-
Што треба да знам за пушењето?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
-
-
Поглавје 33
Што треба да знам за пушењето?
Разгледај ги следниве опции и стави ✔ во квадратчето до оние што сметаш дека одговараат за тебе.
□ Љубопитен сум
□ Под стрес сум
□ Сакам другите да ме прифатат
□ Страв ми е да не се здебелам
АКО штиклираше макар едно квадратче на 237. страница, тогаш имаш нешто заедничко со твоите врсници кои пушат или кои размислуваат да пропушат.a На пример:
Да ја задоволиш љубопитноста. „Ме интересираше како е да пушиш, па затоа зедов цигара од една школска и потоа скришум ја испушив“ (Трејси).
Да го намалиш стресот и да бидеш прифатен. „Децата на училиште ќе речеа: ‚Морам да запалам една‘, и откако ќе запалеа, велеа: ‚Уф, сега се смирив!‘ Кога бев под стрес, и јас сакав такво инстант-олеснување“ (Ники).
Да ја одржуваш линијата. „Некои девојки пушат за да не се здебелат — што е многу полесно од држењето диета!“ (Саманта).
Но, пред да ја запалиш првата — или следната — цигара, застани и размисли за момент. Немој да бидеш како риба што се фаќа на мамка. Точно, можеби рибата ќе добие црвче како мала награда, но ќе плати многу голема цена! Наместо тоа, послушај ги библиските совети и користи го ‚својот здрав разум‘ (2. Петрово 3:1). Одговори на следниве прашања.
Колку навистина знаеш за пушењето?
Означи со точно или неточно.
а. Пушењето ќе ми го намали стресот
□ Точно □ Неточно
б. Ќе го испуштам речиси целиот дим
□ Точно □ Неточно
в. Пушењето нема да ми влијае на здравјето додека сум млад
□ Точно □ Неточно
г. Ќе бидам попривлечен за спротивниот пол
□ Точно □ Неточно
д. Со пушењето си штетам само себеси
□ Точно □ Неточно
ѓ. На Бог не му е важно дали пушам или не
□ Точно □ Неточно
Одговори
а. Неточно. Иако пушењето привремено го намалува стресот предизвикан од симптомите на одвикнување, научниците откриле дека никотинот, всушност, го зголемува нивото на хормонот на стрес.
б. Неточно. Некои истражувања покажуваат дека преку 80 отсто од честичките присутни во димот од цигарите што го вдишуваш остануваат во твоето тело.
в. Неточно. Иако со секоја запалена цигара го зголемуваш ризикот да добиеш некоја болест во иднина, од пушењето има последици и веднаш. На пример, некои луѓе стануваат зависни по само една цигара. Може да ти се намали капацитетот на белите дробови, а има шанси и да почнеш хронично да кашлаш. Ќе имаш повеќе брчки на кожата и ќе ти се појават порано. Со пушењето се изложуваш на поголем ризик од сексуална дисфункција, напади на паника и депресија.
г. Неточно. Истражувачот Лојд Џонстон дошол до сознание дека тинејџерите што пушат „им се помалку привлечни на повеќето од спротивниот пол“.
д. Неточно. Секоја година умираат илјадници непушачи што биле изложени на дим од цигари. Пушењето ќе му наштети на твоето семејство, на твоите пријатели, па дури и на твоите миленичиња.
ѓ. Неточно. Оние што сакаат да бидат блиски со Бог мораат да се исчистат од „секоја валканост на телото“ (2. Коринќаните 7:1). Нема сомнение дека пушењето го валка телото. Ако избереш да бидеш нечист и да пушиш, нанесувајќи си штета и себеси и на другите, не можеш да му бидеш пријател на Бог (Матеј 22:39; Галатите 5:19-21).
