Нашиот живот и служба — работни листови
Превод на референци кои ги нема на македонски
1-7 ЈУЛИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | КОЛОШАНИТЕ 1-4
Најди духовни бисери
it-2-E стр. 169, пас. 3-5
Божјето Царство
„Царството на својот сакан Син.“ На Педесетница 33 год. од н.е., десет дена откако се вознел на небото, Исус им го излеал светиот дух на своите ученици и со тоа им дал доказ дека Бог го возвишил и му дал да седне „од неговата десна страна“ (Де 1:8, 9; 2:1-4, 29-33). Тогаш стапил на сила „новиот сојуз“, и тие помазани христијани станале основата на еден нов, „свет народ“ — духовниот Израел (Ев 12:22-24; 1Пе 2:9, 10; Га 6:16).
Главата на христијанското собрание бил Христос, кој веќе седел од десната страна на својот Татко (Еф 5:23; Ев 1:3; Фп 2:9-11). Светото писмо открива дека од Педесетница 33 год. од н.е. Исус почнал да владее како Цар над своите ученици. Кога им пишал на христијаните во Колоси кои живееле во првиот век, апостол Павле укажал дека Исус Христос веќе има царство, кога рекол: „[Бог] нѐ избави од власта на темнината и нѐ пренесе во царството на својот сакан Син“ (Кол 1:13; спореди со Де 17:6, 7).
Со помош на светиот дух, од Педесетница 33 год. од н.е. Христос владее над духовниот Израел, односно над христијаните кои биле повторно родени со свет дух за да станат Божји духовни деца (Јвн 3:3, 5, 6). Штом овие христијани ќе ја добијат својата награда на небото, тие повеќе не се земни поданици на духовното царство на Христос, туку ќе бидат цареви со Христос на небото (От 5:9, 10).
15-21 ЈУЛИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 2. СОЛУЊАНИТЕ 1-3
„Откривањето на беззаконикот“
it-1-E стр. 972-973
Оддаденост на Бог
„Тајната на ова беззаконие“ и Јеховината „света тајна“ се две сосема различни работи. Во времето на апостол Павле, вистинските христијани не знаеле кој е „беззаконикот“. Тоа било тајна за нив, бидејќи тогаш „беззаконикот“, односно отпадничките христијани не постоеле како организирана група. Но, дури и откако можело да се согледа кој е „беззаконикот“, повеќето луѓе не можеле да го препознаат, бидејќи тој лукаво ја криел својата злоба преправајќи се дека оддадено му служи на Бог. Павле рекол дека „тајната на ова беззаконие веќе дејствува“, затоа што во првиот век во христијанското собрание имало поединци кои ширеле негативно влијание, што со текот на времето довело до појава на отпадништво. На крајот, за време на својата присутност, Исус Христос ќе го уништи „човекот на беззаконието“. Овој отпадник со кој управува Сатана ќе се возвишува „над секој што се нарекува ’бог‘“ или се обожава како бог. Тој голем противник на Бог, кој е оружје во рацете на Сатана, ќе заведе мнозина и ќе ги повлече со себе во пропаст сите оние што го следат. Тој ќе успее да заведе мнозина, бидејќи неговата злоба ќе биде скриена под превезот на лажна побожност (2Со 2:3-12; спореди со Мт 7:15, 21-23).
it-2-E стр. 245, пас. 7
Лага
Некои луѓе повеќе ја сакаат лагата отколку вистината. „Бог допушта врз нив да дејствува заблудата, за да ѝ поверуваат на лагата“ наместо на добрата вест за Исус Христос (2Со 2:9-12). Потврда за тоа е она што се случило со векови наназад со израелскиот цар Ахав. Лажните пророци го уверувале дека ќе победи во битката против Рамот-Галад, но Јеховиниот пророк Михаија навестил неволја. Како што открива видението што му било покажано на Михаија, Јехова дозволил еден ангел да биде „измамнички дух“ во устата на пророците на Ахав. Може да се каже дека овој ангел ја употребил својата моќ над тие пророци за да не ја зборуваат вистината, туку она што тие самите сакале да го кажат и она што Ахав сакал да го чуе. Иако бил предупреден, Ахав свесно дозволил да биде измамен од нивните лаги, а за тоа платил со својот живот (1Ца 22:1-38; 2Ле 18).
