Да се гадиме од она што е зло
ЈЕХОВА е свет Бог. Во старо време тој бил „светецот Израилев“ и, како таков, барал Израел да биде чист, неизвалкан (Псалм 88:18). На својот избран народ му рекол: „Бидете свети, зашто Јас сум свет“ (3. Мојсеева 11:45). Секој кој сакал „да излезе на гората Господова“, морал да биде ‚со невини раце и со чисто срце‘ (Псалм 23:3, 4). Тоа значело повеќе отколку само да се избегнуваат грешни постапки. Тоа значело „да се мрази злото“ (Изреки 8:13, НС).
Со љубов, Јехова поставил детални закони со цел нацијата Израел да може да го идентификува и да го избегнува престапувањето (Римјаните 7:7, 12). Овие закони вклучувале строги упатства во поглед на моралот. Прељубата, хомосексуалните постапки, родоскверните односи и бестијалноста — сите тие биле идентификувани како несвети духовни загадувачи (3. Мојсеева 18:23; 20:10—17). Оние кои биле виновни за такви деградирани постапки, биле одрежувани од израелската нација.
Кога собранието од помазани христијани станало ‚Израил Божји‘, за него биле поставени слични морални мерила (Галатјаните 6:16). И христијаните требало ‚да се гадат од она што е зло‘ (Римјаните 12:9, НС). Јеховините зборови до Израел исто така важеле и за нив: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет“ (1. Петрово 1:15, 16). Таквите несвети практики како блуд, прељуба, хомосексуални постапки, бестијалност и родосквернавење не смееле да го расипат христијанското собрание. Оние кои одбивале да престанат да се впуштаат во такви работи, требало да бидат исфрлени од Божјето Царство (Римјаните 1:26, 27; 2:22; 1. Коринтјаните 6:9, 10; Евреите 13:4). Во овие ‚последни денови‘, истите мерила важат и за ‚другите овци‘ (2. Тимотеј 3:1; Јован 10:16). Како резултат на тоа, помазаните христијани и другите овци сочинуваат еден чист и здрав народ, кој може да го носи името на својот Бог како Јеховини сведоци (Исаија 43:10).
Собранието да се одржува чисто
Спротивно на тоа, светот одобрува секакви видови неморал. Иако вистинските христијани се поинакви, тие не смеат да заборават дека мнозина кои сега му служат на Јехова, некогаш биле во светот. Постојат многумина кои, пред да го запознаат нашиот свет Бог, не гледале причина зошто да не ги задоволуваат желбите и фантазиите на своето паднато тело, прпелајќи се во едно ‚ниско ниво на разврат‘ (1. Петрово 4:4, НС). Откако ги опишал одвратните практики на деградираните луѓе од нациите, апостол Павле рекол: „А такви беа и некои од вас“. Сепак, понатаму рекол: „Туку се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог“ (1. Коринтјаните 6:11).
Каква само утешна изјава е тоа! Што и да направил некој порано во својот живот, тој се менува кога славната добра вест за Христа влијае врз неговото срце. Тој покажува вера и му се предава на Јехова Бог. Оттогаш па натаму, тој води морално чист живот, измиен во Божји очи (Евреите 9:14). Гревовите што претходно ги извршил се простени и тој може да ‚се стреми кон она што е пред него‘a (Филипјаните 3:13, 14; Римјаните 4:7, 8).
Јехова му простил на покајничкиот Давид за убиство и прељуба, и му простил на покајничкиот Манасија за неморалното идолопоклонство и за големото крвопролевање (2. Царства 12:9, 13; 2. Летописи 33:2—6, 10—13). Можеме навистина да бидеме благодарни што тој е спремен да ни прости и нам ако се покаеме и му пристапиме искрено и понизно. Сепак, и покрај тоа што Јехова им простил на Давид и на Манасија, овие двајца мажи — а со нив и Израел — морале да живеат со последиците од своите грешни постапки (2. Царства 12:11, 12; Јеремија 15:3—5). На сличен начин, иако Јехова им простува на покајничките грешници, од нивните постапки може да има последици кои не можат да се избегнат.
Неминовни последици
На пример, еден човек кој води живот на неморален разврат и се зарази со СИДА, може да ја прифати вистината и да го промени својот живот до точката на предание и крштавање. Сега тој е духовно чист христијанин кој има однос со Бог и една прекрасна надеж за иднината; но, тој сѐ уште има СИДА. На крајот може да умре од болеста — жалосна но неизбежна последица од неговото поранешно однесување. За некои христијани, последиците од поранешниот тежок неморал може да потрајат и на други начини. Со години после нивното крштавање, можеби целиот нивни преостанат живот во овој систем на ствари, тие можеби мораат да се борат против поривите во своето тело да му се вратат на својот поранешен неморален начин на живот. Со помошта на Јеховиниот дух, мнозина успеваат да се спротивстават. Но, тие мораат да водат постојана битка (Галатјаните 5:16, 17).
