Животот и службата на Исус
На Галилејското Море
СЕГА апостолите се враќаат кон Галилеја, како што Исус порано ги поучуваше да сторат. Но, тие се во неизвесност околу тоа што би правеле таму. По кратко време, Петар им вели на Тома, Натанаил, Јаков и неговиот брат Јован и на други двајца апостоли: ”Одам во риболов“.
”Доаѓаме и ние со тебе“, одговараат шестмината.
За цела ноќ не успеваат да фатат ништо. Меѓутоа, како што се разденува, Исус се појавува на брегот, но апостолите не препознаваат дека тоа е Исус. Тој им довикува: ”Дечиња, немате што да јадете, нели?“
”Да“, му одговараат тие од водата.
”Фрлете ја мрежата на десната страна од чамецот и ќе најдете нешто“, вели тој. Откако прават така, не се во состојба да ја извлечат својата мрежа надвор бидејќи е полна со риба. ”Тоа е Господ!“, извикува Јован. Петар се преврзува со својата горна облека, се фрла во морето и плива околу 200 лакти [90 метри] до брегот. Останатите апостоли го следат во малиот чамец, влечејќи ја мрежата полна со риба.
Пристигнуваат на брегот, а таму оган запален од јаглен со риба положена на него, а има и леб. ”Донесете малку од рибата која штотуку ја фативме“, вели Исус. Петар оди на чамецот и ја извлекува мрежата надвор на брегот. Внатре има 153 големи риби!
”Дојдете, појадувајте“, ги повикува Исус.
Ниту еден од нив нема храброст да праша ”Кој си ти!“, бидејќи знаат дека тоа е Исус. Тоа е семди пат како им се јавува по воскресението, и трет пат како им се јавува на апостолите како група. Сега тој послужува доручек, давајќи му на секого од нив леб и риба.
Кога завршуваат со јадењето, Исус можеби кимнува со главата кон големиот лов од риби и го прашува Петар: ”Симон, сине Јованов, ме љубиш ли повеќе од нив?“ Можеби мисли: ”Дали повеќе си предаден на риболовот, отколку на работата што ти ја припремив да ја извршуваш?“
”Ти знаеш дека јас имам наклоност кон тебе“, одговара Петар.
”Паси ги моите јагниња“, вели Исус.
Уште еднаш, по втор пат, тој прашува: ”Симоне, сине Јованов, дали ме љубиш?“
”Да, Господе, ти знаеш дека имам наклоност кон тебе“, одговара Петар.
”Паси ги моите овчички“, заповеда Исус повторно.
Тогаш, по трет пат, тој прашува: ”Симоне Јованов, дали имаш наклоност кон мене?“
Петар сега е ожалостен. Можеби се прашува дали Исус се сомнева во неговата лојалност. Најпосле, кога Исус наодамна беше на искушение за својот живот, Петар три пати се одрече дека го познава. Затоа, Петар вели: ”Господе, ти знаеш сѐ; ти знаеш дека имам наклоност кон тебе“.
”Паси ги моите овчички“, заповеда Исус по трет пат.
На тој начин Исус го употребува Петар како средство да им го нагласи на другите делото коешто тој им го дал да го извршат. Наскоро тој ќе ја напушти Земјата и сака тие да го преземат водството во службата за оние кои ќе бидат донесени во Божјето трло.
На ист начин како што Исус беше врзан и убиен затоа што го вршеше делото за кое Бог го ополномошти да го извршува, така тој сега открива дека Петар ќе поднесе слично искуство. ”Кога беше помлад“, му вели Исус, ”имаше обичај самиот да се опашуваш и да одиш кадешто сакаше. Но, кога ќе остариш, ќе ги пружаш рацете и друг ќе те носи кадешто не сакаш“. И покрај маченичката смрт којашто го очекува Петар, Исус го поттикнува: ”Продолжи да ме следиш“.
На тоа Петар свртувајќи се, го гледа Јован и прашува: ”Господе, што ќе прави овој човек?“
”Ако е моја волја за него да остане додека дојдам“, одговара Исус, ”што те засега тоа тебе? Ти продолжи да ме следиш“.
Овие зборови на Исус од повеќето ученици биле разбрани така, дека апостолот Јован нема никогаш да умре. Меѓутоа, како што апостол Јован подоцна објаснил, Исус не рекол дека тој нема да умре, туку Исус едноставно рекол: ”Ако е моја волја тој да остане додека дојдам, што те засега тоа тебе?“ (Јован 21:1-25; Матеј 26:32; 28:7, 10).
◆ Што покажува дека апостолите се несигурни околу тоа што би правеле во Галилеја?
◆ Како апостолите го препознаваат Исус на Галилејското Море?
◆ Колку пати досега Исус им се појавува од своето воскресение?
◆ Како Исус нагласува што сака апостолите да прават?
◆ Како Исус го покажува начинот на кој Петар ќе умре?
◆ Кое Исусово објаснување во врска со Јован било погрешно разбрано од повеќето ученици?