-
Дали сексот ќе ни ја зајакне врската?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
-
-
Поглавје 24
Дали сексот ќе ни ја зајакне врската?
Симона излегува со Филип само два месеца, но има чувство како да го знае цел живот. Нон-стоп си праќаат пораки, со часови разговараат по телефон и просто си ги читаат мислите еден на друг! Но, сега, додека седат во автомобилот под месечевата светлина, Филип сака нешто повеќе од разговор.
Во текот на овие два месеца, нивната врска не отиде подалеку од држење за рака и по некој краток бакнеж. Симона би сакала да останат на тоа. Ама, не сака да го загуби Филип. Само тој прави таа да се чувствува толку убава, толку посебна. ‚Освен тоа‘, си вели таа, ‚ние се сакаме...‘
НАЈВЕРОЈАТНО можеш да претпоставиш како оди приказната понатаму. Но, она што можеби не го помислуваш е колку сексот ќе ги смени работите за Филип и Симона — ама на полошо. Размисли за следново:
Ако игнорираш некој физички закон, на пример, законот за гравитација, ќе ги трпиш последиците. Истото важи и ако игнорираш некој морален закон, на пример, законот ‚да се воздржуваш од блуд‘ (1. Солуњаните 4:3). Какви ќе бидат последиците ако не се почитува оваа заповед? Библијата вели: „Кој прави блуд, греши против своето сопствено тело“ (1. Коринќаните 6:18). Во која смисла? Пробај да наброиш три лоши последици од предбрачниот секс.
1. ․․․․․
2. ․․․․․
3. ․․․․․
А сега размисли за она што го напиша. Дали меѓу последиците напиша и сексуално преносливи болести, несакана бременост или загуба на Божјата милост? Ова во секој случај се ужасни последици што може да ги пожнее секој што го прекршува Божјиот морален закон во врска со блудот.
Но, можеби сѐ уште не си разубеден. Можеби си мислиш: ‚Мене нема ништо да ми се случи‘. Па зарем немаат сите секс? Другите на училиште се фалат со своите љубовни авантури и изгледа дека ним им е добро. Можеби, како Симона, и ти си мислиш дека сексот уште повеќе ќе ти ја зајакне врската. Освен тоа, кој сака да го исмеваат затоа што уште е невин? Зарем не е подобро едноставно да имаш секс?
Закочи малку! Како прво, не е вистина дека сите имаат секс. Точно, можеби имаш читано статистики според кои голем број млади имаат сексуални односи. На пример, една анкета во САД покажала дека 2/3 од младите во таа земја се сексуално активни уште во средно. Но, тоа би значело и дека 1/3, што е прилично голема бројка, не се сексуално активни. И уште нешто за оние кои се — според истражувачите, многу од овие млади се соочуваат со една или повеќе од следниве горки вистини:
ГОРКА ВИСТИНА БР. 1 КАЕЊЕ. Повеќето млади кои имале секс пред брак велат дека подоцна зажалиле поради тоа.
ГОРКА ВИСТИНА БР. 2 НЕДОВЕРБА. Откако ќе имаат секс, и двајцата партнери почнуваат да се прашуваат: ‚Со кого друг спиел/а?‘
ГОРКА ВИСТИНА БР. 3 РАЗОЧАРУВАЊЕ. Длабоко во себе, многу девојки повеќе сакаат некој што ќе ги штити, а не некој што ќе ги искористува. А, откако ќе спијат со некоја девојка, повеќето момчиња обично губат интерес за неа.
Освен овие последици, многу момчиња рекле дека никогаш не би се ожениле со девојка со која имале секс. Зошто? Затоа што повеќе би сакале некоја што е морално чиста!
Ако си девојка, дали ова те изненадува, па дури можеби и те лути? Тогаш, биди свесна за следново: Во реалноста, предбрачниот секс нема никаква врска со она што се прикажува во филмовите и на ТВ. Забавната индустрија го идеализира сексот меѓу тинејџери и го прикажува како безопасна забава, па дури и како вистинска љубов. Но, не биди наивна! Оној што те наговара на секс сака само да се задоволи себеси (1. Коринќаните 13:4, 5). Зарем некој што навистина те сака би ги загрозил твоето физичко здравје и твојата емоционална состојба? (Изреки 5:3, 4). И дали некој кому навистина му значиш ќе те тера да го ставиш на коцка твоето пријателство со Бог? (Евреите 13:4).
