Даниел
9 Во првата година на Дариј, синот на Ахасвер, од родот на Медијците, кој беше поставен за цар над халдејското царство, 2 да, во таа прва година од неговото владеење, јас, Даниел, разбрав од списите* дека Ерусалим ќе лежи опустошен 70 години, како што Јехова му објави на пророкот Еремија. 3 Затоа го свртев лицето кон Јехова, вистинскиот Бог, за да му се молам сесрдно, постејќи во облека за жалење* и во пепел. 4 Му се помолив на Јехова, мојот Бог, и му ги признав нашите гревови, велејќи:
„О Јехова, Боже вистински, ти си величествен и влеваш стравопочит, не отстапуваш од својот сојуз и покажуваш верна љубов кон оние што те сакаат и ги држат твоите заповеди! 5 А ние грешевме, постапувавме неисправно, правевме зло и се буневме. Отстапивме од твоите заповеди и од твоите мерила. 6 Не ги слушавме твоите слуги, пророците, кои им зборуваа во твое име на нашите цареви, кнезови и прататковци, и на целиот народ. 7 Ти, Јехова, си праведен, а нас до ден-денес нѐ покрива срам. Срам ги покрива жителите на Јуда и на Ерусалим, а и сите Израелци — како оние што се близу така и оние што ги расеа во сите далечни земји, бидејќи ти беа неверни.
8 О Јехова, ние сме за срам. И нашите цареви, и нашите кнезови, и нашите прататковци се за срам, бидејќи сите ти згрешивме. 9 Јехова, Боже наш, ти си милосрден и спремен да простиш иако се побунивме против тебе. 10 Не го послушавме твојот глас, Јехова, Боже наш, и не живеевме според законите што ни ги даде преку твоите слуги, пророците. 11 Целиот Израел го прекрши твојот Закон и застрани бидејќи не го слушаше твојот глас. Затоа што ти згрешивме, ти го излеа врз нас проклетството за кое се заколна и кое е запишано во Законот на твојот слуга Мојсеј. 12 Ти ни нанесе голема неволја и така ги исполни зборовите што ги кажа против нас и против водачите кои владееја над нас.* Никаде не се случило такво нешто како што се случи со Ерусалим. 13 Таа неволја нѐ снајде токму како што е напишано во Законот на Мојсеј. Но, ние не те молевме за милост,* Јехова, Боже наш — не престанавме да ти грешиме и не ја разбравме вистината за која нѐ поучуваш.*
14 А ти, Јехова, внимаваше на сето тоа и на крајот ни ја нанесе неволјата. Сѐ што правиш е праведно, Јехова, Боже наш; сепак, ние не го послушавме твојот глас.
15 О Јехова, Боже наш, ти го изведе твојот народ од египетската земја со својата моќна рака и си стекна име по кое си познат до ден-денес, а ние ти грешевме и правевме зло. 16 О Јехова, ти секогаш постапуваш праведно! Затоа, те молам немој повеќе да се гневиш на својот град Ерусалим, на својата света гора. Поради нашите гревови и поради престапите на нашите прататковци, сите околу нас им се подбиваат на Ерусалим и на твојот народ. 17 А сега, о Боже наш, слушни ги молитвата и сесрдните молби на твојот слуга. Поради своето име, Јехова, покажи милост кон твоето опустошено светилиште! 18 Приклони го увото, Боже мој, и слушни! Погледни со твоите очи и види во каква жална состојба се наоѓаме ние и градот што го носи твоето име. Не те молиме поради нашата праведност, туку поради твоето големо милосрдие. 19 О Јехова, слушни нѐ! О Јехова, прости ни! О Јехова, обрни ни внимание и спаси нѐ! Помогни ни што поскоро, Боже мој, поради твоето име, бидејќи твојот град и твојот народ го носат твоето име“.
20 Додека сѐ уште зборував и се молев, и додека го признавав мојот грев и гревот на мојот народ Израел и барав од Јехова, мојот Бог, да покаже милост кон својата света гора — 21 уште пред да завршам со молитвата — човекот Гавриел, кого го видов претходно во видение, дојде кај мене. Тоа беше во времето кога се принесуваше вечерната жртва, а јас тогаш бев многу исцрпен. 22 Тој дојде за да ми помогне да ги разберам работите. Ми рече:
„Даниел, дојдов да ти ги објаснам работите и да ти помогнам да сфатиш што ќе се случува. 23 Кога ти почна сесрдно да се молиш, Бог ми даде порака која дојдов да ти ја објавам бидејќи си му многу мил.* Затоа, обрни внимание на она што сега ќе ти го кажам и потруди се да го разбереш видението.
24 Во врска со твојот народ и со твојот свет град, одредени се 70 седмици* за да им се стави крај на престапот и на гревот, да се очисти вината, да се воспостави вечна праведност, да се запечатат виденијата и пророштвата* и да се помаза Светињата над светињите. 25 Треба да знаеш и да разбереш дека, откако ќе се издаде заповед да се обнови и повторно да се изгради Ерусалим, ќе поминат 7 седмици и уште 62 седмици додека не се појави Месијата,* Водачот. Градот ќе биде обновен и повторно ќе биде изграден со плоштад и со окоп, но во тешки времиња.
26 А по тие 62 седмици, Месијата ќе биде погубен и нема ништо да му остане.
А војските на еден водач кој ќе дојде, ќе го уништат градот и светото место како со потоп. И до крајот постојано ќе се војува. Бог одреди да има пустошење.
27 Месијата* ќе се погрижи сојузот да потрае уште една седмица во корист на мнозина, а на средината од седмицата ќе ги укине жртвите и даровите.
Оној што пустоши ќе дојде на крилјата на гадотиите. А тоа што е одредено од Бог ќе се излева врз опустошениот сѐ додека не биде целосно уништен“.