ДОДАТОК
Крвни фракции и медицински постапки
Крвни фракции. Фракциите се добиваат од четирите главни состојки на крвта — црвени крвни зрнца, бели крвни зрнца, крвни плочки и плазма. На пример, црвените крвни зрнца го содржат протеинот хемоглобин. Производите што се добиваат од човечки или животински хемоглобин се користат за да се лекуваат пациенти со акутна анемија или пациенти кои изгубиле многу крв.
Плазмата — која се состои од 90 проценти вода — содржи голем број хормони, неоргански соли, ензими и хранливи материи, вклучувајќи и минерали и шеќер. Плазмата содржи и фактори за згрутчување на крвта, антитела што се борат против болестите, и протеини, како што е албуминот. Ако некој се разболи од одредена болест, лекарите може да му препишат инјекции од гама-глобулин, кој се добива од плазмата на луѓе што веќе стекнале имунитет на таа болест. Од белите крвни зрнца можат да се добијат интерферони и интерлеукини, кои се користат за да се лекуваат некои вирусни инфекции и некои видови рак.
Треба ли христијаните да прифатат терапија во која се користат крвни фракции? Во Библијата не се дадени конкретни детали, што значи дека секој мора сам, на темел на својата совест, да донесе одлука пред Бог. Некои ги одбиваат сите фракции, поаѓајќи од тоа дека според Божјиот закон што му бил даден на Израел се барало крвта од животното да биде ‚истурена на земја‘ (5. Мојсеева 12:22-24). Други, пак, одбиваат трансфузија на полна крв или на нејзините главни состојки, но може да прифатат лекување во кое се користи некоја фракција. Тие можеби тргнуваат од мислата дека фракциите повеќе не го претставуваат животот на оној од кого била земена крвта.
Кога донесуваш одлуки во врска со крвните фракции, размисли за следниве прашања: Дали сум свесен дека тоа што ќе ги одбијам сите крвни фракции значи дека нема да прифатам некои лекови, како што се извесни лекови против некои болести или лекови кои помагаат при згрутчувањето на крвта за да се сопре крвавењето? Можам ли да му објаснам на лекарот зошто одбивам или прифаќам некои крвни фракции?
Медицински постапки. Во нив спаѓаат хемодилуцијата и колекционирањето на клетки. При хемодилуцијата, крвта се пренасочува од телото на пациентот, се заменува со експандер на волумен и подоцна повторно се враќа во телото. При колекционирањето на клетки, крвта што се губи во текот на операцијата се собира и повторно се враќа во телото. Крвта се собира од раната или од телесната празнина, се чисти или се филтрира и потоа повторно се враќа во пациентот. Бидејќи секој лекар на различен начин ги применува овие медицински постапки, треба да го замолиш твојот лекар да ти објасни што планира да прави.
Кога треба да донесеш одлука во врска со овие медицински постапки, размисли за следниве прашања: ‚Ако дел од мојата крв е пренасочен надвор од моето тело или ако крвотокот е прекинат на некое време, дали совеста ќе ми дозволи оваа крв сѐ уште да ја сметам за дел од мене, со што не би морало да биде ‚истурена на земја‘? (5. Мојсеева 12:23, 24). Дали ќе ме мачи совеста, која ми е обликувана според Библијата, доколку за време на некоја медицинска постапка ми извадат дел од крвта, ја преработат и повторно ми ја вратат во телото? Дали сум свесен дека тоа што ќе ги одбијам сите медицински постапки во кои е вклучена мојата сопствена крв значи дека одбивам да ми се прави крвна слика и не прифаќам дијализа или користење на машина за срце/бели дробови?‘
Секој христијанин треба сам да донесе одлука во врска со тоа што ќе дозволи да се прави со неговата крв во текот на некој хируршки зафат. Истото важи и за медицинските испитувања и современите терапии при кои се вади мала количина од крвта на пациентот, се преработува и повторно му се враќа.