Како да одбиеш
Што би рекол ако некој ти понуди цигара? Може да биде доволно едно едноставно, но одлучно: „Не, фала. Не пушам“. Ако другиот продолжи да ти нуди или дури и да инсистира да земеш цигара, задржи на ум дека имаш право на избор. Би можел да речеш:
● „Добро знам колку е штетно пушењето и одлучив да не пушам“.
● „Не, фала. Не сакам белите дробови да ми станат црни“.
● „Зарем ми го ускратуваш правото на избор?“
Но, исто како младите што ги цитиравме претходно, можеби и ти најголемиот притисок го чувствуваш од самиот себе. Ако е така, спротивстави ѝ се на желбата со тоа што добро ќе размислиш за прашања како следниве:
● ,Имам ли навистина некаква корист од пушењето? На пример, ако одлучам да пушам само за да ме прифатат другите, дали ќе успеам да се вклопам во нивното друштво иако баш и немам многу заедничко со нив? Дали воопшто сакам да се дружам со луѓе на кои би им било мило што си го уништувам здравјето?‘
● ,Како ќе ми се одрази пушењето врз џебот и врз здравјето и дали ќе ја изгубам почитта од другите?‘
● ,Дали сум спремен да си го продадам пријателството со Бог за една цигара?‘
Но, што ако веќе си зависник? Што ќе ти помогне да ги оставиш цигарите?
Како да се откажеш
1. Убеди се дека мораш да прекинеш. Напиши ги причините зошто сакаш да прекинеш и редовно читај си го списокот. Желбата да бидеш чист пред Бог може да ти биде силен мотив (Римјаните 12:1; Ефешаните 4:17-19).
2. Побарај помош. Ако скришно си пушел, сега е време отворено да кажеш. Кажи им на оние од кои си се криел дека ги оставаш цигарите и замоли ги да те поддржат. Ако сакаш да му служиш на Бог, моли го да ти помага (1. Јованово 5:14).
3. Одреди датум кога ќе престанеш. Дај си две седмици или помалку и обележи го на календарот денот кога планираш да престанеш. Кажи им на семејството и на пријателите дека престануваш да пушиш од тој датум.
4. Најди ги и уништи ги. Пред да дојде датумот што си го одредил да прекинеш, провери дали имаш цигари некаде во собата, во автомобилот или во алиштата. Уништи ги. Фрли ги запалките, кибритите и пепелниците.
5. Издржи ги симптомите на одвикнување. Пиј многу овошни сокови или вода и спиј повеќе. Имај на ум дека непријатностите се моментални, а користите трајни!
6. Избегнувај искушенија. Избегнувај места и ситуации кои ќе те стават на искушение да запалиш цигара. Можеби ќе треба и да престанеш да се дружиш со некои пријатели што пушат (Изреки 13:20).
Не биди наивен
Секоја година, компаниите за производство на цигари трошат милијарди долари на реклами. Кој им е особена мета? Во еден интерен документ од една таква компанија стои: „Денешниот тинејџер е потенцијален редовен муштерија“.
Не дозволувај овие компании да се богатат на твоја сметка. Зошто да се фатиш на нивната мамка? Ниту тие ниту твоите врсници што пушат не ти го мислат доброто. Наместо да ги слушаш нив, слушај ги советите од Библијата и научи „да го правиш она што е за твое добро“ (Исаија 48:17).
Дали пријателите те тераат да пиеш? Дознај зошто треба да си ги знаеш границите.
[Фуснота]
a Иако во ова поглавје се зборува за оние што пушат цигари, проблемите и опасностите што се истакнати тука се однесуваат и на оние што џвакаат тутун.
КЛУЧЕН СТИХ
„Да се исчистиме од секоја валканост на телото“ (2. Коринќаните 7:1)
ПРЕДЛОГ
Не си барај изговори, од типот: ‚Ќе повлечам само еден дим‘. Таквите изговори можат лесно да те доведат во ситуација пак да пропушиш (Еремија 17:9).
