СЕДУМНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Еве ја Јеховината робинка!“
1, 2. а) Со кои зборови непознатиот гостин ја поздравил Марија? б) Пред каква пресвртница во животот се нашла Марија?
МАРИЈА го кренала погледот и со широко отворени очи зачудено гледала во непознатиот гостин. Тој не ги барал ниту татко ѝ ниту мајка ѝ. Дошол заради неа! Била сигурна дека не е од Назарет. Во мало место како што било нејзиното, веднаш се знаело кој не бил од таму. А овој гостин и без тоа изгледал многу необично. Тој ја поздравил со многу чудни зборови. Ѝ рекол: „Здраво, со милост обдарена, Јехова е со тебе!“ (Прочитај Лука 1:26-28.)
2 На овој начин Библијата нѐ запознава со Марија, ќерката на Или, која живеела во Назарет во Галилеја. Ја запознаваме во момент кога се наоѓала пред голема животна пресвртница. Била свршена со дрводелецот Јосиф, кој не бил богат, но имал силна вера во Бог. Веќе отприлика се знаело каков ќе ѝ биде животот во иднина — ќе живее скромно и ќе му помага на својот сопруг да ги одгледаат дечињата што ќе им се родат. Но, сосема неочекувано се појавил овој гостин кој ја известил дека нејзиниот Бог ѝ доверил една одговорна задача што ќе ѝ го смени животот од корен.
3, 4. Што треба да тргнеме настрана за да ја запознаеме Марија, и како ќе ни помогне Библијата?
3 Многумина се изненадени што Библијата не кажува многу за Марија. Во неа пишува малку за нејзиното потекло, уште помалку за нејзината личност, а не пишува ништо за нејзиниот изглед. Сепак, и од тоа малку што е запишано во Божјата Реч можеме да научиме многу.
4 За да ја запознаеме Марија, треба да ги тргнеме настрана верувањата што за неа ги создале разните религии. Затоа, во ова поглавје нема да стане збор за сликите, киповите и другите уметнички дела што ја прикажуваат Марија. Нема да стане збор ни за комплицираните црковни учења кои на оваа понизна жена ѝ припишуваат возвишени титули како „Богородица“ и „Дева Марија“. Наместо тоа, ќе видиме што пишува за неа во Библијата. Така ќе дознаеме скапоцени поединости за нејзината вера кои ќе ни помогнат и ние да стекнеме таква вера.
Посета од ангел
5. а) Што дознаваме за Марија од нејзината реакција на зборовите на Гавриел? б) Кое важно библиско начело можеме да го научиме од Марија?
5 Непознатиот гостин што дошол кај Марија не бил обичен човек. Тоа бил ангелот Гавриел. Тој ѝ рекол на Марија дека е „со милост обдарена“. Таа ‚се уплашила‘ од тие зборови и почнала да размислува што може да значи тој необичен поздрав (Лука 1:29). Кој ја обдарил со милост? Марија не го очекувала тоа од луѓето. Ангелот зборувал за милоста на Јехова Бог. А таа милост неа многу ѝ значела. Сепак, не се возгордеала заради тоа. Ако се трудиме да ја стекнеме Божјата милост и ако не си мислиме вообразено дека веќе ја имаме, ќе научиме едно важно начело што Марија потполно го разбрала: Бог им се спротивставува на вообразените, а ги сака и им помага на скромните и понизните (Јак. 4:6).
Марија не станала горда заради тоа што ѝ била укажана голема чест
6. Каква чест ѝ укажал ангелот на Марија?
6 Понизноста и понатаму требало да ја краси Марија бидејќи ангелот ѝ укажал неопислива чест. Ѝ објаснил дека ќе роди дете кое ќе стане најзначајниот човек во светот. Гавриел рекол: „Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко, и тој ќе царува во домот на Јаков засекогаш, и неговото царство ќе нема крај“ (Лука 1:32, 33). На Марија сигурно ѝ било познато ветувањето што повеќе од илјада години пред тоа Бог му го дал на Давид — дека еден од неговите потомци ќе владее засекогаш (2. Сам. 7:12, 13). Значи, нејзиниот син ќе бил Месијата, оној што Божјиот народ го очекувал со векови!