Ако си момче и имаш девојка, она што беше кажано во ова поглавје треба да те поттикне да размислиш за врската што ја имаш. Прашај се: ‚Дали навистина ми значи мојата девојка?‘ Ако ти значи, како најдобро можеш да ѝ го покажеш тоа? Така што ќе имаш сила да се држиш за Божјите закони, ќе имаш мудрост да избегнуваш ситуации што те ставаат на искушение и ќе имаш љубов да мислиш на нејзиното добро. Ако ги имаш овие особини, тогаш најверојатно твојата девојка ќе има чувства слични на чувствата на морално чесната Суламка, која рекла: „Мојот сакан ми припаѓа мене, а јас нему“ (Песна над песните 2:16). Со други зборови, ќе биде сигурна дека не згрешила во изборот!
Сеедно дали си момче или девојка, ако имаш секс пред брак, се понижуваш себеси со тоа што се откажуваш од нешто скапоцено (Римјаните 1:24). Не е ни чудо што многумина отпосле се чувствуваат празно и безвредно, како немарно да дозволиле да им биде украдено нешто многу вредно! Не дозволувај тоа да ти се случи и тебе. Доколку некој те наведува на секс со зборовите: „Ако ме сакаш, ќе спиеш со мене“, одлучно речи: „Ако ти ме сакаш, нема да бараш такво нешто од мене!“
Твоето тело е премногу вредно за да го дадеш тукутака. Покажи дека имаш сила да бидеш послушен на Божјата заповед да се воздржуваш од блуд. А ако еден ден стапиш во брак, ќе можеш да имаш секс. А ќе можеш и потполно да уживаш во него — без грижите, каењето и чувството на несигурност кои честопати одат рака под рака со предбрачниот секс (Изреки 7:22, 23; 1. Коринќаните 7:3).
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈА 4 И 5
Колку е сериозно мастурбирањето?
КЛУЧЕН СТИХ
„Бегајте од блуд... кој прави блуд, греши против своето сопствено тело“ (1. Коринќаните 6:18)
ПРЕДЛОГ
Во однесувањето со спротивниот пол, добро правило по кое можеш да се водиш е: Ако нешто не би го правел пред родителите, тогаш не треба ни да го правиш.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Откако едно момче ќе има секс со некоја девојка, поголема е веројатноста дека ќе ја остави и ќе си најде друга девојка.
ПЛАН!
Кога сум со некој од спротивниот пол, треба да избегнувам ситуации како, на пример: ․․․․․
Ако некој од спротивниот пол сака да се најдеме на некое осамено место, ќе му речам ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто предбрачниот секс е неисправен, иако е привлечен за нашето несовршено тело?
● Што ќе направиш ако некој ти предложи да имате секс?
[Истакната мисла на страница 176]
„Како христијанин, имаш особини поради кои им се допаѓаш на другите. Затоа, мораш да бидеш на штрек и да ги одбиваш неморалните понуди. Цени си ги овие особини. Не фрлај ги во вода за малку задоволство!“ (Џошуа)
[Слика на страници 176 и 177]
Да имаш секс пред брак е исто како да користиш една убава слика за да си ги бришеш чевлите од неа
-
-
Како да престанам со мастурбирање?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
-
-
Поглавје 25
Како да престанам со мастурбирање?
„Почнав да мастурбирам кога имав осум години. Подоцна дознав што мисли Бог за тоа. Се чувствував ужасно секојпат кога ќе му попуштев на нагонот. Се прашував: ‚Како може Бог да сака некој како мене?‘“ (Луис)
КОГА ќе влезеш во пубертет, сексуалните желби може да станат особено силни. Како резултат на тоа, може да почнеш да мастурбираш.a Мнозина би рекле дека тоа не е ништо страшно. „Никој не е повреден“, велат. Меѓутоа, има добра причина зошто да ја отфрлиш таа навика. Апостол Павле напишал: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: ...сексуалната страст“ (Колошаните 3:5). Мастурбирањето не само што не ја усмртува сексуалната страст туку ја разгорува. Освен тоа, размисли за следново:
● Мастурбирањето поттикнува ставови што се тотално себични. На пример, оној што мастурбира не мисли на ништо друго освен на тоа да ги задоволи своите телесни желби.
● Оној што има навика да мастурбира почнува да ги гледа другите од спротивниот пол само како сексуални објекти, или играчки, за да си ги задоволи своите желби.
