Преку неколкумина, Исус храни мнозина
„[Исус] ги раскрши лебовите и им ги раздели на учениците, а учениците на народот“ (МАТ. 14:19)
1-3. Објасни како Исус нахранил едно големо мноштво во близина на Витсаида. (Види ја сликата погоре.)
ПРЕТСТАВИ си ја сцената. (Прочитај Матеј 14:14-21.) Кратко пред Пасхата 32 год. од н.е., Исус и неговите ученици се наоѓаат на едно пусто место во близина на Витсаида, село на северниот брег на Галилејското Море. Заедно со нив има едно големо мноштво луѓе — околу 5.000 мажи, како и многу жени и деца.
2 Поттикнат од жал кон насобраниот народ, Исус ги лекува болните и ги поучува за многу работи поврзани со Божјето Царство. При крајот на денот, учениците му велат да ги распушти луѓето за да појдат во блиските села и да си купат нешто за јадење. Но, тој им вели: „Дајте им вие да јадат“. Тоа сигурно ги збунило, бидејќи кај себе имале многу малку храна — само пет леба и две риби.
3 Од сочувство кон луѓето, Исус прави чудо. Тоа е единственото чудо што го имаат запишано сите четворица писатели на евангелијата (Мар. 6:35-44; Лука 9:10-17; Јован 6:1-13). Исус им вели на учениците да им речат на луѓето да испоседнат на тревата во групи од по 50 и по 100 души. Потоа, откако кажува молитва, ги зема лебовите и рибите, но наместо самиот да им ги подели на луѓето, тој им ги ‚разделува на учениците, а учениците на народот‘. Има доволно храна за сите, па дури и останува. Замисли си, Исус нахранил илјадници луѓе преку само неколкумина — неговите ученици.a
4. а) Што му било најважно на Исус да им обезбеди на своите следбеници, и зошто? б) Што ќе разгледаме во оваа и во следната статија за проучување?
4 На Исус му било уште поважно да им обезбеди духовна храна на своите следбеници. Тој знаел дека само духовната храна, односно вистината од Божјата Реч, може да им даде вечен живот на луѓето (Јован 6:26, 27; 17:3). Поттикнат од истото сожалување што го навело да го нахрани народот со леб и риби, Исус посветил многу време за да ги поучува своите следбеници (Мар. 6:34). Но, знаел дека ќе остане на Земјата само кратко време и дека потоа ќе се врати на небото (Мат. 16:21; Јован 14:12). Како ќе може од таму да се грижи неговите следбеници на Земјата да бидат добро нахранети во духовен поглед? Исто како што го правел тоа со дословната храна — ќе користи неколку луѓе за да нахрани мнозина. Но, кои ќе бидат тие? Во оваа статија ќе видиме како Исус користел неколку луѓе за да ги храни многуте свои помазани ученици во првиот век. Во следната статија, ќе разгледаме едно прашање што е многу важно за секој од нас: Кои се тие неколкумина преку кои Христос нѐ храни денес?
ИСУС ИЗБИРА НЕКОЛКУМИНА
5, 6. а) Каква важна одлука донел Исус за да се погрижи неговите ученици да бидат добро нахранети во духовен поглед по неговата смрт? б) Како Исус ги подготвил своите апостоли да извршуваат една многу важна улога по неговата смрт?
5 Еден одговорен семеен поглавар прави сѐ што е потребно за неговото семејство да биде згрижено во случај тој да почине. На сличен начин и Исус — кој требало да стане Глава на христијанското собрание — направил сѐ што било потребно за неговите следбеници да бидат згрижени во духовен поглед по неговата смрт (Еф. 1:22). На пример, околу две години пред да биде погубен, тој донел една многу важна одлука. Ги избрал првите од оние што подоцна ги користел за да храни мнозина. Да видиме што се случило.
6 Откако се молел цела ноќ, Исус ги собрал своите ученици и од нив избрал 12 апостоли (Лука 6:12-16). Следните две години, тој бил особено близок со тие дванаесетмина, и ги поучувал и со збор и со пример. Тој знаел дека имале да учат уште многу. Всушност, затоа и понатаму се нарекувале „ученици“ (Мат. 11:1; 20:17). Исус им давал скапоцени совети и темелно ги обучувал како да ја вршат службата (Мат. 10:1-42; 20:20-23; Лука 8:1; 9:52-55). Очигледно, на тој начин сакал да ги подготви за една многу важна улога што требало да ја извршуваат откако тој ќе бил убиен и ќе се вознел на небото.
7. Како Исус укажал која ќе биде главната одговорност на апостолите?