7. а) Што открива за Марија прашањето кое го поставила? б) Што можат да научат од Марија младите во денешно време?
7 Освен тоа, ангелот ѝ рекол дека детето што ќе го роди ќе биде наречено „Син на Севишниот“. Марија сигурно се прашувала како е можно една обична жена да роди Божји Син. Таа била свршена со Јосиф, но сѐ уште не биле во брак. Поради тоа што била во недоумица, Марија отворено прашала: „Како ќе биде тоа, кога уште не сум легнала со маж?“ (Лука 1:34). Забележи дека Марија воопшто не се срамела што сѐ уште била девица. Напротив, таа многу ја ценела својата морална чистота. Денес, многу млади едвај чекаат да ја изгубат својата невиност и ги исмеваат оние што не се како нив. Да, светот навистина се сменил. Но, Јехова не се сменил (Мал. 3:6). Исто како во времето на Марија, тој и денес ги цени оние што се држат за неговите морални мерила. (Прочитај Евреите 13:4.)
8. Како било можно Марија, која била несовршен човек, да роди совршено дете?
8 Иако верно му служела на Бог, Марија била несовршен човек, како и сите други. Тогаш, како ќе можела да роди совршен потомок? Гавриел објаснил: „Светиот дух ќе дојде врз тебе и силата на Севишниот ќе те засени. Затоа детето што ќе го родиш ќе биде свето, Син Божји“ (Лука 1:35). Свето значи чисто, неизвалкано, угодно на Бог. Сосема е нормално родителите да им пренесат на своите деца несовршеност и грешност. Но, во овој случај, Јехова имал намера да направи чудо какво што дотогаш не се случило. Животот на својот Син од небото ќе го пренел во утробата на Марија. Потоа со својата сила, односно светиот дух, ќе ја ‚засенел‘ Марија, со што ќе спречел детето да биде извалкано од гревот. Дали Марија поверувала во она што ѝ го рекол ангелот? Што одговорила?
Одговорот на Марија
9. а) Зошто оние кои не веруваат во чуда се сомневаат во извештајот за Марија? б) Како Гавриел ѝ ја зајакнал верата на Марија?
9 Оние што не веруваат во чуда, меѓу кои има и христијански теолози, не можат да поверуваат дека една девица родила дете. Ни со сето образование што го стекнале не успеваат да сфатат една едноставна вистина што ја кажал Гавриел: „За Бог ништо од она што ќе го каже, не е невозможно“ (Лука 1:37). Марија имала доверба во зборовите на Гавриел затоа што била девојка со голема вера. Но, таа не била лековерна. Како и на секоја разумна личност, и на Марија ѝ требале докази на кои ќе ја темели својата вера. На доказите што веќе ги имала, Гавриел додал уште еден аргумент. Ѝ ја спомнал нејзината остарена роднина Елисавета, која долго време била неротка. Бог преку чудо овозможил таа да забремени!
10. Иако на Марија ѝ била укажана огромна чест, зошто не ѝ било лесно да ја изврши задачата?
10 Замисли си како ѝ било на Марија. Дознала дека Бог ѝ дал одредена задача и добила доказ дека тој ќе го направи сето она што ѝ го рекол Гавриел. Но, мораме да бидеме свесни дека оваа голема чест носела со себе и одредени стравови и грижи. Од една страна, била свршена со Јосиф. Можеби се прашувала дали тој ќе сака да ја земе за жена откако ќе дознае дека е бремена. Од друга страна, самата задача претставувала огромна одговорност. Во себе ќе требало да го носи животот на најмилата Божја творба — неговиот сакан Син! Таа ќе требало да го штити и да се грижи за него додека расте како беспомошно детенце во овој злобен свет! Навистина голема одговорност!
11, 12. а) Како реагирале некои силни и верни мажи кога добиле тешка задача од Бог? б) Што учиме за Марија од одговорот што му го дала на Гавриел?
