Служи му на Јехова со потполно оддадено срце
‚Сине мој, запознај го Богот на својот татко и служи му со потполно оддадено срце‘ (1. ЛЕТ. 28:9)
ПОБАРАЈ ГО ОДГОВОРОТ НА СЛЕДНИВЕ ПРАШАЊА:
Што е симболичното срце?
Како може да го испитаме нашето срце?
Како може да му служиме на Јехова со потполно оддадено срце?
1, 2. а) Кој дел од телото најчесто се спомнува во симболична смисла во Библијата? б) Зошто е важно да сфатиме што е симболичното срце?
ВО Божјата реч, деловите на човечкото тело честопати имаат симболично значење. На пример, верниот човек Јов рекол: „Нема зло во моите раце“. Цар Соломон напишал: „Добрата вест ги крепи коските“. Јехова му рекол на Езекиел: „Ти давам чело тврдо како дијамант“. А на апостол Павле, некои атињани му рекле: „Ни ги полниш ушите со некакви чудни тврдења“ (Јов 16:17; Изр. 15:30; Езек. 3:9; Дела 17:20).
2 Но, срцето е еден дел од човечкото тело кој се спомнува во Библијата почесто од сите други. Тоа е спомнато и во молитвата на верната Ана. Таа рекла: „Срцето ми воскликнува од радост поради Јехова“ (1. Сам. 2:1). Всушност, писателите на Библијата се осврнуваат на срцето околу илјада пати — речиси секогаш во симболична смисла. Многу е важно да разбереме што претставува срцето бидејќи Божјата Реч вели дека треба да си го чуваме. (Прочитај Изреки 4:23.)
ШТО Е СИМБОЛИЧНОТО СРЦЕ?
3. Како може да дознаеме што значи зборот „срце“ кога се користи во Библијата? Наведи пример.
3 Иако во Божјата Реч нема конкретна дефиниција за тоа што е „срцето“, сепак може да го разбереме значењето на овој збор. Како? Да наведеме еден пример. Замисли си еден прекрасен ѕиден мозаик кој е направен од илјадници камчиња. Ако малку се оддалечиме за да го погледнеме целиот мозаик, ќе видиме дека сите тие камчиња кои внимателно се залепени едно до друго претставуваат една слика. На сличен начин, ако ги разгледаме многуте места каде што се појавува зборот „срце“ во Библијата, ќе добиеме јасна слика за тоа што означува тој збор.
4. а) Што означува зборот „срце“ во Библијата? б) Што значат зборовите на Исус запишани во Матеј 22:37?
4 Писателите на Библијата го користат зборот „срце“ за да ја опишат целокупната личност на човекот, односно каков е тој однатре. Срцето ги претставува нашите желби, мисли, склоности, ставови, способности, мотиви и цели. (Прочитај 5. Мојсеева 15:7; Изреки 16:9; Дела 2:26.) Но, во некои случаи, овој збор нема толку широко значење. На пример, Исус рекол: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (Мат. 22:37). Во овој случај, зборот „срце“ ги означува емоциите, желбите и чувствата. Со тоа што ги спомнал срцето, душата и умот одделно, Исус нагласил дека, освен што треба да чувствуваме љубов кон Бог, треба да покажеме дека го сакаме и со начинот на кој живееме и размислуваме (Јован 17:3; Еф. 6:6). Меѓутоа, кога се спомнува само зборот „срце“, тогаш ја означува целокупната личност.
ЗОШТО ТРЕБА ДА СИ ГО ЧУВАМЕ СРЦЕТО
5. Зошто сакаме да даваме сѐ од себе за да му служиме на Јехова со потполно оддадено срце?
5 Во врска со срцето, цар Давид му го рекол следново на Соломон: „Сине мој Соломоне, запознај го Богот на својот татко и служи му со потполно оддадено срце и со радосна душа, зашто Јехова ги испитува сите срца и ја распознава секоја помисла и желба“ (1. Лет. 28:9). Значи, Јехова ги испитува сите срца, вклучувајќи го и нашето (Изр. 17:3; 21:2). Она што ќе го најде таму многу силно влијае врз нашиот однос со Него и врз нашата иднина. Затоа, имаме добра причина да го послушаме советот на Давид со тоа што ќе даваме сѐ од себе за да му служиме на Јехова со потполно оддадено срце.