7 Каква улога требало да имаат апостолите? Како што наближувала Педесетница 33 год. од н.е., станало јасно дека тие ќе извршуваат „надгледничка служба“, односно дека ќе го предводат собранието (Дела 1:20). Но, која ќе била нивната главна одговорност? По своето воскресение, Исус укажал што ќе биде тоа кога разговарал со апостол Петар. (Прочитај Јован 21:1, 2, 15-17.) Додека бил заедно со некои од своите апостоли, Исус му рекол на Петар: „Храни ги моите овчички!“ Со тоа покажал дека неговите апостоли ќе бидат меѓу тие неколкумина преку кои тој ќе им дава духовна храна на мнозина. Колку трогателен и јасен доказ за тоа што чувствува Исус кон своите „овчички“!b
МНОЗИНА СЕ ХРАНЕТИ ОД ПЕДЕСЕТНИЦА НАТАМУ
8. Како новите верници на Педесетница покажале дека им е јасно кого Исус го користи за да дели духовна храна?
8 Од Педесетница 33 год. од н.е., воскреснатиот Исус ги користел своите апостоли за да ги храни останатите помазани следбеници. (Прочитај Дела 2:41, 42.) На Евреите и преобратениците во еврејската вера кои тој ден биле помазани со свет дух, им било јасно кого Исус го користи за да дели духовна храна. Овие нови ученици со целосна доверба ‚му се посветиле на апостолското учење‘. Новите верници биле духовно гладни, и точно знаеле кој може да ги поучи за вистините од Божјата Реч. Тие имале доверба дека апостолите можат да им ги објаснат зборовите и постапките на Исус, и да го разјаснат значењето на стиховите што се однесуваат на негоc (Дела 2:22-36).
9. Како апостолите покажале дека никогаш не ја изгубиле од вид својата најважна одговорност?
9 Апостолите никогаш не изгубиле од вид дека нивната најважна одговорност е да ги хранат овците на Исус. На пример, да видиме како се справиле со едно осетливо прашање кое можело да води до поделби во новооснованото собрание. Интересно е што и во овој случај се работело за храна, но не за духовна туку за дословна. За разлика од вдовиците што зборувале хебрејски, вдовиците што зборувале грчки биле запоставени при секојдневното делење на храната. Како апостолите го решиле овој проблем? „Дванаесеттемина“ поставиле седум способни браќа да се грижат за таа „потребна работа“, односно за делењето на храната. Апостолите, од кои повеќето без сомнение ги делеле лебовите и рибите кога Исус со чудо го нахранил мноштвото, знаеле дека е многу поважно да се грижат за делењето духовна храна. Затоа, тие целосно се посветиле на „поучувањето за речта Божја“ (Дела 6:1-6).
10. Како Христос ги користел апостолите и старешините во Ерусалим?
10 До 49 год. од н.е., на апостолите што сѐ уште биле живи им се придружиле и други искусни старешини. (Прочитај Дела 15:1, 2.) „Апостолите и старешините во Ерусалим“ служеле како водечко тело. Како Глава на собранието, Христос ја користел оваа мала група зрели мажи да ги разрешуваат спорните прашања поврзани со христијанските учења, и да го надгледуваат и предводат проповедањето и поучувањето за добрата вест за Царството (Дела 15:6-29; 21:17-19; Кол. 1:18).
11, 12. а) Што покажува дека Јехова го благословил начинот на кој неговиот Син духовно ги хранел собранијата во првиот век? б) Зошто било очигледно кого Исус го користи за да дели духовна храна?
11 Дали Јехова го благословил начинот на кој Исус им давал духовна храна на собранијата во првиот век? Да. Од каде знаеме? Во книгата Дела се вели следново: „Додека минуваа низ градовите, [апостол Павле и неговите соработници] им ги предаваа на тамошните браќа одредбите што ги донесоа апостолите и старешините во Ерусалим, за да се придржуваат кон нив. Така собранијата се зацврстуваа во верата и од ден на ден растеа“ (Дела 16:4, 5). Забележи дека тие собранија напредувале затоа што верно соработувале со водечкото тело во Ерусалим. Тоа е јасен доказ дека Јехова го благословил начинот на кој неговиот Син духовно ги хранел собранијата. Да не заборавиме, духовниот напредок е можен само благодарение на Јеховиниот богат благослов (Изр. 10:22; 1. Кор. 3:6, 7).
12 Досега видовме дека Исус секогаш постапувал на ист начин кога ги хранел своите следбеници — користел неколкумина за да нахрани мнозина. Во првиот век било многу јасно преку кого Исус давал духовна храна. Впрочем, било очигледно дека апостолите, кои биле првите членови на водечкото тело, имаат поддршка од Бог. Во Дела 5:12 се вели: „Апостолите правеа многу чуда и предзнаци меѓу народот“.d Затоа, оние што тогаш станале христијани немале никаква причина да се прашуваат: ‚Кои се тие преку кои Исус ги храни своите овци?‘ Но, до крајот на првиот век, ситуацијата се сменила.
МНОГУ КАКОЛ, А МАЛКУ ПЧЕНИЦА
13, 14. а) Какво предупредување дал Исус, и кога неговите зборови почнале да се исполнуваат? б) Од кои две страни било нападнато христијанското собрание? (Види ја фуснотата.)
