Свет во кој секој припаѓа
„Бидејќи бегалците се глобален проблем, и потрагата по решенија мора да биде глобална“ (Џил Лешер, професор по меѓународни односи).
МЛАДАТА брачна двојка заминала под превезот на ноќта. Загрижен за нивната сигурност, сопругот не губел време, иако имале мало дете. Тој чул дека безмилосниот диктатор на таа земја планира крволочен напад врз градот. По едно напорно патување од преку сто километри, семејството конечно ја преминало границата и било на сигурно место.
Ова скромно семејство подоцна станало познато во целиот свет. Името на детето било Исус, а неговите родители биле Марија и Јосиф. Овие бегалци не ја напуштиле својата земја за да бараат материјално богатство. Напротив, тие се наоѓале во ситуација кога животот им бил во опасност. Па, цел на нападот било нивното дете!
Исто како што е случај и со многу други бегалци, Јосиф и неговото семејство се вратиле во својата татковина кога се подобрила политичката ситуација. Но, навременото бегство несомнено помогнало да се спаси животот на нивното мало дете (Матеј 2:13—16). Египет, нивната земја домаќин, и во минатото прифаќала политички и економски бегалци. Со векови пред тоа, Исусовите предци нашле засолниште во Египет кога еден глад ја опустошил земјата Ханаан (Битие 45:9—11).
На сигурно место, но не задоволни
Светото писмо и примерите од денешно време сведочат дека бегството во друга земја може да значи живот или смрт. Меѓутоа, за кое и да е семејство, напуштањето на домот сѐ уште претставува траума. Колку и да е скромен, тој веројатно значи години инвестиции во вид на време и пари. Исто така, можеби е семејно наследство што ги поврзува со нивната култура и со нивната земја. Освен тоа, бегалците не можат да понесат со себе многу лични работи, ако и воопшто понесат нешто. Затоа, тие неизбежно запаѓаат во сиромаштија, без оглед на нивните претходни околности.
Почетното чувство на олеснување кога ќе стигнат на сигурно место може брзо да исчезне ако се чини дека иднината не нуди ништо друго освен живот во камп за бегалци. А колку подолго трае статусот на бегалец, толку потешко станува, особено ако не се поврзат со локалното население. Бегалците, како и секој друг, сакаат некаде да пуштат трајни корени. Кампот за бегалци не е баш идеално место за да се подига семејство. Дали некогаш ќе дојде време кога секој ќе има место што ќе го нарече свој дом?
Дали враќањето во татковината е решение?
Во текот на 1990-тите, околу девет милиони раселени луѓе на крајот се вратиле во своите домови. За некои од овие луѓе тоа било радосна прилика и тие желно почнале повторно да го градат својот живот. Но, други се помириле со ситуацијата. Тие се вратиле само затоа што нивната положба во земјата каде што добиле азил станала неподнослива. Проблемите што ги доживеале во местото каде што се иселиле биле толку тешки што одлучиле дека ќе им биде подобро дома, и покрај несигурноста со која несомнено ќе се соочат.
Дури и во најдобрите околности, враќањето во татковината вклучува тешкотии затоа што значи целосно селење по вторпат. „Секое селење на друго место е придружено со загуба на средствата за живот, како што е земјиштето, работното место, домот и стоката“, објаснува книгата Состојбата на бегалците во светот 1997/1998. „И секоја преселба го означува почетокот на еден тежок процес на обнова.“ Едно истражување на бегалците во централна Африка што биле вратени во својата татковина известило дека „за бегалците што добиле помош во местото каде што се иселиле, враќањето може да биде потешко од самото иселување“.
Меѓутоа, уште повознемирувачка е положбата на милиони бегалци што се принудени против своја волја да се вратат во својата татковина. Какви услови ги очекуваат? „Повратниците можеби ќе треба да преживеат во ситуација каде што едвај постои словото на законот, каде што се распространети разбојништвото и насилниот криминал, каде што демобилизираните војници го демнат цивилното население и каде што поголемиот дел од населението може да набави лесно оружје“, навел еден извештај на Обединетите нации. Очигледно, таквите негостољубиви средини не ги задоволуваат дури ни основните потреби за сигурност на овие раселени луѓе.