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Бездимниот тутун — како што е тутунот за џвакање — може да ослободи повеќе никотин отколку цигарите и содржи преку 25 канцерогени состојки кои го зголемуваат ризикот од рак на грлото и устата.
ПЛАН!
Ако некој на училиште ме тера да запалам цигара, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Иако ги знаеш опасностите, зошто сепак може да се најдеш на искушение да пушиш?
● Што те уверува дека пушењето е лошо?
[Истакната мисла на страница 240]
„Кога некој ќе ми понуди цигара, само се насмевнувам и велам: ‚Не, фала, не сакам да добијам рак‘ “ (Алана)
[Рамка/слика на страница 241]
Дали марихуаната е толку штетна?
„Некои велат дека марихуаната ти помага да избегаш од проблемите и дека нема никакви лоши последици од неа“, вели Елен, која живее во Ирска. Дали и ти си чул слични изјави за марихуаната? Да разгледаме некои вообичаени заблуди и факти во врска со оваа тема.
Заблуда. Марихуаната не е штетна.
Факт. Се знае или се претпоставува дека трајни последици од марихуаната се: оштетено памтење, нарушена способност за учење и ослабен имунолошки систем, како и сексуална дисфункција и кај мажите и кај жените. Може да предизвика и напади на вознемиреност, психоза и параноја. Кај децата родени од жени што пушат марихуана постои поголема веројатност да имаат проблеми со однесувањето, нарушено внимание и да им биде потешко да донесуваат одлуки.
Заблуда. Димот од марихуаната е помалку опасен од димот од цигарите.
Факт. Во споредба со димот од тутунот, димот од марихуаната може да наталожи четири пати повеќе катран во твоите дишни патишта и да внесе пет пати повеќе отровен јаглерод моноксид во твојата крв. Ако испушиш пет џоинта марихуана, може да внесеш иста количина канцерогени токсини колку и ако испушиш цела кутија цигари.
Заблуда. Марихуаната не создава зависност.
Факт. Тинејџерите што имаат ментални или емоционални проблеми можат брзо да станат зависни од марихуана. Други може да станат зависни по долготрајна употреба. Освен тоа, истражувањата покажуваат дека кај тинејџерите што пушат марихуана постои поголем ризик да почнат да користат и други видови дрога, како што е кокаинот.
[Рамка/слики на страници 244 и 245]
Тутунот и твоето тело
Погледни ги сликите на здрави луѓе прикажани на рекламите за цигари. Потоа спореди ги тие слики со она што тутунот навистина му го прави на твоето тело.
Уста и грло: Може да предизвика рак
[Слика]
Рак на јазикот
Срце: Ги стврднува и ги стеснува артериите, спречува да дојде доволно кислород до срцето и за четири пати го зголемува ризикот од срцеви заболувања
[Слика]
Запушени артерии
Бели дробови: Ги уништува алвеолите, ги воспалува дишните патишта и до 23 пати го зголемува ризикот од рак на белите дробови
[Слика]
Бел дроб на пушач
Мозок: За четири пати го зголемува ризикот од мозочен удар
Кожа: Може да предизвика предвремено стареење
Заби: Предизвикува дамки на забите
Желудник: Предизвикува рак
Панкреас: Предизвикува рак
Мочен меур: Предизвикува рак
Бубрези: Предизвикува рак
[Слика на страница 239]
Како риба што се фаќа на мамка, пушачот добива малку но плаќа страшно голема цена
-
-
Пијанки — што има лошо во тоа?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
-
-
Поглавје 34
Пијанки — што има лошо во тоа?
Како би одговорил на следниве прашања? Означи со ✔.
Дали некои твои врсници учествуваат во пијанки?
□ Да □ Не
Дали некогаш врсниците те терале да пиеш алкохол?
□ Да □ Не
Дали некогаш си учествувал во пијанка?