Таквите лица не грешат сѐ додека ги контролираат своите пориви. Но, ако се мажи, тие можат мудро да одлучат да не ‚тежнеат‘ по одговорност во собранието додека сѐ уште мораат да се борат со силните телесни импулси (1. Тимотеј 3:1, НС). Зошто? Затоа што знаат колку многу им е доверено на старешините во собранието (Исаија 32:1, 2; Евреите 13:17). Тие сфаќаат дека старешините се допрашувани за бројни интимни работи и дека мораат да решаваат осетливи ситуации. Не би било ниту полно со љубов, ниту мудро ниту, пак, разумно некој кој води постојана борба против нечисти телесни желби да тежнее по една таква одговорна положба (Изреки 14:16; Јован 15:12, 13; Римјаните 12:1).
За еден маж кој бил напасник на деца пред да се крсти, може да има и друга последица. Кога ја дознава вистината, тој се покајува и се обраќа, и не го донесува тој суров грев во собранието. Потоа може добро да напредува, потполно да ги совлада своите неисправни импулси, па дури и да биде склон да „тежнее“ по одговорна положба во собранието. Но, сепак, што ако тој сѐ уште мора да ја надминува озлогласеноста во општината како поранешен напасник на деца? Дали би бил ‚беспрекорен . . . кој има извонредно сведоштво од луѓето од надвор . . . слободен од обвинение‘ (1. Тимотеј 3:1—7, 10, НС; Тит 1:7). Не, не би бил. Затоа, тој не би ги исполнил условите за собраниски предности.
Кога еден предаден христијанин греши
Јехова разбира дека сме слаби и дека дури и по крштавањето можеме да паднеме во грев. Апостол Јован им напишал на христијаните од своето време: „Ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот: а Он е очистување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2:1, 2). Да, на темел на Исусовата жртва, Јехова ќе им прости на крстените христијани кои паѓаат во грев — доколку навистина се покајат и го остават својот погрешен пат.
Пример за ова било собранието во Коринт во првиот век. Апостол Павле чул за еден случај на родоскверен блуд во тоа младо собрание, и дал упатства дотичниот човек да биде исклучен. Подоцна, грешникот се покајал, а Павле го посоветувал собранието повторно да го прими (1. Коринтјаните 5:1, 13; 2. Коринтјаните 2:5—9). На тој начин, преку лековитата моќ на Јеховината срдечна љубезност и огромната вредност на Исусовата откупна жртва, човекот бил исчистен од својот грев. Слични работи може да се случат и денес. Повторно, дури и ако едно крстено лице кое прави сериозен грев, се покае и му е простено во Јеховини очи, сепак може да има текушти последици од неговиот грев (Изреки 10:16, 17; Галатјаните 6:7).
На пример, ако една предадена девојка направи блуд, таа може горко да жали за својата постапка и најпосле да биде вратена во духовно здравје со помошта на собранието. Но, што ако таа е бремена поради својот неморал? Тогаш, целиот нејзин живот неизбежно е променет поради она што го сторила. Еден маж кој врши прељуба може да се покае и да не биде исклучен. Но, неговата недолжна брачна другарка има библиска основа да се разведе од него, и таа може да избере да го стори тоа (Матеј 19:9). Ако таа постапи така, мажот, иако му е простено од Јехова, остатокот од својот живот ќе живее со оваа тешка последица од својот грев (1. Јованово 1:9).
Што ако некој маж без љубов се разведе од својата сопруга со цел да се ожени со друга жена? Можеби на крајот ќе се покае и ќе биде повторно вратен во собранието. Низ годините, тој може да напредува и да ‚се стреми кон зрелост‘ (Евреите 6:1, НС). Но, сѐ додека неговата прва сопруга живее без сопруг, тој нема да ги исполнува условите да служи на одговорна положба во собранието. Тој не е „маж на една жена“, затоа што немал библиска основа да се разведе од својата прва сопруга (1. Тимотеј 3:2, 12).
Зарем ова не се силни причини зошто еден христијанин треба да негува гадење од она што е зло?
Како е со еден напасник на деца?
Што ако некој крстен возрасен христијанин сексуално малтретира некое дете? Дали грешникот е толку злобен што Јехова нема никогаш да му прости? Не мора да значи. Исус рекол дека ‚хулата на Светиот Дух‘ е неопростлива. А Павле рекол дека нема жртва за гревови за оној кој намерно практикува грев и покрај тоа што ја знае вистината (Лука 12:10; Евреите 10:26, 27). Но, Библијата никаде не вели дека на еден возрасен христијанин кој сексуално злоупотребува дете — било родоскверно или на друг начин — не може да му биде простено. Всушност, неговите гревови можат да бидат избришани ако се покае искрено од срце и го промени своето однесување. Меѓутоа, тој можеби сѐ уште мора да се бори со неисправните телесни импулси што ги негувал (Ефесјаните 1:7). И може да има последици кои не може да ги избегне.
