28. поглавје
Меѓусебна слога во љубов
1. (а) Како можеш да бидеш дел од Божјата организација? (б) Која заповед мораш да ја слушаш?
ДОДЕКА сѐ повеќе го запознаваш и цениш Јехова Бог и неговите намери, ќе посакаш редовно да се дружиш со лицата кои ја делат твојата вера и надеж. Така стануваш дел од Божјата видлива организација, вистинското братско христијанство. Затоа, ”имајте љубов спрема целото братство“ е заповед која мораш да ја слушаш (1. Петрово 2:17; 5:8, 9).
2. (а) Која нова заповед им ја дал Исус на своите ученици? (б) Што покажуваат јасно зборовите ”еден со друг“ и ”помеѓу себе“? (в) Колку е важно да се има љубов?
2 Исус Христос истакнал колку е важно неговите следбеници да се љубат меѓусебно. ”Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг (...) По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:34, 35, ББД). Зборовите ”еден со друг“ и ”помеѓу себе“ јасно покажуваат дека сите вистински христијани треба да бидат обединети во една група или организација (Римјаните 12:5; Ефесјаните 4:25). И таа организација треба да се препознава по љубовта која нејзините членови ја имаат меѓусебно. Ако некој нема љубов, залудно е сѐ друго (1. Коринтјаните 13:1–3).
3. Како Библијата ја истакнува потребата да се сакаат браќата во вера и да се биде заинтересиран за нив?
3 Поради тоа, вистинските христијани честопати биле опоменувани на следните начини: ”Еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов“. ’Изразувајте си добредојде едни на други‘. ”Со љубов служете си еден на друг“. ’(...) Еден спрема друг бидете добри, сочувствителни‘. ”Трпете се еден со друг и проштавајте си ако некој има поплака на некого“. ’(...) Утешувајте се еден со друг, и поправајте се секој со ближниот‘. ”Живејте во мир помеѓу себе“. ’Имајте топла љубов еден спрема друг‘ (Римјаните 12:10, ББД; 15:7; Галатјаните 5:13; Ефесјаните 4:32; Колосјаните 3:13, 14; 1. Солунјаните 5:11, 13, ДК; 1. Петрово 4:8, NW; 1. Јованово 3:23; 4:7, 11).
4. (а) Што покажува дека христијаните мораат да ги сакаат и другите, освен што се сакаат помеѓу себе? (б) Кого треба христијаните посебно да го сакаат?
4 Тоа не значи дека вистинските христијани треба да ги сакаат само своите браќа во Божјата организација. Тие треба да ги сакаат и другите. Библијата ги поттикнува да бидат пребогати во ”љубовта еден кон друг и кон сите“ (1. Солунјаните 3:12; 5:15, ББД). Апостол Павле покажал кое е правилно урамнотежено гледиште кога напишал: ”Да правиме добро секому, а особено на оние кои се со нас во верата“ (Галатјаните 6:10, ДК). Значи, христијаните мораат да ги сакаат сите, па и своите непријатели, но посебно мораат да ги сакаат членовите на Божјата организација, своите браќа и сестри во верата (Матеј 5:44).
5. Што покажува дека вистинските христијани отсекогаш биле познати по својата љубов?
5 Првите христијани биле добро познати по меѓусебната љубов. Според писателот Тертулијан од II. век, луѓето за нив говореле: ”Гледајте, како се љубат меѓусебно и како се спремни да умрат еден за друг!“ Таква љубов може и денес да се најде меѓу вистинските христијани. Дали тоа значи дека меѓу вистинските христијани нема никакви проблеми или потешкотии?
ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД НЕСОВРШЕНОСТА
6. Зошто понекогаш и вистинските христијани грешат еден на друг?
6 Проучувајќи ја Библијата, ти си сознал/а дека сите ние сме наследиле несовршеност од нашите прародители, Адам и Ева (Римјаните 5:12). Затоа сме склони да го правиме она што е неисправно. ”Сите ние грешиме многу пати“, пишува во Библијата (Јаков 3:2, ДК; Римјаните 3:23). Треба да знаеш и ти дека членовите на Божјата организација се исто така несовршени и понекогаш прават нешто што е неисправно. Тоа може да доведе до проблеми и потешкотии и меѓу христијаните.
7. (а) Зошто Павле морал да им каже на Еводија и Синтихија да бидат ”едномислени“? (б) Што покажува дека тие всушност биле примерни христијанки?
7 Замисли ја ситуацијата на Еводија и Синтихија, две жени од собранието на првите христијани во Филипи. Апостол Павле напишал: ”Ја молам Еводија, ја молам и Синтихија да бидат едномислени едно во Господа.“ Зошто Павле ги повикал тие две жени да бидат ”едномислени“? Очигледно имале проблеми меѓу себе. Во Библијата не пишува какви биле проблемите. Можеби биле љубоморни една на друга. Но, всушност биле примерни жени. Тие биле христијанки многу порано пред да учествуваат со Павле во делото на проповедање. Затоа Павле му напишал на собранието: ”Помагај им ним, кои што се грижеа во Благовестието [добрата вест, NW] заедно со мене“ (Филипјаните 4:1–3, ББД).
