1. Мојсеева
24 Авраам остаре и навлезе во години, и Јехова го беше благословил Авраам во сѐ.+ 2 Затоа Авраам му рече на својот слуга, најстариот во домот, кој управуваше со сѐ што имаше тој:+ „Те молам, стави ја раката под моето бедро+ 3 за да те заколнам во Јехова,+ Богот на небесата и Богот на земјата, да не земеш жена за мојот син од ќерките на Ханаанците, меѓу кои живеам,+ 4 туку да отидеш во мојата земја и кај моите роднини,+ и да му земеш жена на мојот син, на Исак“.
5 Меѓутоа, слугата му рече: „Што ако таа жена не сака да дојде со мене во оваа земја? Дали ќе морам да го вратам твојот син во земјата од која замина ти?“+ 6 А Авраам му одговори: „Внимавај добро да не го вратиш мојот син таму!+ 7 Јехова, Богот на небесата, кој ме одведе од домот на мојот татко и од земјата на моите роднини+ и кој ми зборуваше и ми се заколна:+ ‚На твоето семе+ ќе му ја дадам оваа земја‘,+ тој ќе го испрати својот ангел пред тебе,+ и ти ќе му земеш жена на мојот син оттаму.+ 8 Но ако жената не сака да појде со тебе, ќе бидеш ослободен од заклетвата што ми ја даде.+ Само немој да го вратиш таму мојот син!“ 9 Тогаш слугата ја стави раката под бедрото на Авраам, својот господар, и му се заколна дека ќе го стори тоа.+
10 Потоа слугата зеде десет камили од стадото на својот господар и подготви секакви драгоцености од својот господар, кои беа во негови раце.+ Тогаш стана и тргна на пат за Месопотамија, во градот на Нахор. 11 Кога стигна таму, ги пушти камилите да полегнат надвор од градот кај еден бунар.+ А беше приквечер, време кога жените обично излегуваа да нацрпат вода.+ 12 И тогаш рече: „Јехова, Боже на мојот господар Авраам,+ те молам, направи го ова дело пред мене денес и биди милостив*+ кон мојот господар Авраам!+ 13 Еве, стојам крај еден извор на вода, и ќерките на луѓето од градот излегуваат да нацрпат вода.+ 14 Девојката на која ќе ѝ речам: ‚Те молам, спушти ја својата стомна да се напијам‘, а која ќе рече: ‚Пиј, и твоите камили ќе ги напојам‘, нека биде онаа што си ја одредил за својот слуга+ Исак! Дозволи по тоа да знам дека си му покажал милост на мојот господар!“+
15 И уште не го беше докажал тоа,+ кога еве, дојде Ревека, ќерката на Ветуил,+ синот на Мелха,+ жената на Авраамовиот брат Нахор,+ со стомната на рамо.+ 16 А девојката беше многу убава,+ девица со која уште ниту еден маж не беше легнал.+ Таа слезе до изворот, ја наполни стомната, а потоа се врати горе. 17 Слугата веднаш ѝ притрча во пресрет и ѝ рече: „Те молам, дај ми голтка вода од твојата стомна!“+ 18 А таа рече: „Пиј, господару!“ Па брзо ја спушти стомната на раката и му даде да пие.+ 19 Кога тој се напи, му рече: „И на твоите камили ќе им црпам вода додека да ги напојам“.+ 20 Тогаш брзо ја излеа својата стомна во поилото и пак отрча до бунарот да нацрпи вода,+ и не застана додека не нацрпи вода за сите негови камили. 21 За сето тоа време човекот молчешкум и со чудење ја набљудуваше за да дознае дали Јехова му дал успех на неговото патување или не.+
22 А кога камилите се напоија, човекот извади една златна алка за нос,+ тешка половина сикел,* и две бразлетни+ за нејзините раце, тешки десет сикли злато, 23 па рече: „Те молам, кажи ми чија ќерка си? Има ли во домот на татко ти место за да преноќеваме?“+ 24 А таа му рече: „Јас сум ќерка на Ветуил,+ синот на Мелха, кого таа му го роди на Нахор“.+ 25 И уште му рече: „Кај нас има и слама и доста храна за стоката, а и место за ноќевање“.+ 26 Тогаш човекот се поклони и падна ничкум пред Јехова,+ 27 па рече: „Нека е благословен Јехова,+ Богот на мојот господар Авраам, кој не го лиши мојот господар од својата милост и од својата верност. Јехова ме доведе по мојот пат во домот на браќата на мојот господар“.+
28 И девојката отрча и го раскажа сето тоа во домот на својата мајка. 29 А Ревека имаше брат кој се викаше Лаван.+ Тогаш Лаван отрча кај човекот што беше надвор кај изворот. 30 Откако ги виде алката за нос и бразлетните+ на рацете на својата сестра и откако ги чу зборовите на сестра си Ревека, која рече: „Вака и вака ми рече оној човек“, тој отиде кај човекот што беше таму и стоеше кај камилите на изворот, 31 па веднаш му рече: „Дојди, ти кој си благословен од Јехова!+ Зошто стоиш тука надвор кога јас ја подготвив куќата и направив место за камилите?“ 32 И човекот дојде во куќата, а тој ги растовари камилите и им даде слама и храна, па донесе вода за да си ги измијат нозете и човекот и луѓето што беа со него.+ 33 Потоа му принесоа да јаде, но тој рече: „Нема да јадам додека не го кажам она што имам да го кажам“. Затоа Лаван рече: „Тогаш кажи!“+