13 Исус прорекол дека христијанското собрание ќе биде нападнато. Сети се дека, во споредбата за пченицата и каколот, тој предупредил дека врз нивата која штотуку била посеана со пченица (помазани христијани) непријателот ќе посее какол (лажни христијани). Исус рекол дека и двете групи непречено ќе растат заедно сѐ до жетвата, односно до „свршетокот на овој поредок“ (Мат. 13:24-30, 36-43). Недолго потоа, неговите зборови почнале да се исполнуваат.e
14 Отпадништвото се појавило уште во првиот век, но апостолите на Исус ‚го задржувале‘ во таа смисла што не дозволувале христијанското собрание да биде загадено со лажни учења (2. Сол. 2:3, 6, 7). Меѓутоа, штом умрел и последниот апостол, отпадништвото се раширило во сите собранија, и пченицата и каколот со векови растеле заедно. Во текот на тој период, каколот се намножил, и останале само малку класови пченица. Немало организирана група која редовно делела духовна храна. Сепак, тоа требало да се смени. Но, прашањето е: кога?
КОЈ ЌЕ ДАВА ДУХОВНА ХРАНА ЗА ВРЕМЕ НА ЖЕТВАТА?
15, 16. Каков плод вродило внимателното проучување на Истражувачите на Библијата, и кое прашање се поставува во врска со нив?
15 Како што наближувало времето на жетвата, сѐ повеќе растел интересот за библиската вистина. Во 1870-тите, една мала група луѓе што искрено ја барале вистината се собрале и основале класови за редовно да ја проучуваат Библијата. Тие класови не биле дел од ниту една црква или секта на христијанскиот свет. Овие искрени Истражувачи на Библијата, како што се нарекувале себеси, внимателно и со понизно срце го истражувале Светото писмо (Мат. 11:25).
16 Трудот што го вложиле верните Истражувачи на Библијата вродил добар плод. Тие ги разоткривале лажните учења и ги ширеле библиските вистини така што издавале и насекаде делеле библиска литература. Сето она што го правеле им помогнало на многумина да сфатат дека ја пронашле духовната вистина по која гладувале. Но, се поставува едно интересно прашање: Дали во годините пред 1914 Христос ги користел Истражувачите на Библијата за да им дава духовна храна на своите овци? Не. Тогаш пченицата и каколот сѐ уште растеле заедно. Всушност, во тој период се расчистувал патот пред Исус да ја постави групата која требало да дели духовна храна во времето на крајот. Сѐ уште не било време лажните христијани да бидат одвоени од вистинските.
17. Кои значајни настани почнале да се случуваат во 1914 год.?
17 Како што видовме во претходната статија, жетвата започнала во 1914. Таа година почнале да се случуваат многу значајни настани. Исус бил поставен за Цар, и започнале последните денови (Отк. 11:15). Од 1914 до првата половина на 1919 год., Исус, заедно со својот Татко, го проверил и го очистил духовниот храмf (Мал. 3:1-4). Потоа, од 1919 год., дошло време да почне собирањето на пченицата. Конечно дошол часот Христос да постави, односно да назначи група луѓе која на организиран начин ќе дели духовна храна!
18. Што претскажал Исус во своето пророштво?
18 Во своето пророштво за времето на крајот, Исус претскажал дека ќе постави „верен и разборит роб“ кој ќе „дава храна во вистинско време“ (Мат. 24:45-47). Кого ќе го поставел во таа улога? Како што правел и во првиот век, Исус повторно ќе користел неколкумина за да нахрани мнозина. Но, кратко откако започнале последните денови, се наметнало едно клучно прашање: Кои ќе бидат тие неколкумина? Ова, како и некои други прашања во врска со пророштвото на Исус ќе бидат разгледани во следната статија.
a Пасус 3: И во друга прилика, кога со чудо нахранил околу 4.000 мажи, не сметајќи ги жените и децата, Исус им ја поделил храната „на учениците, а учениците на народот“ (Мат. 15:32-38).
b Пасус 7: Додека Петар бил жив, сите „овчички“ кои требало да бидат хранети имале небесна надеж.
c Пасус 8: Тоа што Библијата вели дека новите верници ‚се посветиле на учењето на апостолите‘, индиректно покажува дека апостолите поучувале на редовна основа. Некои од учењата на апостолите се трајно сочувани во Христијанските грчки списи, кои биле напишани под водство на светиот дух.
d Пасус 12: Освен апостолите, имало и други христијани кои добиле чудотворни дарови на духот. Сепак, се чини дека во повеќето случаи тие дарови им биле пренесени директно од апостолите или во присуство на некој од нив (Дела 8:14-18; 10:44, 45).
e Пасус 13: Зборовите на апостол Павле запишани во Дела 20:29, 30 покажуваат дека собранието ќе било нападнато од две страни. Прво, меѓу вистинските христијани ‚ќе влегле‘ лажни христијани („какол“). И второ, од ‚нив самите‘ некои ќе станеле отпадници кои ќе изнесувале „искривени учења“.