8. (а) Кој проблем се појавил меѓу Павле и Варнава? (б) Што би можел да заклучиш ако ти би бил таму и ако си бил очевидец на таа препирка?
8 Еднаш дошло до недоразбирање меѓу апостол Павле и неговиот сопатник Варнава. Кога требало да појде на своето второ мисионерско патување, Варнава сакал да го поведе својот братанец Марко. Меѓутоа, Павле не сакал да го поведе, затоа што на првото мисионерско патување Марко ги напуштил и отпатувал дома (Дела на апостолите 13:13). Во Библијата пишува: ”И дојде до жесток излив на гнев, така што се разделија еден од друг“ (Дела на апостолите 15:37–40, NW). Замисли си го само тоа! Дали би заклучил дека Павле и Варнава не биле дел од Божјата организација ако би бил присутен таму и би го доживеал тој ”жесток излив на гнев“?
9. (а) Каков грев сторил Петар, и што го навело да постапи така? (б) Што сторил Павле кога видел што се случило?
9 Во една друга ситуација апостол Петар лошо се однесувал. Престанал да биде близок со христијаните кои порано биле пагани, од страв да не се замери со еврејските христијани кои неоправдано гледале од висина на своите браќа кои не биле Евреи по потекло (Галатјаните 2:11–14). Кога апостол Павле видел како се однесува Петар, го осудил пред сите Петровото неправилно однесување. Како би се чувствувал ти да си бил на местото на Петар? (Евреите 12:11).
РЕШАВАЊЕ НА ТЕШКОТИИТЕ СО ЉУБОВ
10. (а) Како реагирал Петар на укорот? (б) Што можеме да научиме од Петровиот пример?
10 Петар можел да му се налути на Павле. Можел да се спрепне од начинот како Павле го укорил пред другите. Но, тој не реагирал така (Проповедник 7:9). Петар бил понизен. Го прифатил укорот и не дозволил поради тоа да се олади неговата љубов спрема Павле (1. Петрово 3:8, 9). Забележи како подоцна Петар напишал за Павле во едно охрабрувачко писмо до своите христијански браќа: ”И долготрпеливоста на нашиот Господ сметајте ја како спасение, — како што ви напиша и возљубениот наш брат Павле, според дадената му мудрост (2. Петрово 3:15, ББД). Да, Петар со љубов го покрил проблемот што се појавил поради неговото неправилно однесување (Изреките 10:12).
11. (а) Како Павле и Варнава, и покрај изливот на гнев, покажале дека се вистински христијани? (б) Што можеме ние да научиме од нивниот пример?
11 А како бил решен проблемот меѓу Павле и Варнава? Исто така со љубов, бидејќи подоцна, кога му напишал на коринтското собрание, Павле го означил Варнава како свој близок соработник (1. Коринтјаните 9:5, 6). Иако можеби Павле имал добра причина да се посомнева во Марковата способност да патува со него, со тек на времето тој младинец достигнал таква зрелост што Павле можел за него да говори многу поволно кога му напишал на Тимотеј: ”Земи го Марко и доведи го со себе; зашто ми е добар за служба“ (2. Тимотеј 4:11, ДК). Од тој пример ние можеме да научиме како да ги решаваме недоразбирањата.
12. (а) Зошто можеме да претпоставиме дека Еводија и Синтихија ги решиле меѓусебните недоразбирања? (б) Зошто според Галатјаните 5:13–15 е важно христијаните да ги решаваат недоразбирањата во љубов?
12 А што се случило со Еводија и Синтихија? Дали ги расчистиле своите недоразбирања така што со љубов ги покриле гревовите што ги направиле една на друга? Во Библијата не пишува што се случило со нив на крајот. Но, разумно е да се претпостави дека понизно го прифатиле дадениот совет, бидејќи биле добри жени и рамо до рамо работеле со Павле во неговата христијанска служба. Можеме да претпоставиме, дека по добивањето на Павловото писмо отишле една кај друга и го решиле својот проблем во дух на љубов (Галатјаните 5:13–15).
13. Каков пример дал Јехова Бог во врска со покажувањето љубов?
13 Можеби и тебе ти е тешко да се сложиш со едно или со повеќе лица во собранието. Иако тие можеби мораат уште многу да работат на развивањето на вистинските христијански особини, сепак треба да размислиш за следново: Дали Јехова Бог чека луѓето да ги отстранат сите лоши особини, па дури тогаш да ги сака? Не, во Библијата пишува: ”Но, Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5:8, ББД). Треба да го следиме тој Божји пример и да ги сакаме оние што постапуваат лошо или неразумно (Ефесјаните 5:1, 2; 1. Јованово 4:9–11; Псалми 103:10).