6. Што треба да имаме на ум во врска со нашата решеност да му служиме на Јехова?
6 Ние веќе му покажуваме на Јехова дека му служиме со сето срце така што, како негов народ, ревносно го вршиме неговото дело. Но, свесни сме дека притисоците од Сатановиот злобен свет, како и нашите сопствени грешни склоности, можат силно да влијаат врз нас и да ни ја ослабнат решеноста да му служиме на Јехова со цело срце (Ерем. 17:9; Еф. 2:2). За да бидеме сигурни дека такво нешто не ни се случува и нам, односно дека не сме попуштиле во овој поглед, треба редовно да си го преиспитуваме срцето. Како може да го правиме тоа?
7. Што ја открива вистинската состојба на нашето срце?
7 Јасно е дека ниту еден човек не може да види што лежи во нашето срце, исто како што никој не може да ја види срцевината на едно дрво. Сепак, во склад со она што го кажал Исус во својата Проповед на гората, како што плодовите на едно дрво откриваат дали тоа е здраво или гнило, така и нашите постапки ја откриваат вистинската состојба на нашето срце (Мат. 7:17-20). Да разгледаме една од тие постапки.
КАКО ДА ГО ИСПИТАМЕ НАШЕТО СРЦЕ
8. Според зборовите на Исус кои се запишани во Матеј 6:33, како може да се види што имаме во срцето?
8 Во Проповедта на гората, Исус им кажал на оние кои го слушале што треба да прават за да покажат дека навистина сакаат да му служат на Јехова со сето срце. Тој рекол: „Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (Мат. 6:33). Всушност, од она што го ставаме на прво место во нашиот живот се гледа какви желби, мисли и цели имаме длабоко во срцето. Според тоа, за да откриеме дали му служиме на Јехова со сето срце, треба внимателно да размислиме што ни е најважно во животот.
9. Каква покана им упатил Исус на некои луѓе, и што открива нивниот одговор?
9 Една случка за која известува писателот Лука потврдува дека она што го ставаме на прво место во животот навистина може да ја открие состојбата на нашето срце. Извесно време откако ги поттикнал своите ученици да ‚го бараат најнапред царството‘, Исус ‚решително тргнал за Ерусалим‘, иако знаел што го чека таму. ‚Додека одел по патот‘ заедно со своите апостоли, тој сретнал неколку луѓе кои ги повикал да ‚појдат по него‘. Тие рекле дека ќе ја прифатат неговата покана, но под одредени услови. Едниот од нив одговорил: „Дозволи ми најпрво да одам и да го погребам татко ми“. Другиот рекол: „Ќе појдам по тебе, Господару, но дозволи ми најпрво да се збогувам со своите домашни“ (Лука 9:51, 57-61). Колку голема разлика гледаме меѓу Исус и овие луѓе — тој бил цврсто решен да ја врши Божјата волја, а тие си барале изговори за да не го следат! Со тоа што ги ставиле своите лични интереси пред Царството, тие откриле дека не се спремни да му служат на Бог со сето срце.
10. а) Како одговоривме ние на поканата што ја упатил Исус? б) Која кратка споредба ја кажал Исус?
10 За разлика од овие луѓе, ние мудро ја прифативме поканата на Исус да бидеме негови следбеници и сега му служиме на Бог. Така покажуваме што чувствуваме кон Јехова во срцето. Но, иако сме зафатени со собраниски активности, треба да бидеме свесни дека нашето срце сепак го демне една опасност. Таа се гледа од зборовите што Исус му ги кажал на еден од луѓето кои ги повикал да го следат. Тој предупредил: „Никој, кој ќе ја стави раката на плугот, па се обѕрнува на она што е одзади, не е погоден за царството Божје“ (Лука 9:62). Што учиме од оваа споредба?
ДАЛИ ‚СЕ ДРЖИМЕ ЗА ОНА ШТО Е ДОБРО‘?
11. Што се случило со орачот во споредбата на Исус, и зошто?
