Луѓето во потрага по сигурност
„Крајот на 20 век не донесе крај на крвопролевањето и прогонството што ги присилуваат луѓето да бегаат за да си го спасат животот. Десетици милиони луѓе го започнаа новиот милениум во кампови за бегалци и во други привремени засолништа, плашејќи се дека ќе бидат убиени ако се осмелат да се вратат во своите домови“ (Бил Фрелик, од Американскиот одбор за бегалци).
ЏЕЈКОБ имал една мечта. Мечтаел за едно место каде што луѓето ќе можат да живеат во мир, каде што бомбите нема да ги убиваат козите на неговото семејство и каде што ќе може да оди на училиште.
Луѓето од неговиот град му рекле дека такво место навистина постои, иако било многу далеку. Татко му му рекол дека патувањето е премногу опасно, со оглед на тоа што некои умреле по патот од глад и жед. Но, кога една сосетка чиј сопруг бил убиен тргнала на пат со своите две деца, Џејкоб одлучил да патува сам.
Џејкоб не носел ниту храна ниту облека и првиот ден трчал цело време. Патот до сигурноста бил послан со човечки тела. Следниот ден сретнал една жена од неговиот град, која рекла дека може да ѝ се придружи нејзе и на тие што патувале со неа. Пешачеле со денови, минувајќи низ напуштени села. Во една прилика морале да преминат едно минско поле, каде што едно лице од групата загинало. Се хранеле со лисја.
По десет дена, луѓето почнале да умираат од глад и исцрпеност. Кратко потоа, биле нападнати од авиони. Конечно, Џејкоб ја преминал границата и стигнал до еден камп за бегалци. Сега тој оди на училиште и звукот на авионите повеќе не го плаши. Сите авиони што ги гледа сега пренесуваат храна наместо бомби. Но, му недостига семејството и тој би сакал да се врати дома.
Во светот постојат милиони како Џејкоб. Многу од нив доживеале трауми од војната и страдаат од глад и жед. Малкумина знаат што е нормален семеен живот, а многумина никогаш нема да се вратат во своите домови. Тие се најсиромашните од сите сиромашни луѓе во светот.
Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации ги класифицира овие осиромашени талкачи во две групи. Како бегалец се дефинира лицето што бега од својата земја поради оправдан страв од прогонство или насилство. А раселеното лице било присилено да го напушти својот дом поради војна или слични сериозни опасности, но сѐ уште живее во својата земја.a
Никој не знае сигурно колку бегалци и раселени лица едвај врзуваат крај со крај во импровизирани кампови ниту колку од нив беспомошно талкаат од место до место во потрага по сигурност. Според некои извори, вкупниот број на бегалци во светот можеби изнесува околу 40 милиони, а половина од нив се деца. Од каде доаѓаат сите тие?
Проблем на нашево време
Проблемот со бегалците доби нови димензии на крајот на Првата светска војна. Кога заврши војната, некои империи се растурија а некои етнички малцинства беа прогонувани. Како резултат на тоа, милиони Европејци побараа азил во други земји. Втората светска војна — која беше многу поразорна од претходната — натера уште милиони луѓе да избегаат од своите домови. Од 1945, војните станаа полокализирани, но тие подеднакво предизвикуваат трауми за цивилното население фатено во вооружените конфликти.
„Иако војната секогаш создавала бегалци, единствено во дваесеттиот век меѓународниот конфликт влијаел врз цели популации“, објаснува Џил Лошер во својата книга Beyond Charity—International Cooperation and the Global Refugee Crisis (Зад милосрдноста — меѓународната соработка и глобалната криза со бегалците) издадена во 1993. „Отстранувањето на разликата меѓу оние што се борат и оние што не се борат создаде голем број бегалци што очајно сакаа да избегаат од пустошот на непробирливото насилство“.
Освен тоа, многу денешни конфликти се граѓански војни што земаат огромен данок не само од мажите што се на возраст за регрутација туку и од жените и децата. Поттикнати од длабоко вкоренети етнички и религиозни поделби, се чини дека некои од овие конфликти немаат крај. Во една африканска земја, каде што моменталната фаза на граѓанската војна веќе се отегнала 18 години, има околу четири милиони раселени лица, додека стотици илјади други избегале од земјата.
