Читателите прашуваат...
Како гледа Бог на употребата на тутун?
▪ Некој може искрено да го постави ова прашање, затоа што во ниеден закон од Библијата не се спомнува употребата на тутун. Дали тоа значи дека не може да дознаеме што мисли Бог за оваа работа? Воопшто не.
Библијата вели дека „целото Писмо е вдахновено од Бог“ (2. Тимотеј 3:16). Светото писмо содржи јасни начела и изјави што покажуваат на кој начин Бог сака да водиме грижа за нашето здравје. На почеток, да видиме што откриле истражувачите за влијанието на тутунот врз здравјето на луѓето. Потоа ќе видиме како тие сознанија се во склад со библиските начела.
Тутунот е штетен по здравјето и е една од главните причини за прерана смрт. Во Соединетите Држави, тутунот е виновен за смртта на секој петти човек. Таму секоја година одзема повеќе животи отколку „алкохолот, дрогата, убиствата, самоубиствата, сообраќајните несреќи и СИДА-та заедно“, вели еден извештај од Националниот институт за злоупотреба на дроги и лекови.
Оние што пушат им наштетуваат и на другите. Не постои безбедна доза на изложеност на чад од цигари. Непушачите кои го вдишуваат чадот од цигарите се изложени на 30 отсто поголем ризик да добијат рак на белите дробови или некое срцево заболување. Во последниве години, лекарите откриле дека се штетни и хемикалиите од чадот што се впива во облеката, теписите и другите површини. Тие остануваат во нив уште долго време откако ќе исчезне видливиот чад. Овие отровни хемикалии се особено штетни за здравјето на децата и може да ја намалат нивната способност за учење.
Тутунот создава зависност. Оној што користи тутун станува роб на една штетна навика. Всушност, истражувачите сметаат дека зависноста од никотин, кој е главна состојка на тутунот, е една од најтешките зависности.
Како овие сознанија се во склад со библиските начела? Размисли за следново:
Бог сака да го цениме животот. Во Законот што им го дал на Израелците, Бог покажал дека оние што сакаат да му угодат мора да имаат ценење за човечкиот живот (5. Мојсеева 5:17). Израелците требало да направат ограда, односно ниско ѕитче околу покривот на своите куќи. Зошто? Покривите биле рамни и се користеле како дел од просторот за живеење. Оградата спречувала некој да падне и да се повреди или да загине (5. Мојсеева 22:8). Израелците требало да внимаваат и на тоа нивниот добиток да не повреди некого (2. Мојсеева 21:28, 29). Луѓето што користат тутун ги прекршуваат начелата кои стојат зад тие закони. Тие свесно си го уништуваат здравјето. Освен тоа, со пушењето го доведуваат во опасност и здравјето на другите.
Бог очекува да го сакаме него и да ги сакаме своите ближни. Исус Христос рекол дека неговите следбеници треба да бидат послушни на двете најголеми заповеди. Тие мора да го сакаат Бог со сето свое срце, душа, ум и сила, и да го сакаат својот ближен како себеси (Марко 12:28-31). Со оглед на тоа што животот е дар од Бог, оној што користи тутун покажува дека не го почитува тој дар и дека не го сака Бог (Дела 17:26-28). Неговата навика може да им нанесе голема штета и на другите, а со тоа покажува дека не го сака ни својот ближен.
Бог сака да прекинеме со штетните навики. Библијата ги советува христијаните да се исчистат од „секоја валканост на телото и духот“ (2. Коринќаните 7:1). Употребата на тутун очигледно го валка човекот. На оние што сакаат да прекинат со пушењето за да му угодат на Бог, нема да им биде лесно. Но, со негова помош тие можат да се ослободат од оваа штетна зависност.