4. Мојсеева
34 Јехова понатаму му рече на Мојсеј: 2 „Заповедај им на синовите на Израел и речи им: ‚Ќе влезете во ханаанската земја.+ Тоа е земјата што ќе ви се падне во наследство,+ ханаанската земја со нејзините граници.+
3 Вашата јужна страна ќе се протега од пустината Зин покрај Едом,+ и јужната граница ќе ви почне на исток, од крајот на Соленото Море.+ 4 Границата ќе сврти јужно од угорништето Акравим+ и ќе се протега до Зин, а нејзината крајна точка ќе биде јужно од Кадис-Варни;+ потоа ќе оди понатаму кон Хасар-Адар+ и ќе продолжи до Асмон. 5 Од Асмон границата ќе сврти кон долината на реката Египет,+ и на крајот ќе излезе на Морето.*+
6 Вашата западна граница+ ќе биде брегот на Големото Море. Тоа нека ви е западната граница.
7 А ова ќе биде вашата северна граница: од Големото Море повлечете си граница до планината Хор.*+ 8 Од планината Хор повлечете си граница до влезот во Емат,+ а крајната точка на границата нека биде кај Седад.+ 9 Границата потоа ќе оди накај Зифрон и ќе заврши во Хасар-Енан.+ Тоа нека ви биде северната граница.
10 На исток повлечете си граница од Хасар-Енан до Сефам. 11 Границата ќе се спушта од Сефам до Ривла,* источно од Аин. Одонде границата ќе се спушти и ќе допре до падината на источната страна од Кинеретското Море.*+ 12 Потоа границата ќе се спушти кон Јордан, а крајот ќе ѝ биде Соленото Море.+ Тоа ќе биде вашата земја+ со нејзините граници наоколу‘ “.
13 И Мојсеј им заповеда на синовите на Израел: „Ова е земјата што ќе ја разделите во наследство со ждрепка,+ за која Јехова заповеда да ја добијат девет и пол племиња.+ 14 Зашто, племето на синовите на Рувим по домовите на своите татковци и племето на синовите на Гад по домовите на своите татковци веќе го добија своето наследство, како што го доби и половината од племето на Манасија.+ 15 Тие две и пол племиња веќе го добија своето наследство во јорданскиот крај, спроти Ерихон, од источната страна, кон изгрејсонцето“.+
16 И Јехова му рече на Мојсеј: 17 „Ова се имињата на луѓето што ќе ви ја разделат земјата во наследство: свештеникот Елеазар+ и Исус, синот на Навин.+ 18 Земете по еден поглавар од секое племе за да ја раздели земјата во наследство.+ 19 А ова се имињата на тие луѓе: од племето на Јуда+ — Халев, синот на Јефониј;+ 20 од племето на синовите на Симеон+ — Семуел, синот на Амиуд; 21 од племето на Венијамин+ — Елидад, синот на Хислон; 22 од племето на синовите на Дан+ — поглаварот Вукиј, синот на Јогли; 23 од синовите на Јосиф:+ од племето на синовите на Манасија+ — поглаварот Аниел, синот на Ефод; 24 од племето на синовите на Ефрем+ — поглаварот Кемуил, синот на Сафтан; 25 од племето на синовите на Завулон+ — поглаварот Елисафан, синот на Фарнах; 26 од племето на синовите на Исахар+ — поглаварот Фалтиил, синот на Азан; 27 од племето на синовите на Асер+ — поглаварот Ахиуд, синот на Селоми; 28 од племето на синовите на Нефталим+ — поглаварот Федаил, синот на Амиуд“. 29 Тоа се оние на кои Јехова им заповеда да им го разделат наследството на Израеловите синови во ханаанската земја.+