Зависно од законот на земјата каде што живее, напасникот веројатно ќе мора да отслужи казна затвор или да се соочи со други санкции од страна на државата. Собранието нема да го заштити од ова. Освен тоа, човекот открил една сериозна слабост која отсега па натаму ќе мора да се зема во обѕир. Ако се чини дека се кае, тој ќе биде охрабрен духовно да напредува, да учествува во службата на подрачјето, па дури и да има задачи во Теократската школа за проповедање и во оние делови од Состанокот за служба во кои не се поучува. Сепак, ова не значи дека тој ги исполнува условите да служи на одговорна положба во собранието. Кои се библиските причини за ова?
Како прво, старешината мора да биде „воздржлив“ (Тит 1:8). Вистина, никој од нас нема совршено самосовладување (Римјаните 7:21—25). Но, еден предаден возрасен христијанин кој паѓа во гревот на сексуално злоупотребување на дете, открива една неприродна телесна слабост. Искуството покажало дека сосема е веројатно еден таков возрасен човек да малтретира и други деца. Вистина, секој напасник на деца не го повторува гревот, но мнозина го повторуваат. А собранието не може да ги чита срцата за да каже кој е склон а кој не е склон повторно да малтретира деца (Јеремија 17:9). Затоа, Павловиот совет до Тимотеј важи со посебна силина во случајот на крстени возрасни лица кои малтретирале деца: „Раце на никого не полагај пребрзано, ниту, пак, на туѓи гревови да стануваш соучесник!“ (1. Тимотеј 5:22). Заради заштита на нашите деца, мажот за кој се знае дека бил напасник на деца, не ги исполнува условите за некоја одговорна положба во собранието. Освен тоа, тој не може да биде пионер или да служи во која и да е друга специјална полновремена служба. (Спореди со начелото од 2. Мојсеева 21:28, 29.)
Некои би можеле да прашаат: ‚Зарем некои не направиле други видови грев и изгледа се покајале, а подоцна пак го повториле својот грев?‘ Да, тоа се случувало, но има и други фактори што треба да се разгледаат. На пример, ако некој му се приближува на друго возрасно лице на неморален начин, возрасниот треба да е во состојба да се спротивстави на неговите или нејзините приближувања. Многу полесно е да се заведат, збунат или тероризираат децата. Библијата зборува за недостигот на мудрост кај децата (Изреки 22:16; 1. Коринтјаните 13:11). Исус ги употребил децата како пример за понизна невиност (Матеј 18:4; Лука 18:16, 17). Невиноста на едно дете вклучува потполн недостиг на искуство. Повеќето деца се отворени, желни да угодат и затоа се ранливи на злоупотреба од страна на некое сплеткарско возрасно лице кое го познаваат и во кое имаат доверба. Затоа, собранието има одговорност пред Јехова да ги штити своите деца.
Добро воспитаните деца учат да ги слушаат и почитуваат своите родители, старешините и другите возрасни (Ефесјаните 6:1, 2; 1. Тимотеј 5:1, 2; Евреите 13:7). Би била шокантна перверзија ако некоја од овие авторитетни личности би ја злоупотребила невината доверба на тоа дете за да го заведе или да го присили да се потчини на сексуални чинови. Оние кои биле сексуално малтретирани на ваков начин, честопати со години се борат да ја пребродат емоционалната траума што доаѓа како последица од тоа. Затоа, еден напасник на деца подлежи на тежок собраниски укор и ограничувања. Она за кое треба да се биде загрижен не е неговиот статус како авторитетна личност, туку неизвалканата чистота на собранието (1. Коринтјаните 5:6; 2. Петрово 3:14).
Ако некој напасник на деца искрено се кае, тој ќе ја признае мудроста од применувањето на библиските начела. Ако вистински научи да се гади од она што е зло, тој ќе се гнаси од она што го сторил и ќе се бори да избегне да го повтори својот грев (Изреки 8:13; Римјаните 12:9). Понатаму, тој сигурно ќе му благодари на Јехова за величината на Неговата љубов, поради која еден покајнички грешник, како што е тој, сѐ уште може да го обожава нашиот свет Бог и да се надева да биде меѓу „непорочните“ кои засекогаш ќе живеат на Земјата (Изреки 2:21).
[Фуснота]
a Види „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 1 мај 1996 година.
[Истакната мисла на страница 28]
Иако Јехова им простува на покајничките грешници, од нивните постапки може да има последици кои не можат да се избегнат