□ Да □ Не
ШТО е пијанка? Некои велат дека тоа е едноставно прилика кога пиеш за да се опиеш. Но, во еден извештај на американскиот Државен институт за борба против алкохолизмот и злоупотребата на алкохол се наоѓа една поконкретна дефиниција. Во него се вели дека таквото пиење „обично се дефинира како консумирање на пет или повеќе пијалаци едноподруго кога станува збор за мажи, и четири или повеќе пијалаци едноподруго кога станува збор за жени“.
Ако и тебе ти се случило да пиеш во неконтролирани количини или да пиеш иако според законот не смееш, не си единствен. Многу млади пијат.a Но, запрашај се: ‚Зошто сакам да пијам, и колку сум свесен за тоа какви последици може да имам од алкохолот?‘ На пример, како би одговорил на овие прашања? Означи со ✔, а потоа размисли за фактите.
а. Тинејџерите пијат само затоа што им се допаѓа вкусот на алкохолот.
□ Точно □ Неточно
б. Бидејќи се млади и имаат добро здравје, тинејџерите чувствуваат помалку несакани последици од алкохолот отколку возрасните.
□ Точно □ Неточно
в. Од опивање не се умира.
□ Точно □ Неточно
г. Библијата го осудува пиењето алкохол.
□ Точно □ Неточно
д. Единствена последица од пијанките е влошено здравје.
□ Точно □ Неточно
а. Тинејџерите пијат само затоа што им се допаѓа вкусот на алкохолот. Одговор: Неточно. Во една анкета што била спроведена во Австралија за да се види колку се свесни луѓето за влијанието на алкохолот, 36 отсто од младите испитаници рекле дека пијат главно „за да се вклопат во друштво“. Една анкета во САД покажа дека 66 отсто од испитаниците рекле дека пијат под влијание на другите. Меѓутоа, повеќе од половината рекле и дека пијат за да заборават на проблемите.
б. Бидејќи се млади и имаат добро здравје, тинејџерите чувствуваат помалку несакани последици од алкохолот отколку возрасните. Одговор: Неточно. „Новите истражувања покажуваат дека младите што пијат си играат со оган“, пишува во една статија во списанието Discover. Зошто? „Тинејџерите што претерано пијат можат во голема мера да си ги уништат своите ментални способности.“
Хроничното пиење е поврзано и со појавата на повеќе акни, предвремено збрчкување на кожата, зголемена телесна тежина и со зависност од алкохол и од дрога. Освен тоа, може сериозно да ги оштети нервниот систем, црниот дроб и срцето.
в. Од опивање не се умира. Одговор: Неточно. Кога ќе се испие преголема количина алкохол, мозокот не добива доволно кислород и виталните телесни функции почнуваат да забавуваат и на крајот престануваат. Некои од симптомите се повраќање, несвестица и забавено или неправилно дишење. Во некои случаи може да настапи и смрт.
г. Библијата го осудува пиењето алкохол. Одговор: Неточно. Библијата не го осудува пиењето алкохол ниту, пак, е против тоа младите да се забавуваат (Псалм 104:15; Проповедник 10:19). Сепак, се разбира, мораш да ги почитуваш законите во твојата земја во врска со пиење алкохол (Римјаните 13:1).
Меѓутоа, Библијата го осудува прекумерното пиење. „Виното е подбивно опојниот пијалак е бучен и секој што е заведен од него не е мудар“, стои во Изреки 20:1. Под дејство на алкохол човек може да се однесува глупаво и смешно! Точно, можеби моментално ќе ти биде убаво, но ако претераш, алкохолот „каснува како змија“, создавајќи ти многу проблеми (Изреки 23:32).