Најди духовни бисери
it-1-E стр. 834, пас. 5
Оган
Петар напишал дека „сегашните небеса и земја... се зачувани за оган“. Земајќи го предвид контекстот, како и други стихови, јасно е дека не се мисли на дословен оган, туку дека станува збор за вечно уништување. Исто како што со Потопот од времето на Ное не биле уништени дословните небеса и Земја, туку само безбожните луѓе, така и со појавувањето на Исус Христос со своите моќни ангели во распламтен оган засекогаш ќе бидат уништени безбожните луѓе и злобниот свет од кој тие се дел (2Пе 3:5-7, 10-13; 2Со 1:6-10; спореди со Иса 66:15, 16, 22, 24).
it-1-E стр. 1206, пас. 4
Вдахновение
„Вдахновени изјави“ — вистинити и лажни. Грчкиот збор пневма (дух) во некои од писмата на апостолите има поинакво значење. На пример, во 2. Солуњаните 2:2, апостол Павле ги предупредил своите браќа во Солун: „Не дозволувајте брзо да бидете расколебани во своето расудување, ниту да се вознемирувате од некоја вдахновена изјава [буквално „дух“], ниту од некој збор, ниту од некое наводно наше писмо во врска со тоа дека Јеховиниот ден веќе е тука“. Во овој стих, Павле го користи зборот пневма (дух) заедно со изразите „збор“ и „писмо“, што укажува на тоа дека мислел на некаков вид на комуникација. Од таа причина, во книгата на Јохан Ланг со наслов Commentary on the Holy Scriptures (стр. 126), за овој стих се вели: „Со тоа апостолот укажува на наводно вдахновена порака, лажно претскажување, пророчка изјава“. А во делото на Марвин Винсент со наслов Word Studies in the New Testament, пишува: „Со дух. Со пророчки изјави на поединци во христијанските собранија, кои тврделе дека тоа се објави што потекнуваат од Бог“ (1957, том IV, стр. 63). Според тоа, иако во некои преводи зборот пневма во овој и во слични контексти гласи „дух“, сепак во други преводи е изразен со зборовите „порака од Духот“ (The Bible—An American Translation), „претскажување“ (The Jerusalem Bible), „вдахновение“ (D’Ostervald; Segond), „вдахновена изјава“ (Превод Нов свет).
22-28 ЈУЛИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 1. ТИМОТЕЈ 1-3
„Стреми се кон ’служба вредна за пофалба‘“
km-E 9/78 стр. 4, пас. 7
Оние што „стекнуваат добро име“
7 Не е тешко да се забележи зошто Павле рекол дека браќата што им служат на другите „стекнуваат добро име“. Спротивно на она што сметаат некои, овде не станува збор за стекнување на некаква положба. Напротив, слуга-помошниците кои „добро ја извршуваат службата“ можат да бидат сигурни дека Јехова и Исус ќе ги благословат, и дека целото собрание ќе ги поддржува и почитува поради трудот што го вложуваат. Тие со право „можат со голема слобода да им зборуваат на другите за верата во Христос Исус“. Собранието ги почитува овие вредни браќа бидејќи совесно ги извршуваат своите задачи. Тие имаат силна вера и храбро им зборуваат на другите за неа, без да се плашат дека некој нешто ќе им приговори.
Најди духовни бисери
it-1-E стр. 914-915
Родословие
Немало никаква смисла да се изучуваат родословијата и да се дискутира за нив, особено во времето кога Павле му го напишал писмото на Тимотеј. Повеќе не било потребно да се чуваат родословните записи за да се знае кој од која лоза потекнува, бидејќи за Бог немало разлика дали некој во христијанското собрание е Евреин или, пак, не-Евреин (Га 3:28). Освен тоа, од родословните записи веќе било утврдено дека Христос потекнува од лозата на Давид. Исто така, кратко откако Павле го напишал ова предупредување, Ерусалим бил уништен, а заедно со него и еврејските записи. Бог не ги зачувал тие записи. Затоа, Павле не сакал Тимотеј и други од собранијата да си го трошат времето на неважни работи, истражувајќи ги родословијата и расправајќи се околу тоа кој какво потекло има, бидејќи тоа секако немало да им ја зајакне верата. Родословието во кое станува збор за Исус Христос е сосема доволно за да се докаже дека тој е Месијата, и тоа треба да им биде од првенствена важност на христијаните. Останатите родословија кои се наоѓаат во Библијата потврдуваат дека таа е веродостојна книга и дека во неа се запишани настани кои навистина се случиле.
29 ЈУЛИ — 4 АВГУСТ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | 1. ТИМОТЕЈ 4-6
Најди духовни бисери
it-2-E стр. 714, пас. 1-2
Јавно читање
Во христијанското собрание. Во првиот век, само малкумина имале личен примерок од библиските свитоци, и затоа јавното читање било многу важно. Апостол Павле ги поттикнал христијаните да ги читаат неговите писма на христијанските состаноци, како и да си ги разменуваат тие писма со другите собранија за да се прочитаат и таму (Кол 4:16; 1Со 5:27). Павле го советувал младиот Тимотеј, кој служел како надгледник, да се посвети „на јавното читање, на поттикнувањето, на поучувањето“ (1Ти 4:13).
Кога некој чита пред други, треба да чита течно (Авк 2:2). Бидејќи на тој начин се поучуваат другите, читателот мора добро да го разбира она што го чита и да има јасна слика за намерата на писателот. Притоа треба да внимава да не пренесе погрешна порака и да не ги наведе слушателите на погрешен заклучок. Според Откровение 1:3 (фуснота), оние што ќе го читаат тоа пророштво на глас, како и оние што ќе ги слушаат тие зборови и ќе ги држат, ќе бидат среќни.