Јован
13 Исус уште пред Пасхата знаеше дека дошло времето да си замине од овој свет и да оди кај Таткото. Тој ги сакаше своите ученици кои беа во светот и им покажуваше љубов до крај. 2 Исус и неговите ученици вечераа, а Ѓаволот веќе му ја имаше ставено во срцето на Јуда Искариот, синот на Симон, намерата да го издаде. 3 Бидејќи знаеше дека Таткото му даде сѐ во негови раце и дека е испратен од Бог и дека оди кај Бог, 4 Исус стана од масата и си ја соблече наметката, па зеде крпа и си ја врза околу половината.* 5 Потоа стави вода во еден сад и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата која му беше околу половината. 6 Кога дојде до Симон Петар, тој му рече: „Господару, зар ти мене ќе ми ги миеш нозете?“ 7 Исус му одговори: „Сега не го разбираш ова што го правам, но подоцна ќе го разбереш“. 8 А Петар му рече: „Никогаш нема да ти дозволам да ми ги измиеш нозете!“ Исус му одговори: „Ако не ти ги измијам нозете, не можеш да бидеш еден од моите“. 9 Тогаш Симон Петар му рече: „Господару, тогаш измиј ми ги не само нозете, туку и рацете и главата“. 10 А Исус му одговори: „Оној што веќе се избањал, не треба да мие ништо друго освен нозете, бидејќи целото тело му е чисто. И вие сте чисти, но не сите“. 11 Всушност, знаеше кој ќе го издаде. Затоа рече дека не се сите чисти.
12 Кога им ги изми нозете, ја облече својата наметка и се врати на масата, па им рече: „Сфаќате ли зошто ви ги измив нозете? 13 Вие ми се обраќате со ’Учителе‘ и ’Господару‘, и во право сте, бидејќи тоа и сум. 14 Значи, ако јас, Господар и Учител, ви ги измив нозете, и вие треба* да си ги миете нозете еден на друг. 15 Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас. 16 Вистина, вистина ви велам, робот не е поголем од својот господар, и оној што е испратен не е поголем од оној што го испратил. 17 Кога го знаете тоа, ќе бидете среќни ако го правите. 18 Не зборувам за сите вас. Јас ги познавам оние што ги избрав. Но така ќе се исполнат зборовите од Писмото: ’Оној што јадеше од мојот леб, се крена* против мене‘. 19 Ви го кажувам тоа сега, уште пред да се случи, за кога ќе се случи, да верувате дека јас сум оној што велам дека сум. 20 Вистина, вистина ви велам, кој го прима оној кого јас го праќам, ме прима и мене. А кој ме прима мене, го прима и оној што ме испрати“.
21 Штом го кажа тоа, Исус многу се вознемири, па отворено рече: „Вистина, вистина ви велам, еден од вас ќе ме издаде“. 22 Учениците се погледнуваа меѓу себе, прашувајќи се за кого зборува. 23 Еден од учениците, кого Исус посебно го сакаше, седеше на масата веднаш до Исус.* 24 Затоа Симон Петар му кимна и му рече: „Прашај го за кого зборува“. 25 И тој се навали кон градите на Исус и го праша: „Господару, кој е тој?“ 26 Исус одговори: „Тоа е оној кому ќе му го дадам парчето леб што ќе го натопам во чинијата“. И го зеде лебот, го натопи и му го даде на Јуда, синот на Симон Искариот. 27 Откако Јуда го зеде парчето леб, Сатана влезе во него. Тогаш Исус му рече: „Тоа што ќе го правиш, направи го побргу!“ 28 Но никој од оние што беа на трпезата не знаеше зошто му го рече тоа. 29 Бидејќи кај Јуда беше кутијата за пари, некои мислеа дека Исус му рече да го купи она што им е потребно за празникот или да им даде нешто на сиромашните. 30 Така Јуда го зеде парчето леб и веднаш излезе. А беше ноќ.
31 Кога тој излезе, Исус рече: „Сега е време Синот човечки да биде прославен и Бог да се прослави преку него. 32 Самиот Бог ќе го прослави, и тоа ќе го направи веднаш. 33 Дечиња, уште малку сум со вас. Ќе ме барате, но како што им реков на Евреите, сега тоа ви го велам и вам: ’Таму каде што одам јас, вие не можете да дојдете‘. 34 Ви давам нова заповед: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. 35 По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“.
36 А Симон Петар го праша: „Господару, каде одиш?“ Исус одговори: „Таму каде што одам јас, ти не можеш да дојдеш сега, но ќе дојдеш подоцна“. 37 Тогаш Петар му рече: „Господару, зошто не можам да дојдам со тебе сега? Животот ќе си го дадам за тебе!“ 38 Исус му рече: „Животот ли ќе го дадеш за мене? Вистина, вистина ти велам, пред петелот да запее, ти трипати ќе се одречеш од мене“.