Гледиште на Библијата
Кој е архангелот Михаел?
СПОРЕД Библијата, постојат милиони ангелски суштества што живеат во духовните области (Даниел 7:9, 10; Откровение 5:11). Од првата до последната страница, Писмото стотици пати ги спомнува ангелите што и понатаму му се лојални на Бог. Сепак, само две од овие духовни суштества се спомнати по име. Едното е ангелот Гавриел, кој лично им пренел пораки од Бог на три различни лица во период од околу 600 години (Даниел 9:20—22; Лука 1:8—19, 26—28). Другиот ангел што во Библијата се спомнува по име е Михаел.
Јасно е дека Михаел е посебен ангел. На пример, во книгата Даниел е опишано дека Михаел се бори со злобните демони во корист на Јеховиниот народ (Даниел 10:13; 12:1). Во инспирираното писмо на Јуда, Михаел се соочува со Сатана во една расправија околу Мојсеевото тело (Јуда 9). Книгата Откровение покажува дека Михаел војува против Сатана и неговите демони и дека ги исфрла од небото (Откровение 12:7—9). Ниеден друг ангел не е прикажан со толкава моќ и авторитет над Божјите непријатели. Затоа, не е за изненадување тоа што Библијата соодветно укажува на Михаел како на „архангелот“; префиксот „арх“ значи „врвен“ или „главен“.
Полемика околу идентитетот на Михаел
Религиите на христијанскиот свет, како и јудаизмот и исламот, имаат различни сфаќања кога станува збор за ангелите. Некои објаснувања се нејасни. На пример, The Anchor Bible Dictionary наведува: „Можеби има само еден врховен ангел и/или мала група архангели (обично четири или седум)“. Според The Imperial Bible-Dictionary, Михаел е „името на едно надчовечко суштество, за кое општо земено постоеле две сопернички мислења — едното е дека тој е Господ Исус Христос, Божјиот син, а другото е дека тој е еден од таканаречените седум архангели“.
Во еврејската традиција овие седум архангели се Гавриел, Јеремиел, Михаел, Рагуел, Рафаел, Сариел и Уриел. Од друга страна, пак, во исламот се верува во четири архангели, имено, Џибрил, Микал, Израил и Исрафил. И во католицизмот се верува во четири архангели: Михаел, Гавриел, Рафаел и Уриел. Што вели Библијата? Дали има неколку архангели?
Библискиот одговор
Освен Михаел, во Библијата не е спомнат друг архангел ниту, пак, Писмото го користи терминот „архангел“ во множина. Библијата го опишува Михаел како архангелот, укажувајќи дека само тој го носи овој назив. Затоа, разумно е да се заклучи дека само на едно единствено небесно суштество Јехова Бог му доделил целосен авторитет над сите други ангели.
Освен за самиот Творец, уште за само една верна личност се зборува дека ангелите ѝ се потчинети — имено, Исус Христос (Матеј 13:41; 16:27; 24:31). Апостол Павле конкретно го спомнал „Господ Исус“ и неговите „моќни ангели“ (2. Солуњаните 1:7). А Петар го опишал воскреснатиот Исус велејќи: „Тој е откај десницата на Бог зашто отиде на небо; и му беа подложени ангели и власти и сили“ (1. Петрово 3:22).
Иако во Библијата нема изјава која категорично го идентификува архангелот Михаел како Исус, има еден библиски стих што го поврзува Исус со службата на архангел. Во своето писмо до солуњаните, апостол Павле прорекол: „Самиот Господ ќе слезе од небото со заповеднички повик, со глас на архангел и со Божја труба, и оние кои се мртви во обединетост со Христос ќе станат први“ (1. Солуњаните 4:16). Во овој стих е опишано дека Исус ја примил својата моќ како Божји месијански цар. Сепак, тој зборува со „глас на архангел“. Исто така, забележете дека тој има моќ да ги воскресне мртвите.
Како човек на Земјата, Исус извршил неколку воскресенија. Додека го правел тоа, го користел својот глас за да издаде заповеднички повици. На пример, кога го воскреснувал мртвиот син на една вдовица во градот Наин, тој рекол: „Млад човеку, тебе ти велам: Стани!“ (Лука 7:14, 15). Подоцна, кратко пред да го воскресне својот пријател Лазар, Исус ‚извикал со силен глас: „Лазаре, излези!“‘ (Јован 11:43). Но, во овие прилики, Исусовиот глас бил глас на еден совршен човек.
Откако самиот бил воскреснат, Исус бил подигнат на „повисока положба“ на небото како духовно суштество (Филипјаните 2:9). Повеќе не е човечко суштество и има глас на архангел. Затоа, кога Божјата труба го разгласила повикот за „оние кои се мртви во обединетост со Христос“ да бидат подигнати на небото, Исус издал „заповеднички повик“, овој пат со „глас на архангел“. Разумно е да се заклучи дека само некој што е архангел ќе повика со „глас на архангел“.
Да, има и други ангелски суштества од висок ранг, како што се серафимите и херувимите (Битие 3:24; Исаија 6:2). Сепак, Писмото укажува на воскреснатиот Исус Христос како на главен над сите ангели — архангелот Михаел.