Јован
21 Потоа, Исус пак им се појави на учениците, овојпат кај Тиверијадското Езеро. Еве како се случи тоа: 2 Заедно беа Симон Петар, Тома (наречен Близнак), Натанаел од галилејскиот град Кана, синовите на Зеведеј и уште двајца негови ученици. 3 Симон Петар им рече: „Одам да ловам риба“. А тие му рекоа: „Доаѓаме и ние со тебе“. Така влегоа во чамецот и отпловија, но таа ноќ ништо не уловија.
4 А кога се разденуваше, Исус стоеше на брегот, но учениците не го препознаа. 5 Тогаш Исус ги праша: „Деца, имате ли нешто* за јадење?“ Му одговорија: „Немаме!“ 6 А тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на чамецот и ќе најдете“. И ја фрлија, но потоа не можеа да ја извлечат зашто беше полна со риби. 7 Тогаш ученикот кого Исус посебно го сакаше му рече на Петар: „Тоа е Господарот!“ Кога Симон Петар слушна дека тоа е Господарот, си ја облече наметката, зашто ја беше соблекол,* и скокна во морето. 8 А другите ученици тргнаа по него со чамецот, влечејќи ја мрежата полна со риби, зашто беа на само околу 100 метри* од брегот.
9 Кога стигнаа на брегот, видоа риба која се печеше на жар, а и леб. 10 Исус им рече: „Донесете неколку од рибите што ги уловивте“. 11 Тогаш Симон Петар влезе во чамецот и ја извлече на брегот мрежата полна со големи риби, а беа вкупно 153. Но, макар што беа толку многу, мрежата не се скина. 12 Тогаш Исус им рече: „Дојдете, појадувајте“. А никој од учениците не се осмели да го праша: „Кој си ти?“, зашто знаеја дека е Господарот. 13 А Исус го зеде лебот и им го подаде, а истото го направи и со рибите. 14 Тоа беше третпат Исус да им се појави на учениците откако воскресна.
15 Откако завршија со појадокот, Исус го праша Симон Петар: „Симоне, сине на Јован, ме сакаш ли повеќе од овие?“ Тој му одговори: „Да, Господару, ти знаеш дека те сакам“. Тогаш тој му рече: „Храни ги моите јагниња“. 16 И пак го праша, по вторпат: „Симоне, сине на Јован, ме сакаш ли?“ Тој му одговори: „Да, Господару, ти знаеш дека те сакам“. Тогаш тој му рече: „Паси ги моите овчички“. 17 И по третпат го праша: „Симоне, сине на Јован, ме сакаш ли?“ А Петар се нажали што по третпат го праша дали го сака. Затоа му одговори: „Господару, ти знаеш сѐ, ти знаеш дека те сакам“. Тогаш Исус му рече: „Храни ги моите овчички. 18 Вистина, вистина ти велам, кога беше помлад, сам се облекуваше и одеше каде што сакаше. А кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете и други ќе те облекуваат и ќе те водат таму каде што не сакаш“. 19 А тоа го рече за да навести со каква смрт Петар ќе го прослави Бог. Потоа му рече: „Ти и понатаму оди по мене“.
20 А Петар се заврте и виде дека по нив оди ученикот кого Исус посебно го сакаше. Тоа е оној ученик кој на вечерата се навали кон градите на Исус и го праша: „Господару, кој е тој што ќе те предаде?“ 21 Кога го здогледа, Петар го праша Исус: „Господару, што ќе биде со него?“ 22 Исус му одговори: „Ако јас сакам тој да остане додека не дојдам, што се грижиш ти за тоа? Ти и понатаму оди по мене“. 23 Поради тоа се разнесе глас меѓу браќата дека тој ученик нема да умре. Но Исус не му рече дека нема да умре, туку рече: „Ако јас сакам тој да остане додека не дојдам, што се грижиш ти за тоа?“
24 Тоа е ученикот кој сведочи за сето тоа и го запиша. И знаеме дека неговото сведоштво е вистинито.
25 А има и многу други работи што ги направи Исус, и кога би се запишало сѐ до најситен детаљ, мислам дека ни целиот свет не би можел да ги собере свитоците што би се напишале.