ПРАШАЊА ЗА ОНИЕ ШТО САКААТ ДА СЕ КРСТАТ
Заклучен разговор со кандидатите за крштавање
Крштавањата обично се извршуваат на собирите и на конгресите на Јеховините сведоци. При крајот на говорот за крштавање, говорникот ќе ги замоли кандидатите да станат и да одговорат јасно и гласно на следниве две прашања:
1. Дали си се покајал за своите гревови и си му го заветувал својот живот на Јехова, и дали прифаќаш дека можеш да бидеш спасен само преку Исус Христос?
2. Дали сфаќаш дека со своето крштавање стануваш Јеховин сведок и дел од Јеховината организација?
Со потврдните одговори на овие прашања, кандидатите за крштавање јавно покажуваат дека имаат вера во откупнината и дека му се заветувале на Јехова (Рим. 10:9, 10). Тие треба однапред под молитва да размислуваат за овие прашања за да можат да одговорат на нив во склад со нивните лични убедувања.
Дали во молитва си му се заветувал на Јехова, односно си му ветил дека ќе го обожаваш само него и дека најважно во животот ќе ти биде да ја вршиш неговата волја?
Дали си потполно уверен дека треба да се крстиш во првата прилика што ќе ти се укаже?
Каква облека е соодветна за крштавање? (1. Тим. 2:9, 10; Јован 15:19; Фил. 1:10).
За да покажеме дека го почитуваме Бог, треба да бидеме скромни и разборити така што ќе носиме пристојна облека. Затоа, оние што се крштаваат не носат нескромен костим за капење ниту облека со натписи, слогани и слики. Нивната облека треба да биде уредна, чиста и соодветна на приликата.
Како треба да се однесува едно лице за време на своето крштавање? (Лука 3:21, 22).
Крштавањето на Исус е пример за тоа како треба да изгледа крштавањето на христијаните денес. Исус бил свесен дека крштавањето е сериозен чекор, и ова можело да се види во неговиот став и во неговите постапки. Затоа, на местото каде што се извршува крштавањето не треба да се прават несоодветни шеги, да се плива или да се постапува на каков и да било начин што ќе го одврати вниманието од важноста на оваа прилика. Не би било во ред ни новокрстениот христијанин да се однесува како да извојувал некоја голема победа. Иако крштавањето е радосна прилика, таа радост треба да се покаже на еден достоинствен начин.
Како тоа што редовно ќе одиш на состаноците и ќе соработуваш со собранието ќе ти помогне да живееш во склад со заветот што си му го дал на Јехова?
Откако ќе се крстиш, зошто ќе биде многу важно да продолжиш редовно да ја проучуваш Библијата и да одиш во служба?
УПАТСТВА ЗА СТАРЕШИНИТЕ
Кога некој некрстен објавител ќе каже дека сака да се крсти, старешините треба да го поттикнат внимателно да ги разгледа прашањата за оние што сакаат да се крстат, кои се наоѓаат во оваа книга на страници 185-207. Треба да му го свртат вниманието на делот „До некрстениот објавител“ кој започнува на страница 182. Од овој дел ќе дознае како може да се подготви за разговорите со старешините. Како што е наведено таму, оној што сака да се крсти може во текот на разговорите да ги користи своите лични белешки и книгата да му биде отворена. Сепак, нема потреба некој да ги обработи прашањата со него пред тој да се состане со старешините.
Секој што сака да се крсти треба да го информира за тоа координаторот на старешинството. Откако на некрстениот објавител ќе му се даде време да ги прочита „Прашањата за оние што сакаат да се крстат“, координаторот на старешинството ќе го праша дали во молитва му ветил на Јехова дека ќе ја врши неговата волја. Ако објавителот го сторил тоа, тогаш координаторот на старешинството ќе се погрижи двајца старешини да го разгледаат со објавителот материјалот од „Прашања за оние што сакаат да се крстат“. Двата дела треба да се разгледаат со различен старешина. Разговорите со кандидатот за крштавање може да се одржат уште пред да биде најавен следниот собир или конгрес.
Обично, двата дела може да се разгледаат посебно, секој во траење од по еден час. Доколку е потребно, разговорите со кандидатот за крштавање може да траат и подолго. Секој од тие разговори треба да почне и да заврши со молитва. Ниту оној што сака да се крсти ниту старешините не треба да брзаат додека ги обработуваат прашањата. Старешините кои се одредени да ги водат разговорите со кандидатот за крштавање треба во својот распоред да ѝ дадат приоритет на таа задача.
Доколку има повеќе кандидати за крштавање, најдобро е прашањата да се обработуваат со секој од нив поединечно. Со тоа што ќе му дозволат на кандидатот да одговори на секое прашање, старешините ќе можат да добијат јасна слика за тоа колку длабоко ја разбира библиската вистина и ќе можат да утврдат дали тој навистина е спремен да се крсти. Исто така, на овој начин оној што сака да се крсти ќе може слободно да ги изрази своите мисли и чувства. Со брачен пар може да се разговара заедно.