Секогаш, единствениот начин на кој цивилното население што е исцрпено од војната може да го избегне насилството е да замине од дома. „Бегалците ја напуштаат својата татковина и бараат да бидат примени во друга земја не затоа што така сакаат или заради личен комодитет туку од апсолутна неопходност“, објаснува книгата The State of the World’s Refugees 1997-98 (Состојбата со бегалците во светот 1997/98). Меѓутоа, денес не е толку лесно да се добие прием во друга земја.
Во текот на 1990-тите, вкупниот број бегалци во светот се намали од 17 милиони на 14 милиони. Меѓутоа, ова привидно подобрување е измамливо. Се проценува дека во текот на истата деценија, бројот на раселени лица достигнал од 25 до 30 милиони. Што се случува?
Добивањето официјален статус на бегалец станало потешко од различни причини. Земјите можеби не се спремни да прифатат бегалци затоа што не можат да се справат со масивниот прилив или затоа што се вистински загрижени дека голема популација бегалци би можела да доведе до економска и политичка нестабилност. Меѓутоа, понекогаш преплашените цивили немаат ниту сила, ниту храна, ниту пари да го започнат долгото патување до границата. Единствен избор им е да се преселат во некое побезбедно подрачје во нивната земја.
Сѐ поголем прилив на економски бегалци
Освен милионите вистински бегалци, тука се и милионите други осиромашени луѓе што настојуваат да го подобрат она што ги снашло во животот онака како што знаат — преселувајќи се во некоја земја каде што условите за живот се многу подобри.
На 17 февруари 2001, еден за’рѓан стар товарен брод пристигнал на францускиот брег. Неговиот товар се состоел од околу илјада мажи, жени и деца, кои поминале на море речиси една седмица без храна. Тие платиле по 2.000 долари од човек за ова опасно патување, без воопшто да знаат во која земја одат. Капетанот и екипажот исчезнале кратко откако бродот испловил на брегот. Но, за среќа, исплашените патници биле спасени, а француската влада ветила дека ќе ги разгледа нивните барања за азил. Секоја година, милиони како нив се обидуваат да преземат слични патувања.
Повеќето од овие економски мигранти спремно се соочуваат со големи тешкотии и неизвесности. Некако успеале да присоберат некоја пара за пат бидејќи дома животот им изгледал безнадежен поради сиромаштијата, насилството, дискриминацијата или угнетувачките режими — а понекогаш и поради сите четири фактори заедно.
Не се малку тие што гинат во обидот да најдат подобар живот. Во текот на минатата деценија, околу 3.500 мигранти се удавиле или исчезнале додека се обидувале да го преминат Гибралтарскиот Проток одејќи од Африка за Шпанија. Во 2000 година, 58 кинески мигранти се задушиле додека биле скриени во еден камион што ги носел од Белгија за Англија. Безброј други мигранти умираат од жед во Сахара кога нивните претоварени, разнишани камиони ќе се расипат среде пустината.
И покрај опасностите, редовите на економските бегалци во светот незапирливо растат. Околу половина милион луѓе нелегално влегуваат во Европа секоја година, а други 300.000 во Соединетите Држави. Во 1993, Фондот за население при Обединетите нации процени дека во светот има 100 милиони мигранти, од кои повеќе од една третина се населиле во Европа и во Соединетите Држави. Нема сомнение дека оттогаш нивниот број е многу зголемен.
Многу од овие мигранти никогаш не ја наоѓаат сигурноста што ја бараат. Малку бегалци наоѓаат безбедно и трајно засолниште. Премногу често се случува овие талкачи да заменат едни проблеми со други. Следната статија подетално ќе разгледа некои од овие проблеми и причините што лежат во нивната основа.
[Фуснота]
a Во оваа серија статии, кога зборуваме за раселени лица, не ги вклучуваме оние 90—100 милиони луѓе што биле сосила раселени поради програмите за развој како што се програмите за брани, рударство, шумарство или земјоделство.