Дали чудата се возможни? Три вообичаени приговори
ПРИГОВОР 1: Чудата се невозможни затоа што ги кршат природните закони. Нашето разбирање на законите што владеат во природата се темели на она што го забележале научниците во природниот свет околу нас. Меѓутоа, тие закони се слични на граматичките правила на еден јазик — може да има исклучоци од правилата. Нашето разбирање на тие „правила“ може да биде многу ограничено (Јов 38:4). Еден научник можеби го посветил целиот свој живот на изучување на некој закон на природата. Но, потребен е само еден „исклучок“ за да го преиспита она што го знае за тој закон. Како што вели една изрека: „Само еден црн лебед ја побива теоријата дека сите лебеди се бели“.
Една интересна случка покажува колку е лесно да се изгради мислење на темел на некомплетни факти. Џон Лок (1632-1704) го раскажал следново во врска со холандскиот амбасадор и кралот на Сијам: Додека му ја опишувал на царот својата земја, Холандија, амбасадорот спомнал дека понекогаш слонот можел да оди по водата. Царот не поверувал во такво нешто и мислел дека амбасадорот го лаже. Меѓутоа, амбасадорот само опишувал нешто што царот никогаш го немал видено. Царот не знаел дека, кога водата ќе замрзне, може да ја издржи тежината на еден слон. На царот тоа му се чинело невозможно затоа што не му биле познати сите факти.
Да разгледаме некои денешни достигнувања кои само пред неколку децении можеби ќе се сметаа за невозможни:
● Еден авион може да пренесе повеќе од 800 патници од Њујорк до Сингапур без да запре, летајќи со неверојатна брзина од 900 километри на час.
● Преку видео конференции, луѓе од различни континенти можат да разговараат лице в лице.
● Илјадници песни може да се складираат во една направа помала од кутивче за кибрит.
● Хирурзите можат да пресадуваат срца и други органи.
До каков логичен заклучок можеме да дојдеме на темел на овие факти? Следниов: Ако луѓето можат да постигнат некои работи кои само до пред неколку години изгледаа невозможни, тогаш Богот што ја создал вселената и сѐ што е во неа сигурно може да направи чудесни дела кои сѐ уште не можеме потполно да ги разбереме ниту да ги повториме во денешно времеa (1. Мојсеева 18:14; Матеј 19:26).
ПРИГОВОР 2: Во Библијата се спомнуваат чуда за да се придобијат што повеќе верници. Библијата не вели дека треба да веруваме во сите чуда. Всушност, точно е сосема спротивното. Таа нѐ опоменува да бидеме многу внимателни кога станува збор за тоа дали да веруваме во чуда и чудесни знаци. Обрни внимание на следниве зборови запишани во Библијата: „Присутноста на беззаконикот, која Сатана ја овозможува со своето дејствување, проследена е со секое моќно дело и со лажни чудесни знаци и предзнаци и со секаква неправда и измама“ (2. Солуњаните 2:9, 10).
И Исус Христос предупредил дека мнозина ќе тврдат дека го следат, но нема да му бидат вистински следбеници. Некои дури и ќе му речат: „Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме?“ (Матеј 7:22, Превод на МПЦ). Но, Исус рекол дека нема да ги прифати таквите луѓе како свои следбеници (Матеј 7:23). Очигледно, тој не тврдел дека сите чуда се од Бог.
Бог не сака неговите слуги да ја темелат верата само на чуда. Наместо тоа, нивната вера треба цврсто да се темели и на други добро потврдени факти (Евреите 11:1).
Да спомнеме како пример едно познато чудо запишано во Библијата — воскресението на Исус Христос. Со години по тој настан, некои христијани во Коринт почнале да се сомневаат дали Исус навистина воскреснал. Како им помогнал апостол Павле на тие христијани? Дали само им рекол: „Имајте повеќе вера?“ Не. Забележи како ги потсетил на докажаните факти. Тој рекол: „[Исус] беше погребан и воскресна на третиот ден, како што пишува во Писмата; му се појави на Кифа, а потоа на дванаесеттемина. Потоа им се појави на браќата, кои заедно беа повеќе од петстотини. Повеќето од нив се живи“ (1. Коринќаните 15:4-8).
Важно ли било дали тие христијани верувале во тоа чудо? Павле понатаму рекол: „Ако Христос не воскреснал, нашето проповедање навистина е залудно и нашата вера е залудна“ (1. Коринќаните 15:14). Павле сметал дека ова е многу сериозно. Исус или воскреснал или не воскреснал! А Павле знаел дека тоа чудо навистина се случило затоа што во тоа време сѐ уште биле живи стотици очевидци кои можеле да го потврдат. Всушност, тие очевидци биле поспремни да умрат отколку да го негираат она што го виделе (1. Коринќаните 15:17-19).
ПРИГОВОР 3: Чудата се само природни појави што неуките погрешно ги толкуваат. Некои изучувачи се обидуваат да ги објаснат чудата што се спомнуваат во Библијата само како природни појави што се случиле без никаква интервенција од Бог. Тие сметаат дека на тој начин ќе им олеснат на луѓето да веруваат во библиските извештаи. Иако е точно дека некои чуда можеби биле поврзани со некои природни појави — како што се земјотресите, чумите и лизгањето на земјиштето — на сите вакви објаснувања една работа им е заедничка. Во нив не е земено предвид времето кога се случило чудото како што стои во Светото писмо.
На пример, некои тврдат дека првата неволја што му била нанесена на Египет, кога водата во реката Нил станала крв, била резултат на црвената почва со која се измешале водите на Нил, како и на црвените организми наречени флагелати. Меѓутоа, библискиот извештај вели дека реката била претворена во крв, а не во црвена кал. Ако внимателно прочитаме што пишува во 2. Мојсеева 7:14-21, ќе видиме дека ова чудо се случило во моментот кога Арон, по заповед на Мојсеј, удрил со својот стап во реката Нил. Дури и кога преобразувањето на реката би било предизвикано од некоја природна појава, чудо е самото тоа што Арон удрил во реката баш во тој момент!
Друг пример за тоа колку е важно времето кога било направено некое чудо е она што се случило непосредно пред Израелците да влезат во Ветената земја. Патот им го попречувала реката Јордан, која тогаш била многу надојдена. Библискиот извештај ни кажува што се случило потоа: „Штом носачите на ковчегот дојдоа до Јордан, штом нозете на свештениците што го носеа ковчегот загазија во водата на работ од реката... водата што течеше одозгора застана. Застана како ѕид на едно место, многу далеку оттаму, кај Адам“ (Исус Навин 3:15, 16). Дали ова било резултат на земјотрес или на лизгање на земјиштето? Извештајот не ни кажува. Но, вистинско чудо било тоа во кој момент се случил овој настан. Сѐ се одиграло токму тогаш кога Јехова рекол дека ќе се случи (Исус Навин 3:7, 8, 13).
Значи, постојат ли чуда? Библијата вели дека постојат. Според она што ни го кажува таа, не станува збор само за природни појави. Всушност, дали е логично да се рече дека е невозможно да се случиле чуда само затоа што тие не се случуваат секој ден?
[Фуснота]
a Ако се сомневаш дека Бог постои, прочитај ги брошурите Се грижи ли Бог навистина за нас? и Дали животот е Божје дело?, или побарај повеќе информации од оној што ти го дал ова списание.
[Слика на страница 5]
Пред само неколку децении, мнозина ќе помислеа дека е невозможно луѓето да патуваат со брзина од стотици километри на час