д. Единствена последица од пијанките е влошено здравје. Одговор: Неточно. Ако се опиеш, полесно е некој да ти направи нешто лошо, па дури и да те силува. Но, и ти можеш да претставуваш опасност за другите ако почнеш да се однесуваш неконтролирано. Затоа Библијата предупредува дека ако претераш со пиењето, „во умот ќе ти биде бркотница“ (Изреки 23:33, Радосна Вест). Накратко кажано, само ќе се изглупираш! Може да имаш и други болни последици — да ги изгубиш пријателите, да имаш слаб успех на училиште или на работа, да си заработиш криминално досие или да западнеш во сиромаштија (Изреки 23:21).
Но, најважно од сѐ, размисли за духовната штета што може да ја предизвика препивањето. Јехова Бог сака да му служиш „со сиот свој ум“, а не со ум што е непотребно оштетен од претерано пиење алкохол (Матеј 22:37). Божјата Реч не го осудува само ‚пијанството‘ туку и ‚натпивањата‘ (1. Петрово 4:3). Според тоа, пијанките се во спротивност на волјата на нашиот Творец, и ако учествуваш во такви пијанки, не можеш да бидеш близок со Бог.
Што ќе одлучиш ти?
Дали ќе пиеш само затоа што твоите врсници пијат? Во Римјаните 6:16 Библијата вели: „Не знаете ли дека ако му се предавате некому во ропство и се обврзувате на послушност робови сте му на оној кого го слушате?“ Дали навистина сакаш да им станеш роб било на врсниците било на алкохолот?
Но, што ако пијанките веќе се дел од твојот живот? Веднаш побарај помош од родителите или од некој зрел пријател. Зборувај со Јехова во молитва и преколнувај го да ти помогне. Впрочем, тој ни е „помош која лесно се наоѓа во неволја“ (Псалм 46:1). Бидејќи обично влијанието на врсниците е причината зошто некој почнува да оди по пијанки и да пие уште како малолетен, можеби ќе треба да направиш големи промени во изборот на пријатели.b Тоа нема да ти биде лесно, но со помош од Јехова можеш да успееш.
Зависноста од дрога може да се победи. Дознај како.
[Фусноти]
a Види ја рамката „Кој пие?“ на 249. страница.
b Повеќе информации има во поглавја 8 и 9 од оваа книга и во поглавје 15 од том 2.
КЛУЧЕН СТИХ
‚Пијаницата осиромашува‘ (Изреки 23:21)
ПРЕДЛОГ
Утврди зошто сакаш да пиеш алкохол. Потоа размисли за други, поздрави начини на кои можеш да се забавуваш или да си го намалиш стресот.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Според едно истражување во САД, „кај оние што редовно одат на пијанки, шансите да испуштаат часови, да имаат послаб успех на училиште, да се повредат или да оштетат имот се осум пати поголеми отколку кај оние што не пијат“.
ПЛАН!
Ако другите ме тераат да се опивам со нив, ќе им речам ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто твоите врсници сакаат и други да се опиваат заедно со нив?
● Дали со пиењето ќе бидеш попривлечен за спротивниот пол, и зошто го велиш тоа?
[Истакната мисла на страница 250]
„Кога некој од училиште ќе ми понуди пијалак, му велам дека не морам да пијам за да си поминам убаво“ (Марк)
[Рамка на страница 249]
Кој пие?
Според една анкета спроведена во Англија, Шкотска и Велс, една четвртина од тинејџерите на возраст од 13 и 14 години „тврделе дека имаат ‚мавнато‘ најмалку пет пијачки едноподруго“. И околу половина од испитаниците на 15 и 16 години рекле дека го имаат направено тоа. Според Министерството за здравство и социјална помош на САД, „околу 10,4 милиони адолесценти на возраст помеѓу 12 и 20 години потврдиле дека пијат алкохол. Од нив, 5,1 милиони редовно одат на пијанки, а 2,3 милиони се препиваат на пијанки најмалку пет пати во месецот“. Едно истражување од Австралија покажува дека во таа земја на пијанки одат повеќе девојки отколку момчиња и пијат од 13 до 30 пијачки во една вечер!
[Слика на страница 251]
Алкохолот може да касне како змија
-