Да се изгради свет каде што секој е на сигурно
Враќањето во татковината со присила или против своја волја никогаш нема да ги реши проблемите на бегалците освен ако не се обрне внимание на причините што лежат во основата. Г-ѓа Садако Огата, поранешен Виш комесар за бегалци при Обединетите нации, во 1999 навела: „Настаните од оваа деценија — и, всушност, од минатата година — многу јасно покажуваат дека за проблемите на бегалците не може да се дискутира без да стане збор за сигурноста“.
А големиот недостиг на сигурност измачува милиони луѓе во светот. Кофи Анан, генерален секретар на Обединетите нации, објаснува: „Во некои делови од светот извесни држави пропаднаа како резултат на внатрешни и локални конфликти, а тоа ги лиши нивните жители од секаква ефикасна заштита. На други места, сигурноста на човекот е загрозена од владите што одбиваат да дејствуваат за доброто на народот, кои ги прогонуваат своите противници и ги казнуваат недолжните членови на малцинските групи“.
Војните, прогонството и етничкото насилство — кои се фундаментални причини за несигурноста што ја опишал Кофи Анан — обично имаат корени во омразата, предрасудите и неправдата. Овие зла нема лесно да се искоренат. Дали тоа значи дека проблемот со бегалците неизбежно ќе станува сѐ поголем?
Ако работите бидат оставени во човечки раце, исходот несомнено ќе биде таков. Но, во Библијата Бог ветува дека тој ќе ‚ги прекрати војните до крајот на земјата‘ (Псалм 46:9). Преку својот пророк Исаија, тој го опишува и времето кога луѓето „ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод . . . Не ќе се измачуваат напразно и не ќе раѓаат за прерана смрт, зашто тие со своите потомци ќе бидат род на Господовите благословеници“ (Исаија 65:21—23). Таквите услови навистина ќе го отстранат проблемот со бегалците. Дали можат да се постигнат?
„Со оглед на тоа што војните почнуваат во умовите на луѓето, одбраната на мирот мора да се изгради во умовите на луѓето“, наведува преамбулата на УНЕСКО. Нашиот Творец добро знае дека е потребна промена во размислувањето. Истиот пророк објаснува зошто сите на земјата еден ден ќе живеат во сигурност: „Не ќе се прави повеќе зло, не ќе се опустува на сета Моја света гора: земјата ќе се исполни со знаење за Господа, како што морињата се полнат со вода“ (Исаија 11:9).
Јеховините сведоци веќе откриле дека спознанието за Јехова може да ги надмине предрасудите и омразата. Во своето меѓународно проповедничко дело, тие настојуваат да ги унапредат христијанските вредности што всадуваат љубов наместо омраза, дури и во завојуваните земји. Исто така, тие им даваат на бегалците секаква помош што можат да ја пружат.
Од друга страна, тие сфаќаат дека целосното решение на проблемот со бегалците лежи во Божјиот наименуван Цар, Исус Христос. Тој сигурно сфаќа колку лесно омразата и насилството можат да го уништат животот на луѓето. Библијата нѐ уверува дека ќе им суди на понизните со праведност (Исаија 11:1—5). Кога тој ќе владее од небото, Божјата волја ќе се извршува на Земјата, како што се извршува на небото (Матеј 6:9, 10). Кога ќе осамне тој ден, повеќе никој нема да мора да биде бегалец. И секој ќе има место што ќе го нарече свој дом.
[Рамка на страница 12]
Што е потребно за да се реши проблемот со бегалците?
„Задоволувањето на потребите на раселените лица во светот — и на бегалците и на оние што се раселени во својата земја — е многу посложена работа отколку само да се обезбеди краткотрајна сигурност и помош. Како прво, треба да се обрне внимание на прогонството, насилството и конфликтите што се причина за раселувањето. Треба да се признаат човековите права на сите мажи, жени и деца да уживаат мир, сигурност и достоинство без да мора да бегаат од своите домови“ (Состојбата на бегалците во светот — 2000).
[Рамка/слики на страница 13]
Какво решение нуди Божјето Царство?
„Насекаде на земјата ќе се извршува праведност и правда. Бидејќи сите ќе го прават она што е исправно, ќе има мир и сигурност засекогаш. Божјиот народ ќе биде ослободен од грижи, а нивите домови ќе бидат мирни и безбедни“ (Исаија 32:16—18, Today’s English Version).