Неемија
6 Кога Санавалат, Товиј, Арапот Гисем и другите наши непријатели слушнаа дека сум го обновил ѕидот и дека веќе нема ниту еден отвор во него (иако дотогаш сѐ уште ги немав поставено крилата на градските порти), 2 Санавалат и Гисем веднаш ми испратија порака: „Дојди, да се најдеме во едно од селата во долината Оно“. Но, тие коваа заговор против мене. 3 Затоа испратив гласници кај нив и им порачав: „Зафатен сум со важна работа и не можам да дојдам. Работата ќе запре ако ја оставам за да дојдам кај вас“. 4 Четири пати ми ја праќаа истата порака, но секојпат им го давав истиот одговор.
5 На крајот, Санавалат ми го испрати својот слуга по петти пат со истата порака, со отворено писмо во раката. 6 Во него пишуваше: „Меѓу луѓето од околните народи се зборува дека ти и Евреите се подготвувате да кренете бунт, а и Гисем потврдува дека е така. Затоа и го градите ѕидот. А се зборува и дека ти ќе им бидеш цар. 7 Дури си поставил и пророци да рашират глас за тебе низ цел Ерусалим, велејќи: ’Јуда има цар!‘ Сега за тоа ќе дознае и царот. Затоа, дојди да разговараме“.
8 Но, јас му го испратив следниов одговор: „Ништо од она што го кажуваш не е точно. Сам си го измислуваш тоа“.* 9 Всушност, сите тие се обидуваа да нѐ заплашат. Си мислеа: „Ќе се обесхрабрат* и нема да ја довршат работата“. А сега, те молам, Боже, дај ми храброст!*
10 Потоа отидов во куќата на Семаја, син на Делаја и внук на Метевеил, кој се беше затворил во својата куќа. Тој ми рече: „Да се договориме кога да се најдеме во домот на вистинскиот Бог, внатре во храмот. Ќе ги затвориме вратите на храмот, зашто ќе дојдат да те убијат. Ќе дојдат да те убијат ноќе“. 11 Но, јас реков: „Зарем човек како мене да бега? Зар може човек како мене да влезе во храмот и да остане жив? Нема да влезам!“ 12 Тогаш сфатив дека тој не е испратен од Бог, туку дека Товиј и Санавалат го поткупиле за да ме измами.* 13 Го поткупиле за да ме исплаши и да ме натера да згрешам, па така да ме доведат на лош глас и да имаат за што да ме обвинат.
14 Боже мој, не заборавај го сето она што ми го правеа Товиј и Санавалат! А сети се и на пророчицата Ноадија и на останатите пророци, кои постојано се обидуваа да ме заплашат.
15 Така ѕидот беше довршен за 52 дена, на 25-тиот ден од месецот елул.
16 Кога сите наши непријатели слушнаа за ова и кога сите околни народи видоа што направивме, многу се засрамија и сфатија дека нашиот Бог ни помогна да ја завршиме работата. 17 Во тоа време, достоинствениците на Јуда испраќаа многу писма до Товиј, а тој им одговараше. 18 Всушност, мнозина од тамошните Евреи му се имаа заколнато на верност, бидејќи тој му беше зет на Сеханија, синот на Арах, а неговиот син Јоанан беше оженет со ќерката на Месулам, синот на Верехија. 19 Освен тоа, постојано ми зборуваа добро за него и му го пренесуваа она што јас го кажував. А Товиј продолжи да ми праќа писма за да ме заплаши.