14. Кој совет го дал Исус за тоа да не ги критизираме другите?
14 Бидејќи сите сме несовршени, Исус нѐ поучил да не бидеме критички спрема другите. Додуша, другите можат да грешат, но и ние исто така грешиме. ”Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја чувствуваш?“, прашал Исус (Матеј 7:1–5, ББД). Прифаќањето на тој мудар совет ќе ни помогне да излеземе на крај со браќата и сестрите.
15. (а) Зошто е важно да им простуваме на другите, дури и кога имаме причина да се жалиме? (б) Како Исус во својата споредба од Матеј 18. поглавје поучил за потребата да бидеме спремни да простуваме?
15 Безусловно е неопходно да бидеме милосрдни и спремни да проштеваме. Може да се случи некогаш да имаш оправдана причина да се жалиш на некој брат или сестра. Но сети се притоа на библискиот совет: ”Поднесувајте се еден со друг и да си простувате спремно еден на друг ако некој има причина за поплака против друг.“ Но, зошто некому да му простиш ако имаш вистинска причина да се жалиш на него? Затоа што ”Јехова спремно ви простил вам“, гласи одговорот во Библијата (Колосјаните 3:13, NW). И ако сакаме да ни биде простено нам, и ние мораме да им простуваме на другите, како што вели Исус (Матеј 6:9–12, 14, 15). Слично на царот од една Исусова споредба, Јехова нам ни простил илјада пати. Зарем тогаш ние не можеме на нашите браќа да им простиме неколку пати? (Матеј 18:21–35; Изреките 19:11).
16. (а) Во кој однос стојат љубовта спрема Бог и љубовта спрема христијанските браќа според 1. Јованово 4:20, 21? (б) Што треба да сториш ако твојот брат има нешто против тебе?
16 Ние не можеме едноставно да живееме според вистината, а истовремено да не бидеме љубезни спрема браќата и сестрите и спремни да им простиме (1. Јованово 4:20, 21; 3:14–16). Ако некогаш имаш потешкотии со некој христијански брат или сестра, немој да престанеш да зборуваш со него или со неа. Не треба да бидеш гневен, туку проблемот треба да го решиш во духот на љубов. Ако си го навредил својот брат, биди спремен да се извиниш и да го замолиш за прошка (Матеј 5:23, 24).
17. Како треба да постапиш кога некој ќе ти стори неправда?
17 А што ако тебе некој те навреди или ти нанесе неправда? Библијата дава совет: ”Не вели: ’Како ми направи тој мене, така и јас ќе му направам нему‘“ (Изреките 24:29, ББД; Римјаните 12:17, 18). Исус Христ рекол: ”Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот“ (Матеј 5:39, ББД). Ударот в лице не значи буквална повреда, туку може да навреди или испровоцира. Затоа, Исус со тоа ги поучил своите ученици да не дозволат да бидат вовлечени во караница или расправија. Наместо да ’враќаш зло за зло или псовка за псовка‘, ’барај мир и стреми се кон него‘ (1. Петрово 3:9, 11; Римјаните 12:14, ББД).
18. Што треба да научиме од примерот што ни го дава Бог, со тоа што ги љуби сите видови на луѓе?
18 Сети се на тоа дека ’мораме да го љубиме целото братство‘ (1. Петрово 2:17, NW). Јехова Бог ни дава пример. Тој не е пристрасен. Во неговите очи сите раси се еднакви (Дела на апостолите 10:34, 35; 17:26). Оние кои ќе бидат заштитени во претстојната ’голема неволја‘, потекнуваат од ’сите племиња и колена, народи и јазици‘ (Откровение 7:9; 7:14–17, ББД). Треба да го имитираме Бог и да не ги сакаме другите помалку само затоа што ѝ припаѓаат на друга раса или народ, или затоа што имаат друга социјална положба или друга боја на кожата.
19. (а) Како да гледаме и да постапуваме со христијанските браќа и сестри? (б) Која голема предност можеме да ја добиеме?
19 Добро запознај ги сите во христијанското собрание и ќе ги засакаш и ќе почнеш да ги цениш. Постапувај со постарите како со татковци и мајки, со младите како со браќа и сестри (1. Тимотеј 5:1, 2). Навистина е предност да се припаѓа на видливата Божја организација, која личи на едно семејство и чии членови добро се сложуваат во љубов. Колку ќе биде убаво да се живее засекогаш со такво љубезно семејство во рајот на Земјата! (1. Коринтјаните 13:4–8).
[Слика на страница 233]
Што можеме да научиме од ситуацијата во која се нашле Еводија и Синтихија?
[Слика на страница 235]
Дали тоа што Павле и Варнава се препирале значи дека не биле членови на Божјата организација?
[Слика на страница 236]
Вистинските христијани ги покриваат причините за жалба со љубов
[Слика на страница 237]
Љубовта ги наведува христијаните во Божјата организација меѓусебно да се однесуваат како луѓе со еднаква вредност