11 Во Библијата има примери што покажуваат дека дури и силни, верни мажи понекогаш не сакале да прифатат некоја тешка задача од Бог. Мојсеј приговорил дека не би можел да биде Божји гласноговорник затоа што не бил речовит (2. Мој. 4:10). Еремија се жалел дека уште бил дете, односно дека бил премлад за да ја прифати службата што му ја доверил Бог (Ерем. 1:6). А Јона дури и избегал од својата задача! (Јона 1:3). Како реагирала Марија?
12 Нејзините зборови, од кои се гледа колку била понизна и послушна, се паметат до ден-денес. Таа му рекла на Гавриел: „Еве ја Јеховината робинка! Нека ми биде според твоите зборови!“ (Лука 1:38). Меѓу слугите на еден господар, робинката имала најниска положба. Нејзиниот живот бил потполно во рацете на господарот. Токму така се чувствувала Марија во однос на својот Господар, Јехова. Знаела дека е безбедна во неговите раце, дека тој е верен кон оние што му се верни и дека ќе ја благослови затоа што прави сѐ што може за да ја изврши таа тешка задача (Пс. 18:25).
Марија се чувствувала сигурно во рацете на нејзиниот Бог, Јехова
13. Како може да ни помогне примерот на Марија кога она што го бара Бог од нас ни изгледа тешко, па дури и невозможно?
13 Понекогаш Бог бара од нас да направиме нешто што ни изгледа тешко, па дури и невозможно. Меѓутоа, во својата Реч тој ни дал безброј причини да му веруваме и да ги оставиме работите во негови раце, како што направила Марија (Изр. 3:5, 6). Ќе го сториме ли тоа? Ако да, тогаш тој ќе нѐ награди, а тоа уште повеќе ќе ја зајакне нашата вера во него.
Марија оди кај Елисавета
14, 15. а) Што се случило кога Марија ја посетила Елисавета? б) Што дознаваме за Марија од нејзините зборови запишани во Лука 1:46-55?
14 На Марија многу ѝ значело тоа што Гавриел ѝ го кажал за Елисавета. Ниедна друга жена не би можела да ја разбере подобро нејзината ситуација! Марија брзо тргнала на пат кон јудејските планини, на патување кое по сѐ изгледа траело три до четири дена. Кога влегла во куќата на Елисавета и свештеникот Захарија, Јехова ѝ дал на Марија уште цврсти докази за неговото водство што ѝ ја зајакнале верата. Штом Елисавета го слушнала гласот на Марија, почувствувала како детето во нејзината утроба потскокнало од радост. Се исполнила со свет дух и ја нарекла Марија „мајката на мојот Господар“. Бог ѝ открил на Елисавета дека синот на Марија ќе ѝ стане Господар, Месијата. Освен тоа, водена од светиот дух, ја пофалила Марија за тоа што била верна и послушна. Елисавета рекла: „Среќна е онаа што поверувала“ (Лука 1:39-45). Навистина, сѐ што Јехова ѝ ветил на Марија требало да се исполни!
15 Она што тогаш го кажала Марија е запишано во Божјата Реч од збор до збор. (Прочитај Лука 1:46-55.) Тоа е најдолгиот запис со нејзини зборови во Библијата, кој открива многу за неа. Бидејќи го величала Јехова за честа што ѝ ја дал да му биде мајка на Месијата, можеме да видиме колку била благодарна. Исто така, се гледа дека имала силна вера затоа што рекла дека Јехова е Бог кој ги понижува вообразените и моќните, а им помага на безначајните и сиромашните кои сакаат да му служат. Очигледно е и дека добро ги познавала светите списи. Според една проценка, таа се осврнала на преку 20 стихови од Хебрејските списи!a
16, 17. а) Кој став што го покажале Марија и нејзиниот син треба да го имаме и ние? б) Што учиме за пријателството од Марија и Елисавета?
16 Марија длабоко размислувала за Божјата Реч. Сепак, останала понизна и наместо да изнесува лични заклучоци, повеќе сакала да зборува Светото писмо. Синот што тогаш растел во нејзината утроба го покажал истиот став кога станал возрасен. Тој рекол: „Она за кое поучувам не е мое, туку доаѓа од оној што ме испрати“ (Јован 7:16). Секој од нас треба да се запраша: ‚Дали и јас покажувам такво почитување кон Божјата Реч? Или повеќе ги сакам своите идеи и размислувања?‘ Сосема е јасно како би одговорила Марија на овие прашања.
