Даниел
11 Во првата година од владеењето на Дариј Медиецот, јас станав за да го зајакнам и да го заштитам Михаел.* 2 А сега ќе ти ја откријам вистината:
Во Персија ќе дојдат на власт* уште три цареви, но четвртиот ќе насобере повеќе богатства од сите други. А кога ќе стекне голема моќ поради своето богатство, ќе употреби сѐ што има за да се бори против грчкото царство.
3 И ќе се подигне еден моќен цар, кој ќе има огромна власт* и ќе прави сѐ што ќе посака. 4 А кога ќе биде на врвот на својата моќ, неговото царство ќе се распадне и ќе се раздели на четирите страни на светот.* Но, нема да биде разделено меѓу неговите потомци и нема да биде толку моќно како што беше додека тој владееше бидејќи ќе биде откорнато и предадено на други.
5 Јужниот цар, односно еден од неговите кнезови, ќе стане моќен. Но, ќе го надвладее некој друг,* кој ќе има голема власт и ќе биде помоќен од него.
6 Со години подоцна, тие ќе склучат договор. Ќерката на јужниот цар ќе дојде кај северниот цар за да го потврдат тој договор.* Но, таа нема да ја задржи моќта во своите раце. А и царот нема да опстои и ќе ја изгуби својата моќ. Ќерката ќе биде предадена заедно со оние што ќе ја доведат, со својот татко и со оној што во тоа време ќе ја зајакнува. 7 Но, еден член од нејзиното семејство* ќе го заземе неговото* место и ќе се крене против војската и против тврдината на северниот цар — ќе ги нападне и ќе ги порази. 8 Тој ќе се врати во Египет со нивните богови, со нивните леани кипови, со нивните скапоцени предмети од сребро и злато и со заробеници. И со години нема да се бори со северниот цар, 9 кој ќе го нападне царството на јужниот цар, но потоа ќе се врати во својата земја.
10 А неговите* синови ќе се подготват за војна и ќе соберат голема и моќна војска. Еден од нив* незапирливо ќе напредува и ќе однесе сѐ како поплава, но на крајот ќе се врати. Ќе војува сѐ додека не се врати во својата тврдина.
11 Тогаш јужниот цар ќе се разгневи и ќе тргне да се бори со северниот цар. Тој* ќе собере големо мноштво, но тоа мноштво ќе биде предадено во негови* раце 12 и ќе биде одведено. Неговото срце ќе се вообрази и тој ќе собори десетици илјади, но нема да ја искористи својата надмоќ.
13 А северниот цар ќе се врати и ќе собере уште поголемо мноштво од првиот пат. Со години подоцна, откако ќе помине некое време, тој ќе излезе да се бори со голема и добро опремена војска. 14 Во тоа време, мнозина ќе му се спротивстават на јужниот цар.
И насилниците* од твојот народ ќе бидат наведени да се обидат да исполнат едно видение, но нема да успеат.
15 Тогаш ќе дојде северниот цар, ќе подигне опсаден насип и ќе освои еден утврден град. А војската* на јужниот цар и неговите најдобри војници нема да можат да се одбранат. Ќе немаат сила да се спротивстават. 16 Оној што ќе дојде против јужниот цар ќе прави што сака и никој нема да опстои пред него. Ќе застане во земјата наречена Убавина и ќе има моќ да истребува. 17 Тој ќе биде цврсто решен да се бори со сета воена сила на своето царство. Но ќе склучи договор и ќе го направи она што го наумил. Ќе му биде дозволено да уништи една ќерка.* А таа нема да ја постигне целта и нема да остане на негова страна. 18 Тогаш тој ќе се сврти кон приморските земји и ќе освои многу од нив. Но, еден заповедник нема да му дозволи и понатаму да го понижува. Ќе стави крај на неговото дрско однесување и ќе му врати со понижување. 19 А тој* ќе се врати кон тврдините во својата земја, но ќе се сопне и ќе падне, и така ќе му дојде крајот.
20 На негово место ќе дојде оној што ќе испрати даночник* низ славното царство. Меѓутоа, по неколку дена тој* ќе биде уништен, но не во гнев ниту во војна.
