Недела, 18 октомври
Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое (Мат. 6:9)
Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да го светиме неговото име. Ние сакаме да им кажуваме на другите дека ужасните работи што Сатана ги кажал за Јехова се злобни лаги (1. Мој. 3:1-5; Јов 2:4; Јован 8:44). Додека проповедаме, имаме силна желба да им кажеме на сите кои нѐ слушаат кој е Јехова и каков е тој навистина. Сакаме сите да знаат дека неговата најистакната особина е љубовта, дека неговиот начин на владеење е праведен и исправен, и дека неговото Царство наскоро ќе му стави крај на сето страдање и ќе донесе мир и среќа за човештвото (Пс. 37:10, 11, 29; 1. Јов. 4:8). Кога им ги кажуваме на луѓето овие работи за Јехова, ние го светиме неговото име. Исто така, радосни сме бидејќи знаеме дека го правиме она што треба да го правиме како Јеховини сведоци (w24.05 18, пас. 12).
Понеделник, 19 октомври
Кога приредуваш гозба, покани ги сиромашните, сакатите, куците и слепите. И ќе бидеш среќен, бидејќи тие немаат со што да ти возвратат. Ќе ти биде возвратено при воскресението на праведниците (Лука 14:13, 14)
Покажуваш дека си „гостољубив“ кога им правиш добро на другите, вклучувајќи ги и оние што не ти се блиски пријатели (1. Пет. 4:9). Во еден библиски прирачник, гостољубивиот човек е опишан на следниов начин: „Вратата на неговиот дом — и на неговото срце — мора да биде отворена и за луѓе кои не ги познава“. Прашај се: „Дали сум познат по тоа што им правам добро на оние што ќе го посетат моето собрание?“ (Евр. 13:2, 16). Еден гостољубив човек го дели она што го има со гостите во собранието, вклучувајќи ги оние што немаат многу во материјален поглед и оние што вложуваат голем труд за да ги охрабрат браќата и сестрите, како што се покраинските надгледници и говорниците од други собранија (1. Мој. 18:2-8; Изр. 3:27; Дела 16:15; Рим. 12:13; w24.11 21, пас. 6).
Вторник, 20 октомври
Девиците што беа подготвени влегоа со него на свадбата (Мат. 25:10)
Во споредбата за девиците, Исус зборувал за 10 девици кои излегле да го пречекаат младоженецот (Мат. 25:1-4). Сите тие се надевале дека ќе го придружуваат младоженецот на неговата свадба. Пет од нив, Исус ги опишал како „разборити“, а другите пет како „глупави“. Разборитите девици биле подготвени за да го чекаат младоженецот колку и да било потребно, па дури и ако тој пристигнел доцна во ноќта. Затоа, тие со себе понеле светилки за да им се гледа во мракот. Тие дури понеле и резерва масло во случај младоженецот да задоцни. На тој начин, тие биле подготвени за нивните светилки постојано да светат (Мат. 25:6-10). Кога дошол младоженецот, разборитите девици влегле со него на свадбата. Слично на тоа, помазаните христијани кои ќе бидат подготвени така што ќе останат духовно будни и верни сѐ до доаѓањето на Христос ќе бидат прогласени за достојни да му се придружат на младоженецот Исус во неговото небесно Царство (Отк. 7:1-3; w24.09 21, пас. 6).