34 Тој почна: „Јас сум слуга на Авраам.+ 35 Јехова многу го благослови мојот господар, така што го збогати и му даде овци и говеда, сребро и злато, слуги и слугинки, камили и магариња.+ 36 Освен тоа, Сара, жената на мојот господар, на старост му роди син на мојот господар,+ и тој ќе му даде сѐ што има.+ 37 Така мојот господар ме заколна: ‚Не смееш да земеш жена за мојот син од ќерките на Ханаанците, во чијашто земја живеам!+ 38 Не, туку оди во домот на мојот татко и во моето семејство,+ па доведи му жена на мојот син!‘+ 39 А јас му реков на мојот господар: ‚Што ако таа жена не појде со мене?‘+ 40 Тогаш тој ми рече: ‚Јехова, кому му служам,*+ ќе го испрати својот ангел+ со тебе и сигурно ќе му даде успех на твојот пат,+ а ти доведи му жена на мојот син од моето семејство и од домот на мојот татко.+ 41 Од мојата заклетва ќе бидеш ослободен ако дојдеш во моето семејство и тоа не ти ја даде, тогаш ќе бидеш слободен од мојата заклетва‘.+
42 Денес, кога дојдов на изворот, реков: ‚Јехова, Боже на мојот господар Авраам, ако сакаш навистина да му дадеш успех на патот по кој тргнав,+ 43 еве, јас стојам крај еден извор на вода, па девојката+ што ќе дојде да нацрпи вода и на која ќе ѝ речам: „Те молам, дај ми да се напијам малку вода од твојата стомна“, 44 а која ќе ми рече: „Напиј се, а и на твоите камили ќе им нацрпам вода“, таа нека биде жената што Јехова ја одредил за синот на мојот господар‘.+
45 Уште не го бев докажал+ тоа во своето срце,+ кога ете, дојде Ревека со стомната на рамо. Слезе до изворот, па нацрпи вода.+ Тогаш ѝ реков: ‚Те молам, дај ми да се напијам!‘+ 46 Таа брзо ја спушти стомната и рече: ‚Напиј се,+ а и твоите камили ќе ги напојам‘. Тогаш јас се напив, а таа ги напои и камилите. 47 Потоа ја прашав: ‚Чија ќерка си?‘+ А таа одговори: ‚Ќерка сум на Ветуил, синот на Нахор, кого му го роди Мелха‘. Тогаш ѝ ги ставив алката на носот и бразлетните на рацете.+ 48 И тогаш се поклонив и паднав ничкум пред Јехова и го благословив Јехова, Богот на мојот господар Авраам,+ кој ме водеше по правиот пат+ за да ја земам ќерката на братот на мојот господар за неговиот син. 49 А сега, ако сакате да му покажете милост и верност на мојот господар,+ кажете ми! А ако нејќете, кажете ми го и тоа за да можам да тргнам надесно или налево!“+
50 Тогаш Лаван и Ветуил одговорија: „Ова доаѓа од Јехова.+ Не можеме да ти кажеме ни лошо ни добро.+ 51 Еве, Ревека е пред тебе. Земи ја и оди, и нека му стане жена на синот на твојот господар, токму како што рекол Јехова!“+ 52 А кога слугата на Авраам ги чу нивните зборови, веднаш падна ничкум наземи пред Јехова.+ 53 И слугата почна да вади сребрени и златни предмети, како и облеки, и да ѝ ги дава на Ревека, а вредни дарови им даде и на нејзиниот брат и на нејзината мајка.+ 54 Потоа јадеа и пиеја, тој и луѓето што беа со него, па ја поминаа ноќта таму, а изутрината станаа.
И тој рече: „Пуштете ме да се вратам кај мојот господар!“+ 55 А брат ѝ и мајка ѝ рекоа: „Нека остане девојката со нас барем десет дена, па после нека оди“. 56 Но тој им рече: „Немојте да ме задржувате кога гледате дека Јехова му даде успех на мојот пат!+ Пуштете ме да си одам кај мојот господар!“+ 57 А тие рекоа: „Да ја викнеме девојката, па да чуеме од нејзина уста што ќе рече таа!“+ 58 Тогаш ја повикаа Ревека и ѝ рекоа: „Сакаш ли да појдеш со овој човек?“ А таа рече: „Сакам“.+
59 И така ги испратија својата сестра Ревека,+ нејзината доилка+ и Авраамовиот слуга со неговите луѓе. 60 И ја благословија Ревека со зборовите: „О сестро наша, стани им мајка на неброени илјади, и твоето потомство нека ја освои портата* на оние што го мразат!“+ 61 Потоа Ревека и нејзините слугинки+ станаа, седнаа на камилите+ и тргнаа по човекот. Така слугата ја зеде Ревека и замина на пат.
62 А Исак се враќаше по патот што води од Веер-Лахај-Рој,+ зашто живееше во подрачјето на Негев.+ 63 Исак беше излегол во полето за да размислува+ во приквечерината. Кога ги подигна очите, ги здогледа камилите што доаѓаа. 64 А кога Ревека ги подигна очите и го здогледа Исак, брзо слезе од камилата, 65 па го праша слугата: „Кој е оној човек што ни доаѓа во пресрет преку полето?“ „Тоа е мојот господар“, ѝ одговори слугата. А таа зеде превез и се покри.+ 66 И слугата му раскажа на Исак за сѐ што беше направил. 67 Потоа Исак ја внесе Ревека во шаторот на својата мајка Сара.+ Така тој ја зеде и таа му стана жена.+ Исак ја засака,+ и така најде утеха по смртта на мајка си.+