СТУДИЈА 46
Илустрации од познати ситуации
СЕ РАЗБИРА, сеедно какви илустрации користиш, важно е да одговараат на материјалот за кој дискутираш. Меѓутоа, за да бидат најделотворни, подеднакво важно е да одговараат и на твојата публика.
Како може видот на публиката да влијае врз твојот избор на илустрации за говорење пред група? Што правел Исус Христос? Сеедно дали зборувал пред мноштва или пред своите ученици, Исус не земал примери од животот што бил карактеристичен за земјите надвор од Израел. Такви примери ќе ѝ биле непознати на неговата публика. На пример, Исус не го спомнал животот на дворот во Египет или религиозните практики во Индија. Сепак, неговите илустрации свртувале внимание кон активности што им биле заеднички на луѓето од сите земји. Зборувал за крпење облека, деловна работа, губење на нешто скапоцено и присуство на свадбени гозби. Тој разбирал како реагираат луѓето под различни околности и го користел тоа (Мар. 2:21; Лука 14:7-11; 15:8, 9; 19:15-23). Со оглед на тоа што неговото јавно проповедање било насочено особено кон луѓето од Израел, Исусовите илустрации најчесто алудирале на предмети и активности што биле дел од нивното секојдневие. Според тоа, тој укажувал на работи како што се земјоделството, начинот на кој овците реагираат на својот пастир и на користењето животински мевови за да се чува вино (Мар. 2:22; 4:2-9; Јован 10:1-5). Исто така, тој посочил познати историски примери — создавањето на првиот човечки пар, Потопот од времето на Ное, уништувањето на Содом и Гомор, смртта на Лотовата жена, и тоа се само неколку (Мат. 10:15; 19:4-6; 24:37-39; Лука 17:32). Дали и ти, кога избираш илустрации, на сличен начин внимателно размислуваш за активностите што им се вообичаени на твоите слушатели и за нивната културна заднина?
Што ако не зборуваш пред голема група, туку пред едно лице или можеби само пред неколку? Настојувај да избереш илустрација што особено одговара за таа мала публика. Кога ѝ сведочел на една Самарјанка на еден бунар во близина на Сихар, Исус зборувал за „вода жива“, за тоа ,да не се ожедни никогаш‘ и за „извор на вода која извира за да даде вечен живот“ — сите тие биле стилски фигури директно поврзани со работата на таа жена (Јован 4:7-15). А кога зборувал за мажите што ги плавеле своите рибарски мрежи, стилската фигура што избрал да ја користи го вклучувала рибарскиот занает (Лука 5:2-11). Во обата примера можел да се осврне на земјоделството, бидејќи живееле во земјоделско подрачје, но колку поделотворно било тоа што алудирал на нивната лична активност додека кај нив создавал слики во мислите! Дали ти настојуваш да го правиш тоа?
Додека Исус го насочувал вниманието кон „загубените овци на домот Израелов“, апостол Павле не бил испратен само кај Израел туку и кај нееврејските нации (Мат. 15:24; Дела 9:15). Дали ова влијаело врз начинот на кој зборувал Павле? Да. Кога им пишувал на христијаните во Коринт, укажувал на пешачки трки, го спомнал обичајот да се јадат оброци во идолските храмови и алудирал на триумфалните процесии, работи со кои тие не-Евреи биле запознати (1. Кор. 8:1-10; 9:24, 25; 2. Кор. 2:14-16).
Дали си и ти исто толку внимателен како Исус и Павле при изборот илустрации и примери што ќе ги користиш во поучувањето? Дали размислуваш за заднината и за секојдневните активности на твоите слушатели? Се разбира, од првиот век па наваму светот се изменил. Многу луѓе имаат пристап до светските вести преку телевизијата. Тие се честопати запознати со ситуациите во странските земји. Онаму каде што тоа е случај, сигурно дека не е погрешно да црпиш илустрации од тие вести. Сепак, работите што најмногу влијаат врз луѓето обично го вклучуваат нивниот личен живот — домот, семејството, работата, храната што ја јадат, временските услови во нивното подрачје.
Ако твојата илустрација бара многу објаснување, можеби зборуваш за нешто што не ѝ е познато на твојата публика. Таквата илустрација може лесно да ја засени поуката. Како резултат на тоа, публиката можеби ќе ја запомни твојата илустрација, но не и библиската вистина што настојуваш да ја пренесеш.
Наместо да прави комплицирани споредби, Исус употребувал едноставни, секојдневни работи. Користел мали работи за да ги објасни големите и лесни работи за да ги разјасни тешките. Поврзувајќи ги секојдневните настани со духовните вистини, Исус им помагал на луѓето полесно да ги сфатат библиските вистини за кои поучувал и да се сетат на нив. Колку само убав пример за следење!