11 Да си ја претставиме оваа споредба посликовито за да ни биде појасно што сакал да каже Исус. Еден орач марливо работи на нивата на својот господар. Но, додека ора, не може да престане да мисли на својот дом каде што се наоѓаат неговото семејство и пријателите, и каде што заедно со нив би можел да јаде, да се смее, да ужива во музика и да си лежи во сенка. Тој копнее да биде таму! Откако изорал прилично голем дел од нивата, чувствува толку силна желба по овие работи што се свртува за да погледне на „она што е одзади“. Иако има уште многу работа пред да биде посеана нивата, вниманието на орачот е поделено и неговата работа трпи. Се разбира, господарот е разочаран што тој не продолжува да работи како што треба.
12. Како еден христијанин денес може да се најде во слична ситуација како орачот во споредбата на Исус?
12 Да видиме како и денес некој може да се најде во слична ситуација. Орачот од споредбата може да го претставува кој и да било христијанин кој навидум прави сѐ како што треба, но всушност се наоѓа во духовна опасност. Да земеме за пример еден брат кој редовно оди на состаноци и во служба, но не може да престане да мисли на некои работи од овој свет што му се допаѓаат. Всушност, длабоко во срцето, тој копнее по нив. На крајот, откако неколку години му служи на Јехова, неговата желба по тие работи станува толку силна што, така да се каже, се свртува за да погледне „на она што е одзади“. Иако има уште многу работа во делото, тој престанува да ‚се држи цврсто за речта на животот‘ и веќе не служи како што служел порано (Фил. 2:16). Јехова, „Господарот на жетвата“, е разочаран кога гледа дека некој од неговите „работници“ престанува да му служи со сето срце (Лука 10:2).
13. Што значи да му се служи на Јехова со сето срце?
13 Поуката е јасна. Пофално е ако редовно одиме на состаноците и ако проповедаме. Но, за да му служиме на Јехова со потполно оддадено срце потребно е уште нешто (2. Лет. 25:1, 2, 27). Ако длабоко во своето срце еден христијанин не престанува да го сака ‚она што е зад него‘, односно некои работи од светот, тогаш е во опасност да ја изгуби Божјата милост (Лука 17:32). Само ако ‚го мразиме злото и ако се држиме за доброто‘, ќе бидеме ‚погодни за Божјето царство‘ (Рим. 12:9; Лука 9:62). Затоа, сите ние мора да внимаваме ништо во Сатановиот свет — сеедно колку ни се чини корисно или пријатно — да не нѐ спречи да му служиме на Јехова со сето срце (2. Кор. 11:14; прочитај Филипјаните 3:13, 14).
БИДИ ПРЕТПАЗЛИВ!
14, 15. а) Како Сатана се обидува да влијае врз нашето срце? б) Објасни со пример како Сатана се обидува да нѐ измами.
14 Нашата љубов кон Јехова нѐ поттикнала да му го заветуваме својот живот. Оттогаш мнозина од нас со години покажуваат дека му служат со потполно оддадено срце. Сепак, Сатана не крева раце од нас. Нашето срце сѐ уште е негова мета (Еф. 6:12). Се разбира, тој знае дека нема одеднаш да го оставиме Јехова. Затоа, лукаво го користи „овој свет“ за постепено да ја ослабне нашата ревност. (Прочитај Марко 4:18, 19.) Зошто оваа метода на Сатана е толку успешна?
15 Една споредба може да ни помогне да одговориме на ова прашање. Замисли си дека читаш една книга под сијалица од 100 вати, но таа прегорува. Бидејќи веднаш ти е јасно што се случило, стануваш и ја заменуваш со нова. Следната вечер продолжуваш да читаш под истата ламба. Меѓутоа, без да знаеш, некој ти ја заменил новата сијалица од 100 вати со друга од 95 вати. Дали би ја забележал разликата? Тешко. А што ако следниот ден некој ја замени со сијалица од 90 вати? Веројатно пак не би забележал ништо. Зошто? Бидејќи светлината од ламбата се намалува малку по малку. Слично на ова, под влијание на Сатановиот свет, нашата ревност може постепено да згаснува. Ако дојде до тоа, тогаш Сатана успеал да нѐ наведе повеќе да не му служиме на Бог со сето срце. Ако не сме претпазливи, нема ни да ја забележиме таа постепена промена (Мат. 24:42; 1. Пет. 5:8).