Ако кандидатот за крштавање е сестра, разговорите треба да се одржат на место на кое другите може да ги гледаат, но не и да ги слушаат. Доколку на тој разговор треба да присуствува и некој друг, тоа треба да биде брат кој е старешина или слуга-помошник, во зависност од тоа кој дел ќе се разгледува (како што е објаснето во следниот пасус).
Во собранијата во кои нема доволно старешини, прашањата за крштавање што се наоѓаат во „Дел 1 — христијански верувања“ може да ги обработат и слуга-помошници кои се познати по својата разборитост и добро просудување. А прашањата што се наоѓаат во „Дел 2 — христијански живот“ треба да ги обработуваат само старешини. Ако во собранието нема доволно браќа кои можат да ја извршат таа задача, за тоа треба да биде известен покраинскиот надгледник. Тој ќе провери дали може да помогнат старешини од некое собрание во близина.
Ако кандидатот за крштавање е малолетен, барем еден од родителите кој е Јеховин сведок треба да присуствува кога со него ќе се разгледуваат прашањата за крштавање. Доколку не е можно да биде присутен родител, тогаш на секој разговор треба да бидат присутни двајца старешини (или старешина и слуга-помошник, во зависност од тоа кој дел ќе се разгледува).
Старешините ќе утврдат дали оној што сака да се крсти ги разбира основните библиски учења во разумна мера. Освен тоа, треба да се уверат дека длабоко ја цени вистината и дека ја почитува Јеховината организација. Ако лицето не ги разбира основните библиски учења, старешините ќе се погрижат да му биде пружена потребната помош за подоцна да ги исполни условите за крштавање. Некои кандидати треба да почекаат со своето крштавање за да можат да стекнат подлабоко ценење за службата на проповедање или за да покажат во уште поголема мера подложност кон теократското уредување. Старешините мораат во секој разговор мудро да го искористат времето од околу еден час за да можат со сигурност да утврдат дали лицето е спремно да се крсти. Иако на некои прашања може да се потроши повеќе време а на некои помалку, сите прашања треба да се разгледаат со кандидатот за крштавање.
Старешините кои ги воделе разговорите со кандидатот ќе се состанат по вториот разговор за да одлучат дали тој може да се крсти. Тие треба да ги земат предвид потеклото, способностите и другите околности на кандидатот за крштавање. Најважно е лицето да го сака Јехова и да ги разбира основните библиски вистини. Ако со љубов им помагате на оние што ќе се крстат, тие ќе бидат спремни да ја извршат важната задача да ја проповедаат добрата вест.
Откако старешините што ги воделе разговорите ќе донесат одлука, еден од нив или двајцата, треба да се состанат со лицето и да му кажат дали ги исполнува условите за крштавање. Ако ги исполнува, старешините треба заедно со него да го разгледаат делот „Заклучен разговор со кандидатите за крштавање“, кој се наоѓа на страници 206-207. Доколку лицето сѐ уште не завршило со проучување на книгата Радувај му се на животот засекогаш, старешините треба да го поттикнат да го направи тоа по своето крштавање. Известете го кандидатот дека датумот на неговото крштавање ќе биде внесен во формуларот Извештај на собраниски објавител кој се води на негово име. Потсетете го дека старешините ги бараат овие лични податоци за да може организацијата и понатаму да се грижи за религиозните активности на Јеховините сведоци низ целиот свет, за да може тој да учествува во духовните активности што ги организира собранието и за да може да добива охрабрување и водство од старешините. Освен тоа, старешините можат да ги потсетат новите објавители дека сите лични податоци се користат во склад со документот Општи правила на Јеховините сведоци за заштита на лични податоци кој се наоѓа на jw.org. Завршниот разговор обично треба да трае најмногу десет минути.
Откако ќе помине една година од крштавањето на објавителот, двајца старешини треба да се состанат со него за да го охрабрат и за да му дадат некои корисни предлози. Еден од старешините кои ќе го водат овој разговор треба да биде надгледникот на групата во која припаѓа лицето. Ако објавителот е малолетен, на разговорот треба да присуствува барем еден од неговите родители кој е Јеховин сведок. Разговорот треба да се одвива во пријателска и опуштена атмосфера. Старешините треба да се осврнат на духовниот напредок на објавителот. Тие треба да му дадат практични предлози за тоа како да продолжи редовно да ја чита и да ја проучува Библијата, да ја одржува Семејната вечер посветена на Јехова, редовно да присуствува и да учествува на состаноците и секоја седмица да оди во служба на проповедање (Еф. 5:15, 16). Ако сѐ уште не завршил со проучување на книгата Радувај му се на животот засекогаш, старешините треба да се погрижат некој да му помогне во тоа. Старешините треба да ја искористат приликата за да го пофалат. Обично е доволно да се даде еден до два предлози или совети.