● Како последица од себичноста што се раѓа преку мастурбирање може да биде потешко да се задоволат сексуалните желби во бракот.
Наместо со мастурбирање да се ослободиш од насобраниот сексуален набој, труди се да развиваш самоконтрола (1. Солуњаните 4:4, 5). За да ти помогне во тоа, Библијата препорачува да избегнуваш ситуации што би можеле сексуално да те возбудат (Изреки 5:8, 9). Но, што ако веќе си станал роб на навиката да мастурбираш? Можеби си пробал да прекинеш, но без успех. Лесно би можел да си помислиш дека ти нема помош, дека не си способен да живееш во склад со Божјите праведни мерила. Токму така мислел и Педро. „Ужасно се чувствував секојпат кога ќе попуштев на нагонот“, вели тој. „Мислев дека ништо не може да ме искупи за тоа што го правев. Ми беше тешко да се молам.“
Ако и ти се чувствуваш така, не се обесхрабрувај. Не си безнадежен случај. Многу млади луѓе — а и возрасни — успеале да ја остават навиката да мастурбираат. Можеш и ти!
Како да се бориш со чувствата на вина
Како што веќе беше кажано, оние што имаат навика да мастурбираат честопати ги измачуваат чувства на вина. Без сомнение, тоа што си ‚разжалостен во склад со Божјата волја‘ може да ти даде мотив да ја оставиш таа навика (2. Коринќаните 7:11). Но, претераното чувство на вина може да има спротивен ефект. Може толку да те обесхрабри што едноставно ќе сакаш да престанеш да се бориш (Изреки 24:10).
Затоа, труди се објективно да гледаш на работите. Мастурбирањето е облик на нечистота. Може да те направи ‚роб на разни желби и уживања‘, а развива и штетни ставови (Тит 3:3). Сепак, мастурбирањето не е облик на тежок сексуален неморал, како што е блудот (Јуда 7). Затоа, ако имаш проблем со мастурбирање, не треба да заклучиш дека си направил непростлив грев. Најбитно е да се спротивставиш на нагонот и никогаш да не престанеш да се бориш!
Лесно е да се разочараш откако ќе попуштиш и пак ќе мастурбираш. Кога ќе се случи тоа, сети се на зборовите од Изреки 24:16: „Ако праведникот падне и седум пати, пак ќе стане, а злиот ќе пропадне во неволјата“. Привремен неуспех не значи дека си зол човек. Затоа, не се предавај. Анализирај се за да видиш што те навело пак да попуштиш, и труди се да не ти се повтори.
Одвој време да размислуваш за љубовта и милоста на Бог. Псалмистот Давид, кој и самиот имал слабости, рекол: „Како што е таткото милосрден кон своите синови така Јехова е милосрден кон оние што се бојат од него. Зашто, тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:13, 14). Да, Јехова го зема во обѕир фактот дека сме несовршени и е ‚спремен да прости‘ (Псалм 86:5). Од друга страна, сака да дадеме сѐ од себе за да се поправиме. Тогаш, кои практични чекори можеш да ги направиш за да престанеш со мастурбирањето?
Размисли за својата забава. Дали гледаш филмови или ТВ-програми или отвораш веб-страници што сексуално те возбудуваат? Псалмистот мудро го молел Бог: „Одврати ми ги очите од безвредни работи“b (Псалм 119:37).
Натерај се да се концентрираш на нешто друго. Еден христијанин по име Вилијам го дава овој совет: „Пред да си легнеш, читај нешто поврзано со духовни работи. Многу е важно последната мисла во денот да ти биде за духовни работи“ (Филипјаните 4:8).
Разговарај со некого. Од срам, можеби ти е тешко да зборуваш за твојот проблем дури и со некој во кого имаш доверба. Но, разговорот може многу да ти помогне да ја оставиш навиката да мастурбираш! Еден христијанин, Дејвид, се уверил во тоа. „Разговарав насамо со татко ми“, вели тој. „Никогаш нема да ги заборавам неговите зборови. Со блага насмевка на лицето, ми рече: ‚Се гордеам со тебе, сине‘. Знаеше колкава храброст ми требаше за да зборувам со него. Затоа, она што ми го рече беше токму она што ми требаше за да се охрабрам и да решам да се поправам.
