Матеј
8 Кога слезе од планината, го следеше многу народ. 2 И гледај, му се приближи еден лепрозен човек,+ му се поклони и рече: „Господару, ако сакаш, ти можеш да ме исчистиш“. 3 И ја испружи раката, го допре и рече: „Сакам, исчисти се!“+ И веднаш се исчисти од лепрата.+ 4 Исус потоа му рече: „Гледај никому ништо да не кажуваш,+ туку оди, покажи му се на свештеникот+ и принеси го дарот+ што го одреди Мојсеј, ним за сведоштво“.
5 Кога влезе во Капернаум,+ му пристапи еден стотник,* молејќи го: 6 „Господине, мојот слуга лежи дома парализиран и во тешки маки“. 7 А тој му рече: „Кога ќе дојдам, ќе го излекувам“. 8 Стотникот тогаш му рече: „Господине, не сум достоен да влезеш под мојот покрив, туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави. 9 Зашто, и јас имам свои претпоставени, а имам и потчинети војници, па на едниот му велам: ‚Оди!‘+ — и тој оди, а на другиот: ‚Дојди!‘ — и тој доаѓа, а на својот роб: ‚Направи го тоа!‘ — и тој го прави“. 10 Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што одеа по него: „Вистина, ви велам, кај никого во Израел не најдов толкава вера.+ 11 А ви велам дека мнозина од исток и од запад+ ќе дојдат и ќе бидат на трпезата* со Авраам, Исак и Јаков во царството+ небесно,+ 12 додека синовите на царството+ ќе бидат фрлени надвор во темнината. Таму ќе плачат и ќе чкртаат со забите“.+ 13 Тогаш Исус му рече на стотникот: „Оди. Нека ти биде како што си верувал!“+ И слугата оздраве во истиот час.
14 Откако влезе во куќата на Петар, Исус ја виде неговата тешта+ како лежи болна од треска.+ 15 И ѝ ја допре раката,+ и треската ја напушти, а жената стана и почна да го послужува.+ 16 А кога падна вечер, луѓето му доведоа мнозина кои беа обземени од демони. И ги истера духовите со својот збор и ги излекува сите болни, 17 за да се исполни она што беше речено преку пророкот Исаија: „Тој ги зеде нашите немоќи и ги понесе нашите болести“.+
18 А кога го виде народот околу себе, Исус заповеда да отпловат на другата страна.+ 19 И му се приближи еден книжник и му рече: „Учителе, ќе одам по тебе каде и да појдеш“.+ 20 А Исус му рече: „Лисиците имаат дувла и птиците небесни имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да потпре“.+ 21 Тогаш друг ученик му рече: „Господару, дозволи ми најпрво да отидам и да го погребам татко ми“. 22 А Исус му рече: „Појди по мене и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртви“.+
23 И кога влезе во еден чамец,+ неговите ученици одеа по него. 24 И гледај, морето силно се разбранува, така што брановите го покриваа чамецот. А тој спиеше.+ 25 Тогаш тие му пријдоа и го разбудија,+ велејќи: „Господару, спаси нѐ, ќе изгинеме!“ 26 А тој им рече: „Што сте се исплашиле, вие маловерни?“+ Тогаш стана, им се закани на ветровите и на морето, и настана потполна тишина.+ 27 А учениците се восхитија и рекоа: „Каков човек е ова,+ та дури и ветровите и морето го слушаат?“
28 Кога дојде на другата страна, во гадаренскиот крај,+ му дојдоа во пресрет двајца обземени од демони,+ кои излегоа откај гробиштата, а беа толку насилни што никој не се осмелуваше да помине по тој пат. 29 И гледај, извикаа: „Што имаме ние со тебе, Сине Божји?+ Дојде ли ваму за да нѐ мачиш+ предвреме?“+ 30 А далеку од нив пасеше голем булук свињи. 31 Тогаш демоните почнаа да го преколнуваат: „Ако нѐ истераш, испрати нѐ во оној булук свињи“.+ 32 Тогаш им рече: „Одете!“ И тие излегоа и влегоа во свињите. И гледај, целиот булук јурна преку стрмната карпа во морето и се издави во водата.+ 33 А свињарите побегнаа и отидоа во градот, па раскажаа за сѐ, а и за она што се случи со обземените од демони. 34 И гледај, целиот град излезе да го пресретне Исус. Кога го видоа, го молеа да си оди од нивниот крај.+