17 Марија останала кај Елисавета околу три месеци. За тоа време сигурно се храбреле една со друга (Лука 1:56). Овој убав библиски извештај добро покажува колкав благослов може да биде едно пријателство. Ако се дружиме со оние кои вистински го сакаат нашиот Бог, Јехова, сигурно ќе се зајакне нашата духовност и ќе се зближиме со него (Изр. 13:20). Но, дошло време Марија да се врати дома. Што ќе рече Јосиф кога ќе дознае дека е бремена?
Марија и Јосиф
18. Што му раскажала Марија на Јосиф, и како реагирал тој?
18 Марија не чекала нејзината бременост да стане очигледна па дури тогаш да му каже на Јосиф. Решила веднаш да зборува со него. Веројатно претходно се прашувала како тој чесен, побожен човек ќе реагира на она што ќе му го каже. Сепак, отишла кај него и му раскажала што ѝ се случило. Како што можеш да си претпоставиш, Јосиф бил многу вознемирен. Сакал да ѝ верува на својата љубена, но изгледало дека таа го изневерила. Библијата не кажува какви сѐ мисли му минувале низ главата. Но, во неа читаме дека тој одлучил да се разведе од Марија, бидејќи во тоа време на свршените двојки се гледало како да се во брак. Сепак, не сакал да избие скандал и да ја изложи на јавен срам, па затоа одлучил тајно да се разведат (Мат. 1:18, 19). На Марија сигурно ѝ било многу тешко кога видела каква болка му задала таа дотогаш невидена ситуација. Меѓутоа, не била огорчена поради тоа што Јосиф не ѝ верувал.
19. Како Јехова му помогнал на Јосиф да постапи исправно?
19 Јехова му помогнал на Јосиф да постапи исправно. На сон, еден Божји ангел му потврдил дека Марија навистина забременила преку чудо. На Јосиф сигурно многу му олеснило кога го дознал тоа! Сега и тој го направил она што Марија го направила уште од почетокот — постапил во склад со водството од Јехова. Се оженил со Марија и почнал да се подготвува за неповторливата одговорност да се грижи за Јеховиниот Син (Мат. 1:20-24).
20, 21. Што можат да научат од Марија и Јосиф оние што се во брак и оние што сакаат да стапат во брак?
20 Оние што се во брак — како и оние што сакаат да стапат во брак — можат многу да научат од сѐ што му се случувало на овој млад пар пред 2.000 години. Додека Јосиф гледал како неговата млада сопруга ги исполнува своите мајчински обврски, сигурно бил многу среќен што Јеховиниот ангел му рекол да се ожени со неа. Без сомнение, Јосиф увидел колку е важно да се потпира на Јехова кога донесува важни одлуки (Пс. 37:5; Изр. 18:13). И како поглавар на семејството тој ги носел одлуките промислено и обѕирно.
21 Од друга страна, што можеме да научиме за Марија од нејзината спремност да се омажи за Јосиф? Иако отпрвин можеби не му било лесно да го прифати она што му го кажала, таа чекала тој да донесе конечна одлука бидејќи требало да стане поглавар на семејството. Сигурно сфатила колку е важно да биде стрплива и да има доверба во него. Тоа е добра поука и за христијанките денес. Освен тоа, овие настани веројатно многу им помогнале на Јосиф и Марија да сфатат колку е важно да разговараат искрено и отворено. (Прочитај Изреки 15:22.)
22. Каков темел за својот брак положиле Јосиф и Марија, и што ги очекувало во годините што следеле?
22 Оваа млада двојка положила добар темел за својот брак. И Јосиф и Марија го сакале Јехова Бог повеќе од сѐ и имале силна желба да ја вршат неговата волја како одговорни, грижливи родители. Се разбира, ги очекувале уште поголеми благослови — но и уште поголеми предизвици. Во годините што следеле требало да го воспитуваат Исус, кој станал најголемиот човек што некогаш живеел.
a Во еден од тие случаи Марија очигледно ја цитирала верната Ана. И таа била благословена од Јехова со дете. (Види ја рамката „Две значајни молитви“ во поглавје 6.)