Потоа ми покажа неколку стихови што ми помогнаа да видам дека не сум ‚безнадежен случај‘, а и некои други стихови за да сфатам колку е сериозно и погрешно она што го правев. Договоривме период во кој ќе се трудам да останам чист и потоа пак да разговараме. Ми рече да не се разочарам ако повторно ми се случи да мастурбирам, и следниот пат да пробам да издржам подолг период.“ До каков заклучок дошол Дејвид? Тој вели: „Од огромна помош ми беше тоа што и некој друг беше свесен за мојот проблем и ми помагаше“.c
На сексот без обврска не треба да се гледа ноншалантно. Откриј зошто.
[Фусноти]
a Мастурбирањето не треба да се меша со несвесната сексуална возбуда. На пример, едно момче може да се разбуди сексуално возбудено или да доживее ејакулација во текот на сонот. Слично на тоа, и некои девојки може да бидат несвесно возбудени, особено пред или по менструалниот циклус. За разлика од ова, мастурбацијата значи намерно самозадоволување.
b Повеќе информации има во том 2, поглавје 33.
c Повеќе информации има во том 2, страници 239-241.
КЛУЧЕН СТИХ
„Бегај од желбите на младоста, а тежнеј кон праведност, вера, љубов, мир, заедно со оние што од чисто срце го повикуваат Господарот“ (2. Тимотеј 2:22)
ПРЕДЛОГ
Моли се пред нагонот да стане силен. Моли го Јехова Бог да ти дава „сила, која ја надминува нормалната“ за да се спротивставиш на искушението (2. Коринќаните 4:7).
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Секој може да попушти на своите сексуални нагони. Но, треба да си вистински маж или вистинска жена за да покажеш самоконтрола, дури и кога си сам/а.
ПЛАН!
Ќе можам да си го насочам умот на чисти мисли ако ․․․․․
Наместо да попуштам на нагонот, ќе ․․․․․
Во врска со ова, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто е важно да не изгубиш од вид дека Јехова е ‚спремен да прости‘? (Псалм 86:5)
● Штом Бог, кој ги создал сексуалните нагони, вели дека треба да покажуваш самоконтрола, каква доверба има тој во тебе?
[Истакната мисла на страница 182]
„Откако ја оставив таа навика, имам чиста совест пред Јехова, а тоа е нешто што не би го менувала за ништо на светот!“ (Сара)
[Слика на страница 180]
Ако паднеш додека трчаш, не значи дека мораш да се вратиш на стартот — исто и ако ти се случи повторно да мастурбираш, не значи дека пропаѓа сѐ што си постигнал досега
-
-
Секс без обврски — зошто не?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
-
-
Поглавје 26
Секс без обврски — зошто не?
„Обично младите се договараат да излезат со некого со цел да имаат секс без никакви обврски и за да си го зголемат списокот со партнери со кои спиеле“ (Пени)
„Момците отворено зборуваат за тоа. Се фалат дека имаат девојка, ама дека сепак имаат секс со многу други девојки“ (Едвард)
МНОГУ млади денес се фалат дека имаат секс без никакви обврски. Некои дури имаат и познајници на кои можат да им се јават секојпат кога сакаат секс, без „компликациите“ што ги носат љубовните врски.
Нека не те изненадува ако и тебе ти се чини примамлива таа идеја! (Еремија 17:9). Едвард, цитиран погоре, вели: „Многу девојки ми имаат предложено секс, и најтешката борба што ја имам како христијанин е да им одолеам. Тешко е да речеш ‚не‘!“ Кои библиски начела треба да ги имаш на ум ако некој ти предложи секс без обврски?
Биди на јасно зошто тоа е погрешно
Блудот е толку сериозен грев што оние кои го прават „нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10). Се разбира, ова важи без разлика дали двајца „се сакаат“ или имаат секс без обврски. За да му се спротивставиш на искушението, мораш да гледаш на блудот онака како што гледа Јехова.
„Цврсто сум уверена дека Јехова најдобро знае како треба да живееме“ (Карен, Канада).
„Секогаш имај на ум дека си нечиј син или ќерка, нечиј пријател, дека си дел од собранието. Ако попуштиш на искушението, ќе ги изневериш сите!“ (Питер, Британија).
Ако гледаш на блудот онака како што гледа Јехова, ќе можеш да ‚го мразиш злото‘, иако твоето тело те влече кон него (Псалм 97:10).