21 А на негово место ќе дојде презрен* човек, кому нема да му се укажува чест како на цар. Тој ќе дојде во мирно време* и ќе го приграби царството со измама.* 22 Ќе ја порази и ќе ја збрише војската што поплавува како порој, а Водачот на сојузот ќе биде погубен. 23 Бидејќи некои ќе се здружат со презрениот човек, тој ќе продолжи да се служи со измама, ќе се подигне и ќе стане моќен со помош на мал народ. 24 Во мирно време* ќе навлезе во најбогатите делови на покраината и ќе го прави она што не го правеле неговите предци.* Ќе им дели на луѓето од пленот, од богатството и од она што е ограбено. Ќе крои зли планови против утврдените места, но само за некое време.
25 Ќе собере храброст и сила, па ќе тргне со многубројна војска против јужниот цар. И јужниот цар ќе се подготви за војната така што ќе собере огромна и моќна војска. Но, тој* нема да опстои, бидејќи против него ќе направат сплетки. 26 Оние што се гоштаваат на неговата трпеза ќе го турнат во пропаст.
А неговата војска ќе биде разбиена,* и мнозина ќе бидат убиени.
27 Овие два цара ќе кројат зли планови во своето срце. Тие ќе седат на една маса и ќе си кажуваат лаги еден на друг. Но, сите планови ќе им пропаднат, бидејќи крајот ќе дојде подоцна, во одреденото време.
28 Тој* ќе се врати во својата земја со големо богатство и ќе биде решен да се бори против светиот сојуз. Ќе биде успешен во она што го прави и ќе се врати во својата земја.
29 Во одреденото време, повторно ќе го нападне јужниот цар. Но овој пат нема да биде како што беше порано, 30 бидејќи против него ќе дојдат китимските бродови и ќе биде понижен.
Тој ќе се врати и ќе го истури својот бес* врз светиот сојуз и ќе биде успешен во она што го прави. Ќе се врати и ќе има наклоност кон оние што го оставаат светиот сојуз. 31 А војските што тој ќе ги испрати ќе се кренат и ќе го осквернат светилиштето, односно тврдината, и ќе ја укинат секојдневната* жртва.
И ќе биде поставена гадотијата која пустоши.
32 Со ласкави* зборови, тој ќе ги наведе на отпадништво оние што прават зло отфрлајќи го сојузот. Но, луѓето кои го познаваат својот Бог ќе останат непоколебливи и ќе бидат успешни во она што го прават. 33 Оние што се разборити ќе поучуваат мнозина. Извесно време ќе страдаат* од меч и од оган, и ќе бидат затворани и ограбувани. 34 Кога ќе им се случи тоа, ќе добијат мала помош. А мнозина лицемерно* ќе им се придружат. 35 Некои од оние што се разборити ќе пострадаат за да бидат испитани,* пречистени и избелени до времето на крајот, бидејќи крајот ќе дојде подоцна, во одреденото време.
36 Царот* ќе постапува како што сака — ќе се возвишува и ќе се издигнува над секој бог. Тој ќе кажува страшни работи против Богот над боговите. И ќе биде успешен во она што го прави сѐ додека Бог во потполност не го излее својот гнев, бидејќи она што го одредил мора да се изврши. 37 Царот нема да покажува никаков обѕир кон Богот на своите татковци. А нема да покаже обѕир ниту кон желбата на жените ниту кон кој и да е друг бог, и самиот ќе се возвиши над сите. 38 Наместо тоа, ќе го слави богот на тврдините. Ќе му оддава чест на богот кого неговите татковци не го познаваа, принесувајќи му злато, сребро, бесценети камења и други скапоцености. 39 Со помош на тој туѓ бог ќе ги напаѓа најсилните тврдини. Ќе ги опсипе со слава сите што му искажуваат чест* и ќе им даде власт над мнозина, а земјата ќе ја дели за одредена цена.
40 Во времето на крајот, јужниот цар ќе се турка со него.* А северниот цар ќе го нападне со бојни коли, со коњаници и со многу бродови. Ќе продре во земјите и ќе ги преплави како порој. 41 Ќе навлезе и во земјата наречена Убавина. Иако ќе порази многу земји, од неговите раце ќе се извлечат Едом, Моав и најистакнатите Амонци. 42 Тој ќе продолжи да ги напаѓа земјите, и египетската земја нема да се спаси. 43 Овој цар ќе владее со скриените богатства — со златото и среброто и со сите други скапоцености на Египет. А Либијците и Етиопјаните ќе му се покоруваат.*
44 Но, ќе го вознемират вести од исток и од север, и тој ќе тргне со голем бес за да уништува и да погуби мнозина. 45 Ќе ги постави своите царски шатори меѓу големото море и светата гора на земјата наречена Убавина. Но, ќе му дојде крајот, и ќе нема кој да му помогне.“