МОЛИТВАТА Е МНОГУ ВАЖНА
16. Како може да се заштитиме од Сатановите сплетки?
16 Како може да се заштитиме од Сатановите сплетки и да продолжиме да му служиме на Јехова со потполно оддадено срце? (2. Кор. 2:11). Многу е важно да се молиме. Павле ги охрабрил соверниците ‚да им се спротивстават на Ѓаволовите сплетки‘. А потоа ги поттикнал да ‚се молат со секаква молитва и сесрдна молба во секоја пригода‘ (Еф. 6:11, 18; 1. Пет. 4:7).
17. Што учиме од молитвите на Исус?
17 За да му се спротивставиме на Сатана, мора да го молиме Јехова исто како што го молел Исус. Од неговите молитви се гледа дека имал голема желба да му служи на Бог со потполно оддадено срце. На пример, забележи што напишал Лука за начинот на кој Исус се молел ноќта пред да умре: „А кога се најде во тешка душевна мака, се молеше уште посесрдно“ (Лука 22:44). Тој и порано горливо се молел, но во оваа прилика, кога се соочил со најтешкиот испит како човек на Земјата, се молел „уште посесрдно“. Јехова ја услишил неговата молитва. Од овој пример гледаме дека сите молитви не се исти — понекогаш човек може да се моли многу погорливо од обично. Според тоа, колку се потешки нашите испити и колку се поподмолни Сатановите сплетки, толку „посесрдно“ треба да го молиме Јехова да нѐ заштити.
18. а) Што би требало да се прашаме во врска со молитвата, и зошто? б) Кои фактори влијаат врз нашето срце, и на кој начин? (Види ја рамката на 16. страница.)
18 Како таквите молитви ќе влијаат врз нас? Павле рекол: „Во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца“ (Фил. 4:6, 7). Значи, ако сакаме да му служиме на Јехова со потполно оддадено срце, многу е важно да се молиме сесрдно и често (Лука 6:12). Затоа, прашај се: ‚Колку редовно се молам јас? Дали му се молам од сѐ срце на Јехова?‘ (Мат. 7:7; Рим. 12:12). Твојот одговор ќе открие колку е силна твојата желба да му служиш на Бог.
19. Што ќе сториш за да му служиш на Јехова со неподелено срце?
19 Како што видовме, од она што го ставаме на прво место во животот се гледа во каква состојба е нашето срце. Не смееме да дозволиме ниту она што сме го оставиле зад нас ниту лукавите сплетки на Сатана да ја ослабнат нашата решеност да му служиме на Јехова со потполно оддадено срце. (Прочитај Лука 21:19, 34-36.) Затоа, исто како Давид, продолжуваме да го молиме Јехова: „Дај ми неподелено срце“ (Пс. 86:11).
[Рамка на страница 16]
ТРИ ФАКТОРИ ШТО ВЛИЈААТ ВРЗ НАШЕТО СРЦЕ
Исто како што можеме да преземеме мерки за да ја подобриме состојбата на дословното срце, можеме да направиме нешто и за да го зачуваме здравјето на симболичното срце. Размисли за следниве три важни фактори:
1. Исхрана: За нашето дословно срце да биде во добра состојба, треба здраво да се храниме. Слично на тоа, мора да водиме сметка да внесуваме доволна количина здрава духовна храна така што ќе проучуваме, длабоко ќе размислуваме и ќе одиме на состаноците (Пс. 1:1, 2; Изр. 15:28; Евр. 10:24, 25).
2. Вежбање: За нашето дословно срце да биде здраво, понекогаш треба да вежбаме за да чука посилно. Слично на ова, нашето симболично срце ќе биде во добра состојба ако сме активни и ако се напрегаме во службата (Лука 13:24; Фил. 3:12).
3. Животна средина: Светот во кој работиме и живееме може да го изложи и нашето дословно и нашето симболично срце на голем стрес. Но, можеме да го намалиме стресот ако почесто се дружиме со нашите соверници, кои искрено нѐ сакаат и кои му служат на Бог со цело срце (Пс. 119:63; Изр. 13:20).