Би можел да прочиташ: 1. Мојсеева 39:7-9. Забележи колку храбро Јосиф ги одбил сексуалните предлози и што му помогнало во тоа.
Биди горд на своите верувања
Не е невообичаено младите да бидат горди на своите уверувања и цврсто да ги бранат. Ти имаш чест да покажеш со своето однесување дека ги прифаќаш и ги застапуваш Божјите мерила. Немој да се срамиш од својот став кон предбрачниот секс.
„Веднаш дај им на другите до знаење дека имаш високи морални мерила“ (Ален, Германија).
„Момчињата со кои учев во средно знаеја која сум и им беше јасно дека само ќе си го губат времето со мене“ (Вики, САД).
Кога цврсто ги браниш своите верувања, покажуваш дека стануваш зрел христијанин (1. Коринќаните 14:20).
Би можел да прочиташ: Изреки 27:11. Забележи дека, кога го правиш она што е исправно, го радуваш Јехова!
Биди цврст!
Многу е важно да речеш ‚не‘. Но, некои може тоа погрешно да го протолкуваат како само да се правиш дека не си „лесен плен“.
„Сѐ во врска со тебе — како се облекуваш, како зборуваш, со кого зборуваш и како постапуваш со другите — треба да покажува дека никогаш не би прифатила таква понуда“ (Џој, Нигерија).
„Мора јасно да им ставиш до знаење дека нема шанси да имаш секс со нив. Никогаш немој да прифаќаш подароци од момчиња што само сакаат некако да те намамат да спиеш со нив. Ако прифатиш, може да го искористат тоа против тебе, како да им должиш нешто за возврат“ (Лара, Британија).
Јехова ќе ти помага ако покажеш дека си цврст. Од лично искуство, псалмистот Давид можел да го каже следново за Јехова: „Со лојалниот постапуваш лојално“ (Псалм 18:25).
Би можел да прочиташ: 2. Летописи 16:9. Забележи дека Јехова е спремен да им помогне на оние што сакаат да го прават она што е исправно.
Биди претпазлив
Библијата вели: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3). Што значи ова за тебе? Мораш да бидеш претпазлив!
„Колку што можеш, избегнувај луѓе што зборуваат за такви работи“ (Наоми, Јапонија).
„Не давај лични податоци, како адреса или телефон“ (Дајана, Британија).
Анализирај се како зборуваш, како се однесуваш, со кого се дружиш и на какви места одиш. Потоа прашај се: ‚Дали несвесно оставам впечаток што на другите им дава слобода да ми предложат секс?‘
Би можел да прочиташ: 1. Мојсеева 34:1, 2. Забележи дека, затоа што се нашла на погрешно место, Дина сносела трагични последици.
Запомни, во очите на Јехова, сексот без обврски е сериозен грев, а така треба да го гледаш и ти. Ако цврсто се држиш за она што е исправно, можеш да зачуваш чиста совест пред Бог и да задржиш самопочит. Како што една девојка по име Карли вели: „Зошто некој да те искористи за да си ги задоволи моменталните желби? Чувај си го добриот однос со Јехова за кој си вложил толку труд!“
Што велат момчињата, какви девојки навистина им се допаѓаат? Може ќе се изненадиш кога ќе дознаеш!
КЛУЧЕН СТИХ
„Дајте сѐ од себе за [Бог] да ве најде неизвалкани и неосквернети и во мир“ (2. Петрово 3:14)
ПРЕДЛОГ
Работи на своите особини (1. Петрово 3:3, 4). Колку подобра личност си толку подобра личност ќе привлечеш.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Јехова ги создал сексуалните односи со цел да бидат извор на задоволство во бракот и сака да уживаш во нив без грижите, несигурноста и каењето што толку често се последица од блудот.
ПЛАН!
И јас можам, како Јосиф, да бидам исто толку решен да останам морално чист ако ․․․․․
Нема да ја направам грешката што ја направила Дина ако ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто недозволените сексуални односи се погрешни, иако твоето несовршено тело можеби ги посакува?
● Што ќе направиш ако некој ти предложи секс?
[Истакната мисла на страница 185]
„Биди цврст! Кога едно момче ми дојде со непристоен предлог, му реков: ‚Тргни ја раката од моето рамо!‘ и веднаш си заминав со строг израз на лицето“ (Елен)
[Слика на страница 187]
Со сексот без обврски си ја спушташ цената
-