дел од третманот може да биде и вежбањето. Стручната медицинска помош се покажала корисна за многумина.c
Библијата содржи многу информации што можат да ти дадат утеха и надеж. На пример, во врска со Јехова Бог, таа го вели следново во Откровение 21:4: „Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“. Овие работи ги ветува Бог и ако длабоко размислуваш за нив, ќе се чувствуваш подобро.
Јеховините сведоци се трудат да им ја пренесат оваа библиска надеж на милиони луѓе низ целиот свет. Тоа им помага на многумина да најдат вистинска утеха во овие стресни времиња. Ако сакаш да дознаеш нешто повеќе, стапи во контакт со Јеховините сведоци во твоето место. Би можел да отидеш во најблиската Сала на Царството или да пишеш на соодветната адреса на 5. страница од ова списание. Исто така би можел да ја посетиш и нашата веб-страница www.watchtower.org.
[Фусноти]
a Некои добиле помош во центри за превенција на самоубиства или во стручни медицински установи.
b Нешто повеќе за депресијата можеш да прочиташ во Разбудете се! од јули 2009, страници 3-9.
c Разбудете се! не се залага за некој посебен начин на лекување. Секој треба добро да размисли и лично да избере како ќе се лекува.
[Рамка на страница 16]
ПОМОШ ОД БИБЛИЈАТА
[Слика на страница 16]
● „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7).
● „Го барав Јехова, и тој ми одговори, од сите мои стравови ме ослободи“ (Псалм 34:4).
● „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Псалм 34:18).
● „Ги лекува оние со скршено срце и им ги преврзува раните“ (Псалм 147:3).
[Рамка на страници 17 и 18]
АКО ПОМИСЛУВАШ НА САМОУБИСТВО...
Зборувај за своите чувства со некој пријател во кого имаш доверба
Излеј му го срцето на Бог во молитва
Побарај лекарска помош
[Рамка/слика на страница 18]
ЗА ПРИЈАТЕЛИТЕ И СЕМЕЈСТВОТО
Обично членовите на семејството и блиските пријатели први забележуваат кога оној што е потиштен помислува на самоубиство. Со тоа што ќе преземеш нешто може да му го спасиш животот! Слушај го со сочувство. Покажи му дека сфаќаш низ колку тежок период минува. Библијата вели: „Тешете ги потиштените души“ (1. Солуњаните 5:14). Поттикни го потиштениот да побара помош и, кога тоа е неопходно, погрижи се да ја добие.